• сабота, 25 јануари 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  24 јануари 2025

 

 

Струга – Во две одвоени судски рочишта во Основниот суд во Струга денеска продолжи сослушувањето на сведоците во судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за незаконско поставување директори во четири основни училишта во Општина Струга.

Во еден предмет споени се обвиненијата за училиштата во Лабуништа, Радолишта Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, додека за училиштето во Велешта се води одвоен предмет каде четири лица се обвинети за злоупотреба на службата и фалсификување.

Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шакири кажа дека ингеренции за именување и назначување на директори во основните училишта има основачот на училиштето, во случајот Општина Струга и оти кај него не бил доставен предмет за одземање ингеренции. Нагласи и дека до него не стигнале извештаи од просветниот инспекторат.

- Во конкретниов случај кога бев министер за образование и наука, тоа може да се потвди и од Секторот за основни и правни работи не е доставен кај мене целосен извештај, поради тоа што во комплетирање на документација или нешто недостасувало или не е доставено од страна на локалните самоуправи, просветниот инспекторат или училиштата, но во истите училишта после одреден период има нови директори, после 6 месеци, една година, изјави Шакири.

Причината за тоа не ја знаеше, но посочи дека секторите работат со комплетна документација. Според Шакири, и во други училишта во државата имало слични случаи со поставување директори кои не исполнуваат соодветни услови, а судски епилог имало за училиште од Вевчани.

Советникот за буџетска распределба при Општина Струга Абидин Нуроски, во својство на сведок ја појасни постапката за плата во образованието нагласувајќи дека секое училиште мора да има директор за да може да ја одобри и исплати платата за сите вработени.

За бранителот на Мерко, Игор Петковски, сведокот Шакири јасно и недвосмислено кажал оти на Општината никогаш не и биле одземени ингеренциите во делот на образованието додека тој бил министер, со што, според него, се потврдува тезата на одбраната дека немало никакви неправилности при именувањето на директорите во основните училишта во Општина Струга.

Во предметот за Егзона Шеј, која покрај што се тврди дека незаконски е поставена за директор на основното училиште „Зини Хани“ во Велешта, се товари и за фалсификување дипломи.

Сведокот за овој случај, Ваит Жута, кој бил директор во периодот кога Егзона Шеј е вработена во училиштето, кажа дека таа била вработена како апсолвент на Филолошкиот факултет поради немањето соодветен кадар.

Судијата Јордан Јованов го отфрли барањето на одбраната за сослушување 117 сведоци за тој случај, со образложение дека не е во економичност на постапката, но по приговор на одбраната дозволи само да биде сослушан претседателот на училишниот одбор Урим Каба.

- Само тој предлог ќе се прифати, бидејќи се спомнуваше училишниот одбор како релевантен во контектс на постапката. Само тој сведок ќе го сослушаме, а во останатиот дел решението си е во сила. Сметам дека е преобемна листа на докази и дека можеме да се задржиме на овие кои веќе ги изведовме за да можеме да донесеме конечна одлука по предметот, изјави Јованов.

Не можеше да прецизира кога би имало судска разрешница за случаите, нагласувајќи дека Судот ќе ги ислуша сите искази, вклучително и на обвинетите, а потоа ќе донесе одлука.

- Судската пресуда за колку време би била не можам да кажам се зависи од натаможниот тек на постапката, но со ова веќе го кратиме тој период и се надеваме дека ќе дојде побрзо, додаде Јованов.

Во Основниот суд во Струга денеска има закажани рочишта за уште два предмети против Рамис Мерко - за спомен плочата поставена на Општинската зграда и набавката на службениот автомобил „ауди“.

За предметот со аудито судијата Јованов кажа дека поради промената на судечки судија, ќе почне од почеток.

- Со оглед дека колешката замина, сите предмети и тие кои беа нејзини доаѓаат кај мене и кога се променува судечкиот судија предметите почнуваат одново. Предметот за аудито почнува одново, таму треба најпрво да се одлучува за докази, има листа на докази, имаше некои спорни околности кои треба да се разрешат, но тоа ќе го видиме дирекно на самата расправа, појасни судијата.

Во однос на предметот за поставувањето на плоча на општинската зграда денеска треба да почне главната расправа.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено повеќе обвиненија за несовесно работење во службата.

Скопје - Постигнат е значаен договор меѓу градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Синдикатот, кој овозможува покачување на платите на административните службеници од општина Кисела Вода. Почнувајќи од февруари, тие од општината ќе добијат покачување од 3.000 денари, додека со предвиденото покачување на минималната плата од страна на централните институции, односно на Владата, вкупното зголемување на мартовските плати, ќе изнесува околу 5.000 денари. Денес градоначалникот Ѓорѓиевски го потпиша новиот колективен договор со Претседател на Синдикална организација на САДУ на Општина Кисела Вода Далибор Стојановски. Истакна дека оваа одлука е резултат на посветеност кон подобрување на условите за работа и мотивацијата на административните службеници, кои се клучен дел од функционирањето на локалната самоуправа.

-Во последните три години, Општина Кисела Вода бележи видлив напредок во сите области на своето работење. Овие резултати, меѓу другото, се должат на посветеноста и професионализмот на нашите административни службеници. Успешна општина значи задоволни граѓани кои добиваат брза и ефикасна услуга, а тоа е невозможно без мотивирана и вредна администрација. Со ова покачување на платите, сакаме да покажеме дека нивниот труд е ценет и дека ќе продолжиме да инвестираме во луѓето кои се основа на напредокот на општината- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје - Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска на пригоден настан во СЦ „Марко Божиновски“ им додели спортска опрема и различни реквизити на сите основни училишта во Општина Аеродром.

В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, изрази благодарност до МОК за одличната соработка во правец на подобрување и осовременување на условите во кои децата имаат настава по физичко образование, како и приближување на сите спортови до нашите ученици.

Честитки и до Сојузот на училишни спортови од Општина Аеродром, како и до сите наставници по физичко и здравствено образование кои со голема посветеност работат со учениците.

Тие уште од најмала возраст им влеваат љубов кон спортовите, поради што Аеродром е најспортска општина во земјава, за што потврда се големиот број професионални спортисти кои имаат освоено големи победи на светско ниво.

За успесите на учениците од Општина Аеродром се заслужни и сите наставници и вработени во училиштата, на кои Митески им го честита денешниот Меѓународен ден на образованието.

Струмица - Годинашново издание на Струмичкиот карневал ќе се одржи од 26 февруари до 5 март. Организациониот одбор ја објави програмата, а карневалот ќе почне со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите.

Веднаш потоа се закажани изложби по повод 35 години од обновената форма на Струмичкиот карневал и на маски од Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица. Наредниот ден е резервиран за двата концерти под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.

Во петок, на 28 февруари, треба да се одржи традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер ( 1 март 18:30 ч.).

Празникот Прочка (2 март, недела) е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.

На Чист Понеделник (3 март) карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.

Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.

Карневалот завршува на 5 март со организирање Тримерски ручек и настап на Распеани струмичани, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите.

Штип – Андреј Ангелов од Општина Зрновци заедно со Александар Горгиевски од хуманитарната организација „Подај рака“  денеска донираа бела техника, кутии со храна и средства за хигиена на семејството Пешеви, кои лани на 1 ноември ја изгубија својата ќерка Емилија Пешева, односно беше убиена во непосредна близина на нивниот дом. Ангелов кој го фати светиот крст на Богојавление-Водици во Општина Зрновци вредносниот ваучер кој го доби од општината го донираше на Пешеви. Тој петта година по ред скока по крстот, а годинава беше најсреќен, па реши неговата желба од пред пет години да ја оствари и да донира.

-Ова е  прв мој хуманитарен гест, се надевам дека ќе имам можности и сила да продолжам. Желбата ја имав на 14, 15 години кога ја загубив својата мајка. Денеска се донираше мојот ваучер со тоа што дониравме и храна, изјави Ангелов.

Освен денешната донација, хуманитарецот Александар Горгиевски преку неговата хуманитарна организација, ќе работи на целосно реновирање на собата во која живеела Емилија, а ќе се  изгради нов тоалет. Горгиевски вели дека собата ќе биде за потребите на малолетниот син на Емилија, а семејството Пешеви по долги години конечно ќе добијат комплетно нов тоалет.

-Донесовме одлука по направениот увид во куќата на фамилија Пешеви, собата каде што Емилија живеела, која е во многу лоша состојба ќе биде комплетно реновирана и ќе биде ставена во употреба за детенцето на Емилија. Исто овие луѓе немаат тоалет и прв приоритет ќе биде да се направи ново комплетно купатило, изјави Горгиевски.

Слободан Пешев, таткото на  Емилија вели ова е од големо значење за семејството, бидејќи факт е дека се сиромашни и не можат да си обезбедат подобри услови за живот.

-Такви луѓе во државата треба да ги има, да помагаат, им благодариме од срце, вели Пешев.

Дваесет и девет годишната Емилија беше убиена на 1 ноември 2024 година, во близина на нејзиниот дом, во напуштен објект на ЈП „Исар“. Судењето против нејзиниот убиец, кој го призна делото е закажано на 10 февруари во Основниот суд во Штип.

Скопје - Општина Ѓорче Петров го продолжува процесот на модернизација и зајакнување на општинските служби. Со инвестиција од 1.700.000 денари, општината набави две нови мултинаменски товарни возила кои ќе придонесат за поефикасно и побрзо одржување на хигиената на територијата на општината.

Како што истакна градоначалникот Александар Стојкоски, оваа набавка претставува уште еден чекор кон унапредување на условите за живот на граѓаните.
„Со овие нови возила значително ќе ја зголемиме нашата ефикасност на терен. Секој ден работиме за чиста и уредна животна средина, а со вакви инвестиции покажуваме дека тоа не се само зборови, туку дела. Апелирам до сите наши сограѓани да ни помогнат во оваа мисија со одговорно однесување и одржување на хигиената“, рече Стојкоски.

Новите возила се дел од стратегијата на општината за постојано унапредување на јавните услуги, со што директно се подобрува квалитетот на живот на сите жители.

Стојкоски додаде дека општината останува посветена на иницијативи за зачувување и унапредување на животната средина и повика на заедништво:
„Затоа, заедно ја градиме општината која ја заслужуваме. Секој граѓанин има своја улога во оваа приказна, а општината е тука да даде поддршка со модерна инфраструктура и услуги.“

Со оваа инвестиција, Ѓорче Петров уште еднаш покажува дека грижата за чиста животна средина е приоритет, а заедничките напори помеѓу општината и граѓаните се клучни за успехот.

Пехчево - Во пехчевската деветолетка „Ванчо Китанов" денеска беше пуштен во употреба новиот лифт за подобрување на условите за учениците со посебни образовни потреби. Како што истакна директорката на училиштето Добрила Јовевска лифтот е направен од сопствениот буџет на училиштето, а инвестицијата претставува доказ за посветеноста на училиштето во насока на поддршка на учениците со посебни образовни потреби, покажувајќи дека секој ученик е подеднакво важен.

- Оваа инвестиција е уште еден доказ дека сме посветени на создавање модерно и инклузивно училиште, каде секој ученик ќе има еднаква можност да се развива и напредува. Пуштањето во употреба на лифтот претставува значаен дел од нашиот постојан ангажман за подобрување на условите за учениците со посебни образовни потреби. Со тоа покажуваме дека инклузијата не е само збор, туку дело што сите заедно го поддржуваме. Таа е наша заедничка обврска, истакна Јовевска

Според градоначалникот на Пехчево, Александар Китански ова е прво училиште во општините од крајниот исток кое добива ваков лифт.

- Општина Пехчево се вбројува во малкуте општини каде во општинските основни училишта се унапредуваат и подобруваат  условите за учениците со посебни образовни потреби. Имено во ООУ „Ванчо Китанов„ - Пехчево се инсталира лифт за да може да им се обезбеди полесна комуникација и мобилност на децата ученици со посебни образовни потреби за подобро следење на наставата и непречено движење, додаде Китански.

Тој нагласи дека секој ученик заслужува можност да го достигне својот потенцијал во средина која ги почитува и поддржува неговите потреби. 

Кавадарци - Лозарите бараат зголемување на субвенциите, рече денеска претседателот на Сојуз на лозари, Јован Златевски, во изјава за МИА. Тој истакна дека од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство наишле на разбирање за потребата од зголемување на субвенциите што ги добиваат производителите на грозје, па очекува дека лозаропроизводителите ќе бидат задоволни со програмата за државно субвенционирање што била во фаза на изработка.

-Бараме зголемување на субвенциите по хектар лозов насад. Наместо досегашните 40 илјади денари и предложените од државата од 42 илјади денари, ние бараме да добиваме по 60 илјади денари по хектар лозје, појасни Златевски.

Тој истакна дека бараат и исплата по еден денар плус од државниот буџет, за секој килограм грозје продаден кај откупувачите во земјава, во гроздоберската сезона од минатата година.

-Ова, како надоместок за претрпената штета од енормно високите температури во текот на летниот период, нагласи претседателот на Сојузот на лозари.

Како трето, бараат целосно оспособување на хидромелиоративните системи во државата.

-Да се отстранат сите проблеми, дефекти. Да се санираат сите оштетувања. Тоа да се направи навремено, со цел новата наводнувачка сезона оваа година да започне навремено и да се одвива без застои, подвлече Златевски.

Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски денеска, по повод Меѓународниот ден на образованието беше во посета на ООУ Св. Кирил и Методиј, каде што веќе две години учениците не користат мобилни телефони за време на настана. Оваа пракса, неодамна беше прифатена и од останатите седум основни училишта на територија на Општина Центар.

Герасимовски, потенцира дека со донесените препораки за забрана за користење мобилни телефони за време на наставата учениците целосно ќе се посветат на учењето и ќе се подобри квалитетот на образовниот процес.

„Донесовме корисни препораки со кои ќе обезбедиме подобри услови во учењето и ќе придонесеме за развој на позитивна училишна атмосфера. Со оваа мерка, учениците ќе можат целосно да се посветат на учењето. Со редуцирање на употребата на мобилните телефони за време на часовите, учениците ќе се научат на важноста на личната дисциплина и ќе имаат поголема социјализација со своите врсници. Ме радува тоа што добиваме позитивни коментари од родителите за мерките и што сите основни училишта во Центар ги прифатија препораките кои значат зајакнување на наставниот процес, заеднички продолжуваме да ги менуваме состојбите на подобро“ вели Герасимовски.

Препораките за забрана на користење на мобилните телефони се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји.

Штип – Фирмата „Алказар Eнерџи“ го развива проектот Ветерен парк Штип со моќност до 396 MW, информираат во денешното соопштение од Општина Штип. Во него се вели дека веќе е закажана јавна презентација  на оцена на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти (ОВЖССА). Затоа се покануваат сите заедници и заинтересирани страни да присуствуваат на јавна презентација на Извештајот за одредување на ОВЖССА.

- Локација еден: Сала за состаноци - Општина Штип, 05 февруари во среда, во 10:00 часот и  локација два: Општинско основно училиште (ООУ) „Никола Карев“ во село Бучим во Општина Радовиш, истиот ден на 5 февруари во среда во 14:00 часот.  Состаноците ќе дадат преглед на проектот, ќе го објаснат процесот на ОВЖССА и клучните наоди од Извештајот за ОВЖССА обемот, ќе го опишат механизмот за поплаки и ќе дискутираат за коментари и прашања од интерес од засегнатите страни и локалните заедници, се вели во писменото соопштение.

Во него се наведува дека  за повеќе информации во врска со Извештајот за ОВЖССА обем, може да се посети и нивната  веб страна: https://alcazarenergy.com/stip-wind-farm/.

Куманово - Незадоволителен е интересот за примање на ХПВ вакцината кај децата од Куманово, соопштија денеска надлежните од Здравствен дом Куманово.

Во текот на Неделата на борба против рак на грлото на матката, лекарите повикуваат децата да се вакцинираат за да се избегнат компликации. Вакцината која што се дава во земајава, посочуваат, е безбедна и е од холандско производство.

-Сепак, постои одреден скептицизам така што ние во земјава не можеме да кажеме дека сме сосема задоволни со процентуалната застапеност на оваа вакцина. Постојано ги едуцираме родителите за бенефитите од вакцинирањето. Вакцината за заштита од хуман папилома вирусот којшто е најчесто причинител на преканцерозни лезии коишто како причина се појавуваат за карцином на грлото на матката. Вакцината кај нас е задолжителна се спроведува во основните училишта по дванаесетгодишна возраст, во седмо одделение во основните училишта, изјави д-р Валентина Богоевска Димитриевска, началник на превентива од Здравствениот дом.

Од мај 2024. вакцината може да се дава и на машките и претставува заштита за општата популација, бидејќи машките можат да ја пренесат инфекцијата.

-Застапеноста се движи од 50 до 60 проценти во Куманово. Во одредени средини надминува и 95 отсто во некои училишта. Сепак има одредени училишта, централни градски, каде опфатот е понизок, што се должи на антивакциналната кампања во светски рамки. Кај нас е деветвалентна и штити од девет слоеви на хуман папилома вирус којшто предизвикуваат канцер, изјави д-р Богоевска Димитриевска.

Во одредени земји како Белгија и Австралија се очекува наскоро да исчезнат ХПВ инфекциите.

Лекарите повикуваат сите заеднички да се заложат за искоренување на одредени болести преку вакцинацијата.

-Треба информативни емисии, треба разговори, сите кои имаат дилеми можат да дојдат, да се обратат кај нас и подготвени сме да објасниме. Владее мислење дека после примената вакцина против ХПВ доаѓа до стерилитет. Тоа воопшто не е точно, вистината е поинаква, почестите ХПВ инфекции можат да доведат до стерилитет, додава докторката.

Таа повика на поголема свест кај одредени родители во интерес на здрава популација.

Инаку, според статистичките податоци околу 150 жени годишно се разболуваат од карцином на грло на матка.

ХПВ вакцината обезбедува долготрајна повеќегодишна заштита од инфекции предизвикани од хуман папилома вирус и од развој на преканцерозни лезии. Во однос на заштитата веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од примената од повеќе од деценија и пол години на оваа деветвалентна вакцина во западно-европските држави.

Тетово - Оштетени гуми од тркалата на три возила, забележале вработените во Јавната установа Национален Парк Шар Планина пред два дена. 

Тие објавија и фотографии од оштетувањата и упатија неколку прашања до сторителите преку Фејсбук профилот.

-Не знаеме кому му пречат успесите на Националниот парк Шар Планина, на кој на 22 јануари 2025 година, во просторот на паркингот на Националниот парк „Шар Планина“, се случи еден згрозувачки и вандалски чин, при што беа оштетени возилата, конкретно гумите на три автомобили: едно службено возило, едно возило на еден гостин и приватното возило на еден од вработените. Со какви активности, покрај нашата неуморна работа, можевме да провоцираме еден таков вандалски чин од страна на злонамерници?! Сепак, ваквите дела само дополнително ги мотивираат претставниците од ЈУНП Шар Планина во заштитата на природата, развојот на регионот и борбата против непријателите на природата, се вели во објавата на НП Шар Планина.

Од оваа установа информираат дека надлежните органи се запознаени со случајот со надеж дека нема да се повтори.

Штип - Филип Стевановски е избран за нов директор на Националната Установа Центар за култура (НУЦК) „Ацо Шопов“ во Штип. Стевановски доаѓа на местото на досегашната директорка Кристина Атанасова – Арсова. Стевановски е продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ -Штип, со решението од денеска е директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“- Штип.

Стевановски своето основно образование го завршил во Куманово. Своето школување го продолжува во „Илија Николовски – Луј“ Скопје, а подоцна своето образование го усовршува во Америка.. Завршува два факултети вокално инструментален оддел класична музика и џез оддел. Филип Стевановски е директор на детскиот фестивал „Весело Штурче“ во Штип, а го предводеше и мини оркестарот кој оваа година за првпат ги придружуваше сите учесници на Фестивалот на забавна музика „Макфест“.

Остани поврзан