• вторник, 19 ноември 2024
МИА Радио флеш

18 ноември 2024

Приштина - Време е да ги решаваме економските прашања, истакна македонскиот премиер Христијан Мицкоски на денешната заедничка прес-конференција со неговиот косовски колега Албин Курти, по заедничката владина седница во Приштина. 

Двајцата премиери и членовите на двете влади разговарале за широк спектар на прашања од заеднички интерес вклучувајќи ја економската соработка, зголемувањето на трговската размена, инфраструктурните проекти и заедничките напори за обезбедување на регионалната стабилност и безбедност, јави известувачот на МИА од Приштина.  

Мицкоски оцени дека средбата била исклучително продуктивна, со искрен и отворен дијалог што е од клучно значење за зајакнување на односите меѓу двете земји. 

- Убедени сме дека иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија и во НАТО, рече Мицкоски, потенцирајќи дека граѓаните ги интересира поголем стандард.

Тој кажа дека се договорени конкретни чекори за подобрување на транспортните и енергетските врски што ќе има позитивно влијание на економскиот развој и напредокот на земјите во регионот. Исто така и за младите, образованието и младите. 

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната меѓувладина седница во Приштина истакнал дека очекува следната година економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра.

Косовскиот премиер Курти му се заблагодари на премиерот Мицкоски за волјата за продлабочување на соработката и зајакнување на партнерството меѓу двете држави во интерес на граѓаните и на регионот. 

Скопје - Во рамки на заедничката седница меѓу владите на Република Северна Македонија и на Косово денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски заедно со заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шакири,оствариле билатерална средба со Либурн Алиу, министерот за транспорт на Косово. 

Во фокусот на средбата, како што соопштија од Министерство за транспорт, било квалитетно поврзување меѓу двете земји со посебен акцент на патното и железничкото поврзување. 

Вицепремиерот Николоски истакнал дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус во изградба на модерна патна и железничка мрежа, притоа потенцирајќи дека не се отстапува од автопатско поврзување меѓу двете земји. На средбата, исто така се отворила и темата за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај  и изградба на заедничка железничка станица. 

- Имаме добри билатерални односи со Косово и тоа се потврдува со денешната заедничка седница меѓу двете Влади. Косово е наш сосед, економски значаен партнер и мораме заеднички да работиме на регионалниот развој и соработка. Со министерот Алиу разговаравме за заеднички проекти како би го забрзале економскиот развој на регионот и ќе придонесеме за подобра комуникација, олеснување на транспортот и создавање на подобри услови за граѓаните и компаниите, истакнал заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Скопје -  Заменик министерката за европски прашања и заменик главен преговарач со Европската Унија,  Викторија Трајков за време на работната посета во Будимпешта се сретна со унгарскиот заменик-министер за европски прашања, Жигмонд Барна Пал. 

Средбата, како што соопшти Министерството за европски прашања , била одржана во духот на зајакнување на билатералните односи и соработката меѓу Северна Македонија и Унгарија, особено во контекст на европските интеграции.

Посебен акцент бил ставен на унгарската поддршка на земјата на нејзиниот евроинтегративен пат, која досега беше од суштинско значење. 

Двете страни размениле мислења за најдобрите практики и искуства од унгарскиот процес на пристапување кон ЕУ, при што заменик министерката Трајков ја истакнала важноста на унгарската експертиза како модел за имплементирање на европските реформи во нашата земја. 

Барна Пал ја потврдил посветеноста на Унгарија за продолжување на поддршката и предложи конкретни иницијативи за идни програми на соработка, особено во областите на владеење на правото, економскиот развој  и јакнење на административните капацитети.

Скопје – Почитувани студенти вие сте архитекти на утрешнината, вие сте иднината, вашата одлучност, љубопитност, детерминираност кон знаење, вашите соништа и очекувања, инспирираат надеж во иднината. Ова денеска го порача ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Биљана Ангелова на панел дискусијата на Студентскиот правобранител: Институционален дијалог „Реформирање на високото образованиe: Интердисциплинарни студии на иднината“, во рамки на одбележувањето на Денот на студентите.

-Секоја година овој ден носи моќна историја – Денот на студентите. На овој ден ја одбележуваме храброста и жртвата, а студентите кои во 1939 година се спротивставија на угнетувањето на нацистичката окупација во Прага, нивната потрага по правда, еднаквост и академска слобода не потсетува на немирниот дух на младите луѓе како катализатори за промени и напредок, истакна Ангелова во обраќањето пред панелот. 

Денес, додаде таа, меѓународниот ден на студентите ги надминува своите историски корени во чест на сите студенти низ целиот свет. 

Скопје - Повеќето граѓани не знаат дека имаат хронична опструктивна белодробна болест. Бесплатни прегледи од стручни лица се вршат денеска по повод Денот на хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) во „Сити мол“ во Скопје, каде граѓаните може да се тестираат и доколку биде потребно, да добијат препорака да се јават за дополнително испитување.

Доцент доктор Димитар Каркински, директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза - Скопје, појасни дека ако се земат предвид светски статистики, во нашата држава би имало минимум 100.000 заболени лица.

-Овој ден го користиме за прославување на ХОББ. Всушност, сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за оваа болест. За жал, оваа болест е многу честа во Македонија. Најглавна причина за ова е пушењето. Македонија е меѓу првите три земји во Европа по користење цигари и се смета дека 45 отсто од адултната популација во Македонија се пушачи. За жал и самите пациенти не знаат дека имаат хронична опструктивна белодробна болест, т.е. имаат симптоми, ама или не ги препознаваат или ги игнорираат, а тоа го знаеме бидејќи немаме толкав број пациенти кои доаѓаат на прегледи, а во консултации со Фондот за здравство, не се ни издаваат толкав број лекови што би требало да ги примаат овие пациенти, појасни Каркински.

Скопје- Советот на јавни обвинители донесе одлука со која го потврди решението за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, донесено од страна на Републичкиот јавен обвинител. Жалбата на Хајрулахи е одбиена како неоснована.

Советот денеска ја донесе одлуката со седум гласа „за“, и еден „против“ по расправата од која јавноста беше исклучена поради заштита на интегритет на обвинителот.

- Се потврдува одлуката со која вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи, се оддалечува од функцијата вршење јавен обвинител за време додека трае кривичната постапка. Да се потврди решението, а жалбата да се одбие како неоснована, рече претседателката на СЈОРМ, Душица Димитриевска.

Кети Петкова смета дека одлуката треба да се преиначи бидејќи според неа републичкиот обвинител со решението за суспендирање на Хајрулахи го крши Законот за јавно обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители. 

Скопје- Претседателката на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Душица Димитриевска, изјави дека не е донесена одлука за нејзино повлекување од функцијата член на Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. За тоа, како што рече, ќе се одлучува на седница. 

На новинарско прашање дали е донесена одлука за нејзино повлекување по препораката од ДКСК дека назначувањето на членови на УО на АСЈО од редот на СЈОРМ е спротивно на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО, таа одговори дека одлуката ќе биде донесена на седница. 

- Одлука не е донесена со оглед дека одлуката на ДКСК е доставена на крајот од минатата недела. Таа треба да биде предмет на сите членови на Советот и на седница ќе донесеме одлука. Јас и уште еден член од Советот сме и актуелни членови на УО на АСЈО. Досега, доколку имало судир, ДКСК можела и морало да констатира, меѓутоа не констатирала. Не претставувало проблем нашето членување во управниот одбор.  Одлуката е донесена од страна на советот согласно закон, каква одлука понатамошна ќе донесеме, ќе бидете известени, рече Димитриеска на денешната прес-конференција во Советот. 

ДКСК изминатата недела порача Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават вон сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).

Скопје- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд – Скопје поднел барање за поведување подготвителна постапка против дете во судир со законот родено 2009 година за кое постои основано сомнение дека извршило дејствија кои со закон се предвидени како кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопшти дека на 25 октомври, детето заедно со други непознати лица, започнале разговор со малолетник, но набрзо потоа без особен повод започнале да го удираат со тврди предмети. Детето во судир со законот, се додава, извадило нож и ја прободело жртвата во натколеницата.

- На 13 ноември, во автобус на ЈСП Скопје, тој, во група со уште три непознати лица, извршил грубо насилство и нанел телесна повреда – убоди со нож во главата на 15-годишник, со што кај останатите патници предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, се вели во соопштението.

Скопје - Македонски железници - Транспорт информира дека е нормализиран патничкиот и железничкиот сообраќај откако локомотива од товарен воз се излизга од шините. 

Штетата, како што информираа од компанијата, е незначителна и локомотивата по техничката проверка, е вратена во сообраќај. За патниците бил организиран автобуски превоз на релација од Велес до Скопје и обратно.  

- На ден 17.11.2024 во 21:35 ч., помеѓу станиците Кадина Река и Зелениково се случи вонреден настан, излизгување на локомотива од товарен воз. Локомотивата е подигната од страна на помошен воз на ден 18.11.2024 година во 01:40 ч. Од страна на ЈП ЖРСМ Инфраструктура пругата беше официјално затворена за целосен железнички сообраќај на 18.11.2024 година до 10:50 ч., од кога повторно се воспостави и се нормализира патничкиот и товарниот железнички сообраќај. Штетата од вонредниот настан е незначителна и локомотивата после техничката проверка веднаш е вратена во сообраќај, стои во информацијата од Македонски железници - Транспорт.

Скопје - ОВР Кичево поднело кривична пријава против С.Т.(49) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“, соопштија денеска од МВР.

Тој, во периодот од 08.07.2021 до 07.08.2024, во својство на директор на ЈЗУ Општа болница- Кичево, со намера да се стекне со противправна имотна корист, неовластено присвоил ехо апарат M9 Mindray, кој му бил доверен во службата, како донација од Министерство за труд и социјална политика во вредност од 2.134.482 денари.

Перт - Македонската амбасадорка во Австралија Билјана Стефановска Сековска и министерот во владата на Западна Австралија Дејви Мајкл, денеска во Перт свечено ги отворија новите простории на Австралиско - македонската комора за трговија и индустрија.

Поздравен говор одржа претседателот на комората Крис Вржовски кој истакна дека ќе се работи на унапрдување на деловните односи меѓу двете земји, со посебен акцент на Македонија како атрактивна бизнис дестинација, информира почесниот македонски конзул во Австралија, Зоран Ќосески.

На отворањето е прикажана видео порака од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцуснки, кој ја поздрави оваа комора како нов импулс во зајакнувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Австралија.

Скопје - Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС од полноќ се намалува за 0,136 денари и ќе изнесува 43,708 денари за килограм, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Белград - Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека припадниците на Службата за борба против високотехнолошкиот криминал на Дирекцијата за технологија, како дел од Европската платформа за борба против организираниот криминал, учествувале во големата меѓународна акција „Мозаик 2024“ насочена против сексуалната злоупотреба на децата на интернет во Западен Балкан. Идентификувани се вкупно 63 осомничени, извршени се 59 претреси и откриени се осум жртви, јави дописникот на МИА од Белград.

При претреси на териториите на Србија, Северна Македонија, Хрватска, Република Српска, Босна и Херцеговина, Унгарија, Словенија и Црна Гора, запленети се 327 електронски уреди, на кои се пронајдени материјали кои произлегуваат од сексуална експлоатација на деца на интернет, споделени преку различни апликации и Peer2Peer мрежа, кои понатаму ќе се користат како доказ во кривична постапка против осомничените.

Во соопштенеито на МВР се додава дека акцијата „Мозаик 2024“ е продолжување на регионалната и меѓународната полициска соработка во борбата против злоупотребата на децата на интернет, во која акциите на припадниците на МВР се спроведени во изминатите неколку дена во повеќе градови во Србија.

Берлин- Германија останува на својата одлука да не и испорачува ракети со долг дострел на Украина, соопшти денеска портпаролот на германската Влада.

„Одлуката на канцеларот е непроменета“, рече портпаролот на брифингот за медиумите.

Претходно денеска, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека САД донеле „важна одлука“ во врска со воената поддршка за Украина, мислејќи на одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да и дозволи на Украина да користи оружје произведено од САД за напади длабоко во руската територија.

Рим - Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани денеска во Брисел го потврди ставот на Италија за оружјето што и се испорачува на Украина, а кое може да се користи „само на украинска територија“.

„Нашиот став за употребата на оружјето на Украина не се менува, тоа може да се користи само на украинска територија“, рече Тајани на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Изјавата доаѓа откако Вашингтон и дозволи на Украина да ја нападне руската територија со ракети со долг дострел доставени од САД, што е голема стратешка промена околу два месеца пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.

Варшава - Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека одлуката на американскиот претседател, Џо Бајден, да и дозволи на Украина да користи оружје произведено од САД за да напаѓа длабоко на руска територија, најверојатно ќе биде решавачки момент во војната меѓу двата соседа, пренесуваат британските медиуми.

-Оваа одлука беше многу неопходна. Русија гледа дека Украина ужива силна поддршка и дека ставот на Западот е непопустлив и одлучувачки, изјави Дуда.

Полскиот претседател нагласи дека „тоа е многу важно“ и дека е тоа „потенцијално одлучувачки момент во оваа војна“.

Брисел - Советот на ЕУ денеска одлучи да го прошири опсегот на рестриктивни мерки поврзани со иранската воена поддршка на руската агресија врз Украина и на вооружени групи и ентитети на Блискиот Исток и во регионот на Црвеното Море. 

Со санкциите се воведува забрана за користење на бродови и пристаништа за трансфер на дронови, проектили и сродни технологии и компоненти од Иран за Русија, како и за извоз, трансфер, снабдување или продажба на материјали за развој и производство на ракети и беспилотни летала од ЕУ на ирански субјекти. 

Од забраната се исклучени пловни објекти на кои им е потребна помош поради поморска безбедност и кои се користат за хуманитарни цели или за настани кои би имале сериозно последици по здравјето и безбедноста на луѓето или животната средина. 

Газа - Управата за цивилна одбрана во Појасот Газа објави дека 85 нејзини вработени биле убиени, а 56 возила и 17 канцеларии биле уништени во нападите извршени од Израел од 7 октомври 2023 година.

Во соопштението на Управата се наведува дека во нападите на Израел врз Газа од минатата година, покрај 85 загинати вработени во цивилната заштита, повредени се 301 лице, додека 20 лица се приведени од израелски војници.

При нападот целосно се уништени 14 штабови и канцеларии на Управата, а три се делумно уништени.

Израелската армија, исто така, гаѓаше возила на тимовите за цивилна заштита, уништувајќи 56 возила, вклучително и противпожарни, спасувачки, цистерни за вода, брза помош и административни возила, а 40 станаа целосно неупотребливи.

Остани поврзан