• четврток, 22 август 2024

Муцунски - Суриани: Да се поттикнува дијалог и да се унапредува почитувањето на религиските слободи

Муцунски - Суриани:  Да се поттикнува дијалог и да се унапредува почитувањето на религиските слободи

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретна со апостолскиот нунциј за Северна Македонија со седиште во Софија монсињор Лучано Суриани.

На средбата, како што информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше изразено заемно задоволство од успешниот развој на билатералните односи, засновани врз значајни историски врски, споделени културни вредности и заеднички духовни традиции.

- Централно место во разговорите зазеде перспективата на меѓусебните релации и потребата од интензивирање на секторската соработка, пред сè, во сферата на културата, заштитата на културно-историското наследство, образованието и здравството, се вели во соопштението.

Министерот Муцунски ја нагласи улогата на нашата земја во промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи и се заблагодари на поддршката на Ватикан на нашиот пат кон Европската унија, која за нас е од особено значење и ќе продолжи да биде силна инспирација за нашите граѓани и патоказ во градењето просперитетно општество.

Апостолскиот нунциј, како што се наведува, изрази уверување дека и во иднина, со заеднички напори ќе продолжи да се поттикнува дијалогот, да се унапредува почитувањето на религиските слободи и да се градат нови мостови на разбирање во духот на универзалните верски традиции. мд/лв/

Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан