• петок, 23 август 2024

Во Средношколскиот дом во Велес слободни уште 80 места

Во Средношколскиот дом во Велес слободни уште 80 места

Велес, 22 август 2024 (МИА) - Во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ во Велес досега се запишале да домуваат 130 средношколци кои учат во четирите велешки средни училишта, а се од градовите на Повардарието, и помал број од селата во поширокиот регион.

Од вкупно 210 места, има се уште слободни 80 места, информира за МИА Марјанчо Јорданов директор на домот. Тој ги повикува новозапишаните средношколци во Велес кои се од селата во поширокиот велешки регион и од градовите на Повардарието да поднесат документи и да  се запишат во Средношколскиот дом. Конкурсот за запишување се уште трае.

Со сегашниот закон во Домот можат да престојуваат ученици кои се македонски државјани, а се запишани ученици во прва, втора, трета и четвртта година во Велес, на кои училиштето им е  оддалечено  најмалку 25 километри од постојаното место на живеење и има организирано јавен превоз, како и  училиште оддалечено е најмалку 10 километри од постојаното место на живеење и нема организирано јавен превоз.

Јорданов појаснува дека за целосно исполнување на капацитетите на овој и останатите средношколски  домови во земјава, тој и неговите  колеги, веќе   подолго време бараат измени на Законот за млади и спорт и на Законот за средно образование во чијашто подготовка и тој  учествувал.

- Како и колегите, така и јас се надевам дека пратениците конечно  ќе ги усвојат со цел да создадат услови за рентабилно работење на овие институции во државата. Станува збор за измени со кои на средношколците, кои живеат на поголема оддалеченост од 25 километри од училиштата, државата да им го плаќа секојдневниот превоз откако ќе се пополнат сите места во средношколските домови во земјава, а не како сега да бира дали да престојува во дом или секојдневно да патува, појаснува Јорданов.

Воедно информира  дека со стариот закон кој сеуште е на сила,  учениците може да бираат дали да престојуваат во дом или секојднево да патуваат, а  најголем дел од нив сепак  одлучуваат да патуваат наместо можноста да престојуваат во Средношколскиот дом.

Со тоа  секојдневно патување на средношколците Министерството за образование  и наука  од државниот буџет само во Општина Велес, во последната учебна година, на автопревозници им исплати  630.734 евра за дневен ученички превоз додека средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ остана полупразен.

Јорданов  посочува дека  Пресметките покажуваат дека од државниот буџет би се одлевале многу помалку пари, по 11.000 денари по сместен средношколец во дом наспроти плаќање секојдневен превоз.

На пример посочува дека за  само еден ученик кој секојдневно патува од  планинското  село Горно Јаболчиште,кое е на 50- тина километри од Велес  за само еден ден превозот по  ученик  чини дури  800 денари, а плус  пресметани со денови во месецот,  цифрите за превоз месечно  се астрономски.ад/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан