• вторник, 24 декември 2024
МИА Флеш

24 декември 2024 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека разговарале со министерката за образование Весна Јаневска и најави можност за реалоцирање средства со цел да се обезбеди бесплатен автобуски превоз за студенти за Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП)-Скопје. Мицкоски оваа најава ја соопшти од Црешово во Општина Гази Баба, каде беше на свечено пуштање на употреба на спортска сала.

- Овие средства во разговор со министерката ги предвидовме за следната година. Претходната Влада не ги предвидела овие средства нити потпишала договор, мислам дека се тоа 120 милиони денари за следната година. Тоа е далеку од она што е потребно на ЈСП, но ние излеговме во пресрет кога требаше да се интервенира за да се обезбеди нафта за да можат автобусите да се сообраќаат соодветно и да превезуваат патници. Се што е во интерес на граѓаните ние ќе направиме, граѓаните не смеат да трпат. Во рамките на нашите ингеренции се разбира. Не смееме ни ние како Влада да излеземе надвор од нашите ингеренции бидејќи утре ќе бидеме обвинети дека ненаменски сме потрошиле пари од буџетот, истакна Мицкоски на новинарско прашање дали ќе има пренамена на средства.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи и најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена. 

- На седница на Влада ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, јајца, брашно.... Жестоко ќе се спротиставиме со оние што мислат дека не надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно и денеска од страна на министерот за економија и труд ќе побарам вонредна инспекција и ова девијатно однесување да престане, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на спортска сала во населено место Црешово во општина Гази Баба. 

Скопје - Во 2025 година ќе растат платите на сите вработени во државата, но нема да растат платите на функционерите, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

-Ќе се бориме сите вработени во државата да добијат повисоки плати, ќе работиме на тоа, но нема тоа право да го имаат функционерите. Тоа го кажавме и тоа го правиме. Правиме измена на законското решение со кое што нема да има покачување на функционерските плати. Оваа измена на законот наскоро ќе биде пред пратениците, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во населено место Црешево во Општина Гази Баба.

Скопје - Размислуваме за неколку потези што ќе ги преземеме после празниците затоа што и покрај најавите дека се поминати оние синдроми на анксиозност, дијареја, грчеви, покачена температура, се уште гледам дека тие процеси траат кај одредени обвинители и судии, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека граѓаните мора да добијат правда. 

-Граѓаните ја очекуваат правдата и ние планираме ваков тип на акции во периодот којшто следи да преземеме затоа што граѓаните очекуваат правда, рече Мицкоски во одговор на прашањето дали се планира смена на членови на Судски совет преку Собранието, дадено по поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во населено место Црешево во Општина Гази Баба.

Скопје - Народот е мудар, без разлика на етничката припадност и ги одбива политичките пораки од опозицијата, заклучи денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поставување камен темелник на спортска сала во Општина Гази Баба.

Прашан за коментар по изјавите на ДУИ дека Владата нема легитимитет, тој посочи дека над 600.000 граѓани на 8 мај го дале својот глас за оваа Влада и оти е една од ретките со околу 80 пратеници во Парламентот.

Скопје - Модернизација и опремување на Aрмијата, обезбеден услов од два проценти од Буџетот за одбраната, како и зголемување на стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата се трите столба кои се приоритет на Министерството за одбрана и АРМ кои ги најави министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешниот предновогодишен брифинг со новинарите. Од наредната година започнува постапка за прием на нови 300 војници.

-Во однос на буџетот би сакал да информирам и да истакнам дека условот за минимум 2 проценти наменет за одбраната е испочитуван. Гледано во пари тој изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти, односно 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе, истакна Мисајловски.

Париз - Ајфеловата кула во Париз денеска беше евакуирана откако изби пожар. Пожар бил забележан во еден од лифтовите на Ајфелова кула, поради што посетителите биле евакуирани. Пожарот набрзо е изгаснат.

Според локалните медиуми евакуирани била околу 1.200 луѓе, а како причина за пожарот, според првичните информации, е „прегревање на кабелот“.

Белград - Голем број градови и општини во Србија оваа година решија да ги откажат новогодишните прослави на јавните плоштади како знак на почит кон жртвите од трагичниот настан во Нови Сад, кој се случи на 1 ноември. Тогаш, по уривање на покрив на железничката станица, животот го загубија 15 лица, а две беа тешко повредени, пишува Н1.

Градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, изјави дека одлуката за откажување на дочекот на Новата година и Стара Нова година е донесена од пиетет кон жртвите и солидарност со нивните семејства.

Тирана – Албанската влада донесе одлуката за учество на албански вооружени сили во командата на НАТО во Визбаден, Германија, за помош и обука на украинските сили.

Според одлуката, во оваа мисија ќе бидат ангажирани четворица албански воени старешини, чија цел е давање помош и обука на персоналот на украинските вооружени сили.

Тирана - По синоќешниот протест на опозицијата во Тирана, со две и пол часовно блокирање на пет главни улици во градот, и судири со полицијата, во притвор завршија седуммина учесници, додека кривични пријави поднесени се против 21 пратеник и 19 претставници на политички партии.

-Притворените се на возраст од 21 до 59- годишна возраст, а се товарат за „Попречување на нормалното одвивање на сообраќајот“ „Спротивставување на полициски службеник“ „Организирање и учество во собири и нелегални демонстрации“ „Нарушување на јавниот ред и мир“. Под истите обвиненија  против 21 пратеник и 19 претставници на политички партии, се поднесени кривични пријави и ќе се бранат од слобода, стои во полициското соопштение.

Москва - Судот во Русија денеска  осуди американскиот државјанин Џин Спектор на 15 години затвор поради шпионажа.

Спектор покрај затворската казна треба да плати и парична казна во висина од 14 милиони рубљи (134.000 евра).

Брисел - Родовиот јаз меѓу вработените ширум Европа и натаму е значителен во корист на мажите, како во однос на висината на платите, така и при нееднаквост во пристапот до работа, напредувањето и наградувањето. 

Според податоците на Евростат, мажите во ЕУ во просек заработуваат за 12,7 отсто повеќе од жените, при што Луксембург е единствената земја меѓу членките на Европската Унија каде просечните плати на жените се повисоки од оние на мажите и тоа за 0,7 проценти.   

Тел Авив - Двајца поранешни припадници на Мосад за американската телевизија „Си-би-ес Њуз“ (CBS News) објаснија како го измамиле Хезболах да купи илјадници воки-токи и пејџери произведени во Израел.

Според нив, припадниците на Хезболах десет години ги користеле израелски пејџери и воки-токи наполнети со експлозив, пред истите да експлодираат во септември годинава. При експлозија на воки-токи и пејџерите десетици луѓе загинаа, а илјадници беа повредени.

Тел Авив - Израелскиот Парламент денеска изгласа продолжување на вонредната состојба за уште една година и ќе трае до 25 декември 2025 година.

„За“ продолжување на вонредната состојба гласаа 29 пратеници од вкупно 120, а другите беа отсутни или „воздржани“.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им порача на христијаните низ светот дека Израел ќе продолжи да се бори против „силите на злото“, додека војната во Појасот Газа ја засенува прославата на Божиќ за христијаните во Израел и на палестинските територии.

„Израел го предводи светот во борбата против злото, но нашата борба не е завршена. Со ваша поддршка и со Божја помош, уверувам дека ќе победиме“, изјави Нетанјаху во видео порака.

Техеран - Иранските авиокомпании нема да летаат за Сирија до крајот на јануари 2025 година, соопштија денеска локалните медиуми, две недели по смената на сирискиот претседател Башар ел Асад, долгогодишен сојузник на Техеран.

- За да летаме, земјата-дестинација мора да издаде дозвола за влез. Летовите за Сирија нема да бидат дозволени пред 22 јануари, изјави шефот на иранската Организација за цивилна авијација Хосеин Пурфарзане.

 

 

Остани поврзан