МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

28 февруари 2025
Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска патува во посета на Република Турција, соопшти владината прс-служба.
Премиерот Мицкоски ќе има средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, при што ќе биде потпишана заедничка политичка декларација за основање Совет за соработка на високо ниво помеѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Северна Македонија.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски не очекува резолуцијата во Обединетите нации за Украина, која беше подготвена од САД, а на која земјава беше коспонзор, да донесе последици за нашето членство во ЕУ.
- Искрено не очекувам. Факт е дека сојузници некогаш по однос на некои прашања може и да не се согласуваат, но факт е дека дента по оваа резолуција кога САД и Франција беа на спротивставени страни, претседателот Макрон отиде во Белата куќа кај претседателот Трамп и кажа дека Франција и САД секогаш се на вистинската страна на историјата. Факт е дека овие земји-членки, дел од нив можеа да гласаат и против оваа резолуција во Советот за безбедност, а дури и дел од нив можеа и вето да стават, а одлучија тоа да не го направат, рече Муцуснки во синоќешното гостување на ТВ21.
Скопје - Советот на јавни обвинители на Репувлика Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата 19. седница.
На дневен ред на седницата е разгледување и усвојување на завршната сметка на Советот за 2024 година, како и утврдување на бројот на слободни јавно обвинителски места во основните јавни обвинителства во наредните де години.
Исто така, членовите на Советот ќе расправаат и по молба-барање на јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство.
Скопје - Во Собранието денеска ќе продолжи 23. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.
Како што е објавено на собраниската веб-страница, прво ќе биде остварена средба со претседателот на Собранието Африм Гаши, а потоа ќе се одржи втората работна сесија на 23. Мешовит парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија.
Скопје - Бројот на живородените деца во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со истиот период од 2023, е намален за 4.2 % и изнесува 3 968. Бројот на умрените лица, пак, за истиот период бележи намалување од 1.0 % и изнесува 5 174 лица, а од нив 10 се умрени доенчиња, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Природниот прираст е негативен и изнесува -1 206, што значи дека за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица.
Скопје - Денеска истекува рокот за аплицирање за шестото издание на Наградата на ЕУ за ромска интеграција во Западен Балкан и Турција. Ова издание е посветено на позитивните постигнувања за вклучувањето на Ромите во секторот образование.
Интеграцијата на Ромите е клучен приоритет во процесот на проширување на ЕУ, а Европската Комисија е посветена на поддршка и признавање на работата на актери од ромската и неромската заедница (јавни институции, приватни компании и граѓански организации) во оваа област.
Скопје - Националната Алијанса за ретки болести (НАРБМ( денеска во Скопје ќе го одбележи Меѓународниот ден на ретки болести.
Овој настан се организира со цел за да се подигне јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести и нивните семејства, како и да се поттикне институционален дијалог за унапредување на политиките за нивна подобра интеграција во општеството.
Скопје - На Природно-математичкиот факултет во Скопје денеска ќе се одржи регионалната конференција „Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“.
Целта е да се понуди цврста платформа за обединување на младите од Западен Балкан гласно да зборуваат за состојбата и предизвиците и да повикаат на дијалог во кој ќе бидат рамноправни партнери во донесувањето одлуки заради постигнување целосен пристап до квалитетно образование и можности за вработување, уживање на сеопфатни здравствени услуги без исклучок, развој на културниот живот и сериозно разработени климатски акции за одржлива иднина.
Скопје - Кинотека сопшти дека во 2025 година влегува со буџет од 7,5 милиони денари со кои ќе реализираат програмски активности од областа на заштитата на аудиовизуелните добра, проекти од меѓународна дејност и евроинтеграции, како и од издавачка дејност. Буџетот на единствената институција во државава што се грижи за националното аудиовизуелно наследство е зголемен за повеќе од 1,5 милиони денари во однос на минатата година.
Скопје - Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС организира интерактивен изложбен настан во чест на Обичајот Мартинки, нематеријално културно наследство впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО.
-Како правен носител на Обичајот Мартинки ви УНЕСКО, ХАЕМУС посветено работи на зачувување и промоција на ова културно добро. За своите заложби да ја спаси оваа традиција од изумирање, проектот на ХАЕМУС „Денот на Баба Марта“ ја доби престижната награда „Најдобра европска приказна за 2020“ од Советот на Европа и Европската комисија, велат од ХАЕМУС.
Дебар - Бигорското светилиште, кое отсекогаш го негува богослужбениот ред, Типик на вечерна богослужба, практикува во целост, во предвечерието на почетокот на велигденските пости.
Така, и оваа година ги повикува верниците да земат учество во споменатава богослужба, која ќе започне во недела (2 март) со почеток во 17:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на Свети Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување на верниците и монасите.
Приштина - Лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемли Красниќи, синоќа категорично ја демантираше можноста за коалиција со Движењето Самоопределување (ПС).
Според него, нема допирни точки меѓу двете партии што би ги обединиле во можна влада.
Приштина - Поранешната шефица на преговарачкиот тим на Косово во дијалогот со Србија, Едита Тахири, оцени дека евентуалните промени на границите на Балканот би биле „добри за Албанците“, бидејќи, како што рече, „ќе ја обедини (таа) трагично поделената нација“. Тахири на Фејсбук напиша дека „почнале шпекулациите за мировните преговори предводени од Трамп“.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека лично нема да се жали на пресудата со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција и дека Народното собрание на Република Српска одлучило да го отфрли случајот против него пред Судот на БиХ.
„Дали адвокатите ќе измислат нешто во тој поглед од свои причини, подобро да не ме прашуваат, бидејќи јас ќе бидам против тоа. Ако мислат дека нешто треба да се исполни од правни причини, за да одат во Стразбур, тоа е нивен проблем. Не мислам да се жалам лично, ниту мислам повеќе да одам на тоа“, рече Додик.
Атина – Пред точно две години, на 28 февруари 2023 година во Грција се случи една од најголемите железнички несреќи во изминатите најмалку 50 години, кога два воза, патнички и товарен движејќи се по иста шина, но во спротивна насока директно се судрија кај месноста Темпи, 57 лица го загубија животот, над 100 беа повредени, а две години подоцна, сè уште остануваат неодговорени низа прашања околу причините, додека судскиот процес воопшто не е ни започнат, јави дописничката на МИА од Атина.
Годишнината од несреќата ќе биде одбележана со 382 протести, од кои 262 во Грција и 120 во странство, а синдикатите од утрово започнаа генерален штрајк, што целосно ќе ја парализира земјата.
Атина – Училиштата на грчките острови Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, што од почетокот на месецов беа затворени поради сеизмичка активност во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос, ќе бидат отворени во вторник на 4 март, одлучија членовите на надлежните комисии при Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Учениците ќе се вратат во училишните клупи, но од комисиите препорачуваат „училишните единици да се придржуваат до мерките на претпазливост од земјотреси, имајќи предвид дека опасноста од некои релативно посилни потреси, иако значително намален, не е целосно исчезнат“.
Бања Лука - Националното собрание на Република Српска (НСРС) синоќа усвои закон со кој се забранува работата на Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) и на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ (ВСТС).
Со гласовите на претставниците на владејачката коалиција, предводена од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), беше усвоен Законот за неизвршување на законите и забрана на акти на вонуставни институции на БиХ, со кој се предвидува законите за Судот на БиХ, за Обвинителството на БиХ, СИПА и ВСТС повеќе нема да се применуваат територијата на РС.
Берлин - Конзервативците од блокот ЦДУ/ЦСУ, кои освоија најмногу гласови на неделните парламентарни избори во Германија, денеска ќе започнат разговори со Социјалдемократите (СПД) за формирање можна коалиција, изјавија извори од двата табора.
Лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, кој треба да стане нов канцелар, претходно изјави дека сака да формира влада до Велигден, 20 април, но социјалдемократите истакнаа некои несогласувања околу формирањето на нивната петта „голема коалиција“.
Вашингтон - НАТО ја дава најдобрата безбедносна гаранција за Украина, изјави високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, директно спротивставувајќи се на позицијата на американскиот претседател Доналд Трамп .
Калас во Вашингтон изјави дека Европејците нема да можат да придонесат за евентуален договор за Украина доколку не бидат поканети на преговарачка маса, додека Трамп директно ќе преговара со рускиот претседател Владимир Путин, пренесоа француските медиуми.
Вашингтон - Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека со американскиот претседател Доналд Трамп разговарал за мировниот договор за Украина кој ќе биде цврст и чесен, додавајќи дека Британија е подготвена да испрати војници на терен и авиони за да ја поддржи земјата.
„Разговаравме за планот за постигнување мир кој е цврст и чесен, кој на Украина ќе и помогне во обликувањето, поддржан од сила, за да се спречи (рускиот претседател Владимир) Путин да се врати по повеќе“, рече Стармер во Белата куќа.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека договорот за минерали со Украина е безбедносната гаранција што му е потребна на Киев против Русија, отфрлајќи ја молбата на британскиот премиер Кир Стармер за дополнителна американска воена поддршка.
Стармер, кој се сретна со Трамп за првпат во Белата куќа, рече дека мирот во Украина е можен само благодарение на него.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека неговите предложени царини од 25 отсто за стоките од Мексико и Канада ќе стапат на сила на 4 март, со дополнителни 10 отсто царини за кинескиот увоз, поради континуираниот проток на смртоносна дрога во САД од овие земји.
Трамп рече дека новите тарифи за кинескиот увоз ќе бидат дополнување на царината од 10 отсто претходно воведена на 4 февруари, што резултира со вкупна царина од 20 отсто за кинеските стоки.
Сан Франциско – Сојузен судија во Калифорнија синоќа привремено ја блокираше администрацијата на Трамп да им наложи на американското Министерство за одбрана и на другите агенции да спроведат масовни отпуштања на илјадници неодамна ангажирани вработени.
Окружниот судија Вилијам Алсуп во Сан Франциско за време на сослушувањето рече дека Канцеларијата за управување со персонал на САД (ОПМ) нема овластување да им нареди на федералните агенции да отпуштат кој било работник, вклучително и работниците на пробна работа кои обично имаат помалку од една година искуство.
Женева - Широк спектар експерти на ОН вчера излегоа со ставот дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува човековите права и основните слободи во САД и во странство.
„Загрижени сме поради обидите на новата американска администрација да ја ослабне домашната заштита на човековите права, да ги поткопува меѓународните човекови права и хуманитарни системи, да го уназади деценискиот напредок во родовата еднаквост и да ги поткопа меѓународните институции и граѓанското општество ширум светот“, се наведува во заедничката изјава на експертите.
Пекинг - Кина денеска изрази противење на најновата закана на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување дополнителни царини на кинески увоз поради „смртоносните текови на дрога“ во САД, обвинувајќи ја Белата куќа за „префрлање на вината“ и чекори кон дестабилизирање на глобалните синџири на снабдување.
Трамп вчера објави дека неговите предложени царини од 25 отсто за стоки од Мексико и Канада ќе стапат на сила на 4 март, со дополнителни 10 отсто царини за кинескиот увоз, поради континуираниот проток на смртоносна дрога во САД од овие земји.
Вашингтон - Роднини на загинатите при уривањето на летот MH17 на авиопревозникот Malaysia Airlines што се урна во областа Доњецк, се обратиле до претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со барање да не се склучува мировен договор со Русија сè додека таа не ја признае својата одговорност за катастрофата, јавуваат дел од американските медиуми.
Картум - Најмалку 70 лица починале од колера, а повеќе од 2.200 се заразени во јужниот дел на Судан во изминатата недела, објави меѓународната хуманитарна организација „Спасете ги децата“, повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство на оваа земја.
Здравствениот систем на Судан е урнисан од граѓанска војна во која од 1 април 2023 година се загинати десетици илјади и раселени се уште над 12 милиони лица.
Њујорк – Кошаркарите на Голден Стејт го совлада Орландо со 121:115 предводени Стивен Кари, кој постигна 56 поени.
Кари го заврши натпреварот со 12 тројки од 19 обиди што беше негов 26 натпревар со најмалку 10 постигнати тројки, поставувајќи рекорд во лигата. Тој шутираше 16/25 од поле и ги постигна сите 12 поени од линијата за слободни фрлања.