МИА Општински пул
- МИА Општински пул
24 јануари 2025
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,22 метри надморска височина или 13 сантиметри под просекот за јануари.
Состојбата со негативниот водостој на езерото бележи извесно подобрување, откако на почетокот на декември минатата година нивото на водата беше спуштено дури два сантиметри под минимално дозволената кота утврдена на 693,10 метри.
Дијаметрално спротивна беше ситуацијата во 2018 година кога водостојот на езерото беше драстично повисок од дозволениот максимум определен на 693,75 м.н.в., кога достигна ниво и од 694,03 метри надморска височина или за осумдесеттина сантиметри повиско ниво отколку денеска. Таквата флуктуацијата на нивото на водата во езерото има негативни последици по многу аспекти, но најмногу се одзразува во крајбрежниот дел што е најважен во езерскиот еко-систем.
Струга – Во Основниот суд во Струга почна првото од закажаните за денеска четири судења против градоначалникот Рамиз Мерко – за плочата на општинската зграда, две за директори на училишта и за набавката на „аудито“.
Првото рочиште денеска се однесува за незаконско поставување на директори на училишта, и се наоѓа во доказна постапка, продолжува со сослушување на екс министерот за образование од ДУИ, Јетон Шаќири.
Шаќири, заедно со раководителот на секторот за финансии при Општина Струга Абедин Нуроски, требаше да биде сослушан на претходното рочиште во октомври минатата година, но тоа не се одржа поради немање уредна достава до сведоците.
Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено повеќе (девет) обвиненија за несовесно работење во службата.
Скопје - Општина Центар успешно ги унапреди своите капацитети и постигна значајни резултати во текот на 18-месечната соработка со Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите (2021-2026). Соработката се одвиваше во периодот од мај 2023 до декември 2024 година.
,,Благодарение на ова партнерство, Општина Центар ја зголеми наплатата на приходи од сопствени извори за 29% и го подобри индексот на даночна транспарентност, кој во 2023-2024 достигна 63%, во споредба со 46% во периодот 2022-2023 година. Дополнително, општината ја задржа максималната оценка за буџетска транспарентност со 16 индексни поени, а активната транспарентност во 2024 година достигна високи 94.2%”, истакна градоначалникот Герасимовски на работниот состанок со претставниците на УСАИД и општинската администрација.
Посебен акцент беше ставен на подобрувањето на информираноста на граѓаните преку кампањи како „Мој данок за мојата општина“ и „Општина на дланка“. Подготвени се значајни документи, како што се граѓанскиот буџет за 2025 година, планот за локален економски развој, како и унапредување на внатрешната ревизија.
Во рамките на техничката поддршка, општината активно учествуваше во обуки, менторски средби и форуми, што овозможи зајакнување на капацитетите за буџетирање, управување со јавни финансии и подготовка на проекти.
Проектот исто така обезбеди прирачници и кодекси за транспарентност, внатрешна комуникација и управување со јавните набавки, кои дополнително ги зацврстија процесите на отчетност и ефикасност во општинското работење.
Скопје - Од ЕВН Македонија АД информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат корисниците на дел од општина Аеродром и од село Мирковци, општина Чучер Сандево.
Во периодот од 08.00 до 14.00 часот, без струја ќе бидат дел од корисниците од ул. „Богомилски поход“, општина Аеродром, додека во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од село Мирковци, општина Чучер Сандево.
Струмица - Со поетско читање и беседа вечер во Струмица ќе биде промовирана новата збирка песни „Одглас (на нечуеното)“ од поетесата Сузана Мицева. Песни од книгата ќе интерпретира младата актерка Васка Ангелова и авторката, а Ана Витанова-Рингачева која е и рецензент на книгата, низ книжевна беседа ќе ја претстави пред публиката.
-Стихот на поетесата Сузана Мицева е патник кој нема свое постојано место за починка, тој патува и освојува метафизички простори на духот, со порив да открие нови и непознати предели на мислата. Откривајќи ги, ги допира, ги чувствува, ги зема со себе и преку песната ги прави видливи за човекот и светот. Тоа е нејзиниот опит, нејзината потајна нарав, да гради домови надвор од својот, да ги облагородува, да колчи нови градини, да оградува парче небо и тука да битисува. И така сѐ до некое следно патување на песната, пишува Ана Витанова Рингачева.
Оваа е петта збирка песни за возрасни на Мицева, а излезе со поддршка на Министерството за култура и туризам како самоиздат.
Промотивниот настан ќе се одржи вечер во Младинскиот центар во Струмица, а средствата од продадените книги ќе се искористат за хуманитарните активности на Фондацијата „Елеуса“.