• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

13 ноември 2024

Штип - Се почесто граѓаните нарачуваат пратки он лајн, а актуелни во моментот се пратките од Али експрес. На домашна адреса освен од Македонска пошта пратката може да пристигне и од приватен оператор со кој помшти имаат склучено договор. Најчесто пратките завршуваат на вистинското место, но, не се исклучуваат и можностите истите да доцнат или воопшто да не пристигнат. Олга Манчевска, раководител на директорат за регулатива, лиценцирање и правни работи вели  за граѓаните да не бидат оштетени треба да ги знаат своите права и начини како да се зашитат.

-Сега се актуелни нарачките од Али експрес, кои сега доаѓаа преку Македонски пошти до граѓаните сега да се доставуваат од приватни оператори. Граѓаните се вообичаено изненадени бидејќи до сега Македониска пошта ги носеше само, а од пролетта има можност уште два канала да ги носат странските пратки, вели Манчевска. Доцнењето на пратки, оштетување на исти се проблеми кои може да се појават, но, тие не се во голем број. Во тој случај граѓаните треба да знаат како да реагираат, како да поднесат рекламација и на која адреса да биде лоцирана вели Ана Ковачевска раководител на Директоратот за заштита на првата на корисниците.

Охрид - Јавното претпријатие „Охридски комуналец” упати известување до сите физички и правни лица на територијата на Општина Охрид кои ги користат услугите на јавното претпријатие дека во периодот што следува заклучно до 31 декември ќе пристапи кон покренување тужби за сите фактурирани, а неплатени сметки.

Од претпријатието упатуваат повик со сите физички и правни лица кои ги користат услугите на јавното претпријатие да пристапат кон доброволна исплата на долгот што го имаат кон јавното претпријатие, за да не бидат изложени на дополнителни трошоци што ќе настанат со поднесените тужбени побарувања.

Охрид - Во врска со престојната зимска сезона Секторот за внатрешни работи од Охрид одржа одржа работен состанок со надлежните субјекти од општините Охрид и Дебрца, одговорни за зимско одржување на улиците и патиштата, како и со градежните компании кои работаат на изградба на автопатот Охрид - Кичево.

Состанокот е свикан со цел координација  и дефинирање на предлог-мерките за поуспешно дејствување на сите надлежни субјекти повикани за зимското одржување на патиштата и безбедно одвивање на патниот сообраќај во зимски услови.

Скопје - Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска положи цвеќе пред паметникот на загинатите борци кои животот го положија за слободата на Скопје.Тој се осврна на историскиот момент и заслугата на партизаните за слободата која денес ја живееме, но и за обврската кон нив која ја имаме за Скопје повторно да биде убав град и поубаво место за живеење, соопшти Општина Кисела Вода.

-Честит празник, граду мој! Денешниот ден е симбол на една борба, на непокор, на храбриот македонски народ кој застанал на вистинската страна на историјата. Славиме еден јубилеј, славиме 80 години од моментот кога нашето Скопје беше ослободено од фашистичкиот окупатор и неговите слуги.
Го славиме денот кога се развеа знамето на слободата над градот убав - СКОПЈЕ Е ОСЛОБОДЕНО! И денес се поклонуваме на најзаслужните, на плејадата борци, на хероите кои го положија својот живот и го славиме и чуваме нивното возвишено дело. Секој наш придонес кон поубав град е благодарност кон тие кои ни ја подарија слободата, истакнал градоначалникот на општина Кисела Вода.

Велес - Македонски Телеком е носител на договорот за јавна набавка на новото улично осветлување со паметни лед светилки од марката „Schreder“ на целата територија на Општина Велес.

Како што информира градоначалникот на Велес Марко Колев, кој денеска се сретна со претставиците на Македонски Телеком, предвидено е воспоставување на комплетен систем за паметно осветлување, мерење и управување, преку кој ќе се мерат сите енергетски параметри, со што мрежата превентивно ќе се одржува и ќе се спречат евентуални кражби и злоупотреби.

Скопје - По повод одбележувањето на 13 Ноември, 80 години од ослободувањето на Скопје, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска го посети Наце Петрушевски од населено место Бучинци кој има 103 години и е единствениот жив борец од Илинден, кој учествувал во НОБ.

При посетата градоначалникот Георгиевски му врачи плакета на дедо Наце за особен придонес и учество во Народно ослободителната борба на Македонија.

Кочани - Советот на Општина Кочани на денешната редовна седница донесе едногласна одлука отпадот од Виница, Зрновци, Чешиново-Облешево и другите општини во регионот веќе да не се носи на градската депонија кај селото Бели.

Одлуката беше усвоена по дополнувањето на дневниот ред што го предложи претседателот на Советот Лазо Митев, образложувајќи го со барањето на граѓаните кои веќе трета недела протестираат и го блокираат пристапот до депонијата за комуналните возила од соседните општини.

Делчево - Поради сообраќајка во прекин е сообраќајот на патот Делчево - Македонска Каменица. Несреќата се случила кај месноста Манасовско Маало атар на село Драмче и во неа учествувале патничко возило ауди и товарно возило Мерцедес со каменички регистерски таблички.

На лице место на несреќата се наоѓа екипа на Итната медицинска помош и полицијата, а според првични информации нема потешко повредени лица.

Велес - Актерката Ангела Стојановска синоќа ја изведе својата монодрама „Срам“ на малата сцена на велешкиот театар, со која ја прикажува женската оптовареност со прекумерната тежина и други срамови и проблеми на понежниот пол во денешницата.

- Мене долго време ме мачеше темата, долго време имав проблеми на начинот на кој изгледав и барав решение како да ги надминам тие проблеми. На моја голема среќа јас го најдов овој проект, аплицирав и добив средства со кои можев да ја направам оваа претстава. Во тоа време се јави и ковид-пандемијата и постојано слушав за луѓе кои се срамат дека се болни и се тестирале. Што во мојата глава немаше никаква логика. Тој збор срам се закачи за мене и почнав да размислувам за сите работи од кои мене ми е срам и ги претворив во приказни за низ претставата, појасни Стојановска, која е дипломирана актерка, девет години невработена.

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, два значајни настани од историјата на универзитетот, 100 години од формирањето на најстарата единица, Научен институт- Прилеп  и 45 години од основањето на УКЛО ги одбележува со издавање јубилејна поштенска марка.
Од УКЛО-Битола информираа дека јубилејните активности се реализираат под слоганот „Еден век наука и знаење“,  и тој е дизајниран на оригинална и изворна поштенска марка која ги обединува двете значајни годишнини.

Поштенската марка  ќе биде промовирана на претстојната меѓународна научна конференција „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“ што ќе се одржи на 15 ноември и е во рамки на меѓународните денови на науката.

Берово - По објавената информација за забрана на пиење на водата во Берово поради зголемено количество на манган, од утре до сите граѓани во Берово ќе биде доставена вода со цистерни која ќе се полни од соседно Делчево, информираа од комуналното претпријатие во Берово. 

Во разговор со надлежните, како што информираат, ќе бидат испратени примероци од вода до неколку лаборатории во државата и во зависност од добиените резултати, граѓаните дополнително ќе бидат известени за состојбата со користење на водата за пиење. 

Струга - Јавното претпријатие „Комунално Струга“ ги известува корисниците на нивните услуги дека ќе пристапат кон тужење за фактурирани, заостанати неплатени сметки заклучно до 30 ноември годинава.

- Со таа цел ги повикуваме сите физички и правни лица, кои ги користат услугите на јавното претпријатие да пристапат кон доброволна исплата на долгот кои го имаат спрема јавното претпријатие „Комунално - Струга“ за да не бидат изложени на дополнителни трошоци, кои ќе настанат со поднесените тужби, стои во информацијата на претпријатието.

Куманово - Ветеринарно сточарскиот центар Куманово, апелира до сопствениците за одговорно чување на милениците, повикаа денеска надлежните. Неодгoворните сопственици исфрлаат цели легла по околината на Куманово, велат лекарите.

На годишно ниво запловуваме од 130 до 150 кучиња во градот. Делумно успеваме да го намалиме бројот на кучиња скитници. Но, овој проблем не се решава на овој начин. Основен проблем не се финансиите и екипите што заловуваат. Главен проблем е несовесното однесување на сопствениците. Ваквиот закон за благосостојба на животните е веќе надминат. Целта кога се проектираше беше да се заловат, стерилизираат да се вратат кучињата. Во изработката учествуваше експерт од Англија. Ваквиот начин покажа ефект во развиените земји, но кај нас нема некој ефект, изјави ветеринарот Зоран Пешевски.

Куманово - Општина Куманово преку одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој одвои средства за поддршка на старите занаети, соопштија денеска надлежните од општината.

-Општината ги субвенционира старите занаети со 150.000 денари. Целта на оваа мерка е да се подобрат условите за работа во занаетчиството, да се обезбеди пазар, да се подобри квалитетот на занаетчиското производство, но и да се зајакне интересот за старите занаети, особено на оние кои со себе носат културни и етнички белези. Со цел да го спречиме изумирањето на старите занаети Општина Куманово и Регионална комора на занаетчиите ќе вршат субвенција на занаетчии кои ќе се занимаваат со стари занаети, изјави раководителката на ЛЕР, Донка Петровска.

Остани поврзан