МИА Радио флеш
- 28 февруари 2025

28 февруари 2025
Скопје - Оценката на Советот на Народната банка е дека макроекономската состојба во земјава е во согласност со октомвриските проекции со годишен раст на БДП од три проценти во третиот квартал од минатата година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлација изнесувала 3,5 проценти и е целосно во согласност со последните проекции на централната банка.
- Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка, велат од Советот на Народната банка.
Во декември, вкупните депозити и кредити пораснале над очекувањата, со годишен раст од 11,4 проценти и 11,2 проценти, а анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити.
Скопје - За над четири пати е зголемен бројот на кривични пријави кои Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги ги поднела до Основно јавно обвинителство и до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Од почетокот на годинава до сега се поднесени вкупно 35 кривични пријави против 69 физички и 16 правни лица, додека лани во истиот период биле поднесени осум кривични пријави, вели првиот човек на Царинска управа Бобан Николовски.
Тој во интервју за централниот весник на МРТ потенцира дека годинава за неполни два месеци има 74 случаи на заплени, при откриени прекршочни и кривични дела. Ова, според него, претставува раст од 64 проценти во однос на истиот период минатата година, кога биле поднесени 45 кривични пријави.
Скопје - Тетовската полиција вчера во 16 часот во тетовското село Долно Палчиште ги лишила од слобода А.М.(18) од село Горно Палчиште, С.У.(50) од село Долно Палчиште и Ј.И.(43) од прилепското село Дебреште, постапувајќи по претходна пријава дека организирале борба со кучиња.
За настанот биле известени јавен обвинител и Агенцијата за храна и ветеринарство, кои излегле на местото и кои ги преземале кучињата за понатамошна постапка. Лицата се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Атина – Илјадници граѓани уште од рано утрово ги исполнија улиците во центарот на Атина, како и плоштадот Синтагма за да испратат порака дека не ги забораваат жртвите во железничката несреќа кај Темпи пред две години, но и да го повторат нивното барање за правда, јави дописничката на МИА од Атина.
Иако протестот беше закажан за 11 часот по локално време, час и половина пред официјалниот почеток, плоштадот пред грчкиот Парламент беше веќе полн со граѓани на сите возрасти, млади, студенти, пензионери, семејства со деца.
Протестот започна со едноминутен молк, откако претходно беа прочитани имињата на сите 57 загинати.
Годишнината од несреќата се одбележува со 382 протести, од кои 262 во Грција и 120 во странство, а најголемите грчки синдикати за денеска закажаа генерален штрајк што буквално ја парализираше земјата.
Не функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а учествуваат и адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници и супермаркетите кои неколку часа ќе бидат затворени.
Бања Лука - Рудолф Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк, адвокат и пријател на Доналд Трамп, рече дека е јасно дека првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на Република Српска е политички прогон.
„Кога ќе ја погледнете пресудата против (Милорад) Додик што имав можност да ја прочитам, иако не толку детално колку што би сакал, бидејќи немав толку време, јасно е дека тоа е дел од политичкиот прогон што го спроведуваат демократите на (поранешниот американски претседател Џо) Бајден и левичарите кои се наклонети кон комунизмот, луѓе кои не ја почитуваат слободата на говорот и постојано ја газат, а во исто време ги обвинуваат своите противници дека се неонацисти и фашисти. А, всушност, тие се оние кои ги прават фашистичките и неонацистичките работи“, рече Џулијани, кој беше во Република Српска во времето на пресудата на Судот на БиХ против претседателот Додик.
Букурешт – Романскиот премиер, Марсел Чолаку, изјави дека Романија нема да испрати мировни сили во Украина, став што на самитот на Европскиот совет ќе го пренесе вршителот на должноста претседател Илија Бологан.
-Не. Не се согласувам со испраќање војници и веќе разговарав за тоа со вршителот на должноста. Ова ќе биде ставот што тој ќе го пренесе на Европскиот совет. Романија нема да придонесе за распоредување сили во Украина. Прво мора да се постигне мир. Романија мора да ја стабилизира ситуацијата во своите граници - ние ја имаме најдолгата граница со Украина, пристап до Црното Море, а најсилниот начин за засилување на источното крило е на наша територија, а не со испраќање сили во зоната на конфликтот, изјави Чолаку за Романија. ТВ, пренесе Аџерпрес.
Брисел - Светот денес се потпира на силата на трансатлантските односи, кои ја надминуваат меѓусебната трговска и индустриска соработка, порача синоќа претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола во обраќањето на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон.
- ЕУ и САД застанаа на иста страна на историјата не затоа што сме хомогени, туку затоа што нашите најголеми победи доаѓаат од нашата заедничка убеденост да го правиме она што е правилно. Ова партнерство е важно, нагласи Мецола.
Таа се осврна на заедничките вредности што во текот на децениите ги застапуваа двете страни, меѓу кои достоинството на секое човечко суштество, еднакви можности за секој да го достигне својот целосен потенцијал, правдата и правото сите да се чувствуваат безбедно и да живеат во безбедност и вербата во слободата.
Лисабон - Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика Европејците да го отфрлат „среќното вазалство“ кон САД, особено во услови на непредвидливост на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како во однос на ситуацијата во Украина, така и во однос на прашањето за царините.
За време на неговата посета на Лисабон, Макрон ја повика Европа да биде „пообединета и посилна од кога било“ и да ја препознае важноста на ризикот, амбицијата и моќта во соочувањето со предизвиците, јави француската телевизија БФМ.
„Европејците мора да бидат обединети и посилни од кога било“, рече Макрон, додавајќи дека тоа бара донесување длабоки стратешки одлуки, особено во технолошките, индустриските и одбранбените прашања.
Москва – Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека спречила обид на украинската воена разузнавачка служба во Москва да биде убиен Тихон Шевкунов, митрополитот на Крим од Руската православна црква.
Британските медиуми пренесуваат дека засега нема реакција од Киев на ова тврдење на руската безбедносна служба.
Шевкунов, кој со години во руските медиуми е опишуван како „исповедникот на Путин“ - што тој ниту го потврди, ниту демантираше - јавно се покажува со рускиот претседател Владимир Путин од крајот на 1990-тите. Кремљ претходно соопшти дека Шевкунов и Путин добро се познаваат.
Вашингтон - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска пристигна во Вашингтон на средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Според медиумите, Зеленски по посетата на Вашингтон ќе се сретне со британскиот премиер Киер Стармер, пренесува Интерфакс Украина.
Се очекува Зеленски да побара од Трамп безбедносни гаранции за Украина, а двајцата лидери подоцна денеска ќе потпишат договор за искристување на минералите. Според нацрт-договорот, Украина ќе издвои 50 отсто од приходите од своите природни ресурси за овој фонд. Зеленски инсистира дека заедно со економскиот договор мора да дојдат и конкретни безбедносни гаранции.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп ги промени правилата, дозволувајќи им на американските команданти полесно да одобрат воздушни напади и специјални операции надвор од воените зони.
Исто така, бројот на луѓе кои можат да бидат нападнати сега е поголем отколку според претходните правила, вклучително и луѓе кои претходно не биле на целната листа, со што се проширува кругот на оние кои можат да станат цели на воздушни напади и специјални операции, пишува Си Би Ес Њуз.
Пјонгјанг - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нареди целосна подготвеност за користење на капацитетите за нуклеарни напади, објавија државните медиуми.
Ким присуствуваше на пробното лансирање на стратешка крстосувачка ракета, што беше извршено во средата над морето во близина на западниот брег на Корејскиот полуостров.
Како што јави новинската агенција КЦНА, пробното истрелување на проектил има за цел да ги предупреди „непријателите кои сериозно го поткопуваат безбедносното опкружување на земјата и ја интензивираат климата на конфликтот“, како и да ја демонстрира подготвеноста на различни нуклеарни способности.
Њу Делхи - Се стравува дека најмалку 47 луѓе се заробени откако глечер се урна во индиската хималајска држава Утаракханд, објавија денеска локалните медиуми. Инцидентот се случи во близина на автопат во регионот Чамоли, на помалку од пет километри од популарниот хинду храм Бадринат, кој секоја година го посетуваат стотици илјади верници.
„Најмалку 57 работници кои граделе пат во областа што граничи со Тибет се заробени. Од нив 10 се спасени и испратени во воен камп кај Мана (село) во критична состојба“, изјави полицискиот припадник Нилеш Ананд Барне.
Пекинг - Кинеското Министерство за надворешни работи денеска повика одредени американски политичари да престанат да „шират лаги“ поврзани со Синџијанг, автономната провинција во западниот дел на Кина во која мнозинството од населението се Ујгури.
Министерството реагираше на изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој изјави дека односот на Кина кон Ујгурите претставува „геноцид и злосторства против човештвото“, пренесоа британските медиуми. Портпаролот на министерството Лин Џијан ги нарече обвинувањата за геноцид и принудна работа „лаги на векот“.