16 јули 2021 (МИА)
1723.- Роден е сер Џошуа Рејнолдс, англиски сликар, еден од најпознатите светски портретисти. Извршил големо влијание на англиското сликарство и како уметник и како основач на Уметничката академија во Лондон, чиј претседател бил се до својата смрт. Изработил околу 2.000 портрети. Умрел во 1792 година.
1872.- Роден е Раул Амундсен, норвешки поларен истражувач. На 14 декември 1911 година го открил Јужниот пол на Антарктикот. Умрел во 1928 година.
1885.- Воспоставена била британска колонијална власт над Австралија, со исклучок на Западна Австралија.
1896.- Роден е норвешкиот политичар Тригве Ли, прв генерален секретар на Обединетите нации од 1946 до 1952 година. Пред Втората светска војна бил секретар на Социјалистичката партија на Норвешка и министер за правосудство, а по германската инвазија на Норвешка во 1940 година, шеф на дипломатијата во пребегнатата влада во Лондон.
1921.- Роден е францускиот моден креатор Ги Ларос, еден од најголемите „модни диктатори“ во 20. век. Неговите елегантни креации биле продавани по релативно умерени цени.
1940.- Адолф Хитлер ја издал директивата „Морски лав“, план за инвазија врз Велика Британија. Со директивата било предвидено сите подготовки за мобилизацијата на околу 260.000 нацистички војници да се извршат до половината на август, а десантот да се одложува се додека германската авијација не биде надмоќна. Потоа, на 18 август бил извршен најжестокиот напад на германската авијација врз цели во Англија, а на 7 септември почнала битката во Лондон.
1946.- Во пустината Њу Мексико, на полигонот Аламогродо, во САД, била извршена експлозијата на првата атомска бомба. Овој настан се смета за почеток на атомската ера.
1949.- Силите на кинеската ослободителна армија во завршните операции ја ослободиле цела Кина и целосно ги поразиле трупите на Чанг Кај Шек, кој со дел од својата армија минал на островот Тајван.
1950.- На стадионот „Маракана“ во Рио де Женеиро, Уругвај пред 199.000 гледачи во финалето на Светското првенство во фудбал го победил домашниот Бразил со 2:1, освојувајќи го по вторпат светскиот фудбалски шампионат.
1965.- Пуштен бил во сообраќај тунелот под Монт Блан, долг 11,5 километри што ги поврзува Франција и Италија, а го скусува патот Париз - Рим за 200 километри.
1969.- Од Кејп Кенеди, во САД, бил лансиран вселенскиот брод „Аполо 11“ на Месечината, во кој се наоѓале Нил Амстронг, Мајкл Колинс и Едвин Олдрин. Астронаутот Нил Амстронг на 21 јули како прв Земјанин стапнал на Месечината.
1985.- Умре германскиот писател Хајнрих Теодор Бел, добитник на Нобеловата награда за литература во 1972 година, мајстор на кратки приказни. Тој бил еден од најпреведуваните германски писатели по Втората светска војна. Дела: романите „И не кажа ниту збор“, „Куќа без чувар“, „Мислењето на еден кловн“, „Групна слика со дама“, расказите - „Возот беше точен“, „На крајот на службеното патување“, „Изгубената чест на Катарина Блум“.
1989.- Умрел австрискиот диригент Херберт фон Карајан, еден од најголемите диригенти во 20. век, кој со децении доминирал на светската музичка сцена изведувајќи го со силна емотивност и прецизност големиот оперски и концертен репертоар. Врвно ниво постигнал диригирајќи со Берлинската филхармонија и оркестарот на Виенската државна опера.
2002.- Ирската републиканска армија упатила јавно извинување до семејствата на цивилите кои загинале во нејзината 30-годишна борба за отцепување на Северна Ирска од Британија. Извинувањето стигнало на 30-годишнината од т.н. крвав петок во 1972 година кога ИРА во Белфаст активира 20 бомби при што настрадале седум цивили и двајца војници. Во текот на 30-те години во акциите на ИРА настрадале 1.800 луѓе.
2007.- Во земјотрес со сила од 6,8 степени според Рихтер, со епицентар во Јапонското Море, кој го погодил брегот на најголемиот јапонски остров Хоншу, загинале девет, а повредени биле близу 1.000 луѓето, додека повеќе од 12.000 биле евакуирани.
2008.- Истражниот комитет при Главното обвинителство на Русија соопштил дека резултатите од анализата на ДНК примероците потврдиле дека посмртните останки пронајдени во шумата крај Екатеринбург им припаѓале на царот Алексеј и кнегината Марија Романов, потомци на последниот руски цар Николај Втори. Царското семејство било погубено ноќта меѓу 16 и 17 јули 1918 година во Екатеринбург (во советското време Свердловск) на Урал.