• вторник, 12 ноември 2024
МИА Радио флеш

12 ноември 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека треба да се почитуваат законите, вклучително и Законот за јазиците, а за непочитувањето на овој закон во делот на веб страниците и соопштенијата од министерствата, смета дека треба да се зголемат капацитетите затоа што во минатото продукцијата на вести била 10 пати помала од сега. 

- Мислам дека треба да се зголемат капацитетите затоа што во минатото продукцијата на вести и активности било 10 пати помала од денеска и можеби било полесно да се работи и да се испорачува нешто кое што е во согласност со Законот за употреба на јазиците. Законот мора да се почитува, но треба да се зголемат капацитетите и во фаза сме на вработување на луѓе кои 10 пати поголемата активност на министерствата апсолутно ќе ја испорачуваат до медиумите, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по денешното потпишување на два договори за државна помош со компанијата „Бреинчајлд“.

Скопје - План за оптимизација на училишната мрежа веќе изработиле 10 општини, а процесот продолжува кај 22 општини, соопштила министерката  за образование и наука Весна Јаневска на денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.

Според неа, локалните самоуправи ја разбираат и ја поддржуваат оптимизацијата која, како што вели,  „е одговор и на нивните барања и заложбите на ЗЕЛС за пообјективна распределба на блок-дотациите“. Како што соопшти МОН, министерката истакнала дека клучна цел на промените што ги прават е  подобрување на квалитетот на образованието.

Скопје - Неодамнешните изјави на европското лидерство го истакнуваат проширувањето на ЕУ како геополитички императив, начело што нашиот регион го прикажува преку својата посветеност и напредок, посочи министерот за европски прашања Орхан Муртезани на денешната конференција во Меѓународниот балкански универзитет, насловена „Перспектива за заедничка иднина: процесот на пристапување на Северна Македонија и односите ЕУ-Турција“.

Акцентот на Европската унија за забрзување на процесите за пристапување и решавање на билатералните прашања преку стратешки насочени дипломатија, Муртезани вели дека укажува на подлабоко разбирање од страна на ЕУ за значењето од проширување на Унијата. Патот на земјава кон ЕУ, додаде, е тесно поврзан со стабилноста и просперитетот на целиот Западен Балкан.

Скопје - Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи, кој од вчера е суспендиран од функцијата, денеска на прес-конференција пред Обвинителството, обвини дека кривичната пријава против него поднесена од страна на Републичкиот јавен обвинител, има тенденцијата да го отстрани и заќути, како и да ги заплаши и другите колеги кои што постапуваат согласно законот, а се со цел, како што рече, да се донесат нарачани одлуки. 

Според Хајрулахи, надзорот над работата на Вишото јавно обвинителство, се случил откако тој на 19 септември бил повикан од Републичкиот јавен обвинител, кај него во канцеларија и му било кажано дека по однос на предметот со бонусите на СЈО треба да донесе одлука со која што ќе се потврди првостепеното решение од ОЈО ГОКК.

Скопје - Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање на која првично беше како единствена точка на дневен ред ставена Информацијата за незаконското именување на директор на АНБ поднесена од пратеници од опозициската СДСМ, по на моменти жестоката процедурална дебата меѓу власта и опозицијата беше прекината без да биде утврден дневниот ред. 

Пратениците од парламентарното мнозинство во процедурална забелешка укажаа дека седницата била закажана без да биде запазаен Деловникот, односно по барање на една пратеничка група без поддршка на точката од една третина од пратениците, и без да бидат информирани сите пратеници на Собранието. Воедно, побараа да се дополни дневниот ред со две точки како прва и втора точка за посета на АР и на АНБ на 3 декември, односно на 16 декември по изнесените сомневања од страна на премиерот дека бил пруслушуван.

Скопје - Нашата дијаспора е важен и нераскинлив дел од Македонија, истакна заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков по средбата со претставници од Обединета македонска дијаспора, водечката организација на Македонците надвор од татковината. 

Како што информира Министерството за европски прашања, на заедникиот состанок се разгледаа повеќе иницијативи за проширување на ангажманот на дијаспората во стратешки области како што се образованието, економскиот развој и културата. 

Скопје - Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) попладнево информираат дека ги интензивираат активностите за чист воздух во државава. Потенцираат дека активностите се во тек и континуирано се следи состојбата со квалитетот на воздухот.

- Со почетокот на грејната сезона и промента на временските услови се создаваат услови за зголемување на загадувачките честички на воздухот, што влијаат врз здравјето на луѓето. Министерството за животна средина и просторно планирање работи во континуитет на реализација на долгорочните мерки за намалување на аерозагадувањето, но, оваа година проектираше низа дополнителни конкретни активности и ги насочи сите расположиви ресурси во навремено преземање конкретни мерки, со што ќе се постигне поголем ефект во намалување на аерозагаденоста, се наведува во соопштението.

Скопје - Наградата „22 Ноември“ за остварувања во областа на политичкиот, културниот и општествениот живот како и за придонес  во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија, годинава им се доделува на проф. д-р Авзи Мустафа, педагог и на проф. д-р Африм Османи, универзитетски професор, соопшти Министерството за култура.

Одлуката за добитниците ја донел Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ на седницата одржана на 16.10.2024 година. Претседател на Одборот е Решат Амети.

Приштина - Косовската полиција соопшти дека денеска го уапсила лицето кое вчера со нож нападна и рани четворица случајни минувачи во косовскиот град Урошевац, јави дописникот на МИА од Приштина.

Извори од косовското обвинителство изјавија за медиумите дека осомничениот напаѓач бил порано казнет на 15 години затвор за убиство на неговата сопруга.

Тирана - Албанскиот премиер Еди Рама  се сретна со претседателот на Обединетите арапски емирати(ОАР), шеикот Мухамед Бин Зајед во Баку, Азербејџан, каде се одржува 29-та Конференцијата на страните на Конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени(COP29). 

Како што објави Рама на Фејсбук, разговарале за значајни проекти кои се пред реализација со цел "зајакнување и модернизација на јавниот сектор во Албанија".

Брисел - Белгискиот крал Филип денеска за уште две недели му го продолжи рокот на лидерот на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Барт Де Вевер за да се обиде да формира нова влада на Белгија.  

- Кралот констатира дека се уште не е постигнат напредок во формирањето нова влада, но дека преговорите се уште траат. Врз основа на тоа, тој одлучи повторно да го потврди г. Де Вевер на неговата позиција и да му даде уште две недели за излез од ќорсокакот, соопшти белгиската Кралска палата по денешната средба на белгискиот монарх со Де Вевер, кој е и актуелен градоначалник на Антверпен.

Стокхолм - Шведската влада најави дека ќе купи воени товарни авиони од бразилската компанија „Ембраер“, истакнувајќи дека Бразилија за возврат ќе нарача уште борбени авиони „Грипен“ од шведската компанија „Сааб“.

Шведска ќе ја обнови застарената флота Ц-130 на американскиот производител „Локид Мартин“ со авиони Ц-390 „Милениум“ од бразилскиот „Ембраер“, а Бразил ќе нарача уште авиони „Грипен“ од „Сааб„, согласно писмото за намери потпишано во саботата, по долги преговори, од шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон и неговиот бразилски колега Хозе Муцио.

Париз - Големите француски медиумски куќи, вклучувајќи ги „Ле Монд“, „Ле Фигаро“ и „Ле Паризиен“, денеска најавија тужба против социјалната платформа Икс, обвинувајќи ја дека го користи нивниот содржински материјал без да плати за тоа.

Овие француски медиуми соопштија дека Икс им должи средства согласно правилата кои предвидуваат дека дигиталните платформи треба да им плаќаат на медиумите за дистрибуцијата на нивната содржина.

Москва - Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денеска ги обвини европските лидери дека бараат опасна ескалација на конфликтот во Украина по реизборот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Медведев, во моментов како висок безбедносен функционер, напиша на Телеграм дека европските политичари имаат намера „да го турнат конфликтот со Русија во неповратна фаза“ и предупреди дека на Киев не треба да му се дозволи да користи западни ракети со долг дострел за да погоди цели во Русија.

Прага - Чешките разузнавачки служби предупредија дека крајот на војната во Украина, кој го најавува новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, би можел да предизвика многу ризична миграција, бидејќи украински воени ветерани, како и криминалци и шверцери на оружје, би тргнале кон Запад за да се придружат на своите семејства.

Шефот на Чешката безбедносно-информативна служба, генерал Михаел Куделка, ги предупреди чешките пратеници на затворена седница дека земјата мора да биде подготвена за нов бран многу ризична миграција, кога десетици илјади украински војници ќе сакаат да се приклучат на семејствата што побегнале на Запад за време на војната.

Брисел - Европската Мрежа за соработка во заштитата на потрошувачите (ЦПЦ) и Европската комисија по заеднички спроведената истрага упатија барање до компанијата „Епл“ да прекине со праксата на ограничувања на пристапот до нејзините онлајн платформи врз основа на географски пристап, со што незаконски ги дискриминираат европските потрошувачи врз основа на нивното место на живеење. 

Како што соопшти ЕК, истрагата утврдила „неколку потенцијално забранети практики“ на блокирање на пристапот до „Епл Сторе“, „Епл Аркејд“, „Епл Мјузик“, „ајТјунс Сторе“, „Епл Бокс“ и „Епл Подкастс“ според географски принцип. 

Пекинг - Маж (62) намерно го насочи својот автомобил кон толпа луѓе, усмртувајќи 35 и повредувајќи дополнителни 43 лица, соопштија денеска безбедносните служби во јужниот кинески град Џухаи.

Во нападот, кој се случил синоќа, мажот користел мал теренски автомобил за да пробие низ вратите на спортскиот центар и да влета меѓу луѓето кои вежбале таму.

Вашингтон - Биткоинот урива нови рекорди со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, и пред да затворат берзите синоќа достигна 89.000 долари, за да се врати и да остане на околу 87.500 долари. Во меѓувреме, по растежот вчера акциите на Тесла малку намалија од вредноста.

Фјучерсите во САД беа  малку пониски откако главните берзи  S&P 500, Dow industrials и Nasdaq Composite достигнаа највиско ниво. Исто така, профитите од обврзниците се зголемија. Азиските пазари во голема мера забележаа пад. „Волстрит журнал“ објави дека новоизбраниот претседател Трамп се очекува да го номинира Марко Рубио, јастраб во однос на Кина, за свој државен секретар и го избра Мајк Волц за свој советник за национална безбедност. 

Исламабад - Пакистан денеска воведе нови мерки за контрола на токсичниот смог по предупредувањето на Обединетите нации дека повеќе од 11 милиони деца може да бидат изложени на ризик од инфекции на белите дробови, јави ДПА.

Пакистанската влада нареди затворање на училиштата низ целата провинција Пенџаб, додека пазарите ќе бидат затворени во 20 часот, а сите јавни и приватни фирми се упатени да го намалат персоналот за половина, изјави регионалната министерка, Маријум Ауранџеб.

Бејрут - Серија израелски напади беа извршени денеска врз јужните предградија на Бејрут, упориште на движењето Хезболах, откако израелската армија повика на евакуација, јавија либанските медиуми, без да прецизираат дали имало жртви.

Либанската агенција АНИ јави дека израелските воздухопловни сили извршиле десет напади врз јужните предградија.

Мадрид - Шпанската метеоролошка служба AEMET издаде обновени предупредувања за невреме во поголемиот дел од земјата од денеска до четврток, две недели откако дождовите и поплавите однесоа повеќе од 220 животи, повеќето од нив околу источниот град Валенсија.

Властите на Валенсија го намалија бројот на исчезнати на 23 од 32, откако продолжија со пребарувањата главно во морето и во крајбрежните мочуришта користејќи бродови, дронови и опрема за ехо.

Берлин - Кандидатот за германски канцелар од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека, доколку победи на изборите, има намера да и постави ултиматум на Русија.

Тој во интервју за „Штерн“ рече дека на Владимир Путин ќе му даде 24 часа да одговори на барањето за прекин на непријателствата во Украина.

Москва - Руските пратеници денеска усвоија закон со кој се забранува промовирање живот без деца, во контекст на демографската криза влошена од конфликтот во Украина и одбраната на „традиционалните вредности“.

Текстот допрва треба да биде одобрен од Горниот дом на Парламентот на 20 ноември и да го потпише претседателот Владимир Путин.

 

 

Остани поврзан