• петок, 28 февруари 2025
МИА Флеш

   27  февруари 2025

 

 

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на Славјанка Петровска од СДСМ за гласањето за резолуцијата за Украина, рече дека земји-членки на ЕУ немале заеднички став, и логично било да се поддржи резолуцијата на САД. Мицкоски од собраниската говорница праша ако биле против зошто земји-членки на ЕУ не гласале така на Советот за безбедност на ОН.  

-Одлуката беше таква, затоа што имавме избор дали да застанеме меѓу првите во редот заедно со нашиот стратешки партнер САД или да поддржиме заеднички став на Европската Унија. Кога видовме дека во Европската Унија нема заеднички став по резолуцијата, тогаш беше логично да застанеме позади резолуцијата која што ја предложија САД, изјави премиерот Мицкоски. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски денеска остварил средба со американската амбасадорка Анџела Агелер, на којашто било потврдено стратешкото партнерство меѓу двете земји.

-На средбата го потврдивме силното и стратешко партнерство меѓу нашите две земји, со фокус на зајакнување на демократските вредности, економскиот раст и регионалната безбедност. Партнерство за кое сведочат и билатералните посети на високо ниво, реализирани во изминатиот период, објави Муцунски на официјалната Фејсбук страница.

Скопје - Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство изрази длабоко несогласување и загриженост за предложените измени на Законот за полиција. Според нив, овие измени претставуваат чекор назад во заштитата на жртвите на семејно и други форми на насилство врз жени, воведувајќи несигурност и дополнителни бариери кои ја влошуваат безбедноста на жртвите.

Како што информираат оттаму, со важечкиот закон на полициски службеник кој сторил семејно насилство оружјето ќе му се одземе штом ќе се добие известување од надлежниот центар за социјална работа и одземањето трае сѐ до правосилно завршување на судската постапка која се води против тој службеник.

Скопје – Инфлацијата на храната во времето на владата на СДСМ стигна и над 30 проценти, а денеска е многу пониска и од три проценти, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во одговор на пратеничко прашање.

-Најмалку од сите имате право да коментирате за трошоци и за патни трошоци во кои администрацијата во Министерството за одбрана ја ставивте на исто ниво со пратениците, а сметам дека не треба да биде така. Ве повикувам дајте издржан, конструктивен предлог со кој нема да се наруши интегритетот и достоинството на пратениците и нема никаков проблем, ќе го решиме, и рече Димитриеска Кочоска на пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ која и го постави прашањето.

Штип – Амбасадорот на Велика Британија во Република Северна Македонија, Метју Лосон денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на која разговарале за привлекување англиски инвестиции и во кои сфери може да се зајакне соработката меѓу двете држави.

Градоначалникот Јорданов на амбасадорот Лосон му го презентираше проектот за доизградба на новата Клиничка болница-Штип.  

Штип – Понекогаш и да не сме во иста насока за одредена работа во надворешната политика секогаш стоиме заедно цврсто како партнери во НАТО и ќе продолжиме понатаму да работиме заедно во таа насока за стабилност и безбедност на регионот, изјави денеска при посетата на Штип aмбасадорот на Обидинетот Кралство во Република Северна Македонија, Метју Лосон, кој одговараше на новинарско прашање за гласањето на нашата земја на Генералното Собрание во ООН за резулацијата за Украина.

-Морам да кажам дека Украина ќе остане приоритет за Обидинетот Кралство. Ние сме заедно со Република Северна Македонија партнери во НАТО и работиме заедно на стратешките цели и на заедничко постигнување на надворешната политика, изјави Лосон.

Скопје - Во Кавадарци утрово во 00.30 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци ги лишиле од слобода Т.Б.(27) и П.А.(27) од Кавадарци.

Тие биле фатени веднаш по извршување „тешка кражба“ во паркирано товарно возило и работна машина во Кавадарци, при што одзеле нафта и други предмети.

Скопје - Бројот на живородени деца во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со истиот период од 2023 година, е намален за 4,2  проценти и изнесува 3 968 живородени деца.

Како што објави денеска Државниот завод за статистика, бројот на умрени лица во четвртиот квартал минатата година бележи намалување од еден процент во споредба со истото тримесечје од 2023 година и изнесува 5 174 лица, а од нив 10 се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен и изнесува -1 206, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.

Струга - Недостигот на квалитетни работни места, нискиот животен стандард, неконкурентниот пазар на труд, недоволната поддршка за младинско претприемништво, недовербата во институциите и ограничените културни и социјални содржини се главни причини поради кои младите се иселуваат од Струга. Ова го покажало истражувањето „Зошто младите се иселуваат од Струга?“ што го спроведе здружението „Аква“ на 500 испитаници на возраст од 16 до 19 години, во рамки на проектот „Практикувај демократија”, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Крива Паланка - Осум проекти од литературна дејност, пет од фолклорната и повеќе проекти од музичко-сценска, ликовна дејност на Националната устанива Центар за култура Крива Паланка се поддржани со годишната програма на Министерството за култура и туризам, со вкупен буџет од 1.625.000 денари.

Вршителката на должност директор на НУ Центар за култура Крива Паланка, Даниела Петровска, упати благодарност до Министерството за поддршката на разноликата и богата културна програма што центарот ќе може да ја реализира благодарение на одобрените финансии по планираните програмски дејности.

Скопје - Поранешниот пратеник и лидер на партијата ПЦЕР – Самка Ибраимовски, се жали на пресудата за издавање казнен налог од Основен Кривичен суд Скопје со која е огласен за виновен за кривично дело „загрозување на сигурноста“ во врска со неговиот фејсбук статус за одлуката на Уставниот суд согласно која рокот на застареност на побарувањата на доверителите останува десет години.

Битола - НУ Народен театар-Битола во 2025 година ќе има 10 премиерни претстави, а Министерството за култура и туризам ќе финансира четири проекти, најави Васко Мавровски, директор на битолскиот театар.

На прес - конференција што се одржа на новата сцена на театарот, Мавровски ги претстави актерите и авторот на текстот за првата годинешна премиера „Жиголо“ која ќе се одигра на новата сцена во таа национална установа.

Брисел – Ако Европската Унија сака да стане уште порелевантен играч, а не само плаќач за одбраната, неопходно е да преземете веродостојни чекори за подобрување на воената мобилност и да ја засили својата оперативна визија, смета шефот на Воениот комитет на ЕУ и главен воен советник на високата претставничка на блокот за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, австрискиот генерал Роберт Бригер. 

Тој во интервју за „Еурактив“ посочува дека ЕУ мора да работи на зајакнување на своите одбранбени капацитети и да ги дефинира своите приоритети преку координиран и кооперативен пристап, но и да води сметка за потребите на армиите на земјите членки. 

Истанбул - Разговорите меѓу Русите и Американците за работата на дипломатските претставништва започнаа денеска изутрината во Истанбул, во контекст на се поголемото приближување на Москва и Вашингтон по изразувањето желба за решавање на конфликтот во Украина.

Овој состанок зад затворени врати, предводен од руски и американски дипломати во резиденцијата на американскиот генерален конзул, е втора средба меѓу претставниците на двете сили, по онаа што се одржа на 18 февруари во Саудиска Арабија.

Варшава - Мнозинството Полјаци не мислат дека досегашните активности на американскиот претседател Доналд Трамп и начинот на кој тој се обидува да преговара за завршување на војната во Украина ја зајакнуваат нивната безбедност, покажува новата анкета на агенцијата ИБРИС направена за весникот „Жечпосполита“.

Додека 36,5 отсто од анкетираните веруваат дека можат да се чувствуваат побезбедно, 56,9 отсто не веруваат дека начинот на кој Трамп ги води преговорите придонесува за нивната безбедност.

Хамбург - Штрајкот на вработените во јавниот сектор на пристаништето во Хамбург во голема мерка го парализираше товарниот бродски сообраќај кон најголемото и најважното пристаниште во Германија, потврди денеска за ДПА портпаролот на пристанишната управа на Хамбург.

Големите контејнерски бродови на кои им е потребна пилотација за да се движат по реката Елба меѓу Северното Море и пристаништето Хамбург не можат да се движат, бидејќи чамците за пренос што ги преместуваат пилотите меѓу брегот и бродовите се затворени поради штрајкот.

Киев - Третата светска војна веќе е во тек, бидејќи руско-украинската војна ги инволвира повеќето развиени земји во светот, изјави денеска шефот на Украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов, пренесе Укринформ.

-Ова е филозофско прашање. Зависи како гледате на тоа. За мене е (Трета светска војна), во неа се вклучени апсолутното мнозинство најсилни и најразвиени земји во светот, тоа е само факт, рече Буданов на прашањето дали војната во Украина може да се смета за Трета светска војна.

Дамаск - Повеќе од 1.000 Сиријци починале во притвор на воен аеродром на периферијата на Дамаск за време на режимот на поранешниот претседател на земјата, Башар ал-Асад, покажа извештајот на Сирискиот центар за правда и одговорност.

Во извештајот на организацијата се наведува дека гробниците биле идентификувани со помош на сведоштва, сателитски снимки и фотографии од аеродромот во предградието на Дамаск, Мезе, по падот на Асад во декември.

Могадишу - Етиопискиот премиер Абиј Ахмед денеска е во посета на Сомалија, што го означува подобрувањето на односите меѓу двете соседни земји по наглото зголемување на тензиите минатата година.

Ахмед беше пречекан во главниот град на Сомалија, Могадишу, од сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд.

Санта Фе - „Оскаровецот“ Јуџин - Џин Хекман почина вчера на 95-годишна возраст. Во изјава за тамошните медиуми, окружниот шериф на Градот Санта Фе, Ејдан Мендоза рече дека Хекман и неговата сопруга - пијанистката Бетси Аракава, биле пронајдени мртви вчера попладне, во нивниот дом во главниот град на американската сојузна држава Ново Мексико.

„Може да потврдиме дека и Џин Хекман и неговата сопруга беа пронајдени мртви во средата“, соопшти полицискиот оддел на Санта Фе.

Париз – Претседателот на фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј, Пабло Лонгорија, доби забрана да присуствува на следните 15 натпревари во француската лига, откако неодамна го критикуваше судењето.

Паралелно со ова, поранешниот напаѓач на Марсеј, Фабрицио Раванели, сега советник на клубот, е суспендиран на три натпревари.

Лонгорија и  Раванели се казнети за нивните изјави по поразот на Марсеј на гости кај Оксер (0:3) во саботата, во 23. коло од француската лига.

 

 

Тагови

Остани поврзан