• вторник, 14 јануари 2025
МИА Радио флеш

  10 јануари 2025

 

Скопје – Во Собранието, во рамки на 29-тата седница, попладнево почна расправата по првата точка од дневниот ред – интерпелација за работата на Илире Даути - пратеничка на Алијанса за Албанците од коалицијата „Европски фронт“, претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.

Интерпелацијата  во ноември до Парламентот ја поднесоа шесте пратеници на Левица, а денеска  ја образложи пратеникот  Сашко Јанчев. Рече дека Илире Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.

Скопје - По спроведената истражна постапка во предметот под кодно име „Премин“, надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје доставил обвинителен акт против 14 лица и обвинителен предлог против две лица.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13 царински службеници, од кои едниот е во пензија и полициски службеник, се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело примање поткуп предвидено и казниво по член 357 од КЗ.

Скопје - Државниот инспекторат за труд по добиената претставка од министерот за јавна админситрација Горан Минчев го поништил огласот за вработување во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од Липково, а работодавачот бил известен за потребата за отстранување на неправилностите.

Министерот Минчев денеска ја поздрави брзата и професионална реакција на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), кој по применета претставка утврдил дека огласот за вработување во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од Липково, е објавен во спротивност со важечките законски прописи.

Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднел кривична пријава против Б.И. осомничен за сторено кривично дело „напад на службено лице при вршење на работи на безбедноста“ по член 383 став 2 од Кривичниот законик.

Скопје – По стапувањето во штрајк на вработените во Државното правобранителство пред два дена, во вторник, на 14 јануари, на протест излегуваат вработени од шест министерства, како и од Државниот завод за статистика. Ова во изјава за МИА го потврди претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, кој рече дека засега се очекува на протест да излезат вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика. 

Деаноски нагласи дека во понеделник официјално ќе биде објавено кој сѐ ќе учествува на протестот, бидејќи, како што рече, постои можност да се приклучат вработени и од други министерства.

Скопје - Вкупно 47 пратенички кои добија мандат на ланските парламентарни избори се дел од новиот состав на Клубот на пратеничички, кој се конституира денеска - со едногласен избор на Јована Тренчевска за претседателка, по што, со консензус, беше изгласано и новото претседателство.

Во новиоизбраното Претседателство на Клубот на пратенички има претставнички од сите пратенички групи застапени во законодавниот дом, кои, во текот на конститутивната седница, ги реафирмираа заложбите за продолжување на натпартиската битка против сите форми на дискриминација и за унапредување на родовата еднаквост.

Скопје - Кошаркарската Федерација испрати известување односно потсетување до клубовите кои се натпреваруваат во Првата МТЕЛ лига мажи, за почитување на Пропозициите за натпреварување за натпреварувачка сезона 2024/2025 во целост.

Оттаму велат дека ќе спроведат вонредна инспекција во салите кои се пријавени пред почетокот на сезоната, по одигрување на првото коло во новата календарска 2025 година (закажано за претстојниот викенд) за уште еднаш да ги потврди условите согласно Пропозициите за натпреварување за тековната сезона. Сите недостатоци кои ќе бидат забележани од страна на делегатите на натпреварите ќе бидат земени предвид, соопштија од КФСМ.

Загреб - Во најавата за вториот круг од претседателските избори во Хрватска светските агенции пишуваат за речиси сигурна победа на Зоран Милановиќ, а некои од нив ја прикажуваат и борбата меѓу него и неговиот противкандидат Драган Приморац како судир меѓу популист и научник, пренесе Хина.

Австриската агенција АПА пишува дека по „надмоќната“ победа на Милановиќ во првиот круг, со 49,09 проценти наспроти 19,35 проценти на Приморац, се очекува актуелниот претседател да „триумфира“ во вториот круг и дека „единственото прашање е со колкава разлика“.

Брисел – ЕУ навистина не сака да предвидува што ќе прави новата американска Администрација предводена од идниот претседател на САД, Доналд Трамп, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо 

- Зборуваме за Администрација која се уште не е формирана и ако и кога ќе биде формирана, тогаш ќе се навратиме на тоа, рече Пињо, во одговор на прашања поврзани со предизвиците со кои би можела да се соочи ЕУ поради одредени постапки на идната Администрација на САД.

Брисел - НАТО нема да го поддржи предлогот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, но најверојатно ќе се согласи на повисоки распределби од сегашната маргина од два отсто од БДП.

Трамп во вторникот рече дека земјите-членки на Организацијата на Северноатлантскиот договор треба да потрошат пет отсто од својот БДП за одбрана, што е многу повисоко од сегашната цел од два отсто и износ што досега не бил обезбеден од ниту една земја членка, вклучително и САД.

Виена – Досегашниот шеф на австриската дипломатија Александар Шаленберг денеска положи заклетва како привремен канцелар на земјата.

Претседателот на Австрија Александар Ван дер Белен изјави дека функцијата му ја доверува на членот на сојузната влада со најдолг стаж, пренесе јавниот сервис ОРФ.

Шаленберг со ова по втор пат станува вршител на должноста канцелар, откако на истата позиција застана и во 2021 година, кога поранешниот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради обвинувањата за корупција, а ќе остане и министер за надворешни работи додека не се формира нова влада.

Брисел – Евентуалната финансиска компензација за Словачка за штетите предизвикани од прекинот на транзит на руски гас преку украинска територија, ќе зависи од заедничката проценка на ситуацијата, изјави денеска портпаролката на ЕК за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен.  

Таа додаде дека ова ќе биде едно од прашањата за кои ќе се расправа во Работната група чие формирање е договорено на вчерашната средба на еврокомесарот за енергија и домување Дан Јоргенсен и словачкиот премиер Роберт Фицо во Брисел.  

Атина – Преку писмо до претседателот на грчкиот Парламент, кое е упатено и до премиерот на Грција, до претседателите на политичките партии, до пратениците, но и до самиот Илон Маск, лидерот на десничарско-националистичка партија Грчко решение Кирјакос Велопулос, бара американскиот бизнисмен Маск да биде поканет да одржи говор во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Каракас – Венецуела, неколку часа пред инаугурацијата на претседателот Николас Мадуро, денеска ја затвори границата со Колумбија поради „меѓународен заговор“.

- Има информација за меѓународен заговор со цел да се наруши мирот на Венецуелците, поради што Мадуро нареди затворање на границата со Колумбија, изјави гувернерот на венецуелската погранична област Тахира, Фреди Бернал.

Тој додаде дека границата ќе биде затворена три дена, до понеделник.

Атина – За две години, на средината на јануари 2027 година, Атина ќе биде домаќин на 39 Европски филмски награди, кои, според општината, првпат ќе се одржат во град во југоисточна Европа, „факт што претставува значајно признание за Атина и за позицијата на градот како единствена дестинација за меѓународни филмски продукции“, јави дописничката на МИА од Атина.

Предлогот Атина да биде град-домаќин го подготвил Грчкиот центар за филм, аудиовизуелни средства и креативност „Creative Greece“, го доставил до Европската филмска академија и бил прифатен, церемонијата ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во Културниот центар на Фондацијата Ставрос Ниархос, а активностите во пресрет на доделувањето на наградите ќе започнат 12 месеци претходно, со бројни настани посветени на грчката и европската кинематографија.

Лос Анџелес - Куќата на Том Хенкс во Лос Анџелес, според американските медиуми - „за чудо“, сè уште постои. Вилата вредна 26 милиони долари, што 68-годишниот глумец и неговата сопруга Рита Вилсон ја купија во 2010 година, „за влакно“ го избегна пожарот и остана недопрена. Според наводите, огнената стихија буквално застанала пред нивниот двор.

И, додека домот на Хенкс со четири спални соби - „преживеа“, хациендата над неговото место е речиси целосно уништена, пишува „Пејџ сикс“ (Page Six).

Том и Рита сѐ уште не се огласиле во јавноста за пожарот, но најверојатно се евакуирани.

Остани поврзан