• среда, 13 ноември 2024
МИА Флеш

13 ноември 2024

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на одвоени средби ги прими амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, и вонредниот и ополномоштен амбасадор на Ирска за Република Северна Македонија, со седиште во Букурешт, Брендан Вард, соопштија од Министерството.

На средбата со амбасадорката Филипиду уште еднаш бил потврден заемниот интерес за негување на добрососедските односи, со акцент на важноста од одржување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот преку негово целосно интегрирање во Европската Унија.

Дополнително, биле реафирмирани заложбите што двајцата министри ги истакнале на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, особено во делот на унапредување на соработката во одбраната, инфраструктурното поврзување, енергетиката, културата и туризмот, со посебен акцент на економската соработка.

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, по вчерашното овластување на Седницата на Владата на Република Северна Македонија, денеска го потпиша барањето за претфинансирање од 7 проценти во рамките на Реформската Агенда на земјата, информираат од Министерството за европски прашања.

Со испраќањето на ова барање во износ од 52,5 милиони евра, додаваат оттаму, Северна Македонија станува првата земја во регионот која ги презема сите неопходни чекори за претфинансирање во рамките на новиот европски финансиски механизам.

-Европската Унија предвидува седум проценти од вкупните средства од Планот за раст на Европската комисија за сите партнери од Западен Балкан, по усвојувањето на нивните Реформски агенди, обезбедувајќи ги средствата како претфинансирање. Оваа финансиска програма, со вредност од шест милијарди евра, ги опфаќа годините 2024-2027 и има за цел двојно да го зголеми економскиот раст на регионот во наредните десет години, појаснуваат од Министерството за европски прашања.

Скопје - Во Основен кривичен суд Скопје, во врска со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска сведочеше тетката на Вања. Таа зборуваше за потрагата по нејзината внука.

Сведокот Маја Спироска на денешното рочиште, на прашања од обвинителката Жаклина Лазаревска, рече дека дента кога дознале дека Вања исчезнала со пријатели самоиницијативно прошетале по кафулиња во потрага по информација.

-Од вторникот веќе секој ден бев присутна, до неделата и понатака. Сите бевме во паника, сите ја баравме Вања. Имаше колешки од кај Зорица од работа, инспектори, Сашко, внукот мој јас кога си одев тој доаѓаше навечер. Ја баравме, пробувавме да гледаме некои видео снимки, рече таа.

Појасни дека таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заедно со неговиот пријател Гоце, кој таа не го познавала, ги гледале снимките, при што, како што рече, во еден момент го откриле Цитроенот.

- Сашко ги донесе снимките, ги гледаше, во соба на компјутер. Во првиот момент беше сам, подоцна дојде Гоце, јас не го познавам кој е. Со него после излагаа, наоѓаа снимки, гледаа. Гоце во еден момент го откри Цитроен возило, среда или четврток. Рече мислам дека имаме некаква трага, можно е. Мислеше дека самиот човек дошол ја земал и ја однел, појасни таа.

Тетката на Вања денеска рече дека им било чудно зошто детето некој организирано би го земал. Рече дека Александар ја утешувал мајката Зорица со зборовите „не се секирај, ќе ја најдеме“.

На прашањето дали Александар во тој период побарал нешто од неа, таа одговори дека ѝ рекол да прати порака на Илон Маск.

-Едно време ми викаше дека треба да пратам порака на Илон Маск за да ја најде по сателит, рече таа. 

Скопје - Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), вчера спровеле вонредни контроли на операторите со храна во Крива Паланка и притоа нештетно уништиле педесетина килограми небезбедна храна.

-За утврдени недоследности пуштање во промет на небезбедна и недекларирана храна ( подготовки од месо) на маркет од овој град издадено му е решение и прекршочен платен налог, а како небезбедни уништени се 15, 6 килограми од посочените производи. За пласирање на небезбедни производи кои не биле декларирани, решение и прекршочен платен налог издадени се и на гостилница. Таа продавала недекларирани димени производи, замрзнати колбаси и плуподготвена замрзната храна. Како небезбедни, по потекло од овој оператор со храна, нештетно се уништени 30 килограми храна од животинско потекло, информираат денеска од АХВ.

Парична казна и била изречена и на гостилница кај која со контролата е утврдено дека не поседувала санитарни книшки за извршени задолжителни здравствени прегледи на вработените.

Брисел - Партиите од т.н. проевропското мнозинство во Европскиот парламент се договорија за одлагање на седниците на парламентарните комитети за потврда на номинациите на кандидатите за нови потпретседатели на Европската комисија, чии сослушувања се одржаа вчера.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претходно беше предвидено потврдувањето на номинациите да заврши вчера, по што Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на 21 ноември би извршила конечна евалуација на номинациите и би го прогласила процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен.  

Анкара - Турција доби понуда да стане земја партнер на БРИКС, изјави денеска турскиот министер за трговија Омер Болат.

Во интервју за литванската веб-страница Tvnet.lv, Болат изјави и дека тоа е „транзициски процес“.

Тој додаде дека приклучувањето кон БРИКС ќе донесе значителни придобивки за Турција, бидејќи ќе овозможи соработка со сите најважни глобални платформи.

„БРИКС (основана од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) е организација за соработка, таа вклучува важни земји кои сочинуваат 25 отсто од светскиот БДП.

Остани поврзан