МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
24 јануари 2025
Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на образованието денеска го примила Иле Михајловски, одделенски наставник во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе.
Михајловски е избран меѓу 50 финалисти од вкупно 5.000 номинирани наставници од 89 држави во светот за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, што ја доделува фондацијата Варки од Лондон, со поддршка од УНЕСКО и компанијата ГЕМС Еџукејшн.
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема проблем да се сретне и да разговара со новиот бугарски премиер Росен Жељазков, со цел, како што рече, да се најде начин да се одблокира процесот.
-Апсолутно би преземал чекори, апсолутно би сакал да се сретнам, да разговарам, да аргументирам, тој е новоизбран претседател на Влада, колега на соседна земја. Немам проблем да разговарам, каде било, кога било, и колку што е тоа потребно на начин, за да најдеме начин за да го одблокираме процесот со кој повеќе од две децении сме блокирани, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по увидот на реконструкцијата на патот Катланово – Градманци.
Скопје – Факт е дека ако нема организатори, не може да има терористи. Никој не вели дека тие луѓе не згрешиле, никој не вели дека тие луѓе не направиле престап, но тие луѓе за тој престап доволно време поминале таму и треба тие што водеа политички монтиран процес да си стават прст на чело и да размислат што прават и што направиле, изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан како ја оценува вчерашната одлука за амнестија на обвинетите за случајот организатори за 27 април.
Скопје – На почетокот на следната недела ќе има средба меѓу Владата и Синдикатот на УПОЗ за барањата за додатоци на плата од 30 проценти и потпишување на колективни договори. Премиерот Христијан Мицкоски, најави дека ќе им предложи два-три термини за средба на која ќе разговараат и како што рече „ќе ги анализираме заедно работите“.
Мицкоски, меѓу другото, рече дека се подготвува и состанок на Економско-социјалниот совет каде, исто така, ќе може да се разговара.
Скопје – Договорот за средствата од унгарскиот кредит наменет за компаниите е финализиран и во вторник треба да помине на седница на Влада. Се надевам дека до крајот на месецов ќе биде се завршено, ќе се потпише со банките и ги повикувам економските оператори да подготват проекти и да аплицираат за да ги добијат кредитите од комерцијалните банки, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје – Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, туку се спроведуваат и ако Судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок ние ќе ги вратиме, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Скопје - Извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ Искра Росо е македонската државјанка и претставничка на невладиниот сектор која била приведена и протерана од српската полиција и депортирана од Србија во Северна Македонија.
Во писмена изјава за МИА таа посочува дека на 21 јануари годинава за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека и била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.
Скопје - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска го посетил Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе - Отворена Порта и децата жртви на трговија со луѓе.
На средбата, соопштија од Министерството за социјална политика, демографија и млади, се разговарло за политиките на Министерството кое е целосно посветено на борбата против трговијата со луѓе, исполнувајќи ги законските барања и пракси во врска со развивање и подобрување на националните политики за превенција, подигање на јавната свест, насочување на интервенциите за заштита на жртвите на трговија со луѓе врз основа на почитувањето на основните човекови права и слободи.
Скопје - Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Сотилковиќ денеска во изјава за медимите кажа дека се откриени нови злоупотреби со имотот на Министерството. Тој посочи дека возило џип БМВ вредно 60 илјади евра било пронајдено во многу лоша состојба во сервис за поправка каде од него биле вадени делови и истите биле користени за потребите на сервисот.
Скопје - Нашите демократии се под напад, а поддршката за медиумите е инвестиција во демократијата и најдобриот начин да се одбраниме себе си и да согледаме кои се предизвиците со кои денес во светот колективно сме соочени, порача амбасадорот на Европската Унија во земјава Михалис Рокас на денешниот завршен настан насловен „Дезинформации: како да се препознаат и да се спречат“, со кој се заокружува Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Јавниот радиодифузен сервис“.
Скопје - Иако општествените проблеми како загадувањето на воздухот, пристапот до вода, јавниот превоз, интензивната урбанизација и стеснувањето на јавните простори не засегаат сите, се уште е ниска свеста за нивно јавно посочување, „ставање на маса“, разобличување и решавање. Ниска е свеста и за граѓанско мобилизирање, младите имаат потенцијал, покренуваат иницијативи, но недостига конкретно ангажиран активизам, беше речено на денешната регионална конференција „КритикУМ“ што ја организира Здружението за едукативен развој Еквалис.
Сараево – Босна и Херцеговина во наредниот период мора да го усогласи визниот режим со Европска Унија за шест држави, со насоки тоа да биде по една земја годишно, изјави министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
- Имавме обврска да го усогласиме нашиот визен режим со ЕУ. Бахреин и Оман имаат визи за БиХ, има уште шест земји кои треба да ги усогласиме со ЕУ. Имаме некои насоки тоа да биде најмалку една годишно. Работиме на тоа, посочи Конаковиќ.
Рига – Во Летонија постојат 1.562 атомски засолништа, а се размислува и за изградба на нови, покажа истражувањето на Државната противпожарна-спасувачка служба (ВУГД).
Атомските засолниште можат да примат 533.000 луѓе од вкупниот број на население што изнесува околу 1,8 милиони жители.
Во Летонија има вкупно 28.000 засолништа, од кои 23.000 се објекти кои имаат подземен или подрумски дел, но тие се во приватна сопственост. Додека ВУГД извршила контрола само на зградите во сопственост на државата и на општините.
Берлин - Лидерот на германската Христијанско-демократска унија и фаворит за иден германски канцелар, Фридрих Мерц, денеска изјави дека процесот на проширување на Европската унија ќе потрае и оти дотогаш треба да се утврди дека земјите-кандидатки ќе бидат повеќе вклучени во структурите на ЕУ и механизмите за одлучување и без полноправно членство.
-Верувам дека треба да ја надминеме строгата разлика помеѓу тоа да бидеме целосно надвор или целосно внатре во ЕУ и да создадеме нешто што го отвора патот кон полноправно членство, рече Мерц на состанокот во Берлин организиран од фондацијата “Корбер“ (Körber).
Брисел – Европската комисија заедно со претставници на германските дигитални служби попладнево ќе одржи тркалезна маса со големите онлајн платформи посветена на претстојните федерални парламентарни избори во Германија, најави денеска портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение.
- На неа ќе присуствѕваат Мајкрософт, ТикТок, ЛинкедИн, Гугл, Снап, Мета и Икс, информира Рение.
Брисел – Бриселскиот портал Политико објави искуства на британските премиери и функционери од телефонските разговори со американскиот претседател Доналд Трамп.
- Повиците беа извонредни … брилијантни. Сите плачеа од смеење бидејќи разговорите беа урнебесни, се сеќава еден поранешен функционер на Даунинг стрит, кој инсистираше на анонимност.
Актуелниот британски премиер Кир Стармер, наводно, сè уште чека на ред за својот прв повик со американскиот претседател, иако често сака да истакне дека договорил двочасовна вечера со Трамп во септември и два разговори пред инаугурацијата.
Лондон - Британската организација за поморски трговски операции ги предупреди морнарите во Персискиот Залив за обидите на иранскиот корпус на гардата на Исламската револуција да ги принуди трговски бродови да влезат во иранските води.
Во соопштението објавено од организацијата се вели дека имало неколку инциденти.
Лондон – Од 2021 година во Велика Британија е зголемена должината на престој во пансионите за социјално ранливите категории, кои немаат свои домови. Подолг престој е регистриран во Лондон и во југоисточниот дел на земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на „Скај њуз“.
Според истражувањето децата во некои делови на Англија поминуваат во просек 5,5 години во привремено сместување.
Газа – Хамас соопшти дека утре, како што беше планирано, ќе ја ослободи следната група израелски заложници.
Претходно официјален претставник на Хамас изјави дека заложниците ќе бидат тие ќе бидат ослободени еден ден подоцна од очекуваното.
Женева - Светската здравствена организација (СЗО) денеска истакна дека обезбедува клучни услуги кои ги заштитуваат САД од здравствени закани, откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја повлече земјата од оваа агенција на Обединетите нации.
СЗО ги заштитува САД преку софистициран здравствен разузнавачки систем кој работи на откривање, карактеризирање и проценка на заканите во реално време, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмајер, пред новинарите во Женева..
Москва - Кремљ денеска ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека конфликтот во Украина може да заврши со пад на глобалната цена на нафтата.
Говорејќи онлајн од Белата куќа на годишниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, Трамп синоќа рече дека ОПЕК + ја дели одговорноста за речиси тригодишниот конфликт во Украина со тоа што ја задржа цената на нафтата превисока.
Moсква - Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за контакт со американскиот претседател Доналд Трамп, Москва чека сигнали и навремено ќе ја информира јавноста за можниот разговор, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Путин е подготвен, чекаме сигнали, сите се подготвени“, рече Песков, одговарајќи на новинарско прашање дали за викендот очекува контакти меѓу претседателите на Русија и САД, додавајќи дека е „тешко да се предвиди“ што ќе се случи.
Москва - Заменик-претседателот на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев денеска изјави дека во 2024 година околу 450.000 луѓе потпишале договори за воена служба со руското Министерство за одбрана.
Тој исто така рече дека повеќе од 40.000 Руси се приклучиле на волонтерски формации и отишле во зоната на „специјалната воена операција“ во Украина.
Вашингтон - Американците веруваат дека федералната влада е корумпирана, неефикасна и бирократска, но уште помалку се сигурни дека Илон Маск е вистинската личност да ја поправи целата ситуација.
Само околу три од 10 возрасни Американци силно или донекаде го одобруваат формирањето на советодавно тело за ефективноста на владата на Маск, покажува анкетата на Асошиетед прес-НОРК.
Околу четворица од 10 испитаници не го одобруваат формирањето на советодавното тело, додека останатите испитаници биле неутрални или не се изјасниле, пренесуваат американските медиуми.
Дамаск - Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принц Фејсал бин Фархан ал-Сауд, пристигна во главниот град на Сирија, Дамаск, каде што се очекува да се сретне со де факто лидерот на Сирија, Ахмед ал Шара.
Авионoт на принцот слета на меѓународниот аеродром во Дамаск. Ова е првата посета на саудиски дипломат во Сирија по падот на Башар ал Асад минатиот месец и преземањето на власта од страна на вооружени групи предводени од исламисти.
Дамаск – Лидерот на Сирија, Ахмед ал Шара изјави дека Дамаск нема да дозволи која било терористичка група да го загрозува сирискиот територијален интегритет и национална безбедност на Турција.
Тој додаде дека ќе побара поддршка од Турција во борбата против Исламска држава и другите терористи активни во Сирија.
Берлин - Селекторот на германската репрезентација Јулијан Нагелсман потпиша нов договор со кој ќе биде на чело до крајот на Европското првенство во 2028 година, соопшти Германскиот фудбалски сојуз.
Поранешниот тренер на Хофенхајм и Баерн Минхен ја презеде функцијата во септември 2023 година, кога го замени Ханси Флик, кој беше отпуштен поради лошите резултати.
Под негово водство Германците го стабилизираа настапот и лани стигнаа до четвртфиналето на домашното Европско првенство, откако претходно беа елиминирани во групната фаза на две последователни Светски првенства.
Сеул – Претставници на јужнокорејската армија денеска соопштија дека Северна Кореја, и покрај огромните загуби, се подготвува да испрати дополнителни трупи во Русија, кои ќе бидат вклучени во војната против Украина.
Началникот на здружениот генералштаб на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја е осомничена за забрзување на подготовките за дополнително распоредување на војници, но не наведе повеќе детали.