• четврток, 26 декември 2024
МИА Флеш

25 декември 2024 

Скопје - Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната седница донесе одлуки за определување на судиите Беким Мехмеди и Мирослав Георгиевски за в.д. претседатели соодветно на Апелационен суд Гостивар и Основен суд Кратово.

Во кусата дебата од членовите на Судскиот совет беше кажано дека за в.д. претседател на Апелационен суд Гостивар единствен пријавен кандидат е судијата Мехмеди, досегашниот претседател на овој Суд. За овој кандидат формираната Комисија утврдила дека ги исполнува уловите, по што е донесена одлука да продолжи како в.д. претседател се додека не се изврши избор на претседател на АП во Гостивар, за што постапката е во тек и е при крај. 

Скопје - Сојузот на здруженија на лица со дијабетес на Северна Македонија, денеска достави барања за подобра здравствена заштита до Влада, Министерство за здравство и до Фонд за здравствено осигурување, информираа од СЗДСМ. Како што соопштија оттаму, се работи за барањa за задржување на нивото на квалитет на инсулини и иновативни терапии за лицата со дијабетес, обезбедување поквалитетни достапни помагала. Станува збор, како што појаснија, за приоритети дефинирани во Стратешкиот план 2024-2028, како и постојаните барања од страна на над 130.000 + лица со дијабетес во државата.

- Уште еднаш го изразуваме нашето, големо незадоволство како претставници на над 130.000+ лица со дијабетес во Република Северна Македонија, од немањето позитивен одговор ниту активност за нашите барања, за соодветна грижа преку обезбедување најсовремена терапија за да се спречат сериозните здравствени компликации со кои се соочуваат лицата со дијабетес во Република Северна Македонија, подвлекоа од Сојузот. 

Скопје - Историска голема исплата за субвенции за земјоделците е направена како никогаш досега откако е независна Македонија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера објави дека е започната исплатата на субвенциите за земјоделците.

- И тоа е нешто што навистина претставува големо постигнување, повеќе од 28 милиони евра се исплатени само во последниот период. Инаку, вкупно во цела година се исплатени, а посебно последните шест месеци за 400 милиони повеќе од она кое што претставува историски најголем резултат.  Но тука не треба да се игнорира и заборави дека имаме историска највисока цена за лозарите, за тутунарите, за останатите земјоделски култури коишто навистина претставуваат исклучителни рекорди, коишто досега се незабележани, истакна премиерот. 

Скопје - Институциите од денеска ќе реагираат во однос на цените во маркетите, а доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи реакцијата ќе биде уште по робусна во периодот што следи, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по отпочнувањето на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода, претседателот на Владата не откри со какви мерки ќе се соочат трговците, туку нагласи дека граѓаните ќе бидат сведоци на тоа во периодот што следи.

Скопје - Бројот на регистрирани земјоделци во земјава денес е околу 65 000, за разлика од пред десетина години кога изнесуваше 90 000, лозарството е во сериозен пад, а сточарството брои 140 000 грла крупен добиток иако пред речиси една деценија имаше 260 000, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. 

Трипуновски денеска, на прес-конференција, рече дека Владата се занимава со исплаќање заостанати субвенции кои требало да бидат тековно исплатени кон сите земјоделци.

Скопје - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска, на прес-конференција во Владата, соопшти дека за шест месеци се исплатени над 4,3 милијарди денари субвенции, а за два дена се префрлени над 1,7 милијарди денари на околу 78 000 земјоделци.

Како што истакна Трипуновски, Владата ја покажува грижата за македонските земјоделци на дело. -Владата со ребалансот обезбеди над 1 250 000 000 денари за да ги исплати заостанатите обврски кон македонските земјоделци. Работевме напорно изминатите шест месеци и ги исплативме сите заостанати обврски од претходните години во висина од над 2,5 милијарди денари. Претходните два дена, пак, исплаќавме субвенции за 2024 година. Над 294 милиони денари кон 4 533 производители за кравјо, овчо и козјо млеко се исплатени за првите шест месеци од годинава, со околу 83 милиони денари кон 10 727 македонски земјоделци е исплатена мерката 1.4 Директни плаќања за обработлива земјоделска површина, а повеќе од 392 милиона денари кон 23 626 земјоделци се реализирани за мерката 1.1. Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури, рече министерот.

Скопје - Децата се наш прв приоритет и политиката на оваа Влада е токму во таа насока, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски и им се извини на жителите на Арачиново и Липково за непријатностите, одговарајќи на новинарско прашање околу проблемите поврзани со детска градинка, тема што беше актуелна деновиве во јавноста. 

-Утрово разговарав со Фатмир Лимани и во текот на денот, членови од неговиот кабинет, шефот на кабинет ќе стапи во комуникација со администрацијата во Општина Арачиново и во Општина Липково и на тој начин ќе биде надминато сево ова што беше тема во јавноста деновиве, бидејќи согласностите се добиени, рече Мицкоски. 

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ги коментира случаите со најавената амнестија за организаторите во настаните од 27 април и случајот со злоупотреба на пари во „Државна лотарија“.  

-Тоа е судска одлука. Јас не би имал што да додадам, што да коментирам. Се сеќавате и во текот на расправата и во текот на претресот имаше контроверзни изјави од многумина од учесниците во овој процес така што јас би се воздржал од каков било дополнителен коментар, рече премиерот Мицкоски, кој беше на започнување на проектот за реконструкција на коловозот на патот кон Манастирот „Пеленица“ во Општина Кисела Вода. 

Скопје - Доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што истакна на денешната прес - конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе де донесе одлука дали ќе се донесат поригорозни мерки. Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници.

Скопје - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска упати честитка до верниците кои го прославуваат Божикќ по Грегоријанскиот календар.

-Честит Божиќ на сите верници од католичка вероисповед!Нека овој празник ви донесе мир, љубов и радост, а неговото значење нека ви биде поттик за нови почетоци и меѓусебна поддршка, вели Минчев.

Скопје - Македонскиот долгометражен филм „Стела“ ќе биде дел од образовните програми во Шведска. Ова признание е од исклучителна важност за македонската кинематографија бидејќи филмот ќе се користи како средство за учење на македонскиот јазик и за запознавање со културата и природата на Македонија.

„Стела“ е првата македонска зелена продукција, создадена во копродукција меѓу „Дрим фактори“ (Македонија), „Акција Продукција“ (Србија) и „Моуна“ (Германија), со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија и Филмскиот фонд на Баден Вуртемберг во Германија. Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продуцент е Огнен Антов.

Белград - На српскиот министер за информирање и телекомуникации Дејан Ристиќ синоќа му беше забранет влез во Косово.

Во соопштението на Министерството се наведува дека иако посетата на Ристиќ била најавена во согласност на процедурите, него еден час пред да пристигне во Косово му е забранет влезот.

Анкара - Турските воени сили убиле 21 курдски борец во Северна Сирија и Ирак, соопшти денеска турското Министерство за одбрана.

Во соопштението се наведува дека во Северна Сирија биле убиени 20 борци на Курдската работничка партија (ПКК) и на сириските Курди од „Сили за заштита на народот“ (YPG), кои се подготвувале да извршат напад.

Пекинг - Кина и Јапонија постигнаа договор за билатерален дијалог за безбедност следната година, соопшти јапонскиот министер за надворешни работи, Такеши Иваја, во Пекинг.

Иваја ја даде изјавата за медиумите по работниот ручек со неговиот кинески колега Ванг Ји. Главна тема на состанокот беше кинеската забрана за увоз на морски производи од Јапонија, воведена во август 2023 година, како резултат на испуштањето на пречистена радиоактивна вода од оштетената нуклеарна централа „Фукушима“.

Атина - Изјавата на турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу дека кога ќе биде вистинско време, Турција и Сирија ќе потпишат договор за одредување на Ексклузивната економска зона, предизвика реакции во Грција. Дипломатски извори коментирале дека ситуацијата во Сирија не дозволува озаконување на таков договор, додека од опозициската СИРИЗА побараа санкции за Турција во случај да се потпише договорот, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што објавија медиумите во Грција, турскиот министер рекол дека договорот е дел од пошироката стратегија која вклучува воздушни, железнички и комуникациски проекти, но и дека со Сирија ќе спроведат истражувања за нафта и јаглеводороди.

Брисел - На активностите на човекот кои оставаат последици врз животната средина несомнено се вбројува и модерниот косумеризам за време на Божик и Нова година, кој исто така влијае врз „здравјето на Земјата“.  

„Среде соба високо елката ни стои....“ и ако е природна таа испушта 16 килограми гасови еквивалент на јаглерод диоксидот по нејзиното складирање по употребата. Ова количество на емитувани штетни гасови е поголемо од она што би се ослободило при расцепкување на природната елка и при нејзино спалување.  

Лондон - Околу еден милион возрасни лица во Велика Британија се чувствуваат поосамени за време на Божиќните празници отколку другите денови, покажува најновото истражување.

Резултатите од истражувањето на хуманитарната организација „Ејџ Ју-Кеј“ (Age UK) покажуваат дека околу 590.000 луѓе над 65 години за Божик немаат со кого да разговараат или да се сретнат, додека 1,4 милион луѓе сами ќе вечераат за време на празникот.

Астана - Казахстанските медиуми соопштија дека 32 лица го преживеале падот падот на патничкиот авион во близина на Актау, додека 35 загинале.

Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало државјани на пет земји - 37 Азербејџанци, шест државјани на Казахстан, тројца државјани на Киргистан и 16 Руси.

Бања Лука - Парламентот на Република Српска утрово донесе заклучоци со кои се обидува да го блокира судењето на претседателот на ентитетот, Милорад Додик. Тужбата против Додик на Судот на БиХ е за непочитување на одлуките на Високиот претставник на меѓународната заедница, што претставува кривично дело со казна до пет години затвор.

Седницата на Народното собрание беше свикана од претседателот Ненад Стевандиќ синоќа, додека се чека рочиштето закажано за 30 декември. Стевандиќ и другите водечки личности од владејачката коалиција побараа Додик и директорот на „Службени гласник“ на РС, Милош Лукиќ, да не се појават на рочиштето додека претседателот не се опорави.

Пекинг - Кина следната година планира да продаде специјални трезорски обврзници од три билиони јуани (411 милијарди долари), со цел да ја поттикне економијата.

Средствата од обврзниците ќе бидат употребени како субвенции за потрошувачката, надградба на бизнис опремата, како и вложување во клучната технологија и напредните производствени сектори.

Хонолулу – Вулканот Килауеа на Големиот остров на Хаваи синоќа, втор ден по ред, еруптираше. Тоа е трета ерупција оваа година.

Вулканот исфрли големо количество лава. Ерупцијата се случи во подрачје што е затворено за јавност од 2007 година поради нестабилност на ѕидовите на кратерот и одрон на камења.

Остани поврзан