МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

27 февруари 2025
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски повика да има што повеќе квалитетни Албанци во јавната администрација, но, рече, проблем денес е да се најдат такви, без разлика на нивната етничка припадност, што ќе работат за плата од 25 илјади.
-Јавно повикувам да има што повеќе апликанти Албанци, што повеќе апликанти Турци, Роми, Власи, Срби Бошњаци, да влезат во јавната администрација. И не сум заробеник на проценти. Само да има квалитетни кои се мотивирани да работат, веднаш, утре да почнат да работат. Не се пријавуваат, нема интерес. Никој нема да дојде за 25 илјади денари плата... Имаме отворени конкурси и молиме луѓе да се вработат, не сакаат бидејќи имаат подобра и подобро платена работа. Еве, јас би сакал сега во мојот кабинет да дојдат за таа плата што ја има, сѐ Албанци да бидат. Нема. Не се заинтересирани, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи и на пратеничката Рина Ајдари од ДУИ која праша дали се усогласени владините партнери за вработувања по етнички клуч во јавната администрација.
Скопје – Проектот за големи капитални инвестиции во општините со средства од унгарскиот заем беше потребен за да се подобрат условите за живот на граѓаните. Со завршувањето на вториот повик ќе имаме огромен број на реализирани проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
-Не може во 21. век да зборуваме за вештачка интелигенција, за голема зелена транзиција, за напредна технологија и за што уште не, а дома да имаме примери каде луѓето газат кал, се дават во фекалии, поплавени се дома при првиот дожд и немаат вода за пиење. Тоа е малку лицемерно, потенцира Мицкоски во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека на јавниот обвинител Љупчо Коцевски му била дадена шанса, но оти во изминатиов период, како што рече, од него не се видело ништо друго освен пресметки со неистомисленици во обвинителството и последен браник за одговорноста на минатата власт.
Скопје – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска на прашање на опозицијата на собраниската седница за пратенички прашања, во врска со активноста на неговиот татко во рамки на МНР, одговори дека неговиот татко е допломат од 1988, оти нема судир на интереси, имајќи предвид дека своето службеничко звање го добил уште во 2001, додека диломатскиот статус во 2016. Министерот повика Државната корупција за спречување на корупција (ДКСК) да го испита случајот со цел, како што кажа, да се зачува интегритетот на семејството Муцунски. Најави и кривична пријава до МВР поради наводните мејлови испратени од неговиот татко до вработени во Министерството.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска остварил средба со холандската амбасадорка Узлем Џанел, на која била потврдена посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат.
-На средбата ја нагласивме важноста од развивање на севкупните односи и соработка меѓу двете земји, засновани на длабоко пријателство и споделени вредности. Се заблагодарив за принципиелната и гласна холандска поддршка на нашата интеграција во ЕУ и ја потврдив посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат, преку спроведување на активна реформска агенда на домашен план и одговорно дејствување на меѓународно ниво, наведе Муцунски во објава на Фејсбук.
Скопје - Лицемерно е ДУИ да поставува прашање за ветинг и таа тема да ја актуализира по 21 година на власт, од кои седум години во доминантна улога над СДСМ, изјави заменик-министерот за правда Ален Деребан. Во одговор на прашање на пратеничката од ДУИ Рина Ајдари - зошто во Министерството за правда нема иницијатива за сеопфатен ветинг за сите политичари во минатите 30 години, Деребан смета дека „не станува збор за сериозен проект туку за обично лицемерие и политиканство“.
Скопје – Одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик не може да се спроведуваат ад хок, без концепт. Тоа важи и за распишувањето на конкурсот за директор на Инспекторатот за примена на македонскииот стандарден јазик. Во комисиска расправа е измена на Законот за македонски јазик, се прави усогласување и додека се работи тоа не може да се постапува по конкурсот. Можеби сме побавни, но работиме темелно, прецизно, точно и нема да дозволиме да ни се случуваат скандали какви што имаше во минатото. Тоа го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков како одговор на прашањето на пратеничката на СДСМ, Соња Лукаревска, која побара од министерот да одговори зошто девет месеци власта не постапува согласно одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик усвоен во Собранието во јануари минатата година.
Скопје - Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Ресми Ејупи денеска се обратил на отворањето на почетната работилница на новиот проект од областа климатски промени „Развој на првиот двогодишен извештај за транспарентност и комбинираниот втор двогодишен извештај за транспарентност и петтиот национален извештај за климатските промени на Северна Македонија во рамките на УНФЦЦЦ“ што се одржал во Скопје.
Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади денеска соопшти дека во тек е исплата на образовниот додаток за втор мерен период за учебната 2024/2025 година.
Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди.
Скопје - Во рамки на активностите на полициските службеници на ниво на целата држава биле издадени 732 платни налози. Од нив, соопштија денеска од МВР, 214 се однесуваат на непрописно паркирање, а 194 за непочитување на пропишаната брзина на движење.
По однос на прекршоците по основ на неносење сигурносен појас и говорење на мобилен телефон при возење, евидентирани биле 57, односно 25 прекршоци.
Скопје - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска присуствуваше на настан во организација на Националниот младински совет на Македонија, на којшто се дискутираше за значењето на имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во државава, соопшти Министерството. Обраќајќи се пред присутните, министерот Лимани ја истакнал важноста од вклучувањето на младите во сите сфери на општественото живеење.
Скопје – Уставниот суд на вчерашната седница донесе повеќе одлуки помеѓу кои да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање одобрение за основање на приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“.
Скопје - По повод денот на основањето на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК), денеска во Истанбул се оддржа Специјален состанок на Постојаниот комитет. На состанокот присуствуваа националните делегации на Азербејџан, Бугарија, Грција, Молдавија, Северна Македонија и Турција, соопшти собраниската прес-служба.
Скопје - Заменик министерот за здравство Јовица Андовски одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница појасни дека лицата кои ќе се вработат во јавното здравство нема да бидат по партиска и друга припадност туку по основ на нивните компетенции и стручност.
- Не дека ќе се примаат Албанци во здравствените установи туку тоа ќе биде врз основа на компетенциите кои ги имаат,нагласи заменик министерот Андовски.
Скопје - Сѐ уште сме во широка географска распространетост, но, со средна активност на вирусот на грип. Се очекува и според историските податоци, постепено намалување и да излеземе од овој период, изјави денеска раководител на Одделот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје, д-р Драган Кочински.
Тој беше прашан каква е состојбата со грипот моментално, откако во државава имаше благ пад на заболени лица одреден период, а според денешните податоци, повторно има пораст.
Скопје - Членови на Стоматолошка комора денеска побараа оставка од претседателот на комората Маријан Денковски.
- Тука сме да ја изразиме нашата загриженост за актуелните случувања во Стоматолошката комора на Македонија под водство на доктор Маријан Денковски. Неговите одлуки и политики, од ден на ден предизвикуваат се поголеми проблеми и незадоволство помеѓу стоматолозите, рече на прес-конференција доц.д-р Амела Цана, специјалист по ортодонција.
Скопје - Каталогот „100 предмети од збирките на Археолошкиот музеј“ има голема историска мисија и историска вредност. Ова двојазично издание со над 150 илустрирани страници не води на несекојдневно патување низ вековите, откривајќи важни моменти од праисторијата до античката и средновековната историја и култура на овие простори. Во него се претставени 100 артефакти кои се дел од фундусот на Музејот. Со филмски речник, можеме да кажеме дека каталогот е трејлер на Археолошкиот музеј.
Бања Лука - Полицијата во Брчко во Босна и Херцеговина, уапси вкупно осум лица осомничени за трговија со деца, откако во куќа во градот пронашла 31 дете.
„Во рамки на досегашните активности за пронаоѓање на 31 дете, уапсени се вкупно осум лица поради сомнение за сторени кривични дела „трговија со луѓе“, „трговија со деца“ и „запуштање“ или злоупотреба на дете“, соопшти окружната полиција Брчко.
Атина – Низа пропусти и недостатоци во грчката железница; унштени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на двата воза; за пет до седум лица, причината за смртта е пожар, се дел од ставовите на членовите на грчката Национална управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), кои денеска го презентираа извештајот од истрагата за железничката несреќа кај Темпи пред две години, јави дописничката на МИА од Атина.
Брисел – ЕУ ги повикува сите политички актери во Босна и Херцеговина да се воздржат и да се откажат од провокативна реторика и активности кои поттикнуваат поделби, вклучително и од доведување во прашање на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни во врска со вчерашната пресуда за претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Брисел – Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас за време на посетата на САД нема да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио, потврди денеска Европската комисија.
- Немам што да додадам ништо на она што веќе е кажано. Навистина високата претставничка нема да се сретне со државниот секретар Марко Рубио за време на ова патување поради проблеми во агендата и немам што друго да споделам со вас, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар ел Ануни во одговор на новинарско прашање дали средбата со Рубио била потврдена од американска страна пред заминувањето на Калас за САД.
Виена - Новата австриска влада на Народната партија, социјалдемократите и либералите најави построги правила за азил и бегалци при претставувањето на владината програма денеска во Виена, а претставниците на коалициските партии изразија задоволство од договорот по долги преговори.
-Договорот успеа само благодарение на типично австрискиот пристап: разговорите ги зближуваат луѓето, рече Кристијан Штокер, претседател на Австриската народна партија (АНП).
Варшава - Полскиот премиер Доналд Туск во одговор на критиките на американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Европската унија не е основана за никого да измами, туку за да го зачува мирот и да го зајакне трансатлантското пријателство.
„Европската унија не е основана за да измами некого. Сосема спротивно“, објави Туск на X.
Брисел – Кина е најголемиот снабдувач на Русија со стоки за двојна намена и без кинеската поддршка, Москва не би можела да ја продолжи својата војна против Украина, изјави портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни.
- Сериозно сме загрижени поради извештаите дека кинески компании и обезбедуваат компоненти за борбени беспилотни летала на Русија или дури и целосно склопени дронови, рече Ел Ануни.
Вашингтон - Американското Федерално истражно биро (ФБИ) денеска обвини хакери поврзани со Северна Кореја за една од најголемите познати кражби на криптовалути, откако агенцијата заплени етереум во вредност од речиси 1,5 милијарди долари од компанија со седиште во Дубаи.
Хакерите „напредуваат брзо и конвертирале дел од украдените средства во биткоин и други виртуелни средства кои се расфрлани низ илјадници адреси на повеќе блок синџири“, се вели во соопштението на ФБИ.
Москва - Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија нема намера да врати ниту еден дел од окупираната територија на Украина.
„Тоа се територии кои станаа дел од Русија и се вклучени во нашата државна уставна одредба како неотуѓив дел од Русија. Тоа е факт што ние апсолутно не можеме да го негираме или за тоа да разговараме“, рече Песков на дневниот брифинг со новинарите.
Москва - Престседателот на Русија, Владимир Путин денеска на состанокот на колегиумот на ФСБ издаде наредба за дополнителни мерки за сигурна заштита на руската државна граница.
-Мора да преземеме сериозни дополнителни мерки за заштита на државната граница. Мораме да продолжиме да ја зголемуваме густината на граничното покривање во потенцијално опасните области, во соработка со армиските единици, единиците на руската национална гарда и Министерството за внатрешни работи и локалните власти за да се осигура безбедноста на луѓето во пограничните населби, рече шефот на државата.
Москва - Русија очекува денешните разговори меѓу руските и американските дипломати во Истанбул да бидат први во серијата состаноци што ќе ги приближат позициите на двете земји за решавање на проблемите во нивните односи, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова на прес-конференција рече дека целта на преговорите во Турција е да се отстранат „надразнувачите“ во односите.
Пекинг - Портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Ву Чиан изјави дека САД треба да го имплементираат принципот „Америка на прво место“ и да бидат првите што ќе го намалат својот нуклеарен арсенал и воените трошоци.
Ву истакна дека САД, кои го поседуваат најголемиот нуклеарен арсенал во светот, треба да ја преземат одговорноста за нуклеарното разоружување и драстично да го намалат својот нуклеарен арсенал, објави кинеска новинска агенција.