• среда, 20 ноември 2024
МИА Радио флеш

15 октомври 2024 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска имал работен појадок со претставници на Германската стопанска комора во Берлин, на кој зборувал за владините приоритети за инвестиции во патната инфраструктура, изградба на клучните коридори и инвестициите во енергетиката.

-Германија е нашиот најголем трговски партнер и остануваме посветени да ги искористиме потенцијалите за да го подобриме животот на сите наши граѓани. Мораме да направиме големи чекори напред за да народот почувствува подобрување по долгогодишната девастација на земјата, напиша премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил. 

Скопје - Во мултимедијалниот центар „Матица Ексклузив“ денеска напладне ќе биде промовирана книгата „Слова за македонскиот непокор“ од академик Љупчо Коцарев, во која се застапени шеесет и девет есеи објавени во периодот од 2021 до 2023 година.

Како што информира издавачката куќа „Матица македонска“, авторот во есеите пишува за македонските национални премрежиња. Изданието ќе го промовира писателот Ефтим Клетников.

-Како и во претходната негова книга „За македонските работи“, која предизвика голем интерес кај македонските читатели, Коцарев е конзистентен, аналитичен и ги поставува прашањата: „ Што понатаму?“ и „Кои се нашите предизвици?“, што зборува, од една страна, за неговата загриженост поврзана со повеќедецениската криза во Македонија и, од друга страна, за неговиот обид за изнаоѓање решенија за излез од кризата и за опстојбата на Македонија, соопшти  „Матица македонска“.

Скопје - Вкупно 68 004 пазарноориентирани деловни субјекти активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности оствариле 2 078 605 милиони денари промет и додадена вредност од 445 041 милион денари. За ангажираните 433 008 вработени лица, издвоени биле 229 053 милиони денари. 

Според Државниот завод за статистика, најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 39,1 отсто, а по него следат Преработувачка индустрија со 25,7, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 9,1, Градежништво со 6,3 и Транспорт и складирање со 5,1 процент.

Јабланица - Прелиминарната проценка на штетите од катастрофалните поплави и одрони изнесува речиси 50 милиони КМ (околу 25 милиони евра), изјави градоначалникот на општина Јабланица, Дамир Шабановиќ.

Тој рече дека се оштетени околу 200 објекти, од кои вкупно 49, а оштетени се и земјоделски површини, стопански и јавни објекти.

„Се уште работиме на расчистување на патиштата, воспоставување нормална комуникација и решавање на проблемите со снабдувањето со вода и електрична енергија“, рече Шабановиќ и им се заблагодари на сите што помогнаа на Јабланица и другите погодени подрачја.

Љубљана - Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Словенија, каде што ќе има средба со министерката за надворешни и европски работи на таа земја, Тања Фајон.

Како што јави агенцијата СТА, „министерката за надворешни работи Тања Фајон денеска ќе биде домаќин на својот српски колега Марко Ѓуриќ, со кого ќе разговара за билатералната соработка, приемот на Србија во ЕУ, односите меѓу Белград и Приштина и актуелните глобални прашања“.

Атина – Во период што е исклучително променлив и нестабилен во нашиот поширок регион, апсолутно е клучно Европската унија, европското семејство да се продлабочува, да расте, да станува посилно, истакна министерот за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, по пристигнувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија во Луксембург, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија коментираше дека денешниот ден е важен за европската перспектива на Западен Балкан, што како што потсети, започна пред 21 година, а Грција е водечка сила преку Солунската агенда.

Атина – Претседателот на Кипар Никос Христодулидис и лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар, заедно со генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш денеска ќе одржат трилатерална неформална средба во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипарскиот претседател во пресрет на неформалната вечера беше во Лондон каде што се сретна со британскиот премиер Кир Стармер, а по средбата изрази задоволство за иницијативата на генералниот секретар на ОН, посочувајќи дека „нема посилна индикација за неговата политичка волја, за неговата посветеност за напредок во кипарското прашање“ и паралелно го повтори ставот на Никозија.

Москва - Министерот за одбрана на Русија Андреј Белоусов изјави дека одржал содржински преговори со заменик-претседателот на Централниот воен совет на Кина Жанг Јусја, додека Москва и Пекинг го зацврстуваат „неограниченото партнерство“ и ги критикуваат напорите на САД за проширување на влијанието во регионот.

„Вчера одржавме навистина содржински преговори“, соопшти Белоусов преку профилот на руското Министерство за одбрана на социјалната мрежа Телеграм. „Министерствата за одбрана на Русија и Кина се обединети во проценката на глобалните процеси и имаат заедничко разбирање за тоа што треба да се направи во сегашната ситуација“, додаде тој. Според него, задачата сега е да се зајакнат билатералните односи.

Кинеското Министерство за одбрана изјави по средбата дека двете страни се надеваат да ги продлабочат и прошират воените односи и да продолжат со состаноците на високо ниво.

Брисел – Се чувствувам многу возбудено и многу охрабрено што конечно ќе го започнеме најтешкиот дел од работата во преговорите за членство во ЕУ, што подразбира отворање на кластерот „Основни вредности“, изјави денеска во Луксембург албанскиот премиер Еди Рама пред почетокот на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што Тирана практично ги започнува пристапните преговори по кластери.   

- Албанија конечно седи како рамноправен партнер на масата на земјите членки на Европската Унија, нагласи Рама. 

Тој додаде дека од првиот ден откако го „напушти пеколот на најизолирана комунистичка земја во Европа - Северна Кореја во срцето на Европа“, Албанија е посветена на членството во ЕУ. 

Копенхаген - И покрај целта поставена од ЕУ во 2015 година, сите водни површини да бидат оценети како вода со добар квалитет, само околу една третина од површинските води во Европа се во добра состојба, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Според податоците од 19 земји-членки собрани од ЕЕА во 2021 година, околу 37 отсто од површинските води во Европа имаат барем добар еколошки статус, додека 29 отсто имаат добар хемиски статус, објави Гардијан.  

Првичниот рок за постигнување на целта на ЕУ е продолжен до 2027 година, но податоците покажуваат дека тој рок ќе биде пропуштен со големи отстапки.

Њујорк - Повеќе од 400.000 деца во Либан се раселени во последните три недели, изјави висок претставник на УНИЦЕФ, предупредувајќи на загубена генерација во малата земја која се соочува со бројни кризи и сега е вовлечена во војна.

Израел ја засили својата кампања против милитантната група Хезболах, која дејствува од Либан, вклучувајќи и копнена инвазија по размената на оган со таа про-иранска организација за време на војната со Хамас во Појасот Газа.

Борбите во Либан принудија 1,2 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, од кои најголемиот дел во последните три недели ескалација побегнаа во Бејрут или на северот од земјата.

Ерусалим - Израел ќе ги слуша САД, но ќе донесува одлуки за нејзините постапки во согласност со своите национални интереси. Ова денеска го соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Соопштението е објавено во врска со информација во „Вашингтон пост“. Се наведува дека Нетанјаху му рекол на американскиот претседател Џо Бајден дека Израел ќе ги нападне иранските воени објекти, а не нафтените или нуклеарни цели во Иран.

Тел Авив - Во екот на војната во Појасот Газа и Либан и подготовките за можна ескалација на конфликтот со Иран, Израел се соочува со потенцијален недостиг на ракети пресретнувачи во неговиот систем за противвоздушна одбрана.

Повикувајќи се на експерти и поранешни воени функционери, американскиот весник „Фајненшл тајмс“ наведува дека „официјален Вашингтон и помага на еврејската држава да го реши тој проблем“, меѓутоа, поради недостигот на ракетна муниција, Израел би можел да се најде во ситуација да треба да одлучи кои цели сака да ги брани како приоритет, пренесе Тајмс оф Израел.

Сиднеј - Австралија ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Израел и ги повика Австралијците кои се таму да ја напуштат земјата додека се уште се достапни патничките летови.

Предупредувањата се издадени поради конфликтот меѓу Израел и либанското шиитско движење Хезболах, јавија австралиските медиуми.

„Австралиската влада е сериозно загрижена дека безбедносната ситуација во Израел и окупираните палестински територии може брзо да се влоши“, напиша австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг на социјалната мрежа Х.

Вашингтон - Во 37 сојузни држави веќе почна предвременото гласање за претседателските избори во САД, а тоа право до синоќа го искористија речиси пет милиони гласачи, кои гласале по пошта или лично.

Во следните пет дена ќе започне предвременото гласање во три од седумте клучни држави - Џорџија, Невада и Северна Каролина.

Предвременото гласање стана широко распространета практика за време на изборите во 2020 година, кога повеќе од 100 милиони гласачи избегнаа преполни избирачки места среде пандемијата Ковид-19, а повеќето држави ги задржаа тие опции.

Остани поврзан