• сабота, 23 ноември 2024
МИА Општински пул

4 октомври 2024 

Струмица - Општина Струмица денеска објави јавен повик за финансиска поддршка во една наставна година за редовните ученици со попреченост со наод и мислење во училиштата во Општина Струмица во наставната 2024/2025 година.

Повикот е објавен на општинската веб страница, а финансиската поддршка изнесува 1.500 денари месечно во времетраење од 9 месеци.

Средствата може да ги добива ученик доколку е редовен ученик со попреченост од прво до деветто одделение и од прва до четврта година запишан во општинските основни и средни училишта во општина Струмица и во ДСУ-РЦСОО “Никола Карев” – Струмица.

Покрај тоа, треба да поседува документација за вид и степен на попреченост, редовно да ја посетува наставата, да има успешен премин во следната учебна година (свидетелство за претходната учебна година) и на родителот/старателот кој аплицира во име на ученикот за финансиска поддршка да не му е одземено родителското право, односно старателството.

Скопје - Општина Ѓорче Петров информира дека целосно се реконструира улицата „Исаија Мажовски“ во Хром.

- Со овој зафат, една од главните артерии во Општина Ѓорче Петров ќе биде целосно сигурна и безбедна за сите возила и пешаци. Станува збор за реконструкција на коловоз од 3.000 метри квадратни што во иднина ќе значи помалку сообраќајни незгоди и подобро движење, се вели во соопштението. 

Од Општина Ѓорче Петров најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во безбедноста и сигурноста на своите граѓани. 

-Целта е да се обезбеди максимално квалитетна инфраструктура која ќе овозможи сигурно секојдневие на жителите на Ѓорче Петров. И во перидот што следува ќе бидат реализирани сериозни инфраструктурни чекори кои значително ќе ја подобрат сообраќајната мрежа во Ѓорче Петров, но и генерално проекти кои имаат за цел подобрување за условите на живот во општината, се наведува во соопштението.

Тетово - Во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ се одржа четвртото издание на Лешочки камерен музички фестивал.

На свеченото отворање на 30 септември, на првиот концерт во 18:00 часот настапи дуетот гитари „Милонга“ во состав Дејан Лазаревски и Александра Кировска, а на вториот, во 19:00 часот, како уметници од регионот настапи Дајана Малорари-Пајазити – сопран во пијано придружба на Едита Руси. На втората фестивалска вечер настапи Никола Соколовски на кларинет во пијано придружба на Билјана Петровска, и Филип Трајковски на хармоника којшто на програмата настапи како солист и во дует со кларинетистот Соколовски.

- На двете вечери публиката имаше можност да проследи по два концерта со што се реализираа сите заложби на организаторот да учествуваат музички уметници од двете националности, македонската и албанската, коишто живеат во Полошкиот регион, промовирање на млади уметници како и на гости од странство. Сето тоа овој фестивал придонесува кон, приближување на различните култури преку универзалниот јазик на музиката, истакна уметничкиот директор на фестивалот Маја Шутевска-Кировска

Како и досега Лешочкиот камерен музички фестивал, отстапува место на младите музички надежи.

Скопје - Во текот на изминатото деноноќие, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје реализирале вонредни активностите за расчистување на повеќе обемни диви депонии во скопските општини Сарај, Карпош, Центар, Бутел и Чаир.

Како што соопшти ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, во општината Сарај е интервенирано во спортско-рекреативниот центар „Матка“, каде се отстранети приближно 15 кубни метри непрописно одложен кабаст и мешан комунален отпад.

Подигнати се и 50 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на улиците „Војвода Васил Чакаларов“ и „Брадфордска“ во општина Карпош, „Народен фронт“ во општина Центар, „Боро Менков“ и „Костурска“ во општина Бутел и на улиците „Цветан Димов“, „Втора македонска бригада“ и „Македонско-косовска бригада“ во скопската општина Чаир. 

Скопје - Најдобрите наставници и стручни соработници од осумте основни училишта во Општина Аеродром денеска добија признанија и парични награди во висина од 10 илјади денари.

Како што информираат од Општината, признанијата и наградите им ги врачил в. д. градоначланикот на Општина Аеродром, Дејан Митески, во пресрет на утрешниот Светски ден на наставникот - 5 Октомври. Тој им се заблагодарил за нивната посветеност и за љубовта со која ја работат една од најблагородните професии и им посака уште многу поголеми успеси и достигнувања во нивната кариера.

Оваа година за најдобри наставници од страна на училишните одбори се избрани: Ивана Цветановска од ОУ „Љубен Лапе“, Марјанa Настевска од ОУ „Блаже Конески“, Александар Темелковски од ОУ „Александар Македонски“, Соња Фортуманова од ОУ „Браќа Миладиновци“, Виолета Јовановска-Никовска од ОУ „Димитар Македонски“, Љубинка Стојановска од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, Марија Андонова од ОУ „Гоце Делчев“ и Марина Нанева од ОУ „Лазо Ангеловски“.

Штип - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска присуствуваше на отворањето на „Текстилијада 8“ и на откривањето на споменикот за текстилните работнички „Зашиени емоции“ во паркот кај Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“-Штип. 

Сиљановска Давкова во своето обраќање пред работниците и гостите на „Текстилијада 8“ истакна дека државата мора да ги искорени сите неправилности кои се јавуваат и да се заштитат работничките и работниците. Порача работниците и Здружението „Гласен Текстилец“ да бидат непоколебливи и бунтовни. Забележа дека ја радува и меѓународниот карактер на „Текстилијадата“.

-Тоа е многу важно, бидејќи кога гласовите ќе станат хор моќта е поголема. Сакам да потенцирам дека силата на една држава, или ако сакате силата на едно општество не е само во економијата и во животниот стандард и во технолошкиот развој, туку пред се во социјалниот капитал. Нема повредно нешто од човекот, во човечките ресурси, во вредностите што ги делиме и со кои живееме. Затоа јас сакам Македонија да ја градиме како отворена, социјална држава без оглед на партиската идеологија и определба, рече Сиљановска-Давкова.

Кочани – Општинската организација на Црвен крст – Кочани од денеска почнува со работа во нови простории, лоцирани во централното градско подрачје, во близина на зградата на Општина Кочани.

На површина од околу 130 метри квадратни обезбедeни се приемен простор, две канцеларии, сала за состаноци, сала за предавања и обуки, магацински простор и мала кујна со санитарен јазол.

На свеченоста по повод предавањето во употреба на просториите присуствуваа генералниот секретар на македонскиот Црвен крст, Саит Саити, претставници од локалните самоуправи во регионот во кој дејствува општинската организација, соработници и волонтери на Црвен крст и граѓани.

-Горди сме што општинската организација во Кочани доби нови простории што се симбол на солидарноста на институциите, граѓаните, волонтерите и сите добронамерни луѓе кои придонесоа да создадеме современи услови за работа. Тоа беше потреба и желба на вработените, волонтерите и на жителите од регионот кои ги користат нашите услуги, а ние ветуваме дека ќе продолжиме да работиме за доброто на граѓаните. Во наредните период услугите ќе бидат дизајнирани и збогатени со дополнителни содржини што би биле многу посеопфатни и поадекватни на потребите на луѓето, а тоа ќе го правиме во заедничка соработка, истакна генералниот секретар Саити.

Куманово - Занаетчиската комора поднесе барање до надлежните министерства и до Владата за поддршка на занаетчиството преку различни мерки, соопштија денеска надлежните од ЗКРСМ. Од комората велат дека по барање на занаетчиите и по консултациите со регионалните комори, како национална комора поднеле барање до Министерството за економија за поддршка на вршителите на занаетчиската дејност.

По барање на занаетчиите и по консултација со регионалните комори, поднесовме барање до соодветното министерство, засега сè уште немаме одговор. Сега е во процес јавниот повик за субвенционирање на старите занаети, за сите вршители на занаетчиската дејност и во тој контекст ќе почекаме уште малку пак ќе поднесеме барање. Се надевам дека ќе добиеме позитивен одговор од оваа Влада, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлии.

Занаетчиите бараат нивна категоризација за да можат да добијат соодветни средства за мерката самовработување и бараат пресликување на хрватскиот модел. Воедно, до Министерството за економија е испратено старото барање за занаетчиите да се категоризираат како микробизниси, а не како индустрија, за да плаќаат поевтина електрична енергија.

Скопје - Во рамки на денешното одбележување на Светскиот ден на учителот, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски додели награди на 33 просветни работници од основните училишта на општината. Ова признание е доделено на одделенски наставници, предметни наставници и стручни соработници кои ги исполнуваа зададените критериуми на распишаниот конкурс и покажале особена посветеност во својата работа со учениците. Целта на овие награди е да се стимулира и мотивира уште поголема посветеност во воспитно-образовниот процес.

-Учителите имаат исклучително важна и благородна мисија – да го насочуваат и обликуваат развојот на децата во одговорни и успешни личности. Нивната улога во образовниот процес е клучна, а денес со овие награди сакаме да им оддадеме признание за нивната посветеност и да ги мотивираме да продолжат со истата енергија и ентузијазам. Честит Светски ден на учителот на сите наставници, кои секојдневно вложуваат љубов и знаење за иднината на нашите деца-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Скопје - Јас и моите колеги одговорно тврдиме дека постапката е спроведена согласно законските прописи и дека нема никаков правен пропуст. Ова е само еден обичен обид политички да се влијае пред локалните избори. Тука не се цел на напад моите пет колеги кои се наведуваат, туку јас како градоначалник, изјави градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски на денешната прес конференција по повод поднесената кривична пријава од страна на МВР за легализација на спортски терени.

Јакимовски го демантираше тврдењето во соопштението на МВР дека станува збор за времени објекти, потенцирајќи дека терените имаат одобрение за градба, при што заклучи дека „со оваа кривична пријава која МВР помпезно ја најави во јавноста доведени сме во ситуација да објаснуваме дека „воздухот е безбоен““. 

Охрид - Отсекот за превенција при СВР – Охрид  почна со реализација на едукативната кампања наменета за најмладите „Мојот пријател полицаец“.

Полициски службеници ја посетија детската градинка „Росица“ во Охрид и низ интерактивен пристап, пред 65 дечиња од предшколска возраст одржаа едукативни предавања со посебен акцент на областа безбедност во сообраќајот, а им поделија и соодветен едукативен материјал со низа практични совети од областа на сообраќајот.

Целта на оваа активност е запознавање на децата со улогата на полицаецот и запознавање со основните правила и прописи во сообраќајот. 

Битола - Светскиот ден за заштита на животните 4-ти октомври, Општина Битола го одбележа со отворање на прифатилиште за бездомни животни „Хачико“.

Хуманиот третман на животните е значаен и обврска на локалната самоуправа која од денеска во соработка со повеќе ветеринарни друштва во градот ќе врши прифаќање и сместување на бездомни животни, нагласија од Општина Битола.

-Годинава Светскиот ден за заштита на животните се одбележува под мотото „Светот е заеднички дом за сите“ и овој ден се совпадна со периодот кога почнуваме со хуман третман на животните во Општина Битола и со отпочнување на работа на прифатилиштето „Хачико“. Кадарот е екипиран и склучен е договор со повеќе ветеринарни друштва од Општина Битола за хуман третман на уличната популација на кучињата. Општина Битола изминатите месеци во континуитет направи сериозен напор да изгради соодветно прифатилиште кое ги задоволува сите стандарди за хуман третман на животните, добивме одобрување за работа од АХВ за прифатилиштето, направивме мониторинг на уличната популација на кучињата, обезбедивме средства за да отпочнеме со хуманиот третман на животните, изработивме програма за хуман тертман на животните која ги дава насоките по кои ќе се става под контрола на овој проблем. Обезбедивме иновативно решение за ангажман на повеќе сериозни ветеринарни друштва од општината кои ќе го вршат хуманиот третман на животните. Ова решение дава можност за побрз и попрофесионален третман на кучињата и сериозно ја намали цената на чинење на третман на куче, истакна Коњановски.

Криволак - Методско-показна вежба со боеви гаѓања се реализираше денеска на армискиот полигон  Криволак, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерката за финасии Гордана Димитриеска Кочоска, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, генералите во Армијата, командантите на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата и градоначалниците на Штип, Неготино и Кавадарци.

Како што беше кажано, целта на оваа вежба, на која за прв пат беше употребен нов систем вграден на лесно оклопно возило - JLTV, далечински управувана вооружена станица, каде лицето кое ракува со системот е заштитено во оклопното возило, е демонстрација на тактички постапки и процедури при изведување на напад, преку интеграција на борбените елементи и борбена поддршка, да се прикаже борбената моќ и капацитетите на подготвеност на зајакнатата пешадиска чета, дел од Лесната пешадиска баталјонска група  - ЛПБГ.

Гостивар -  Во рамки на осмото  издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“, идната недела во Гостивар ќе бидат изведени шест претстави на театри од Албанија, Македонија Косово, Босна и Херцеговина, Грција и Косово. 

Шестдневниот фестивал ќе започне на 6 октомври со изведба на преставата „Патуковите итроштини“ во продукција на Тетовскиот театар, режија на Куштрим Бектеши и по текст на Ѓерѓ Фишта. Ова го соопштија организаторите на тетарската манифестација, денес на прес конференција.

-Наредните денови се предвидени изведбите на преставите: „Љуље сајза“ на Експерименталниот театар од Тирана, „Парови“ на Драмски театар од Скопје, „Еден е Мохамед Али“ на Народен театар од Сараево,  „Медеа бурка“ на Тесалискиот театар од Лариса, а последната вечер на 12 октомври ќе се игра претставата „Лет над кукавичјето гнездо“ на театарот Адриана од Урошевац, рече Ѓорѓи Нешковски член на организацискиот одбор на фестивалот.

Продуцентот на фестивалот, Берат Салиу напомена дека годинава, уметничкото ниво е подигнато и така ќе се работи во иднина по што фестивалот е препознатлив.

Скопје - Поради oвогодинешното издание на „Бела ноќ“, што ќе се одржи на повеќе централни локации низ градот во текот на утрешниот ден, во периодот од 18 до два часот наредниот ден, превозот на патниците во јавниот градски превоз ќе биде бесплатен, информираат попладнево од Јавното сообраќајно претпријатие - Скопје.

 

 

 

Остани поврзан