• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

21 ноември 2024

Скопје - Секогаш додека јас ја водам Владата исклучиво ќе се водам од интересите на мојата татковина Македонија и македонските национални интереси и ќе го поддржам секој оној што е во таа насока и во таа линија, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање поставено од пратеникот Реџеп Исмаил, поврзано со поддршката на премиерот, Радмила Шекеринска да биде избрана за заменик генерален секретар на НАТО.

-Јас објаснив и вчера дека со госпоѓата Радмила Шекеринска имаме дијаметрални разлики за многу прашања што се однесуваат на дневната политика, но не само на дневната политика, туку и на стратешки разлики, идеолошки разлики, и тука никој не треба да има дилема. Но, секогаш кога станува збор за македонски национален интерес подготвен сум да поддржам секого. Во изборот меѓу Радмила Шекеринска и останати четири други кандидатки, логично е како премиер на Владата на цела Македонија, не само на лево, десно, центар, Македонци, Албанци, Турци...на сите, да донесам одлука за која што заедно со луѓето кои се во соодветните ресори ќе покажеме дека тоа што го зборуваме и кога повикуваме на национално единство, тоа и да го практикуваме. И, друг пат кога ќе има ваква прилика, без разлика дали таа опција доаѓа од лево, десно...секој македонски граѓанин кој што гордо ќе ја претставува својата татковина Македонија, од мене ќе биде поддржан за која било меѓународна институција. Секогаш додека јас ја водам владата исклучиво ќе се водам од интересите на мојата татковина Македонија и македонските национални интереси, и ќе го поддржам секој оној што е во таа насока и во таа линија, истакна Мицкоски.

Скопје - Во 2017 година, ЕСМ од тогашниот генерален директор беше оставен со 20 милиони евра профит, а денеска после седум години начекав минус 80 милиони евра работење, нагласи министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

- Тоа што го коментирате за нешто што се случило во 2017 година – тогаш вие бевте на власт и имавте седум години нешто да реагирате за тоа. Во 2017 година, ЕСМ од тогашниот генерален директор беше оставен со 20 милиони евра профит, со направени ремонти, со направен тендер за механизација и  денеска после седум години начекав – минус 80 милиони евра работење на ЕСМ. Префрлени 379 милиони евра од граѓаните на ЕСМ. Тоа се пари на граѓаните со кои сте можеле да изградите некој објект, рече Божиновска, додавајќи дека во времето на СДСМ во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар.

Во фокусот беше и тоа дали министерката Божиновска поседува бугарски пасош на што таа одговори дека поседува македонски и чешки пасош. Во однос на нејзината фирма во Прага, Божиновска истакна дека кога живеела таму морала да основа фирма за да може да купи стан бидејќи, како што рече, со македонски пасош тоа не е можно.

На прашањето за вмешаност на министерката со картел здруженија, Божиновска рече дека нема никава врска со тие здруженија и фирми.

Скопје - До Нова година ќе се донесе нов Закон за игрите на среќи, којшто ќе биде многу радикален, строг и ќе ги порправи вашите грешки, истакна денеска од собраниската говорница, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, кој одговараше на пратеничко прашање поставено од пратеничката, Рина Ајдари од ДУИ, а која истакна дека нема ништо од затварањата на казината, кои оваа власт го најавиле.

Меџити во својот одговор истакна дека и птиците знаат кој направил во секоја населба или маало да има казино.

-Оваа Влада има објавено војна на овој бизнис и на првите владини седници ние побаравме автентично толкување и вие почитувани пратеници ќе ни потврдите дека претходната влада, заменик премиерот од претходната Влада на незаконит начин ги потпишал тие договори за казина во Република Северна Македонија. Имајќи го предвид автентичното толкување, донесовме одлука за затворање на тие казина, онлајн казина и од Нова година ќе се донесе Закон за игрите на среќа, вели Меџити.

Пратеничката, Ајдари постави прашање до Меџити и дека пред еден ден се согласил со изјавата на Курти со која албанскиот јазик не бил службен. -Кога сте ја кажеле вистината и дали албанскиот јазик е службен во Република Северна македонија, бидејќи изјавите на вашите експоненти од коалицијата ВЛЕН се спротивставени, беше прашањето на Ајдари. 

Скопје- Заменик-министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ Викторија Трајков денеска оствари средба со Никица Мојсоска - Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“, непрофитна организација со фокус на економскиот развој. 

Како што информира Министерството за европски прашања, на средбата се дискутирало за зајакнување на економскиот раст, промовирање на иновацииТЕ и конкурентностА преку партнерства меѓу Владата, приватниот сектор и академската заедница.

Заменик-министерката Трајков ја истакнала важноста на ваквите иницијативи, нагласувајќи дека нивниот придонес е од огромно значење во контекст на европските интеграции. 

- Во време кога нашата земја ги спроведува најзначајните реформи, организациите како „Македонија 2025“ играат витална улога во поттикнување на економскиот раст, како и во поддршката на младите таленти за да останат и да придонесуваат дома, истакнала Трајков.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во име на Министерството и францускиот амбасадор, Кристоф Ле Риголер во име на Амбасадата на Република Франција, денеска потпишаа Анекс на меморандумот за соработка, со кој дополнително ќе се поттикне изучувањето на францускиот јазик во нашиот образовен систем.

Пред потпишувањето на меморандумот, Јаневска изјави дека во Анексот се наведени 25 училишта во целата држава каде ќе се одвиваат средби за презентација на францускиот јазик кај родителите. како и часови за учениците, насочени кон откривање на можностите што ги нуди изучувањето на францускиот јазик.

- Исклучително е значајно учениците да бидат мултијазични, но и да се запознават со различни култури и да ги шират сопствените видици. Дополнително сметам дека е од исклучителна корист учеството во Франкофонијата на Република Македонија, затоа што тоа е можност и за афирмација на нашата култура, нашиот идентитет и нашиот јазик. Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебна соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен интерес, рече Јаневска.

Куманово - Процесот на евалуација на пристигнатите документи од општините за владиниот повик за поддршка на општините сè уште трае и наскоро ќе има информации, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински на промоција на новата опрема за противпожарни единици во Куманово. Рокот за докомплетирање на потребната документација беше продолжен на владина седница и заврши до 15 ноември.

- Од она што сум информиран преку шесте ресорни министерства, околу десетина општини ја докомплетирале документацијата. Дозволете, дајте ни уште ден два, затоа што сè уште се прави евалуација на допристигнатите документи и ќе излеземе со конкретен став, изјави министерот Перински.

Куманово - Министерството за локална самоуправа ќе применува позитивни практики од Словенија во рамки на дејствувањето на министерството, согласно законските надлежности, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински по промоцијата на набавената противпожарна опрема во Куманово.

Тој ја оцени дека неговата неодамнешна посета на Љубљана и Словенија за исклучително важна за самото министерство, но и во делот на носење мерки за справување со аерозагадувањето.

Скопје- Претприемачите треба да имаат позитивен став кон иновациите и промените, бидејќи тие се клучни двигатели на успехот. Тие не само што создаваат нови можности, туку ќе им овозможат да бидат водечки играчи на пазарот, ќе го отворат патот за решавање на глобалните предизвици, зголемување на конкурентноста и креирање на нови индустрии, е главната порака на панел дискусијата „Иновации во претприемништвото“, организирана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) по повод Глобалната недела на претприемништво.

Токму Глобалната недела на претприемништвото, како што рече директорот на ФИТР Никола Додов, има за цел да ги поттикне младите да го развијат својот претприемачки дух, да ги помогнат иновациите и да ги развијат нивните бизниси.

-Всушност тоа е и мисијата на Фондот да ги поддржува младите претприемачи, иноватори и креативци во креирањето нови бизнис идеи, нови технологии и иновативни решенија, рече Додов.

Нагласи дека живееме во време кога иновацијата не е само тренд, таа е основа на секој успешен бизнис, секој нов проект и секоја нова индустрија.

Кочани – „Последниот танц на сцена“ е музичкиот настан со кој радио водителот и музички новинар Драган Б. Костиќ ќе го одбележи 50-годишниот јубилеј на легендарната радио емисија „Диско селектор“.

Настанот ќе се одржи в петок, 29 ноември во салата на спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, организатор е „Авалон продукција“, а на прес конференцијата по тој повод беше истакнато дека се работи за проект што треба да прикаже дел од напорната работа за креирање емисија која што е дел од музичката историја на овие простори.

-Овој проект се базира исклучиво на некаква идеолошка близина меѓу она што ние како фирма го работиме во изминатите 30 години и тоа што како деца сме го учеле од Драган Костиќ, пред да ја почнеме оваа работа. Не би застанале зад некој водител кој што работел нешто што е контра принципите на работата на „Авалон продукција“, а сигурен сум дека и тој не би одбрал неговиот последен проект да му го работи некој кој што музички идеолошки се коси со тоа што го градел тој како кариера изминативе 50-60 години. Во секој случај ќе биде интересен проект и технички бината ќе биде на едно сериозно светско и европско ниво, истакна Бобан Милошевски од „Авалон продукција“.

Подгорица - Црна Гора официјално се приклучи на Единствената зона за плаќање во евра (SEPA), соопштија денеска Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) и Европскиот совет за плаќања.

„Црна Гора, под водство на ЦБЦГ, успешно ги усогласи националниот платен систем и регулативата со стандардите на Европската Унија (ЕУ), станувајќи првата земја од Западен Балкан која пристапува кон SEPA“, се наведува во соопштението.

Со ова, од април 2025 година црногорските финансиски институции ќе можат да испраќаат и примаат SEPA кредитни трансфери, моментални трансфери и директни задолжувања со минимални или без никакви трошоци.

Белград - Србија го презеде претседавањето со Централноевропската иницијатива од Албанија на годишниот состанок на министрите за надворешни работи во Тирана, јавува Бета.

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ истакна дека Србија ќе работи на зајакнување на регионалната соработка.

- Нашиот витален национален интерес е економската соработка, инфраструктурната поврзаност и решавањето на отворените прашања од минатото, рече Ѓуриќ.

Тој додаде дека претседателството ѝ овозможува на Србија да ги поставува приоритетите на регионалната соработка и да влијае на темите за дискусија.

Вашингтон – Американскиот милијардер Илон Маск и претприемачот и поранешен претседателски кандидат Вивек Рамасвами, кои беа номинирани од новоизбраниот претседател Доналд Трамп да го водат новоформираниот Оддел за владина ефикасност, соопштија дека го поддржуваат предлогот вработените во федералните органи на власта да работат од канцеларија пет дена во неделата.

Повеќе од половина од 2,3 милиони вработени во американската влада во моментов не работат од далечина поради спецификите на нивните позиции, кои бараат присуство на лице место за следење на квалитетот на работата, а останатите поминуваат околу 61 отсто од своето работно време во канцеларија, информира Волстрит Џурнал повикувајќи се на извештај на Канцеларијата за управување и буџет.

Предлогот доаѓа како дел од широката ревизија на државната администрација, а најавената промена може да доведе до „бран доброволни откази што го поздравуваме“, напишаа Маск и Рамасвами во колумна за Волстрит Џурнал

Киев- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија користела „нов тип“ ракета во утринскиот напад врз Украина.

„Денеска нашиот луд сосед уште еднаш покажа каков е во суштина и колку го презира достоинството, слободата и човечкиот живот воопшто. Толку многу се плаши што веќе користи нови ракети“, напиша Зеленски.

Украинскиот лидер додаде дека спорната ракета е од руско потекло и дека ги „поседува сите карактеристики – брзина и висина – на интерконтинентална балистичка ракета“.

Брисел - Извештаите дека Русија употребила интерконтинентална балистичка ракета за напад врз цел или цели во Украина, претставуваат јасен сигнал за понатамошна ескалација на конфликтот од страна на рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Тој започна со предизвикување прехранбена и енергетска криза, сега се повеќе и повеќе се обидува да игра со гладот и зимата, а тоа што со дронови, бомби и проектили ја таргетира енергетската и цивилната инфраструктура во Украина, е јасен показател на желбата за ескалација и тероризирање на населението, рече Стано. 

Според него, Путин повторно игра на картата на нуклеарна закана со неодамна ажурираната нуклеарна доктрина на Русија, а дополнително на европско тло повика и севернокорејски војници. 

- Се ова се јасни сигнали за желба за ескалација, а не за желба за изнаоѓање пат кон мирот. Секако, употребата на интерконтинентална балистичка ракета би била уште една квантитативна и квалитативна промена во пристапот и јасен сигнал за ескалација, додаде Стано. 

Отава- Најновиот систем за противвоздушна одбрана НАСАМС што Канада го купи од САД наскоро ќе биде префрлен во Украина, изјави канадскиот министер за одбрана Бил Блер.

„Ние тесно соработувавме со САД и производителот „Рејтеон“ на склопување и испорака на овој систем. Во моментов е во Полска и наскоро треба да биде испорачан преку граница“, рече Блер, пренесува Укринформ.

Њујорк- Палестинскиот амбасадор Маџид Бамја го осуди американското вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Појасот Газа.

„Можеби за некои имаме погрешна националност, погрешна религија, погрешна боја на кожа. Но, ние сме луѓе и кон нас треба така да се постапува“, вели Бамја.

На седницата на Советот за безбедност на ОН вчера, САД по четврти пат ставија вето на резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа, додека останатите 14 земји-членки гласаа „за“, пренесува Ал Џезира.

Хаг - Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, доскорешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и лидерот на Хамс Мухамед Диаб ал-Масри, јавија американските медими.

МКС соопшти дека налозите за апсење „се во интерес на жртвите и нивните семејства“.

Во него се наведува и дека постојат „основи за сомневање“ да се верува дека тие „ги превиделе нападите врз цивилното население во Појасот Газа“.с

Газа- Директорот на Агенцијата на Обединетите нации за помош за палестинските бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини рече дека Појасот Газа се претворил во „гробишта“ за деца, а палестинските деца се „на работ да станат изгубена генерација“.

„Ги убиваат, повредуваат, ги принудуваат да бегаат и лишени се од безбедност, образование и игра. Детството им е украдено и тие се на работ да станат изгубена генерација, бидејќи изгубија уште една учебна година“, рече Лазарини во изјава по повод Светскиот ден на детето, кој се одбележува на 20 ноември.

Тој, исто така, истакна дека децата на окупираниот Западен Брег се соочуваат со постојан страв и вознемиреност поради зголемувањето на насилството на таа палестинска територија од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.

Блер потсети дека канадскиот премиер Џастин Трудо претходно телефонски разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски и го информирал за претстојното пристигнување на системот НАСАМС.

Цирих- Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен спасила патник на летот на швајцарска компанија „Свис Ер“ од Цирих за Брисел, кој имал сериозни здравствени проблеми, давајќи му прва помош, објави денеска „Билд“.

Фон дер Лејен, која по професија е доктор, одговорила на повикот на екипажот на авионот, кој вообичаено во вакви ситуации прашува дали некој од патниците може да му помогне на лице на кое му се појавиле сериозни здравствени проблеми.

Таа продолжила да пружа прва помош додека швајцарскиот авион приоритетно не слетал во Брисел, каде што лекар од Итната помош го презел пациентот.

Портпаролката на ЕУ за „Билд“ потврди дека претседателката на Европската комисија му пружила прва помош на патник на кој му се слошило во авионот.

Остани поврзан