• сабота, 05 октомври 2024
МИА Радио флеш

12 август 2024

 -  Владата на барање на Министерството за здравство донесе препораки за новиот топлотен бран што се очекува да ја зафати државата во следните три дена по информациите добиени од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи. Во препораките за намалување на ризиците од високите температури што ги усвои Владата на вчерашната седница се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години од 12 август 2024 до 14 август 2024 година.

- Во Собранието денеска започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на 12. собраниска седница.  Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

- Триесет и двегодишен скопјанец утрово е приведен бидејќи со запаливо средство опожарил мотоцикл сопственост на неговата мајка. - Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје утрово  во 5:00 часот го лишиле од слобода А.М. (32) од Скопје, бидејќи се сомничи дека околу 3:30 часот, по претходна расправија со неговиот 55 – годишен татко, во дворот од семејната куќа со запаливо средство опожарил мотоцикл сопственост на неговата мајка, соопшти МВР.

– Претставници од општините и од локалните младински совети, како и експерти во областа на младинските политики ќе бидат дел од конференцијата „Општините пријател на младите - Mладинското учество во фокус“ што се одржува денеска во Скопје.  На конференцијата свои обраќања ќе имаат министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, Александру Албу, Раководител на операции 2 во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и Сашко Митовски, градоначалник на општина Крива Паланка.  

- Неколку населби во североисточниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и две болници, рано утрово беа евакуирани поради пожарот што веќе над 16 часа гори без контрола, а во текот на ноќта дополнително се прошири, заземајќи огромни размери, јави дописничката на МИА од Атина. Во периодот од 5.10 до 5.40 часот утрово беа испратени низа пораки од бројот 112 за итни случаи до жителите на шест населби, а помалку од еден час подоцна следеше и нова порака за евакуација на уште една населба. Паралелно беа евакуирани и детска болница и воена болница во конкретниот регион.

- Турција би можела да го блокира пристапот до социјалната мрежа Телеграм бидејќи, како што е утврдено според прелиминарните податоци, преку каналот се продава дрога и се промовира проституција и коцкање, пишува турскиот весник Сабах, повикувајќи се на извори во владините структури. „Апликацијата Телеграм што нашироко се користи во Турција, стана „криминално мочуриште“. Познато е дека дрогата слободно се продава преку каналите отворени на Телеграм, а се промовираат проституција, коцкање и педофилски видеа“, пишува турскиот весник.

- Москва и Киев вчера меѓусебно се обвинија дека предизвикале пожар во областа на нуклеарната централа Запорожје, која беше окупирана од Русите. Украина ги повика жителите да останат смирени и известија дека нема знаци на зголемена радијација, а пожарот во меѓувреме е изгаснат. Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите нации (МААЕ), која има присуство во огромниот објект со шест реактори, соопшти дека нејзините експерти виделе густ, темен чад што доаѓа од северниот дел на централата во јужна Украина по повеќекратните експлозии.

 - Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта, руската воздушна одбрана уништила 18 украински беспилотни летала над три региони – Курск, Белгород и Воронеж, пренесоа британските медиуми. Единаесет од беспилотните летала беа соборени во пограничниот регион Курск, соопштија од одделот.

- Украина во јули двојно го зголеми извозот на жито, на повеќе од 4,2 милиони метрички тони, во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Украинската асоцијација на трговци со жито UGA, и покрај зголемените руски напади врз Одеса, клучното пристаниште на Црното Море, и Измаил, главното пристаниште на Дунав за извоз на жито во Европа. Британските медиуми пренесуваат дека Украина во јули извезла 3,7 милиони тони земјоделски производи преку Одеса и 569.000 тони преку Дунав. Тоа е двојно повеќе во споредба со јули минатата година кога преку Одеса беа извезени 291.000 тони и преку Дунав 2,07 милиони тони.

– Жителите на Краснојаружкиот округ во руската област се евакуирани поради украинските напади, изјави утрово началникот на Белгородската област Вјачеслав Гладков. - Имаме алармантно утро, непријателска активност на границата на областа Краснојаружкиот округ. За да го заштитиме животот и здравјето на нашето население, почнуваме да ги преместуваме луѓето кои живеат во областа на побезбедни места, истакна Гладков. Тој додаде дека веќе е почната евакуацијата и оти во областа се испратени транспортни возила. 

- Палестинската милитантна група Хамас синоќа побара од посредниците да претстават план заснован на претходните разговори наместо да започнат нови преговори за договорот за прекин на огнот во Газа. Минатата недела, лидерите на САД, Египет и Катар повикаа на разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, на 15 август во Каиро или Доха. Израелските власти соопштија дека ќе испратат преговарачи на состанокот. Хамас првично рече дека сè уште ја разгледува поканата, но сега навестува дека може да остане надвор од новата рунда преговори.

 - Американскиот претседател Џо Бајден во интервју објавено вчера изјави дека неговиот претходник во Белата куќа, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, „е вистинска опасност за безбедноста на Америка“ доколку биде избран на 5 ноември. -Слушајте ме добро. Ако победи на овие избори, гледајте што ќе се случи. Тоа е опасно. Тој е вистинска опасност за безбедноста на Америка“, изјави Бајден во интервјуто за Си-Би-Ес. Бајден се повлече од претседателската трка и ѝ отстапи место на неговата потпретседателка Камали Харис.

 - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин нареди распоредување на подморница со наведувана ракета на Блискиот Исток, соопшти Пентагон, по атентатот на високи членови на Хамас и Хезболах, кога регионот се подготвува за можни напади од Иран и неговите сојузници. Во соопштението по разговорите на Остин со неговиот израелски колега, Пентагон рече дека Остин и наредил на нападната група на носачот Абрахам Линколн да го забрза своето распоредување во регионот.

 - Милијардерот Илон Маск го нарече поранешниот шкотски премиер Хамза Јусаф „супер расистички клошар“, а Јусаф најави дека ќе поднесе тужба, објави британски Телеграф, додавајќи дека тоа го продлабочи стариот спор меѓу двајцата. Откако Јусеф објави напис во „Сандеј Мејл“ во кој наведе дека ги разгледува сите опции, вклучително и одење на суд, Маск искоментира: „Ајде, разубавете ми го денот!“

 - Најмалку 17 луѓе загинаа во лизгање на земјиште на огромна депонија во главниот град на Уганда, Кампала. Спасувачите продолжуваат да ја пребаруваат депонијата со надеж дека ќе најдат уште преживеани. Одронот се случи по неколкунеделни обилни врнежи од дождови. Ѓубрето од цела Кампала, дом на околу четири милиони луѓе, пристигнува во депонијата Китези.

 - Еден Израелец е убиен, а друг ранет во вооружен напад на Палестинци кои отвориле оган на главен пат на окупираниот Западен Брег, соопштија израелската служба за итни случаи и армијата, а одговорноста за нападот ја презеде вооруженото крило на милитантната група Хамас. Израелската армија потврди дека трага по осомничените напаѓачи, блокирајќи патишта и врши претреси.

- Едно лице загина, најмалку двајца се повредени, а околу 400 се евакуирани кога хеликоптер ноќеска падна на покривот на хотел во австралиската држава Квинсленд. Според австралиските медиуми, загинал пилотот на хеликоптерот. - Полицијата прогласи вонредна состојба околу хотелот DoubleTree by Hilton на шеталиштето во Кернс и евакуираше до 400 луѓе по несреќата, која се случи околу 02:00 часот, изјави портпаролката на службата за брза помош во Квинсленд (QAS).

 - Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол го назначи шефот на претседателската служба за безбедност, Ким Џонг-хјун, за нов министер за одбрана, објавија британските медиуми, повикувајќи се на денешна информација од кабинетот на шефот на државата. Досегашниот министер за одбрана Шин Вон-сик е назначен за советник за национална безбедност, додаваат британските медиуми.

- Рекорден број луѓе присуствуваа на кошаркарските турнири во машка и во женска конкуренција на Олимписките игри во Париз. Според прес-службата на Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА), на натпреварите присуствувале вкупно 1.078.319 гледачи. Претходниот рекорд беше поставен на Олимпијадата во 1996 година во Атланта - 1.068.032 луѓе.  Просечната посетеност на турнирите на ЛОИ 2024 кај мажите била 21.711 луѓе по натпревар, кај жените - 19.763.

 - За време на церемонијата на затворањето на Олимписките игри во Париз, олимпиското знаме синоќа беше предадено на следниот град кој ќе биде домаќин на Игрите во 2028 година. Градоначалничката на Париз, Ан Идалго и градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, му се придружија на претседателот на МОК, Томас Бах на сцената за да направат примопредавање знамето. Летните олимписки игри во 2028 година ќе се одржат во Лос Анџелес од 14 до 30 јули.

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан