• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

  20 ноември 2024

 

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Перу, со седиште во Букурешт, Феликс Рикардо Денегри Боса.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, изразила уверување дека идниот развој на односите и соработката меѓу двете земји ќе претставуваат позитивен пример и предизвик за нивно постојано надградување со нови содржини во конкретни области.

Скопје - По повод Светски ден на детето, во организација на УНИЦЕФ и Владата на Република Северна Македонија денеска во свечена сала се одржа владина седница под слоганот „Слушнете ја иднината”, каде што децата заедно со премиерот и министрите разговарале за следните теми: климатска и еколошка криза, напредни технологии и демографски промени.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека денеска ги имал најважните соговорници од неговото неколкумесечно претседателствување со Владата, тоа се децата.

Скопје - Кога ќе имаме потреба од 80 гласа во Парламентот ќе се покаже во пракса, изјави денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, запрашан за тоа кои се пратениците што го поддржуваат мнозинството во Парламентот. 

-Дозволете ми малку да ве корегирам, јас таму не реков дека имаме 80 пратеника, туку реков дека можеби имаме и повеќе од 80 пратеника. Можеби имаме. Само кога ќе имаме потреба од 80 пратеника можеби и имаме 80 и повеќе од 80 пратеника, изјави Мицкоски. 

Скопје - Траат преговорите со банките. Сега се префрлени во Министерството за финансии. Ќе има договор. Јас сум оптимист, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со унгарскиот заем. 

За кредити од унгарскиот заем ќе можат да аплицираат сите компании - мали, средни и големи. 

Мицкоски не сакаше да ги коментира наводите за уставните измени средбата на бугарскиот претседател Румен Радев и претседателката Гордана Сиљаовска Давкова.

-Подобро одговорот во кабинетите на двајцата претседатели да го побарате, рече Мицкоски. 

Скопје - Владата на Република Северна Македонија ја поддржа кандидатурата на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО, откри денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски кој на денешната прес-конференција одговараше на новинарски прашања. Забележа дека не е тајна дека во минатото и до денеска можеби имаат многу концептуални разлики кога станува збор за сегашноста, справувањето со реалните проблеми, политиките, идеолошки разлики, бидејќи доаѓаат од различки политички семејства.

Скопје - Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски очекува позитивни моменти од меѓудржавната соработка на земјава и САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп го назначи  Хауард Лутник за секретар за трговија во американската Влада, изјави денеска премиерот одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по седницата на Владата под слоганот „Слушнете ја иднината“ по повод Светскиот ден на детето. Тој очекува дека Лутник ќе даде дополнителна вредност на американската, светската, а со тоа и на македонската економија.

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска изјави дека одблиску се следат најновите случувања и развој на настани поврзани со и околу војната со Украина и Русија, но дека анализите и проценките не можат јавно да се соопштат.  

-Одблиску ги следиме најновите случувања и развој на настани. Ги анализираме. Се разбира дека нема јавно да кажеме што е тоа што го анализираме и кои се нашите проценки. Очекуваме час поскоро сето тоа таму да заврши и да се стави крај на оваа војна, на би рекол оваа руска агресија, и да можеме нормално да функционираме и да можеме да се развиваме онака како што посакуваме, рече Мицкоски на прес-конференција во Владата по свечената седница по повод Светскиот ден на детето. 

Скопје – Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска, со регионалниот директор на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Матео Коланџели, потпиша договор за грант од швајцарската влада во вредност од три милиони евра, со цел забрзување на процесот на собирање на отпад во државата. 

Како што посочи Меџити, со Договорот којшто значи институционална поддршка и корпоративно управување, се очекува да биде олеснет процесот на собирање отпад и ќе придонесе за развој кон наредна фаза, односно рециклирање на отпадот. 

Скопје - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имал средба со вршителот на работи во Амбасадата на Република Кореја во Република Северна Македонија со седиште во Софија,Чо Џи И, по повод преземањето на донацијата од корејскиот народ.

Од Министерството за европски прашања соопштија дека донацијата што е дел од грантовата помош за проектот „Зајакнување на капацитетите на Министерството за европски прашања“, вклучува возила, ИТ и канцелариска опрема во износ од околу 27 милиони денари, а ќе овозможи унапредување на техничките и административните капацитети на Министерството.

Скопје - На расправата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во Основен кривичен суд Скопје денеска сведочеше Стефан Димковски, лицето кое го превезе обвинетиот Љупчо Палевски од Белград до Турција.

Сведок Стефан Димковски на почетокот од сведочењето рече дека учествувал во основање на политичката партија „Десна“, а со Палевски се познава од 2017-2018 година преку политички активности.

-До 2021 година одев почесто во партијата, од 2021 година имав приватни проблеми и ретко одев, рече сведокот.

Скопје - Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) при спроведен редовен надзор на 18 овој месец во Охрид, од угостителски објект заплениле и нештетно уништиле небезбедна храна (месо и преработки од месо) во вкупна количина од 366 килограми.

Со контролата, како што информира денеска АХВ, покрај затекнатата небезбедна храна, утврдени се и недоследности во однос на хигиената кај овој оператор со храна.

Скопје - Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска извршил инспекциски надзор на Детската клиника во Скопје, а откако биле откриени недостатоци, најавен е прекршочен платен налог.

Како што попладнево информираат од ДСЗИ, на денешниот контролен инспекциски надзор во Универзитетската клиника за детски болести, по изминати рокови за постапување по наложени мерки со издадено решение, констатирано било дека не е постапено во целост по решението.

Скопје - Царинските службеници во текот на минатата недела откриле повеќе обиди за криумчарење разна стока. Во три случаи, како што денеска соопштија од Царинската управа, запленети се еден автомобил и комплет регистарски таблички, а за македонски државјани е поднесена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки што се плаќаат при увоз на возило.

Запленети се пиротехнични и распрскувачки материјали, цигари и тутун за пушење, лекови, гасни пиштоли, опрема за мотоцикли, употребувани гуми, девизи, облека, парфеми, фалсификати и друга стока.

Скопје - По повод одбележувањето на Светскиот ден на детето, министерката за образование и наука Весна Јаневска на Владина средба на високо ниво предводена од децата, истакнала дека промените што ги прави Министерството за образование и наука имаат цел поквалитетно образование „како најважното барање на секоја средба со различни младински организации“.

-Гласот на младите се слуша во Министерството за образование и наука. Tие се вклучени во креирањето на образовните политики и во носењето на одлуки кои засегаат, истакнала Јаневска на  средбата организирана под слоганот „Слушнете ја иднината“ која годинава е со фокус на климатската и еколошка криза, напредните технологии и демографските промени.

Скопје - Управата за јавни приходи (УЈП) во пресрет на најавениот Black Friday викенд упати препорака до сите даночни обврзници кои ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги да ги изразат и наведат при издавање на сметката. Пресметаниот данок на додадена вредност треба да биде наведен во сметката со новосоздадената цена.

- Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги, а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО), задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет и на видно место, да постават соопштение со кое го информираaт купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка, стои во соопштението.

Скопје - По повод Светскиот ден за борба против хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), од Клиниката за пулмологија и алергологија денеска апелираа да се подигне свеста и да се реализираат кампањи за одвикнување од пушење. Беше нагласено дека треба да се остават цигарите, а аерозагадувањето беше наведено како дополнителен товар на пациентите со оваа болест. Она што поединци го користат за горење и греење во текот на зимата, поради недоволна свест и немање други финансии, како што беше исткнато, силно придонесува за вакви проблеми.

Скопје - Македонската продуцентка и актерка Лабина Митевска е добитник на годинашната Еуримаж награда за меѓународни копродукции од „Еуримаж“ и Европската филмска академија. Лабина Митевска е еден од основачите на семејната продуцентска куќа „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.

Оваа награда, според жирито, ѝ се доделува на Лабина Митевска како почит кон дарбата на една семејна продукција, страстно посветена на европската кинематографија. - Се наградува мајсторската изработка на високо квалитетна кинематографија постигната преку бројни извонредни меѓународни копродукции кои се гордост на фондот Еуримаж, се вели во соопштението.

Скопје - Претставата „Без крв“ не е за извршување одмазда. Таа има само еден фокус, а тоа е дека љубовта може да ги исцели раните. Простувањето е само мал дел од љубовта. Тоа е почетна точка на љубовта и е пасивна. Ти можеш да простиш, но другиот може да не ти прости. Во случајов станува збор за љубов, која се раѓа и само таа може да ги исцели раните. Ова е основната цел на овој спектакл, порача на денешната прес-конференција драматургот Александар Секулов, по повод македонска премиера на оваа претстава, која ќе се одржи вечерва во во Албанскиот театар.

Претставата „Без крв” е дел од репертоарот на 49 издание на театарскиот фестивал „МОТ”. Станува збор за копродукциска соработка која е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар Пловдив и Народниот театар „ Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ – Велес.

Скопје – Здружението за промоција на спортски активности 35 години Вардарци Скопје кое ги застапува навивачите на „црвено-црните“ Комити , побараа смена на актуелното раководство на ФК Вардар.

Новиот сопственик на клубот Атила Бижен Жалили, за извршен директор на Вардар го назначи Миленко Неделковски, додека за неизвршни членови во раководството се именувани Владо Петровски, Александар Кузмановски и Борче Крстовски-Илиоски. 

Комити се незадоволни од односот кон нив на Миленко Неделковски.

Тирана – По крвавиот настан, во кој беше усмртено 14-годшно момче од негов врсник и растот на врсничкото насилство, албанската Влада денеска најави ограничувања во користењето на социјалните мрежи од страна на малолетници или целосна забрана на ТикТок или Снепчет.

- Три дена и возрасни и деца се шокирани од убиството на 14-годишен ученик со нож од друг тинејџер. Целата динамика на трагедијата ја истакнува трајната закана со која живеат сите семејства кои воспитуваат деца во денешниот свет, каде што социјалните мрежи, а особено ТикТок или Снапчет, секојдневно ги внесуваат нашите деца во нивните лавиринти од најмала возраст, рече албанскиот премиер Еди Рама.

Виена - Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин треба да биде принуден да склучи мир, а не да се бара тоа од него.

„Последниот масовен руски воздушен напад беше одговорот на Путин на сите оние кои неодамна го посетија и го повикаа. Путин јасно стави до знаење дека сака војна и продолжува да зборува со јазикот на ултиматумите. Треба да го принудиме да склучи мир, а не да го бараме тоа од него“, нагласи украинскиот министер на заедничката прес-конференција со австрискиот колега Александар Шаленберг во Виена.

Киев - По САД кои привремено ја запреа работата на амбасадата во Киев поради информациите за можен воздушен напад врз украинскиот главен град денеска, истото го сторија и Шпанија, Италија и Грција. 

Преку е-маил испратен до шпанските граѓани во Украина, шпанската амбасада во Киев соопшти дека „поради зголемениот ризик од воздушни напади низ Украина, тие нема да даваат услуги во текот на денот и барањата може да се поднесуваат преку е-пошта“. Амбасадата, исто така, ги советуваше шпанските граѓани во Киев да „преземат екстремни безбедносни мерки, да ги следат сите препораки на локалните власти и да имаат засолниште на располагање во секое време“.

Будимпешта - По одлуката на Вашингтон да му дозволи на Киев да користи западно оружје со долг дострел за напади врз цели на територијата на Русија и обновената руска нуклеарна доктрина, опасноста од ескалација е максимално зголемена, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во следните недели и месеци, додаде тој, Будимпешта ќе мора да вложи максимално дипломатско искуство и ресурси за да не биде вовлечена во конфликтот во Украина.

Орбан претпладне одржа седница на Советот за одбрана.

Виена - Министерот за надворешни работи на Австрија денеска изјави дека народот на Украина заслужува мир, но не наметнат или диктиран од други и дека самите Украинци мора да одлучат кога, како и каде да ги започнат преговорите.

„Сакаме тоа веднаш да заврши. И како и секоја војна во историјата, ќе заврши на преговарачка маса. Народот на Украина заслужува мир, но не и наметнат мир. Не мир диктиран од другите“, рече Шаленберг денеска на заедничкиот прес- конференција со неговиот украински колега Андрије Сибих.

Париз - Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денеска му порача на својот ирански колега Абас Аракчи дека е клучно Иран да ги исполни своите нуклеарни обврски и целосно да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), откако европските сили поднесоа резолуција против Иран во рамките на таа агенција.

Како што е соопштено од француското Министерство за надворешни работи, Баро изразил загриженост за иранската нуклеарна ескалација, која, според него, носи големи ризици за ширење на нуклеарното оружје.

Москва - Кибер-криминалците извршија повеќе од 38 милиони „фишинг напади“ оваа година претставувајќи се како големи компании, банки и технолошки продавници. Украдените податоци од платежните картички активно се продаваат на дарк веб форумите, а цените се движат од 70 до 315 долари, објави компанијата „Касперски“.

-Додека купувачите во потрага по најдобри зделки се подготвуваат за „црниот петок“, истражувачите на нашата компанија набљудуваат како кибер-криминалците и измамниците се подготвуваат да го искористат овој интерес и да се обидат да украдат лични информации и пари, како и да шират измама преку измамнички понуди дизајнирани да привлечат клиенти, се наведува во извештајот и се додава дека во периодот од јануари до ноември, решенијата на компанијата блокирале 38.473.274 „фишинг напади“ поврзани со онлајн купувања, платежни системи и банки.

Луксембург - Барање за азил во земјите-членки на ЕУ во август поднеле 69.270 лица, што е за 24,8 отсто помалку во однос на истиот месец лани, објави денеска Евростат.

Како што е наведено, ова е прво барање за добивање меѓународна заштита во земјите на ЕУ, за кое во август минатата година се пријавиле 92.055 лица.

Исто така, имало 6.285 последователни апликации, што е зголемување за 4,6 отсто во однос на август 2023 година, кога имало 6.010 дополнителни апликации.

Најмногу азил бараат Сиријците, Авганистанците и Венецуелците.

Отава - Повеќе од педесет илјади поштари веќе шести ден штрајкуваат низ Канада поради ниските плати и лошите услови за работа. Поради штрајкот има проблем со испораката на пошта и пакети низ земјата, јавува Би-Би-Си.

Синдикатот што ги претставува вработените во Поштата на Канада, главниот поштенски оператор во земјава, соопшти дека преговорите се уште „многу далеку“ од крајот и дека тие се во тек. Поштенските работници бараат повисоки плати и можност да работат викенди со плаќање за прекувремена работа - наместо Канадската пошта да се потпира на надворешни работници.

Париз - Јапонците најмалку уживаат во секс и во романтичниот живот, а веднаш зад нив се Јужнокорејците, посочува ново испитување на истражувачката агенција „Ипсос“ со седиште во Париз, Франција.

Овие две земји од Источна Азија, инаку, се борат со слична демографска криза со својот хронично - и опасно низок наталитет, како што предупредуваат властите. Анкетата, објавена оваа недела, опфаќа 31 држава низ светот, и покажа дека само 37 отсто од Јапонските испитаници доживуваат задоволство од романтиката и сексот. За Јужна Кореја, тој број изнесува 45 отсто, наспроти 76 насто кај највисоко рангираните Индија и Мексико и 75 отсто кај испитаниците од Кина и Тајланд.

 

 

Остани поврзан