• среда, 20 ноември 2024
МИА Радио флеш

17 октомври 2024

Скопје - Процедурата за префрлање на средствата од унгарскиот заем е веќе завршена и денеска се очекува да легнат на сметката на Народната банка, а веќе утре да се трансферират во Буџетот, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

 - Секторот од МФ ме информираше дека сѐ е подготвено и очекувам средствата да бидат префрлени на сметката во Народната банка, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите. Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој, рече Димитриеска-Кочоска за телевизија Алфа.

Најави дека веќе е започната и процедурата за повлекување на втората транша од заемот која ќе се искористи за отплата на еврообврзницата што доспева во јануари 2025 година.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје информира дека интензивно презема дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес.

- Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на местото и за обдукција на починатите. Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот, се вели во соопштението.

Во сообраќајката што се случи вчера попладне на автопатот Скопје - Велес, три лица загинаа, а пет беа повредени. Несреќата, како што соопшти МВР, е пријавена во 17:45 часот, а до неа дошло откако на автопатот Скопје - Велес, пред тунелот, се превртело комбе.

Скопје - Во период на зголемени рекламни активности на социјалните мрежи поврзани со т.н. „платформи за остварување на брза заработка преку интернет“, Управата за финансиско разузнавање како надлежна институција основана за целите на прибирање и анализа на извештаи за сомнителни трансакции и други информации од значење за спречување и откривање перење пари и финансирање на тероризам, се придружува на апелите од страна на останатите надлежни органи и ги предупредува граѓаните да бидат внимателни со сопствените парични средства и навремено да препознаат фиктивни измамничко-инвестициски платформи, односно да не инвестираат во ваквите платформи и апликации.

Од друга страна, имајќи предвид дека голем дел од граѓаните се стекнаа со крипто-средства преку давателите на услуги поврзани со виртуелни средства во нашата држава (најчесто локални менувачници во државата кои се задолжени да применуваат мерки и дејствија за спречување перење пари и финансирање на тероризам), ги повикуваме истите да не ги поттикнуваат и да не им помагаат на граѓаните во вршењето на трансакции, односно депонирање на крипто-средства кон ваквите потенцијално измамнички апликации.

Белград - Момчето К.К. (14), кое изврши масовно убиство во основното училиште Владислав Рибникар во Белград, денеска е изведен во Специјалниот суд каде треба да продолжи да сведочи во судскиот процес против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој е донесен со возило на Брза помош во придружба на полицијата и ќе биде сослушан како сведок. Влезот во психијатриската болницата каде се наоѓа К.К. беше покриен со паравани, а припадниците на полицијата го прекрија телото на момчето-убиец спроведувајќи го во возилата до судот.

Малолетникот на 8 октомври почна со распит од обвинителите и адвокатите, а почнаа да поставуваат прашања и оштетените.

Судењето е затворено за јавноста поради заштита на оштетенте малолетници.

Атина - Централата на грчката полиција, рано утрово добила мејл со предупредување дека се поставени експлозивни механизми на неколку локации во Атина, меѓу кои болница, суд, како и метростаницата Синтагма, јави дописничката на МИА од Атина.

Мејлот, според грчките медиуми, бил напишан на англиски јазик, испратен во 7.20 часот утрово и полицајци вршат проверки на терен.

Превентивно бил евакуиран судот, а метрото функционира без прекин, меѓутоа не застанува на станицата Синтагма.

Атина – Лажни се покажа дека беа предупредувањата испратени до грчката полиција за поставени бомби на неколку локации во Атина, откако полицајците од Одделот за деактивирање и уништување на експлозивни направи при проверките не пронашле ништо сомнително, јави дописничката на МИА од Атина.

Во 7.20 часот утрово во централата на грчката полиција, бил испратен мејл на англиски јазик со предупредување дека се поставени експлозивни механизми во болница, суд, како и метро станицата Синтагма.

Атина - Претседателот на Кипар Никос Христодулидис за време на учеството на Европскиот совет во Брисел ќе ги информира неговите колеги од земјите-членки на Унијата за неформалната трилатерална средба во Њујорк со лидерот на кипарските Турци и генералниот секретар на ОН, соопшти портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во писмената изјава, Летибиотис рече дека Христодулидис ќе ги информира европските лидери „за исходот од заедничката средба и за претстојното свикување на состанок во проширен состав, во рамките на истражување на изгледите за продолжување на преговорите“.

Дополнително, кипарскиот претседател ќе ги информира и членовите на Европската народна партија на денешниот состанок.

Брисел - Мораме да бидеме свесни за состојбата на Западниот Балкан во услови кога дијалогот Белград-Приштина што се води со посредништво на ЕУ не се одвива онака како што би сакале и кога постојат сецесионистички тенденции за поделба на Босна и Херцеговина, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Пактот во Брисел. 

- Без сомнеж тоа ќе биде на нашата агенда и бидете сигурни дека ќе сториме се и ја изразуваме нашата поддршка за Западниот Балкан, рече Руте. 

Тој додаде дека го поздравува и одржувањето на Самитот на Берлинскиот процес, како дел од напорите, пред се на Германија, за приближување на Западниот Балкан кон ЕУ, но и кон НАТО. 

Берлин - Градоначалникот на баварскиот град Бад Гризбах, Јирген Фундке, ја блокираше регистрацијата на украинските бегалци, тврдејќи дека градот нема повеќе места во градинките, училиштата и центрите за сместување.

Фундке предизвика конфликт со окружните власти откако го одби нивното барање да прими 35 украински бегалци.

Канцеларијата за миграција на областа Пасау испрати писмо до Фундке во кое му нареди да им дозволи на Украинците да се регистрираат во градот, на што тој одговори: „Јас не сум идиот. Ќе го прочитам тоа на Божик“.

Тој вели дека градот веќе ја исполнил својата квота и нема капацитет за нови бегалци.

Берлин - Францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер утре ќе престојуваат во Берлин, каде ќе се сретнат и ќе разговараат со американскиот претседател Џо Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц, соопшти денеска портпаролот на германската Влада.

Бајден од денеска е во посета на Германија, каде што ќе има и посебна средба со Шолц, јавија британските медиуми.

Како што беше претходно објавено, Бајден минатата недела ја откажа посетата на Германија поради ураганот Милтон, што погоди делови од САД.

Рим - Северот на Италија е зафатено од невреме кое предизвика лизгање на земјиштето и поплави, поради што железничкиот сообраќај е запрен, а училиштата на некои места беа затворени.

Невремето посебно го погоди северозападниот регион Лигурија.

Два лета кон Џенова беа пренасочени за Пиза и Торино, додека летовите од Рим и Пиза беа пренасочени за Катанија или откажани. Во Емилија Ромања и пристанишниот град Ла Специја е вклучен портокалов аларм, каде што училишта се затворени, пренесува „Стампа“.

Киев - Украинската армија изврши напад со ракета со боева глава полна со касетни бомби врз тренинг-центар каде руските трупи спроведувале обука, објави денеска „Киев пост“.

Украинскиот весник исто така пренесува дека Јужното крило на украинските вооружени сили објавило снимка од воздушниот напад на официјалната страница на Фејсбук, но не прецизира точна локација.

Во извештајот се додава дека, според сите изгледи, во нападот биле користени американски ракети, и дека ова е најмалку шести случај во последните осум месеци кога руските војници се собирале на отворено во област која е во дострел на ракетите со кои располага Украина, и веднаш биле нападнати.

Тел Авив - Израелски официјални лица потврдија дека премиерот на земјата Бенјамин Нетанјаху ги одобрил сите цели за планираниот израелски одмазднички напад врз Иран, пренесува Еј-Би-Си Њуз.

Според изворот, Израел планира да одговори на нападот од Иран од 1 октомври, кога кон Израел беа испукани повеќе од 200 проектили.

Меѓутоа, официјалниот претставник, кој зборувал анонимно за „ABC News“, одбил да открие повеќе детали за конкретните цели и не сакал да коментира дали станува збор исклучиво за ирански воени цели.

Нема дадено временска рамка за извршување на нападот, објасни тој.

Вашингтон - Џими Картер, најстариот жив поранешен претседател на САД и единствениот кој го доживеал 100-от роденден, вчера го даде својот глас за претстојните претседателски избори во САД, во неговата матична држава Џорџија.

Според извештаите на повеќе американски медиуми, гласачкото ливче било оставено во поштенско сандаче на судот во градот Америкус, а тоа го потврди и Центарот Картер.

Поранешниот претседател ѝ кажал на својата фамилија дека е повеќе заинтересиран да гласа за потпретседателката Камала Харис, кандидатката на Демократската партија, отколку да го прослави својот 100-ти роденден, објави весникот „Атланта Џурнал-Конститушн“.

Каиро – Шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, доцна синоќа слета во Каиро на разговори со египетските власти, што е прва ваква посета по неколку години, како дел од турнејата низ Блискиот Исток во време на голема загриженост поради можен поширок блискоисточен конфликт со Израел.

Тензиите се високи бидејќи се очекува израелски напад врз Иран, како одмазда за иранскиот ракетен напад на 1 октомври, кој дојде по драматичната ескалација на конфликтот меѓу Израел и проиранската либанска милиција Хезболах.

Арагчи пристигна на „важни разговори со високи египетски функционери што ќе се одржат во четврток“, порача портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, на социјалната мрежа Х, по неговите посети на другите земји, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Ирак и Либан.

Лос Анџелес - Надбискупијата на Лос Анџелес се согласи на спогодба од 880 милиони долари со повеќе од 1.300 лица кои биле изложени на сексуална злоупотреба во детството, што претставува најголема спогодба на која било католичка надбискупија во историјата на САД.

Спогодбата се однесува на обвинувањата дека свештенството и други црковни лица учествувале во сексуална злоупотреба на малолетници, што е криза што ја прогонува црквата со децении. Договорот следува по усвојувањето на Законот 218 на Калифорнискиот Парламент, со кој привремено се укинува рокот на застареност за историската злоупотреба, овозможувајќи им на преживеаните да поднесуваат тужби кои инаку би биле отфрлени поради застареност.

Надбискупот Хозе Х. Гомез изрази длабоко каење во писмена изјава, наведувајќи: „Навистина ми е жал за секој од овие инциденти, од длабочината на моето срце“.

Остани поврзан