11 ноември 2024
Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска на научно – стручната трибина во Домот на Армијата посветена на функционалноста на одбранбено – заштитниот систем ги потврди трите главни цели за одбраната – интензивирање на реформската агенда, вклучувајќи ја и модернизацијата на Армијата, целосно почитување на обврските на Министерството кон вработените и припадниците на Армијата и стабилното буџетирање на одбраната како основа за развој, информираат од МО.
- Процесот на модернизација тече согласно сите планови. Реализираме навистина значајни проекти со кои новата, модерна, софистицирана опрема согласно највисоките стандарди на НАТО станува и наша реалност, рекол Мисајловски.
Тој ги споменал проектите за модернизација како набавката на лесните оклопни возила JLTV и Stryker, системот за противвоздушна одбрана Mistral 3, артилериската опрема, одржувањето на постојната хеликоптерска флота и набавката на нови хеликоптери за Армијата.
Министерот се осврнал и на вработените во Армијата и одбраната за кои рекол дека се професионалци кои ги водат најсериозните процеси во државата, а истовремено тие се и првите кои излегуваат на терен во поддршка на секој македонски граѓанин.
Скопје - Граѓаните од денеска за неколку секунди до максимум минута или две ќе може да вадат имотни листови преку новиот портал „е-услуги“ на Агенцијата за катастар на недвижности.
Порталот https://e-uslugi.katastar.gov.mk/ овозможува брз електронски пристап до вкупно 94 различни катастарски услуги, но и покрај неговото активирање, досегашната веб страница https://ossp.katastar.gov.mk/OSSP/ останува во функција до 31 декември 2024 година. По 1 јануари 2025-та, корисниците ќе имаат пристап до услугите на Катастарот исклучиво преку новиот портал.
Како што рече директорот на Агенцијата Иван Живковски, сепак, не се исклучува можноста граѓаните, правните лица и останатите корисници да ги бараат услугите и преку шалтерите на Катастарот.
-Станува збор за нов проект кој им овозможува на корисниците услугите да ги добијат веднаш по нарачката преку електронска пошта, што значително го скратува времето и го олеснува пристапот за граѓаните и правните лица. До крајот на годината ќе бидат додадени уште десетина нови услуги, а во текот на 2025 година се предвидува дополнително проширување за уште десет услуги. Исто така, сите корисници ќе можат да се најавуваат преку Системот за единствена најава (СЕН), управуван од Министерството за дигитална трансформација, рече Живковски на прес-конференција.
Скопје – Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници денеска ја одржа првата конституивна седница.
Со Комисијата претседаваше пратеникот Талат Џафери. За успешноста на работата на Комисијата, членовите донесоа заклучок до Владата да се достави „Барање за доставување на Акцискиот план за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт“.
Како што рече Џафери, Владата има рок до 15 декември да го достави овој Акциски план до Собранието.
Потпретседател на Комисијата на Собранието на Република Северна Македонија за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници е Муса Џафери. Членови се пратениците Антонијо Милошоски, Александар Велјановски, Драган Ковачки, Ѓорѓија Сајкоски, Дафина Стојаноска, Драган Недељковиќ, Салим Сулејмани, Илир Демири, Сали Мурати, Миле Цеков, Фатмир Битиќи, Соња Мираковска, а заменик-членови пратениците Ели Панова, Мевмед Џафери, Бојан Стојаноски, Благица Ласовска, Игор Здравковски, Малиша Станковиќ, Имрлије Салиу-Фетаи, Елми Азири, Илир Хасани, Даниел Стојчевски, Борче Цветков и Моника Зајкова.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари сѐ уште не го добил извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од вонредниот надзор на Клиниката за детски болести по смртта на петгодишното девојче со воспаление на мозокот.
Како што рече, очекува да го добие денеска или утре, но по обвинувањата за чести смртни случаи на Клиниката смета дека „посебно албанската опозиција се обидува на секаков начин да прикаже дека сега е сѐ катастрофа откако тие не се на власт“.
Во изјава за медиумите пред настан на кој беа презентирани резултати од воздухот во училишта и градинки во пет општини во државава, Таравари изјави дека и да биле „една, две, три години на власт, здравствениот систем повторно не може преку ноќ или за неколку месеци да се подобри“.
-Ова што се случува е, секако, последица на тоа што го наследивме. Меѓутоа, како и да е, не треба да се политизираат случаи кога детето било болно и навистина патологијата била тешка, бидејќи од менингоенцефалитис секаде на светот починуваат деца, за жал, па се случува и кај нас. Директорот покажа и статистика за морталитетот на клиниката, така што не е нешто спектакуларно како што прикажуваат. На некаков начин сакаат да го тргнат вниманието на јавноста од реалните проблеми, па како да го критикуваме Таравари или директорот на Детската клиника, ќе кажеме дека починало некое дете. Кога се работи за лекарски пропусти, ние презедовме чекори, но за тешки пациенти, кои имаат сериозни болести, болниците се место каде што се лекуваат и, за жал, некои луѓе и починуваат, рече министерот.
Скопје - Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите да ја проверат подготвеноста на возилото за зимски услови на патиштата.
Во рамки на кампањата „Користи зимска опрема“, РСБСП ги потсетува возачите на моторни возила на законската обврска за поседување на зимска опрема во возилото (независно на тоа дали се вклучени во сообраќајот во населено место или надвор од населено место) од 15 ноември оваа година до 15 март следната година.
- Неповолните временски услови на патиштата (влажни коловози, пониски температури, врнежи на дожд и снег, намалена видливост) може да го зголемат времето на реакција на возачите, да ги деконцентрираат, да го продолжат сопирачкиот пат на возилото и друго. Затоа РСБСП советува да се провери возилото и да се подготви за зимските услови, да се почитува законската обврска за носење на зимска опрема и да се придонесе за побезбедно учество во сообраќајот на патиштата, велат од РСБСП.
Скопје- Република Северна Македонија активно пристапува кон подобрување на состојбата на Ромите од сите општествени, економски, социјални и културолошки аспекти, покажува Извештајот за состојбата со напредокот во инклузијата на Ромите во државава.
На денешната презентацијата на извештајот во хотел „Арка“, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, истакна дека најголемата одговорност за почитувањето на човековите права ја имаат оние кои носат одлуки, но истовремено, најдобар партнер на властите се граѓаните и сите кои што соработуваат со институциите.
-Наша обврска е да создадеме општество во кое граѓаните независно на која етничка припадност се, се чувствуваат сигурни и имаат еднаков пристап до ресурси за напредок, рече министерот.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадор Килијан Вал, ја поздрави ангажираноста на Северна Македонија и рече дека патот до целосна еднаквост сѐ уште останува и бара континуирана акција.
Скопје - Истражување за квалитетот на воздухот во јавните училишта и градинки спроведено во пет општини (Гостивар, Струга, Куманово, Струмица и Кавадарци) покажало дека сличен е проблемот како и со амбиентниот воздух бидејќи е надминат дозволениот лимит на суспендирани цврсти честички, но другите загадувачи, како гасови и биоаеросоли, биле во прифатливи граници. За разлика од надворешната загаденост, за внатрешната има повеќе можности за справување со проблемот.
Истражувањето е дел од проектот за справување со загадувањето на воздухот во наведените пет општини, имплементиран од УНДП и со финансиска поддршка од Шведска. Резултатите ги презентираше професорот од Штипскиот универзитет Дејан Мираковски, кој за медиумите изјави дека во период од скоро една година, согласно методологијата препорачана од Светската здравствена организација (СЗО), успеале да направат анализи на квалитетот на воздухот во просториите каде што престојуваат деца и ученици.
Посочи дека генерално, нема директна поврзаност на надворешниот и внатрешниот воздух и дека во зима, кога надвор се екстремно високи концентрациите, нема пробивање во внатрешниот воздух зашто денес постои подобра изолација и објектите се енергетски ефикасни. Како што рече, во текот на зимата има помали концентрации внатре, но во текот на летото концентрациите на штетни честички се повисоки внатре отколку во надворешниот воздух.
Скопје - Укината е забраната за тешки моторни возила на патниот правец Кратово – Пробиштип. Сообраќајот е дозволен за сите типови возила, соопшти АМСМ.
Поради наноси од снег, од 07:00 часот беше во прекин сообраќајот за тешки моторни возила на овој патен правец.
Вашингтон – Поранешниот директор за комуникации на американската потпретседателката Камала Харис, Џамал Симонс изјави дека претседателот Џо Бајден треба да и ја отстапи функцијата на Харис, со што таа ќе стане прва жена претседателка на САД.
- Џозеф Бајден беше феноменален претседател, тој исполни многу од ветувањата што ги даде. Остана уште едно ветување што би можел да го исполни – да биде преодна фигура, истакна Симонс на панел на Си-ен-ен (CCN).
Тој додаде дека Бајден во следните 30 дена може да поднесе оставка од функцијата претседател и да ја постави Харис за претседателка на САД.
- Тоа прашање е под контрола на Џо Бајден. Ако го направи тоа, ќе го исполни своето последно ветување и ќе му даде шанса на Камала Харис да биде 47. претседател на САД, посочи Симонс.
Париз - Министерот за надворешни работи на Франција Жан-Ноел Баро денеска предупреди против носење предвремени заклучоци за идните политики на САД под раководството на Доналд Трамп во врска со војната во Украина, јави ДПА.
Предупредувањето на Баро доаѓа среде некои очекувања дека новата администрација на Трамп би можела да се обиде да склучи мировен договор на штета на украинските интереси.
- Во врска со шпекулациите за можните позиции или иницијативи на новата американска администрација, сметам дека не треба ништо да се прејудицира, изјави Баро на Форумот за мир во Париз, годишен настан за меѓународен дијалог.
- Треба да одвоиме време за да соработуваме со администрацијата, додаде тој, нагласувајќи дека Франција е подготвена да го направи тоа „со амбиција, бидејќи веруваме дека е потребно да ѝ дадеме на Украина средства за да го одбие“ рускиот напад.
Брисел - Европскиот земјоделско-прехранбен сектор е еден од најсамодоволните во ЕУ, која е нето извозник на храна, пред се на основни продукти како месо, млечни производи и житни култури, а е увозник на помошни прехранбени стоки, како кафе, какао и тропско овошје, се наведува во извештајот на Универзитетот во холандскиот град Вагенинген.
Според авторите на извештајот, еден од клучните проблеми на земјоделството во ЕУ е преголемата зависност од увозот од добиточна храна, ѓубрива и енергенси, кои се карактеризираат со нестабилност на нивните цени.
Над 80 отсто од сојата, која е клучна храна за свињите, кокошките и кравите, се увезува од Бразил и Аргентина, додека од трите типа ѓубрива - 30 проценти од азотот зависи од странски фосилни горива, над 60 отсто од фосфатите се од Мароко и речиси 90 проценти од калиумовите ѓубрива потекнуваат од Белорусија и Русија.
Ерусалим - Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар денеска нагласи дека има „одреден напредок“ во врска со прекинот на огнот во Либан, откако израелската армија почна операција во земјата насочена кон Хезболах.
„Има одреден напредок“, рече Сар како одговор на прашањето за можен прекин на огнот.
„Работиме со Американците за тоа прашање“, изјави тој на брифинг во Ерусалим.
Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху првпат не беше поканет на годишната конференција која ги собира еврејските федерации во Северна Америка, објави израелскиот весник „Хаарец“ на платформата Икс.
Весникот наведе дека изоставувањето на поканата за Нетанјаху е одраз на поделбите во САД околу неговата личност, дури и меѓу еврејските организации, кои обично се воздржуваат од критика кон израелскиот премиер и неговата влада.
Истото го потврдија и весникот „Једиот Ахронот“, кој истакна дека оваа одлука за исклучување на Нетанјаху ги открива тензиите во односите меѓу еврејските заедници и организациите и коалицијата на Нетанјаху, особено по излегувањето на Бени Ганц од владата и смената на министерот за одбрана Јоав Галант.
Минск– Министерството за надворешни работи во Минск соопшти дека Белорусија стана земја партнер на БРИКС откако претседателот Александар Лукашенко на 5 ноември преку писмо го информира рускиот колега Владимир Путин, за подготвеноста на земјата да се приклучи на организацијата како партнер.
Лукашенко во писмото наведува дека БРИКС од своето формирање континуирано ја зајакнува мултилатералната интеракција, станувајќи не само симбол, туку и еден од столбовите на мултиполарноста.
Статусот на земја-партнер предвидува континуирано учество на специјални сесии, на самити и состаноци на министрите за надворешни работи на БРИКС. Исто така, можно е да се поканат партнерите и на настани на министерско ниво, особено за трговија, на состаноци со претставници за националната безбедност и на парламентарни форуми. Партнерите можат да се приклучат на финалните документи на БРИКС.
Баку - Дваесет и деветтата Конференција на земјите (КОП) според Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC) свечено беше отворена денеска во Баку, Азербејџан.
Министерот за индустрии и високи технологии на ОАЕ и претседател на COP28 во Дубаи во 2023 година, Султан ал Џабер, го предаде претседателството на КОП на азербејџанскиот министер за екологија и природни ресурси Мухтар Бабаев. Бабаев, пред да влезе во политиката, бил заменик-претседател за екологија на азербејџанската државна нафтена компанија SOCAR.
- Да покажеме повторно дека можеме да се обединиме, да дејствуваме и да постигнеме резултати. Се соочуваме со сложено време, а ОАЕ секогаш ќе ја изберат соработката и дијалогот над провокациите, рече Ал Џабер, посочувајќи на историскиот консензус постигнат во Дубаи, кој многумина го сметаат за невозможен.
Консензусот од Дубаи, според него, е основа за глобалните климатски амбиции и одржлив развој, вклучувајќи договор за праведен и организиран енергетски преод и поставување цели за тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија, двојно зголемување на енергетската ефикасност и запирање на уништувањето на шумите до крајот на деценијата.