• сабота, 01 март 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   25  февруари 2025 

 

Скопје - 2024 година е трета година од мојот мандат, но и трета година во историјата на Кисела Вода кога финансиските средства на општинската сметка се значително повисоки од обврските. Денес, за разлика од минатото, ние не позајмуваме – ние инвестираме, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на почетокот од своето денешно обраќање пред Советот на Општина Кисела Вода каде се усвоија кварталните извештаи, се наведува во соопштението од Општината.

Во своето излагање, како  што се додава во соопштението, тој ја истакнал трансформацијата на општината во изминатите три години, посочувајќи ги рекордните финансиски резултати и историските капитални инвестиции.

-2023 и 2024 година се години со највисоки капитални инвестиции во историјата на нашата општина. Истовремено, 2024 е годината со највисоки приходи остварени во буџетот споредбено со било кога во минатото. Ги срушивме старите лоши навики на моите претходници, ја запревме праксата на непланирани трошења и создадовме модел на развој кој гарантира стабилност и раст, изјавил Ѓорѓиевски.

Информирал и дека со оваа историски највисока реализација на капитални проекти во износ од 155.898.143 денари, не се вклучени ниту еден од проектите чија реализација е во тек и ќе бидат завршени во 2025 година: изградба на Основно училиште „Климент Охридски“, доградба на детска градинка „8-ми Март“, доградба на Основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“, реконструкција на коловоз на ул. „Ѓорѓи Димитров“, изградба на пат кон манастир „Пеленица“, изградба на потпорни ѕидови и уредување на речното корито „Мала Рада“.

-Цело време говоревме дека работиме домаќински, ги скративме сите непродуктивни расходи, но истовремено ги зголемивме приходите. Денеска можеме со гордост да кажеме дека поставивме здрави темели и изградивме просперитетна и самоодржлива општина, потенцирал градоначалникот, додавајќи дека делот на приходите, разликата меѓу работењето денес и она во минатото е драстична.

Ѓорѓиевски нагласил и дека реализираните приходи во консолидираниот Буџет за 2024 година се за 38 отсто повисоки во однос на 2020 година, односно за 287.541.464 денари повеќе. Во 2020 година, додал тој, претходната власт користела кредит од 54.451.735 денари, кој сега го враќаат. Без тие средства, нагласил градоначаникот, разликата во нашето работење во 2024 година изнесува 341.993.199 денари повисоки приходи.

-Кога на ова ќе се додадат сите скратени непродуктивни трошоци, јасно е зошто денеска имаме најмногу капитални проекти, а истовремено и рекорден број субвенции и помош за жителите, истакнал градоначалникот, додавајќи дека Буџетот за 2025 година ќе овозможи многу повеќе приходи, со тоа и многу повеќе капитални проекти и субвенции, како и целосна реализација на ветената Програма, се наведува во општинското соопштениие. 

Скопје - Градоначалникот на Општина Чаир денеска беше на терен за да го следи одблизу почетокот на градежните работи за реконструкција на водоводната и фекалната канализациона мрежа на улицата Адем Микуловци (Диџон 17).

Ова е значајна инвестиција за заедницата во вредност од 6.984.638 денари, финансирана од средствата што ги додели Владата за 2024 година. Со овој проект ќе се овозможи модерна и одржлива инфраструктура, обезбедувајќи подобрен систем за снабдување со вода и регулирана канализациона мрежа за жителите на овој регион.

Во рамките на планираните инфраструктурни инвестиции, Општина Чаир ќе продолжи со нови проекти во секоја населба, значително подобрувајќи го квалитетот на животот на граѓаните.

Општината останува посветена на обезбедување ефикасни услуги и конкретни инвестиции кои директно влијаат на благосостојбата на нејзините жители.

Дебар - Јавното комунално претпријатие „Стандард“ почна со ажурирање на податоците на корисниците на услуги и потпишување нови договори, кои ги содржат потребните основни податоци.

- Врз основа на Законот за облигациски односи, како и врз основа на препораките на Државниот завод за ревизија, во тек е еден од најважните процеси од административен аспект на функционирањето на претпријатието. Овој процес е билатерална обврска за давателите на услуги и потрошувачите како корисници на истите, вели во изјава за МИА, директорот Бурим Каба.

Со ова, според Каба, претпријатието ќе има појасна слика за проблемите и потребите за подобрување на услугите како што се подобро планирање на идните инвестиции и воспоставување на правото на еднаков третман што недостасува.

- Освен што ќе имаме точна евиденција, оваа активност ќе услови избегнување на непотребните недоразбирања. Поконкретно, има многу сопственици на објекти за домување, кои ги оттуѓиле истите, но ниту претходниот, ниту сегашниот сопственик, не се јавиле да извршат промена. Посебно проблем се јавува кога поради неплатени сметки ќе доставиме соодветна пријава во судот, посочува Каба.

Апелира до корисниците да ја реализираат оваа обврска на шалтерите за наплата со документ за идентификација на сопственикот, купопродажен документ или договор за изнајмување, со цел да се забрза овој процес.

Според него, оваа обврска треба да ја реализираат над четири илјади корисници.

Скопје - Општина Центар распиша јавен повик за доделување субвенции за млади за полагање на возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на Центар. Овој повик е отворен од денеска и ќе трае до исцрпување на средствата од општинскиот буџет, а најдоцна до 31 декември годинава.

Како што стои во соопштението од Општината, право на субвенција имаат сите млади лица кои во текот на годинава ќе наполнат 18 години, односно кои се родени во 2007 година, а живеат на подрачјето на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата изнесува 10.000 денари и може да се користи единствено за полагање на возачки испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.

- Младите лица кои сакаат да управуваат возило мора да имаат возачка дозвола и да бидат одговорни возачи за да можат да учествуваат безбедно во сообраќајот. Возењето без возачка дозвола во Центар е недозволиво. Преку оваа субвенција ќе помогнеме во координација со автошколите од општината да се обезбеди најквалитетна обука за сите млади кои ќе запишат часови. Безбедноста на нашите граѓани, особено на младите е приоритет, да возиме совесно. Вози совесно, истакнува градоначалникот Горан Герасимовски.

Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи:

-Барање за субвенција;
-Копија од лична карта;
-Копија од трансакциска сметка;
-Доказ за извршена уплата во автошкола;
-Доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар;

Сите заинтересирани граѓани за дополнителни информации можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-680 или преку е-пошта: elif.idris@centar.gov.mk. 

Скопје - Општина Ѓорче Петров официјално објави дека 2024 година е историски најуспешна во економски поглед. Според најновите податоци, буџетот за оваа година е реализиран во 76 отсто, а општинските приходи достигнаа рекордни 326 милиони денари, се наведува во соопштението на Општината.

Градоначалникот Александар Стојкоски, се додава во соопштението, истакнал дека овој впечатлив успех е резултат на ефикасно управување и транспарентна работа на општинската администрација. -Реализацијата на буџетот и рекордните приходи ни овозможија да инвестираме во клучни проекти кои директно влијаат врз квалитетот на животот на нашите граѓани, изјавил Стојкоски.

Овие средства биле насочени кон развој на инфраструктурата, подобрување на условите во образованието и предучилишното воспитување, како и други капитални проекти. Општината успешно ги сервисирала сите тековни обврски, обезбедувајќи навремено исполнување на своите финансиски задачи.

Градоначалникот Стојкоски дополнително нагласил дека општината ќе продолжи со уште поголемо темпо на развој во наредниот период. -Нашата цел е да ги подобриме условите за сите жители на Ѓорче Петров преку дополнителни инфраструктурни проекти и подобрување на јавните услуги, истакнал тој.

-Општината Ѓорче Петров, останува фокусирана на своите стратешки приоритети и продолжува да работи на создавање на подобри услови за живот и работа на својата територија. Со постојан напредок и посветеност, општината се стреми да биде пример за успешно локално управување и развој, се вели во соопштението.

Дебар – Одделението за внатрешни работи во Дебар денеска поднесе кривична пријава против дебранец поради узурпација на недвижности, со што противправно се стекнал со имотна корист во износ од 4.722.300 денари.

-Кривична пријава е поднесена против Г.Г.(59) од Дебар, кој на катастарска парцела во дебарската населба „Венец“, неовластено присвоил државно градежно земјиште во вкупна површина од 2385 метри квадратни и поставил бодликава жица и дрвени колци во висина од еден метар, информираше денеска Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Ова е втора кривична пријава во последните неколку дена поднесена под истите сомненија. Претходно, кривична пријава беше поднесна против Р.К.(47) од Дебар за „узурпација на недвижности“ и „бесправно градење. Тој на катастарска парцела на улица „Елена Ѓика“ извршил доградба на деловен простор без одобрение за доградба, што е спротивно на Законот за градење. 

Скопје - Поради уличен дефект денеска од 11:15 часот без водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата „Виничка“. 

Прекинот ќе трае до завршување на работните активности. 

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираат и дека во 11 часот е саниран дефектот на улицата „Африм Житија 13а“. 

Битола - Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ-Скопје и Правниот факултет при УКЛО-Битола  ќе бидат домаќини на европскиот собир ЕУРОКРИМ кој во 2027 година ќе се одржи во Скопје.

На прес-конференција во битолскиот Ректорат, ректорот Игор Неделковски истакна дека организацијата на големиот академски европски настан е историска за Универзитетот, Факултетот, но и за правната струка во Македонија.

-Чувствувам голем восхит од позицијата на нашиот Правен факултет-Кичево кој со заеднички сили со Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ-Скопје ја добија организацијата на меѓународна конференција на ЕУРОКРИМ на која во земјава ќе пристигнат над 1.800 учесници, посочи ректорот Неделковски кој заедно со проректорот Горан Илиќ, му честитаа на тимот професори и деканката Светлана Велјановска од Правниот факултет, вклучени во апликацијата.

Организација на ЕУРОКРИМ 2027 е доверена од страна на Европското здружение за криминологија, а во локалниот организациски комитет како претставници на Правен факултет при УКЛО избрани се професорите Ангелина Станојоска, Ице Илијевски и Ивона Шушак Лозановска, додека од Правен факултет „Јустинијан Први“ избрани се професорите Гордана Лажетиќ, Александра Груевска Дракулевски и Бобан Мисоски.

-Доверената организација на ЕУРОКРИМ е важна вест за државата, но и за науката во сегментот криминилогија во нашата земја. Европското здружение за криминологија ни довери заедничка организација на годишна конференција по криминологија која ќе се одржи од 15 до 18 септември 2027 година во главниот град Скопје. Тоа е најголемата конференција за криминологија во светот и учествуваат криминолози од Европа, САД, Австралија и други земји. Ние заедно со бордот ќе присуствуваме на претстојните две конференции што ќе се одржат оваа година во Атина и во Варшава во 2026 година, а потоа во 2027-ма големиот настан ќе биде во Скопје каде ќе се зборува за сите области на криминолгогијата. Всушност, да добиете ЕУРОКРИМ тоа значи дека во државата криминологијата се развивала години наназад и има со што да се пофалите, истакна професорката Ангелина Станојоска.

Организацијата на ЕУРОКРИМ, најголема светска конференција за криминологија, значи потврда дека правните факултети на државните универзитети не треба да се гледаат како конкуренција и дека треба да работаат заедно во функција на науката, беше посочено на прес-конференција во ректоратот на УКЛО во Битола.

Битола - Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и Мехмет Мурат Чалик, градоначалник на Бејликдузу, во Турција потпишале протокол за збратимување на двата града.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека протоколот за збратимување вклучува развивање на соработка во социјалните, економските и културните области. 

На свеченоста во Бејликдузу, градоначалникот Коњановски, потсетил на историската поврзаност помеѓу двете земји, како и големата соработка која континуирано се негува.

-Најубавата песна за Битола е напишана од жител на градот, Турчин по националност, кој во 1956 година се иселил во Турција, но никогаш не го заборавил својот роден град и луѓето кои ги сакал и почитувал. Песната „Битола мој роден крај“ ја напишал на македонски јазик со што оставил вечна врска со жителите на градот и Македонија и станал нераскинлив дел од историјата на овој град. Почитуваниот Ајри Демировски, е прогласен и за почесен граѓанин на Битола. Преку културата и традицијата, доаѓаме и до новото време, во кое со почит се грижиме за историските споменици, но истовремено ги зајакнуваме и нашите врски, ја зголемуваме соработката и создаваме нови можности за развој и напредок, истакнал Коњановски.

Како што е познато, Општина Битола, веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција, стопанските комори од двете земји, развиваат добри односи, а минатата година беше потпишан протокол за соработка помеѓу зоните „Жабени“ и „Тире“. Од неодамна во Битола е првата инвестиција од Измир, односно турска компанија за производство на лифтови „ARLIFT“, која заедно со бизнис партнери од Битола, одлучи да инвестира во Индустриската зона „Жабени“.

Соработката меѓу Битола и Бејликдузу ќе се развива меѓу административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии. 

Скопје - Од Општина Сопиште денеска до медиумите испратија допис во кој информираат за нередовен јавен превоз во општината. Бараат од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да обезбеди контиуниран и навреме јавен превоз особено на линијата 58. 

- Веќе неколку месеци, залудно го известуваме ЈСП Скопје за сериозните проблеми со оваа линија, а недостапен за директна комуникација е и
директорот на претпријатието. Подолг период, јавниот превоз на линија 58 не се одвива по утврдениот возен ред, а речиси секојдневно дел од утврдените поаѓања воопшто и не се реализираат, што ги остава жителите на општина Сопиште без соодветна и навремена врска со градското подрачје. Граѓаните не можат да го планираат патувањето за до работа, училиште, на лекар и слично. Оваа ситуација сериозно го нарушува секојдневието на жителите, кои оправдано реагираат и упатуваат жалби до нас. И покрај нашите постојани апели и напори за средување на состојбата, игнорантското однесување од страна на ЈСП продолжува. За жал, не се преземаат конкретни чекори за подобрување на услугата, а ситуацијата дури продолжува да се влошува, наведуваат од Општината.

Оттаму додаваат дека навремено и во целост ги имаат подмирено финансиските обврски кон претпријатието. Апелираат до ЈСП и до Град Скопје како основач на ЈСП, да преземат итни мерки за наднимување на проблемот.

- Се надеваме дека во најкраток рок ќе бидат преземени мерки кои ќе го подобрат јавниот превоз и ќе го решат овој секојдневен проблем на нашитежители, велат од Општината.

Штип - Бизнис секторот, средните стручни училишта, Министерството за образование и наука, ТИР зоната во Штип преку социјален дијалог ќе го подобруваат дуалното образование. Целта е фабриките во ТИРЗ во Штип да ги отварат вратите за средношколците на средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ за практична настава, но и надлежните институции да креираат профили кои се потребни за фабриките во ТИРЗ во Штип.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов нагласи дека преку ваквата комуникација и социјалниот дијалог ќе им се излезе во пресрет на потребите на стопанството, но истовремено ќе се создаде квалификуван кадар кој полесно ќе може да се вработи и да одговори на потребите на пазарот на труд.

-Она што ние можеме да го овозможиме е да направиме првична комуникација и можност за соработка, меморандум за соработка помеѓу образовните институции и бизнис секторот за да се овозможи тој процес на дуално образование и дел од наставата да биде практична и да имаме квалификувани профили, коишто на пазарот на трудот ќе додат вредност, рече тој.

Градоначалникот потенцира дека преку дуалното образование, средношколците од стручните училишта ќе можат полесно да се прилагодат во процесот на производство, да бидат обучени и да имаат поголема продуктивност.

Директорката на Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“-Штип, Јованка Шалева на денешниот состанок истакна дека во напредна фаза е трансформацијата на училиштето во Државно регионално училишта, а во изминатиот три години имаат склучено над 100 меморандуми со фирми од Штип и источниот регион, а со фабриките во ТИРЗ веќе имаат оставрено средби, на коишто веќе е договорено средношколците од ова училиште во текот на летото да имаат феријална пракса, а од септември во новата учебна 2025-2026 година и да се почне со дуалното образование.

-Во измнатите три години ние имаме две дуални паралелки, со што едната е од електротехничката, а другата е од машинската и во овие две паралелки имаме околу 90 ученика, вели Шалева.

ТИРЗ во Штип е најголема во државата и нуди огромен потенцијал. Един Факиќ, раководител на Сектор за стопанисување со слободни зони посочи дека се прават напори за нови инвестиции, а со тоа и нови можности пред се за учениците за понатаму тука да можат да работат. Тој забележа дека странските компании кои се заинтересирани за инвестирање во ТИРЗ-овите во земјава најмногу се интересираат и приориритет даваат на тоа дали во регионот којшто ќе ја отворат фабриката има кадар. 

Штип – Општина Штип почна со доставувањето на проектите кои ќе се финансираат преку вториот повик на Владата со средствата обезбедени од унгарскиот кредит. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова денеска изјави дека на Штип му се на располагање околу 400 милиони денари, или околу 6,5 милиони евра од вториот повик, со кои ќе се реализираат осум капитални проекти. 

Таа истакна дека оваа седмица ќе се поднесат апликациите за два проекти, односно за паркот во близина на бања Кежовица, како и за изведба на нова улица во централното градско подрачје. Посочи дека како што ќе пристигнуваат дозволите за градба, така и ќе ги доставуваат апликациите до ресорните министерства.

-Во текот на оваа недела Општина Штип ќе аплицира со два проекти, односно изградба на парк во близина на бања Кежовица покрај коритото на река Брегалница, а другиот проект е изведба на улица која ќе ги поврзува улиците „Тодор Коларов“ и „Мирче Ацев“. Општината ќе аплицира и со втора фаза од завршување на обиколницата или изградба на мост на обиколницата, изјави Шорова Ангелова.

Во низата проекти се наоѓаат и поставувањето на СКАДА системот преку кој ЈП „Исар“ ќе може да ги контролира загубите на вода и кражбите на вода. Најголемиот капитален проект е уредување на влезот во градот, односно доизградба на булеварот „Гоце Делчев“ од Кампус 4 до кружниот тек.

-За обезбедување на постојан проток на вода Општина Штип ќе аплицира и со проект за изградба на резервоар во близина на Филтер станицата, рече Шорова Ангелова.

Во текот на овие денови се очекува да стартува и изградбата на обиколницата од населбата Железничка до бањата Кежовица, проект кој се финансира преку првиот повик на Владата со средства од унгарскиот заем. 

Делчево - Претставници на образовни и други општински институции, здруженија на граѓани и Невладини организации од Делчево денеска се запознаа со објавениот повик на Европската комисија за доделување награда во областа на образованието, кој е фокусиран на инклузијата на Ромите во образовниот систем. 

Како што истакна Ерол Адемов од Општина Штип, повикот е отворен за физички лица, приватни универзитети, како и за Универзитетот Гоце Делчев од Штип. 

Целта, истакна тој, е да се поддржат проекти и иницијативи кои ќе помогнат во создавањето на еднакви можности за Ромите во образованието и ќе ја подобрат нивната инклузија во образовните институции.  

- За самата апликација важно е да се каже дека, оваа година која е шеста по ред  областа на која може да се аплицира е образованието. На повикот кој е со широк спектар можат да аплицираат и физички лица. Од предвидените две награди, првата награда е во износ од осум илјади евра, додека втората награда е во вредност од пет илјади евра. Секоја земја ќе има по двајца свои претставници, од вкупно 14 колку што ќе бидат поканети на студиска посета во Брисел каде свечено ќе бидат доделени таквите награди, нагласи Адемов.

Инклузијата на Ромите во образованието, како што додаде, е многу важна и тема на која се посветува многу внимание. 

- Меѓу главните цели е помошта Ромите да го подобрат нивото на образованието, што ќе им овозможи да бидат конкурентни на пазарот на трудот. На тој начин со повисоко ниво на образование, тие ќе имаат поголеми шанси за вработување, полесно интегрирајки се во општеството.  Најважно од се за да се постигне ова, е да се отстранат препреките кои ги спречуваат Ромите да имаат пристап до образование, како сиромаштијата, дискриминацијата и недоволниот пристап до ресурси, додаде Адемов.

Повикот за наградата која ја доделува Европската комисија ќе трае до 28 февруари, а апликациите се доставуваат електронски. 

Остани поврзан