МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
24 јануари 2025
Скопје - Приведени се четири лица, пронајдени и одземени се автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења, во извршени претреси на дом и други простории, на пет локации во Скопје и Гостивар, соопштија денеска од Јавното обвинителство на РСМ.
Во текот на вчерашниот ден под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведена е координирана акција на Агенцијата за национална безбедност и одделите за сузбивање на организиран и сериозен криминал и за специјални полициски операции при МВР, во рамки на континуираните активности што започнале во декември минатата година, а поврзани со превенција и сузбивање на заканите од тероризам.
Скопје - Тековните активности и проекти кои се реализираат во земјава со поддршка на организациите на ОН беа тема на разговор на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со постојаниот координатор на Обединетите нации во државава Рита Колумбија, при што беше нагласена одличната институционална соработка на сите нивоа.
Фокусот на дискусијата, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беше ставен на приоритетите во областа на зелената енергија, со акцент на развојот на обновливи извори и поддршката за проекти за енергетска ефикасност.
Скопје – Амнестијата значи „најмалку фер и адекватно решение“ на судскиот случај со настаните во Собранието од 27 април 2017 година, реагираат од проектот “Стоп на политичкиот прогон“, по вчерашната одлука на Кривичниот суд за уважување на барањето за амнестија на обвинетите во случајот „Организатори за 27 април“.
Во реакцијата претседателот на Проектот за “Стоп на политичкиот прогон“ Тодор Кулаков, укажува дека биле „силно испровоцирани од вчерашната скандалозна изјава на судијата Илија Трпков“ оценувајќи го како „„политички говор“ и уште еден доказ за „постоењето на политичкиот прогон“.
Скопје - Управата за финансиска полиција до Oсновното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против И.Т во својство на управител на правниот субјект БАУЕРФЕИНД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје и против правниот субјект БАУЕРФЕИНД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.
Скопје - Министерството за образование и наука им го честита Меѓународниот ден на образованието на учениците, студентите, учителите, родителите и на сите на кои образованието им е важен дел од животот и ги повикува да учествуваат во процесите на градење здрав воспитно-образовен систем, кој ги пресретнува барањата на времето во кое живееме.
- Нашите деца имаат право на квалитетно образование и тие заслужуваат да направиме многу повеќе, за да им овозможиме да се развиваат како нивните европски врсници.
Скопје - На овој Меѓународен ден на образованието, УНИЦЕФ ја поздравува неодамна објавената Нацрт концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикува сите образовни чинители да се вклучат во процесот на отворена консултација за ко-креирање на визијата за гимназиското образование.
Нацрт концепцијата е дел од тековните напори на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието чија цел е образованието да ја задржи својата релевантност и да се приспособи кон светот што бргу се менува.
Скопје - Несекојдневно патување низ музичките епохи е најавено на концертот утревечер во Луксембург, под диригентско водство на нашиот Џијан Емин, со светски познатиот пијанист Франческо Тристано и Филхармонијата на Луксембург.
Ова музичко доживување ќе започне со концертот за пијано и оркестар во Д мол од Ј.С.Бах, а ќе заврши со современа музика, вклучително авторски дела на Емин и Тристано, која ќе биде надополнета со користење на електроника и звучен дизајн.
Бања Лука - Неколку основни и средни училишта, како и градинки, во Бања Лука и други градови денеска добија пораки за поставени експлозивни направи, а полицијата е на терен и ги проверува дојавите.
Родителите на учениците биле известени децата да не одат во училиште во прва смена бидејќи полицијата врши противдиверзионен преглед, наведува РТРС.
Дојави за поставени бомби добиле и училиштата во регионот на Добој и Зворник.
Нови Сад - Вратите на покраинската влада на Војводина во Нови Сад се заклучени со катанци, што ги спречува вработените да ја напуштат зградата откако утрово во 7:30 часот пристигнале на работа, потврдија за порталот „Автономија“ неколку вработени, пренесува Бета.
Студенти, граѓански организации, активисти и опозициски партии повикаа на генерален штрајк денеска.
Таа зграда во центарот на Нови Сад има неколку влезови и излези, но сите се заклучени, изјавиле вработените.
Белград - Министерството за образование на Србија испрати известување до директорите на основните и средните училишта, според кое при пресметувањето на јануарската плата треба да им се намали на вработените кои учествуваа во штрајкот, јави ТВ Н1.
Дописот е испратен до училиштата „поради многубројните и чести обраќања на наставници, просветни работници, директори на училишта и родители на ученици поврзани со спроведувањето на прописите за работни обврски и штрајкови во системот на образование и обука“, соопшти Министерството.
Ниш - Пленумот на просветните работници на Ниш донесе одлука за целосен прекин на наставата во основните и средните училишта на територијата на тој град до исполнување на барањата на учениците.
Во соопштението е наведено дека одлуката е донесена едногласно, со јавно гласање, јави Бета.
Вработените во образованието од пленумот испратија писмо до родителите и ги повикаа да ги поддржат во борбата што ја водат учениците.
Сараево - Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина во втор круг гласање го усвои Предлог-законот за измени и дополнувања на Кривичниот законик, предложен од пратеникот Денис Звиздиќ, со кој се предвидува можност за откупување на казната затвор од една година.
Според предлогот, „изречената затворска казна до една година по барање на осуденото лице ќе се замени со парична казна која се плаќа во еднократен износ во рок од 30 дена“.
Љубљана - Во Словенија денеска е Ден на жалост поради смртта на тројцата рудари, кои загинаа во рудникот за јаглен во Велење.
Знамињата на државните институции се спуштени на половина копје, а словенечката Влада ги повика организаторите на културни и други настани да ја приспособат својата содржина на Денот на жалост.
Несреќата се случила на 20 јануари кога во рудникот продре влажна глина од 500 до 700 кубни метри. Првата жртва беше пронајдена тој ден, додека останатите две тела беа пронајдени пред два дена.
Атина – Речиси еден од тројца Грци, односно 27 отсто „со загриженост“ гледаат на новото претседателство на Доналд Трамп во САД, 22 проценти „со љубопитност/интерес“, додека 16 отсто изразуваат „неутралност или рамнодушност“, а 12 проценти „песимизам“, согласно истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.
Анкара – Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека Анкара може да посредува во спорот помеѓу Руанда и Демократска Република Конго.
- Ние, како Турција, сме подготвени да обезбедиме секаква поддршка неопходна за решавање на ова прашање што ќе придонесе за стабилноста и мирот во регионот на Големите Езера, истакна Ердоган по средбата со неговиот колега од Руанда, Пол Кагаме во Анкара.
Амстердам - Холандската полиција во 2024 година заплени над 41 милион евра во криптовалути, рекорден износ поврзан со наводни криминални активности, пишува весникот „Фолкскрант“.
Заплената, спроведена од страна на тимот за високотехнолошки криминал, претставува значаен чекор во борбата на Холандија против организираниот сајбер криминал.
„Ова е огромен рекорд и ние сме горди на тоа“, рече Роб ван Бри, шеф на Националната единица за истрага и интервенција, во интервју за весникот.
Брисел - Поради безбедносни причини Европската Унија се откажа од одржувањето на неформалниот Самит на ЕУ посветен на одбраната во замокот Шато де Лимон во близината на белгискиот град Лиеж и донесе одлука состанокот да се одржи во палатата Егмонт во Брисел.
- Врз основа на ажурирана проценка на мерките потребни за обезбедување на местото на одржување, неформалниот собир на лидерите на ЕУ на 3 февруари 2025 година е преместено од Палатата Егмонт во Брисел, соопшти Советот на ЕУ.
Брисел - Европската комисија ќе препорача намалување на бирократијата на ЕУ во досега невидени размери, како една од мерките за зајакнување на нестабилната економија на блокот во наредните пет години, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ваквиот план за намалување на бирократијата е наведен во нацртот на т.н. Компас за конкурентност што го најави Европската комисија, а во кој увид имал бриселскиот портал „Еурактив“.
Како што посочува порталот, планот се базира на „новата мантра“ на ЕК: „Поедностави и забрзај“ и има за цел рационализација на регулативите, скратување на бирократските процедури и зголемување на флексибилноста.
Брисел - Амбасадорите на Европската унија (ЕУ) денеска потврдија дека дипломатот од Данска, Петер Соренсен, ќе биде специјален претставник на блокот за олеснување на дијалогот меѓу Косово и Србија.
Соренсен беше избран од високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас да го замени Мирослав Лајчак на таа функција.
Женева - Светската здравствена организација (СЗО) донесе одлука за „замрзнување“ на вработувањата и значително намалување на трошоците за патувања како одговор на повлекувањето на Соединетите Американски Држави од организацијата, кои се нејзиниот најголем финансиски донатор, се наведува во интерна порака испратена до персоналот.
„Како што знаете, Соединетите Американски Држави објавија повлекување од СЗО. Жалиме за оваа одлука и се надеваме дека новата администрација ќе го преиспита својот став“, напиша генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, во пораката до вработените, пренесува „Политико“.
Вашингтон - Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека би сакал да избегне воведување царини за Кина, што изгледа ако пресврт од неговите претходни ветувања дека ќе воведе царини кон најголемиот американски економски ривал.
Тој, во синоќешното интервју на „Фокс њуз“ дали би можел да се договори со кинескиот претседател Си Џинпинг за Тајван и за трговијата, истакна дека „може да го направи тоа бидејќи САД имаат ресурси, имаат царини“, но оти би сакал да не ги воведе.
Вашингтон - Високи републикански претставници на Конгресот побараа од американските безбедносни агенции да започнат поефикасно да се спротивставуваат на заканите од терористичките организации, како што се Исламската држава и Ал Каеда, соопшти Одборот за внатрешна безбедност на Претставничкиот дом.
Проценката на заканата објавена од Одборот акцент става на нападот во Њу Орлеанс во кој се убиени 14 лица, како и апсењето на осум државјани на Таџикистан во јуни 2024 година, осомничени дека се поврзани со Исламската држава, пренесе Гласот на Америка.
Париз - Музичката стрим-платформа „Дизер“ (Deezer), со седиште во Париз, Франција, денеска објави дека една од 10 песни коишто се поставуваат на стрим-сервисот секој ден, е или лажна или само бучава создадена од програмите за вештачка интелигенција. Лажните песни, секако, вообичаено се придружени со не така „лажни“ сметки на измамниците заради лесна заработка.
Технологијата за откривање измами на компанијата откри дека „околу 10.000 траки, целосно генерирани од вештачката интелигенција се поставуваат на платформата секој ден“, што е околу 10 отсто од вкупниот број. Успешно идентификуваната „содржина со вештачка интелигенција без потреба од опсежно учење за специфични бази на податоци“, ја натера компанијата - минатиот месец да побара два патента, се вели во соопштението.
Мелбурн - Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој поради повреда се повлече од полуфиналето на Австралија опен откако го загуби првиот сет од Германецот Александар Зверев, најави дека за него е болно да биде на теренот.
На прес-конференцијата по натпреварот тој објави дека болката во левата нога се влошувала, а на мечот со Зверев играше со преврзана нога.