• четврток, 03 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

    3 октомври 2024

 

Прилеп - Прилепчани се силно потресени од големата трагедија во која загинаа тројца нивни сограѓани, медицински лица: Александар Ристески, специјалист радиолог, гинекологот Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска.

Со сочувство за семејствата и тага поради загубените животи и врвни стручњаци, на својата фејсбук страница се огласи болницата „Плодност“ од Битола каде работеа загинатите.

-Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, болница „Плодност“ секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност. Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги, стои во соопштението на Болницата на нејзината фејсбук страница.

Тешката сообраќајна несреќа во која загинаа трите медицински лица се случила 15-тина минути пред 8 часот изутрината при директен судир на патничкото возило „тојота“  со прилепски регистерски таблички во кој беа трите медицински лица и товарен камион со скопски регистерски таблички на магистралниот пат Прилеп-Битола на излезот од градот кај селото Лагово. При силниот удар избил пожар кој прилепската противпожарна единица го гаснеше со пет возила и 12 пожарникари. Во несреќата беше повреден возачот на камионот кој беше префрлен во општата болница во Прилеп.

Увид на местото на несреќата правеше јавен обвинител. Од Јавното обвинителство соопштуваат дека сѐ уште не се познати причините за несреќата, наредена е обдукција, а ќе се испитуваат и примероци од крв и урина од возачот на камионот.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при судар на патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски ознаки и товарно возило „волво“ со скопски ознаки. Причините за несреќата се утврдуваат. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатите, сите патници во автомобилот, како и за испитување на примероци од крв и урина од возачот на камионот. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините, информираат од Јавното обвинителство.

Скопје - Целосно е изгаснат пожарот што избувна вчера во подрумски простории во зграда во скопската населба Чаир. Состојбата со опожарениот дел на зградата и состојбата на становите во зградата допрва ќе се утврдува, соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Пожарот, спред ЦУК, бил доизгаснат денеска околу 9:30 часот. Утрово пожарот се уште бил активен и на терен биле три противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје. 

Од ЦУК потсетуваат дека вчера, од 1:50 часот, пожарот во Чаир го гаснеле 20 пожарникари со седум противпожарни возила поради запален магацин на улица „Прохор Пчињски“ бр.136, во подрумски дел на зградата.

- Пожарот е проширен и на станбена зграда, на приземните дуќани, а имаше многу густ црн чад, поради што евакуирани се повеќе од жителите на зградата. Од Итната медицинска помош во 14:25 часот известиле дека имаат дадено прва медицинска помош на 10 деца, 21 возрасен, еден пожарникар и една бремена жена. Дополнително како помош на БППЗ на Град Скопје пристигнало специјално противпожарно возило на АРСМ, соопшти ЦУК.

Специјалното противпожарно возило на Армијата синоќа се вклучи во гаснењето на пожарот. ЦУК вчера информираше дека гаснењето на пожарот се одвива отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запалливи материјали.

Дел од медиумите објавија дека се опожарени простории кои се користеле како магацински простор од страна на фирма во кој имало големо количество пластични производи. 

Куманово - Куманово по неколку месеци пауза, денеска повторно формираше нов локален економско социјален совет. На денешната средба беше избран старо новиот претседател на ЛЕСС Куманово, Најден Бајдевски, претставник од бизнис заедницата, негов заменик е претставникот од синдикатот, Миле Спасовски. Во локалниот економско-социјален совет членуваат и претставници од општина Куманово. Телото ќе се залага за јакнење на локалната економија, подобрување на стандардот на граѓаните, на вработените и заштита на ранливите категории.

- Мое залагање е ЛЕСС Куманово да ги решава потребите на членовите на синдикатите и бизнис заедницата. Локалната власт ќе ги пренесе идеите и до централната власт за да обезбедиме подобар економски развој на општината. Ќе ги слушаме потребите на бизнис заедницата која секогаш е општествено одговорна и излегува во пресрет на потребите на граѓаните, изјави претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

ЛЕСС Куманово изминативе пет години редовно функционираше и имаше бројни комисии, за женско претприемништво, тело за социјален совет, кои ги кажуваа потребите на различни чинители на локалната заедница.

Претседателот на ЛЕСС Куманово, Бајдевски посочи дека продолжуваат со работа и наредните години.

- Сега има нови услови на стопанисување. Ќе бараме нови индустриски зони, нови услови, нашите барања ќе ги упатиме и до централната власт, со цел поефикасно да се работи во општината. Цел е да се помогне и на образованите институции во градот, воведување нови кабинети, поддршка за нашите локални институции, рече Бајдевски.

Мандатот на претходниот ЛЕСС беше четири години, годинава се пролонгираше поради изборите.

- Не сакавме за време на избори да се формира новиот состав, сега се исполнија условите. Очекуваме поуспешна работа наредните години, изјави Ахмет Јашаровски од локалниот економски развој од општина Куманово.

Социо-економскиот дијалог ќе придонесе да се развие Куманово, сметаат претставниците на локалниот економско-социјален совет од градот. Телото функционира како консултативно и советодавно и членуваат претставници од Општина Куманово, организација на работодавци, Сојузот на синдикати, институции, здруженија на граѓани. За претставниците на ЛЕСС особено е значајно што Куманово е најголема општина во државата со извонредна местоположба на крстосница помеѓу двата коридори 8 и 10 и како пограничен град во близина на најголемиот граничен премин во државата Табановце има поголема шанса за отворање и успешен развој. 

Скопје - Во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта со засилено темпо се одвива градежната експанзија за подобрување на патната инфраструктура Општина Илинден во сите населени места. 

Денес се асфалтирани два крака 11 и 12 од улица “500“ во Марино со вкупна должина од 250 метри. Покрај асфалтирањето на овие улици, се подготвуваат за асфалтирање уште два крака 6 и 7 исто во населено место Марино. 

На терен меѓу граѓаните додека се асфалтираше беше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека Општина Илинден посветува големо внимание на одржувањето на патната инфраструктура. Овие улици претходно беа оштетени поради изградбата на фекална канализација, а сега се асфалтираат со цел подобрување на парната инфраструктура и квалитетот на животот на граѓаните. 

Финансиските средства се целосно обезбедени од буџетот на Општина Илинден. 

Штип - Интернационалниот Фестивал на камерни хорови „Астибо фест“ почнува од утре информираше на денешната прес-конференција уметничката директорка на „Астибо фест“, Ивана Ѓурѓевиќ-Јанков. Фестивалот ќе го има седмото изддание и ќе се одржи на 4 и 5 октомври, на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ - Штип.

-Учесници на седмото издание на „Астибо фест“ ќе бидат женски камерен хор „Керамија“ од Прилеп, градски камерен хор „Ѓергев“ од Делчево, фолк арт формација од Ќустендил, Република Бугарија, хор при гимназијата во Делчево, потоа женска  група „Ѓурѓа“ од Делчево, хорови од Крагуевац, Република Србија, два реномирани хорови со богата хорска традиција „Кочо Рацин“ од Скопје и академски хор „Мирче Ацев“ од Скопје, секако ќе се претстави и хорот домаќин „Астибо“ од Штип, вели Ѓурѓевиќ-Јанков.

Свеченото отварање на Фестивалот „Астибо фест“ е утревечер во 19 часот, сите хористи пред почетокот на фестивалот ќе ја испеат песната „Да живее музиката“.

Таа додаде дека фестивалот свечено ќе го отвори градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, влезот е слободен, за сите граѓани кои сакаат да уживаат во убавата музика. Фестивалот на камерни хорови „Астибо фест“ секоја година го организира хорот „Астибо“ од Штип, коорганизатор е Центарот за култура „Ацо Шопов“, а е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам. 

Кочани – Висока концентрација на штетни честички и присуство на јаглерод диоксид во воздухот во Кочани се регистрирани при испитувањата што ги направиле 12 ученички тимови од Средното училиште „Љупчо Сантов“, во период од три месеци.

Во рамки на „Еразмус +“ проектот „Млади еко инспектори“, што партнерски се спроведуваше со градовите Пазарџик од Бугарија и Лариса од Грција, а во кој покрај средношклците беа вклучени и Здружението „Локална акциона група“ и Комуналното претпријатие „Водовод, учениците направиле вкупно 990 мерења на загаденоста на воздухот и водата на повеќе локации во Кочани. На денешната завршна презентација на проектот беше истакнато дека се констатирани загрижувачки параметри во одредени периоди од денот, претежно на локации во централното градско подрачје.

-Присуството на ПМ 2,5 честичките кај објектот на Македонска пошта со 11 микрограми на метар кубен е во рамки на прифатливите граници, но на улицата „Илинденска“ е измерена највисока концентрација којашто е за 8,3 пати повеќе од дозволената вредност. Во анализата за присуство на ПМ 10 честичките, од 990 мерења што ги направија учениците, повисоко ниво од 180 мг на метар кубен имаат 144 мерења, а највисоко ниво од 5,55 пати повторно е измерено на истата улица. За концентрацијата на јаглерод диоксид е регистрирана највисока вредност што е 4,7 пати поголема од дозволената и тоа при 13 мерења, истакна Соња Гушкова  од КЈП „Водовод“.

На презентацијата беше нагласено дека се работи за податоци што се добиени со анализа на испитувањата за период од три месеци на почетокот на оваа година, кои имале едукативна цел. За да може целосно да се утврдат реалните вредности на концентрацијата на штетни честички во воздухот непоходни се мерења и анализи на подолг временски период, што најверојатно нема значително да отстапуваат од веќе утврдените.

За разлика од загаденоста на воздухот, испитувањата на примероците вода што се земени од реката и други отворени водотеци во Кочани покажале вредности што се на сериозно високо ниво, но не ги надминуваат граничните вредности на прифатливи параметри. 

Демир Капија - Деведесет и двајца земјоделци пријавиле штети од врнежи од град во Демиркаписко, потврдија денеска од Комисијата за проценка на оштетувања од градобијни зрна, во изјава за МИА. Оттаму подвлекоа дека процентот на оштетувања е од 20 до 90 отсто. 

- Станува збор за штети од невремето проследено со град, што го зафати регионот на 18 август оваа година. Најмногу штети се пријавени во земјоделски имоти во атарите на селата Прждево, Бистренци, Корешница, Барово, Бесвица и мал дел во делот на Демир Капија, појаснија од Комисијата. 

Оттаму додадоа дека елаборатот со проценки на штети, според закон, се доставува до надлежните државни органи и потоа треба да следува обесштетување на земјоделците што пријавиле штети од елементарна непогода.

Битола - Констатирана е состојба на хаос во рудниците за јаглен во Битола, затоа што воопшто не се водело сметка отстранувањето на јаловинските маси да се врши согласно главниот и дополнителниот проект, а како последица на тоа, нема откривки на јаглен од кои може да се обезбеди континуиран и безбеден ископ за потребите на термоблоковите, истакна Зоран Коњановски, директор за производство и член на УО на АД ЕСМ.

Коњановски нагласи дека во претстојната грејна сезона, новите раководства на АД ЕСМ и на РЕК Битола влегуваат со извршена сеопфатна анализа на актуелните состојби во рударско енергетските комбинати.

-Претходните раководства на АД ЕСМ, на РЕК Битола не ги подготвувале капацитетите во пресрет на грејната сезона. Утврдено е дека нема доволно количини на јаглен, а затекнатиот јаглен на депониите е со исклучително лош квалитет. Веднаш консултиравме професори од Рударскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип кои наскоро ќе излезат со констатирани забелешки за работата на рудниците во комбинатот со насоки во однос на понатамошната експлоатација на јаловината и на јагленот. При увид на теренот, од реномираните експерти се споделени впечатоци дека ископите во постојните рудници при РЕК Битола се вршени спротивно на проектната документација, посочи Коњановски.

Во изјава за медиумите, Коњановски истакна дека во моментов, користејќи ги сите ресурси што комбинатите ги имаат на располагање, направена е реорганизација во однос на капацитетите во рудниците, со цел во најкус можен рок да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.  

-Обезбедивме многу поповолни финансиски услови за набавка на квалитетен јаглен од веќе постоечки договор за набавка на овој енергент од увоз, со што  овозможивме одлични предуслови за реализација на планираните производни количини на електрична енергија за оваа грејна сезона.  Сакам  да истакнам, рече Коњановски, дека за разлика од претходните набавки на јаглен, за сите идни набавки на овој енергент, тогаш кога ќе има потреба, особен акцент ќе се даде на квалитетот. 

Од АД ЕСМ информираа дека имаат докази дека изминативе неколку години се увезувал јаглен со катастрофален квалитет, со специфики кои се во спротивност со пропишаните за работа на термоелектраните. Тоа предизвикало хаварии на блоковите поради кои ЕСМ издвојувале милионски суми за санација.

-Ние имаме одговорност за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните, но истовремено и одговорност да ги сочуваме  термоелектраните - како материјално и национално добро. За сите неправилности кои продуцирале недомаќинско и неодговорно однесување, АД ЕСМ ги разгледува можностите од покренување на кривична и дисциплинска постапка кон раководни лица што директно влијаеле на затекнатите состојби во битолскиот рударско енергетски комбинат, најави Коњановски за време на денешната посета на РЕК Битола.

Во моментов, ремонтните активности во блок 2 во РЕК Битола се завршени и тој е веќе на мрежа, додека ремонтот на ТЕ Битола 3 е завршен во согласност со планот. Зафатот на ТЕ Битола 1 се уште не е ни започнат.

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан