Мицотакис: Несреќата што предизвика национална жалост не треба да се сведе на алатка за партиски планови
- Нема да им се потчинам на теориите на заговор, ниту на популистички слогани и на инструментализацијата на колективната драма. Несреќата што предизвика национална жалост не треба да се сведе на евтин слоган и алатка за партиските планови, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за „Катимерини“, говорејќи за железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години и истакна дека и граѓаните, но и државата бараат правда, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 17 февруари 2025 (МИА) – Нема да им се потчинам на теориите на заговор, ниту на популистички слогани и на инструментализацијата на колективната драма. Несреќата што предизвика национална жалост не треба да се сведе на евтин слоган и алатка за партиските планови, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за „Катимерини“, говорејќи за железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години и истакна дека и граѓаните, но и државата бараат правда, јави дописничката на МИА од Атина.
Посочи дека е потребно да се открие вистината, да се идентификуваат и казнат одговорните, а државата да ги пронајде пропустите за да може да се подобри.
За новите три видеа што се појавија во јавноста, а на кои е товарниот воз снимен од безбедносни камери, кусо пред сударот со патничкиот воз, Мицотакис посочи дека вештаците кои го истражуваат случајот констатирале дека на товарниот воз немало запаливи материјали и, како што рече, ако се потврди автентичноста на видеата, тогаш се руши целото сценарио за „нелегален товар“, а со тоа и последните аргументи за „прикривање“.
- Во период кога многумина директно го оспоруваат судството, имам двојна должност да подигнам заштитен ѕид за неговите службеници, а со тоа и за самата демократија, истакна грчкиот премиер.
Во однос на масовните протести во Атина и останатите грчки градови на кои граѓаните побараа правда, Мицотакис рече дека секој на свој начин „ја изразува својата болка или своето барање за правда“
- Ги слушам овие пораки и често се согласувам, но, доколку се вистинити и засновани на реалноста, да се држат настрана од партиските задни намери и вон плановите за лична промоција. Во оваа смисла чувствувам дека граѓаните бараат вистина и правда. Нешто што го бара и државата, помагајќи на секој начин во работата на истрагата. Но, разбирам и дека јавното мислење бара од нас да ги направиме потребните промени за да не се повтори ваква трагедија. И токму тоа го правиме, нагласи Мицотакис.
Железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, се случи на 28 февруари 2023 година, а за следниот петок, односно на двегодишнината веќе се закажани низа протести низ цела Грција. ср/