• петок, 28 февруари 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  27 февруари 2025

 

 

 

Скопје - Заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајковски преку објава на „Фејсбук“ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. 

Оставката, како што наведува, ја поднесува поради неконзистентноста на јавните политики, неконзистентоста во департизацијата на јавните претпријатија, неконзистентоста во назначувањето и именувањето на директори на јавните претпријатија, поради целосно напуштање на програмата за модерно Скопје, поради безидејноста во справување со проблемите на градот и општините, поради незрелата политичка пресметка со сите градоначалници на општините освен Сарај и неистомислениците. 

- Според обврските и овластувањата кои ни ги дозволува Деловникот за работа на Советот на Град Скопје, се обидував постојано да предлагам конструктивни решенија. За жал, со горчина и разочарување можам само да споделам дека ниту еден мој предлог не бил прифатен ниту реализиран. Деловникот за работа ниту еднаш не го прекршив, а посочував и се борев кога други колеги го правеа тоа свесно или несвесно. Ревносно се борев за изгласување на годишните буџети на градот и програмите на јавните претпријатија, преговарав, дебатирав и аргументирано убедував колеги советници да ги поддржат и да ги гласаат предложените програмски и буџетски точки. Да ми кажеше некој тогаш дека сево ова го правам за да со град Скопје и јавните претпријатија раководи и владее екипа од Сарај и ДУИ уште веднаш ќе одбиев, пишува Трајковски во подолг статус на Фејсбук.

Трајковски, како што вели, не прифаќа да биде заменик градоначалник само на Сарај, ниту градот да удоволува само на потребите на екипата од Сарај.

- Кога се нафатив да бидам заменик градоначалник тогаш градоначалничката наводно беше во битка со партизираните претпријатија. Косана Мазнева која тогаш беше директор на Комунална Хигена влезе во пресметка со екипа која ги тероризираше вработените во претпријатието и ги користеа ресурсите и капацитетите на претпријатието како да е нивна своина. За прв пат директор на јавно претпријатие се осмели да се соочи со овие структури. Косана Мазнева против таа банда херојски се избори и ја отстрани од Комунална Хигиена. За таа победа Косана Мазнева беше наградена со отказ, а денес градоначалничката на Град Скопје токму од таа екипа назначува директори. Од кал да е, од Сарај да е, директор ќе биде. Во изминатава година Град Скопје со сите свои ресурси и капацитети работи на проекти исклучиво во Сарај, како да не постојат останатите општини во Скопје, наведува Трајковски.

Од Град Скопје во демнат испратен до медиумите наведуваат дека Трајковски бил разрешен пред три месеци односно на 19 декември минатата година. 

- Оттука, нејасно е од која функција си дава оставка ова лице. Трајановски е разрешен од функцијата поради нарушување на угледот на град Скопје, неизвршување на своите задачи и неисполнување на својата функција како заменик градоначалник. Поточно, ова лице нема вкупно 3 активни минути на својата функција. Единственото барање на ова лице за кое е свесна градската администрација е неговата желба да добие канцеларија, службено возило и службен телефон. Друга комуникација, уште помалку во смисла на активен придонес кон работата на градот ова лице немало во последните две години, се вели во реакцијата од Град Скопје.

Оттаму ги демантираа и обвинувањата од Трајковски за влијание од ДУИ.

- Кадрови решенија градот Скопје немаше две години, ниту постоеше можност за вработувања поради неизгласани планови за вработување, а доколку истото некогаш би се реализирало би било врз основа на распишан оглас за вработување, со единствен критериум е исполнување на квалификациите и избор на најдобрите кандидати според закон. Доколку на Трајановски ништо не му сметало во градот Скопје повеќе од 3 години па се до неговото разрешување во декември 2024 година, прашање е зошто би му сметало сега, велат од Град Скопје.

За оставката на Трајковски реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде оценија дека оставката не е последица на неговиот револт од „пајташите на Арсовска“, туку веројатно причина се нереализирани бизнис интереси во морето интереси заокружени околу Данела Арсовска.

- Да потсетиме дека Трајановски беше во улога „дрвен адвокат" и бранител на Арсовска до последниот момент, поточно до последната седница на Совет каде убедуваше дека кутрата Арсовска е жртва, а не агресор и уништувач на градот Скопје, велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска беше во посета на пензионерскиот клуб „Невена Георгиева Дуња“ кадешто се сретна со пензионерите и ги информираше за проектите што општината ги имплементира за нивен подобар квалитет на живот.

„Животот е убав во секоја доба! Денешниот ден го започнав во добро друштво на нашите центарски пензионери од пензионерскиот клуб „Невена Георгиева Дуња“. Заеднички се подруживме, игравме карти, домино, разговаравме, но и ги информирав за сите оние проекти кои ги има општината за потребите на нашите повозрасни жители. Во изминатите четири години реализиравме голем број на проекти за пензионерите. Со Црвениот Крст потпишавме договор за реализација на услугата „Итно Копче“, со што на жителите им се обезбедува помош во итни ситуации, во домашни услови. Центар е прва општина што обезбеди нега на пензионери во нивните домови со проектот Сервис за стари лица „Центар се грижи за возрасните“. Среќен сум што реакцијата за овие проекти се позитивни од пензионерите“, рече Герасимовски. 

Герасимовски, истакна дека во следниот период ќе ги посети сите осум пензионерски клубови на територија на Општина Центар.

„Мојот мандат како градоначалник го почнав со отворање на три пензионерски клуба и во следниот период ќе ги посетам сите осум клуба во Центар. Секој ден носи нови можности и радости, пензионерите ни покажуваат дека секоја фаза од животот има своја посебна убавина. Ме радува нивниот позитивен став и енергија, која е вистинска инспирација за сите нас. Да учиме од повозрасните, тие се мудрата генерација“, посочи Герасимовски. 

Штип – Штипското комунално претпријатие „Исар“ почна да ги доделува бесплатните канти за социјално ранливите семејства, пензионерите со ниски примања и лицата со инвалидитет.

Директорот на ЈП „Исар“ - Штип, Александар Арсовски, на денешната прес-конференција истакна дека од страна на Општина Штип им се доделени над 1.216 канти за отпад.

-Денес на дел од жителите на улица „АСНОМ“ на улица „Панко Брашнаров“, кои гравитираат на потегот кон Мирјанина црква бесплатно им доделуваме вкупно 126 канти, односно 126 семејства денеска ќе добијат бесплатни канти за одлагање на комуналниот отпад, вели Арсовски.

Тој истакна дека на овој дел од градот се соочуваат со создавање на диви депонии и екипите на ЈП „Исар“ постојано интервинираат и ги чистат.

Истакна дека комуналните возила од утре редовно ќе го собира отпадот од овие две улици. Арсовски најави дека наредните денови ќе бидат доделени и останатите бесплатни канти за отпад на пензионерите со најниски примања, лицата со инвалидитет и на семејства од социјален ризик.

Битола - НУ Народен театар-Битола во 2025 година ќе има 10 премиерни претстави, а Министерството за култура и туризам ќе финансира четири проекти, најави Васко Мавровски, директор на битолскиот театар.

На прес - конференција што се одржа на новата сцена на театарот, Мавровски ги претстави актерите и авторот на текстот за првата годинешна премиера „Жиголо“ која ќе се одигра на новата сцена во таа национална установа.

-Пиесата „Жиголо“ е драма, комедија која го поставува прашањето за тоа за што се сме подготвени за да направиме за љубовта, дали постојат граници и дали сме подготвени да границите да ги преминеме, изјави Игор Кузмановски, автор на текстот за претставата „Жиголо“.

Во сабота навечер, пред битолската публика ќе настапат актерите Марјан Георгиевски, Марија Стефановска, Маја Андновска Илијевски, Никола Пројчевски и Соња Михајлова, кои според режисерот Благој Мицевски подготвија проект кој освен во Битола ќе се игра и во други градови.

-„Жиголо“ е претстава која што покрај текстот е инспирирана од неколку филмови и создава филмска атмосфера. Ако треба со еден збор да кажам за што е оваа претстава, тогаш тоа е претстава за искреноста. Тоа го кажаа и сите актери во претставата и најверојатно искреноста е нешто што толку многу ни недостасува или го посакуваме во животот. Во претставата се занимававме со карактери од видеоигрите и вештачката интелигенција и се надевам дека претставата ќе ја гледа публика од различни генерации, истакна Мицевски.

НУ Народен театар-Битола наскоро ќе промовира монографија посветена на јубилејот 80 години Народен театар-Битола, соопштија на денешната прес конференција во овој град. 

Штип – Амбасадорот на Велика Британија во Република Северна Македонија, Метју Лосон денеска оствари средба со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на која разговарале за привлекување англиски инвестиции и во кои сфери може да се зајакне соработката меѓу двете држави.

Градоначалникот Јорданов на амбасадорот Лосон му го презентираше проектот за доизградба на новата Клиничка болница-Штип.  

-Од суштинско значење за нас како град, е доизградбата на штипската Клиничка болница, бидејќи во неа се дават здравствени услуги во целиот регион и верувам во намерите на Владата којашто вложува напори да се обезбеди инвеститор за завршување на изградбата на Клиничката болница, вели Јорданов.

Амбасадорот Лосон истакна дека е оптимист за привлекување на инвестиции од неговата земја во Република Северна Македонија.

-Имаме неколку инвеститори, одлични инвеститори имаме тука, секогаш можеме и се надевам дека ќе можеме поголеми инвестиции од Велика Британија. Во вашиот град имате многу инвестиции, многу позитивни аспекти и бизнис и јас сум голем оптимист за вашиот град, рече Лосон.

Британскиот амбасадор Лосон денеска го посети и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Крива Паланка - Осум проекти од литературна дејност, пет од фолклорната и повеќе проекти од музичко-сценска, ликовна дејност на Националната устанива Центар за култура Крива Паланка се поддржани со годишната програма на Министерството за култура и туризам, со вкупен буџет од 1.625.000 денари.

Вршителката на должност директор на НУ Центар за култура Крива Паланка, Даниела Петровска, упати благодарност до Министерството за поддршката на разноликата и богата културна програма што центарот ќе може да ја реализира благодарение на одобрените финансии по планираните програмски дејности.

-Задоволство ми е што по подолг временски период ја враќаме драмската дејност и ќе ја заживееме и преку годишната програма на драмската секција под менторство на Енџи Николоска, како и проектот  наменет за младите „Зоки Поки“, адаптација според Оливера Николова. Од областа на музичката и музичко-сценска дејност ќе се реализираат концерт на трио: Марија Јакимовска, флејта, Верица Ајтовска, виола и Билјана Петровска,  пијано и „ Пепито“. Фолклорната дејност ќе ја продолжи традицијата на изучување традиционално пеење преку работилници, ќе се реализира проектот „Од изворот“, а покрај редовните програмски активности на КУД „8-ми Октомври“, финансиска поддршка од министерството е доделена и за традиционалните манифестации и фестивали: Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски 2025“ и „Вечер на Осоговски песни 2025“, информира денеска Петровска.

Граѓаните на Крива Паланка и сите посетители на градот што во 2024 го носеше епитетот „Град на културата“ ќе можат да уживаат во културна понуда од областа и на визуелната уметност, архитектура и дизајн, изложби на повеќе македонски автори, меѓу кои и локални творци и уметници, а редовно продолжува да функционира и ликовното студио при НУ Центар за култура под менторство на академскиот сликар Роберт Цветковски.

 -Годинава ќе биде издадена и промовирана „Тантелина“ - македонски народни приказни од кривопаланечкиот крај, а од областа на библиотечната дејност ќе работиме на читачката култура во руралните средини, ќе организираме авторски портрет на Атанас Крлевски, креативна хаику-работилница, работилници за креативно читање и пишување, а за набавка на лектирни и белетристични изданија ќе издвоиме 150.000  денари, така што, сѐ на сѐ, ни претстои богата програмска година во која љубителите на сите видови уметност ќе можат да си пронајдат и одберат дел од активностите и да уживаат, а младите да се вклучат според сопствените таленти и афинитети, рече Петровска.

Во НУ Центар за култура, покрај споменатите дејности, втора година по ред успешно работи и балетска секција.

Штип – Понекогаш и да не сме во иста насока за одредена работа во надворешната политика секогаш стоиме заедно цврсто како партнери во НАТО и ќе продолжиме понатаму да работиме заедно во таа насока за стабилност и безбедност на регионот, изјави денеска при посетата на Штип aмбасадорот на Обидинетот Кралство во Република Северна Македонија, Метју Лосон, кој одговараше на новинарско прашање за гласањето на нашата земја на Генералното Собрание во ООН за резолуцијата за Украина.

-Морам да кажам дека Украина ќе остане приоритет за Обидинетот Кралство. Ние сме заедно со Република Северна Македонија партнери во НАТО и работиме заедно на стратешките цели и на заедничко постигнување на надворешната политика, изјави Лосон.

Британскиот амабасадор Лосон денеска е во работна посета на Штип при што ги посети Општина Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“. 

Струга - Недостигот на квалитетни работни места, нискиот животен стандард, неконкурентниот пазар на труд, недоволната поддршка за младинско претприемништво, недовербата во институциите и ограничените културни и социјални содржини се главни причини поради кои младите се иселуваат од Струга. Ова го покажало истражувањето „Зошто младите се иселуваат од Струга?“ што го спроведе здружението „Аква“ на 500 испитаници на возраст од 16 до 19 години, во рамки на проектот „Практикувај демократија”, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Истражувањето, како што информира Ана Наумоска од здружението „Аква“, почнало во декември минатата година, со анкетен прашалник на четири категотии млади: млади кои заминале од Струга и немаат намера да се вратат, заминале и сакаат да се вратат, оние кои живеат во Струга и сакаат да заминат и они кои сакаат да останат.

- Струга старее. Шеесет и два отсто од младите на возраст од 16 до 29 години, кои во моментов живеат во Струга, трајно би се иселиле. Масовното иселување на младите од Струга е сериозен социо-економски и демографски проблем, кој влијае врз развојот и иднината на градот. Резултатите од теренското истражување покажуваат дека младите во Струга чувствуваат недостаток на институционална поддршка и не гледаат доволно можности за личен и професионален развој. Дополнително, корупцијата, партизацијата и административната неефикасност создаваат дополнителни бариери за младите кои сакаат да изградат иднина во својот град, вели Наумоска за МИА.

Анализата, според неа, покажува дека итно се потребни мерки за подобрување на квалитетот на животот и перспективите за младите во Струга.

- За да се спречи трендот на иселување и да се создадат услови за нивно останување и напредување, неопходно е системско подобрување во повеќе сектори, со конкретни чекори насочени кон економски развој, квалитетно образование, младинско учество и поддршка за млади претприемачи, забележува Наумоска, која е дел од истражувачкиот тим.

Од истражувањето, додаде, произлегле препораки, кои треба да бидат основа за креирање на политики што ќе ја подобрат положбата на младите во Струга и ќе овозможат градот да стане место каде младите ќе можат да изградат своја иднина.

- Поттикнување на економски развој и отварање на квалитетни работни места, односно привлекување инвестиции и поддршка за локални бизниси, зголемување на платите и условите за работа или креирање политики кои ќе обезбедат фер плати и сигурност на пазарот на труд, со фокус на младите професионалци. Развој на младинското претприемништво, подобрување на образовниот систем преку усогласување на средното и високото образование со пазарот на труд и зголемување на практичната настава, зголемување на младинското учество во одлучувањето со формирање на функционален локален младински совет и младински центар, како што е предвидено со Законот за младинско учество и младински политики, се дел од препораките.

За да се задржат младите во Струга, според истражувањето, потребно е и зголемување на транспарентноста и ефикасноста на институциите, креирање повеќе културни и социјални содржини, подобрување на условите во образовните институции, односно обезбедување учебници, современи наставни алатки, подобра инфраструктура и поддршка за учениците, превенција од партизација и корупција во вработувањето и создавање механизми за враќање на младите во Струга преку иницијативи кои ќе им овозможат на иселените да се вратат со конкретни понуди за работа и поддршка за нивна интеграција во локалната економија.

Следната фаза, додаде е споделување на policy paper-от со конкретни предлози до сите засегнати институции на локално ниво.

Скопје - Се асфалтираат улицата „Румена Хаџипанзова“ во населбата Драчево и нејзините краци, со што, како што информира Општина Кисела Вода, се решава тридеценискиот проблем на жителите од овој дел на општината. Овој инфраструктурен зафат опфаќа површина од 6.500 квадратни метри, односно 1.500 метри должина, каде што во еден дел се врши комплетна реконструкција, а во друг дел се гради сосема нова улица.

Според локалната самоуправа, работите напредуваат со одлична динамика и во наредните денови ќе заврши целосната реконструкција.

- Овој проект е дел од стратегијата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за асфалтирање на сите улици во општина Кисела Вода, со што се обезбедува рамномерен развој и подеднакви услови за живот во сите населени места. Со вакви капитални проекти, локалната самоуправа овозможува модерна и квалитетна инфраструктура, што значително ќе го подобри секојдневието на граѓаните, се наведува во соопштението.

Во писмената изјава на градоначалникот се истакнува дека улицата „Румена Хаџипанзова“ повеќе од 30 години била во катастрофална состојба, создавајќи секојдневни проблеми за жителите.

- Конечно ставаме крај на тој проблем - за само неколку дена оваа улица ќе добие комплетно нов лик, со модерен асфалт, квалитетна подлога и значително подобрена безбедност во сообраќајот. Ова не е само уште еден инфраструктурен проект, туку дел од поголемата визија за Кисела Вода - општина каде секој жител ќе има пристап до современи услови за живот. Нашата стратегија за целосна инфраструктурна обнова продолжува со несмалено темпо, затоа што секој дел од општината заслужува еднаков третман и подобрени услови, нагласува градоначалникот. 

Остани поврзан