• сабота, 20 јули 2024
МИА Општински пул

17 јуни 2024 

Карбинци - Цената на водата за пиење во Општина Карбинци нема да се зголеми до 2025 година, децидна е директорката на ЈП „Плачковица“-Карбинци, Елена Коцева. Таа денеска изјави дека во тек е тестирањето на цевководите од Филтер станицата до населените места кои вода ќе добиваат од ХС „Злетовица“.

-Сакам да напоменам дека се уште трае регулираниот период за цената на водата 2022 -2024 година и до крајот на овој период нема да има никаква промена со цената на водата, не зависно дали се користи бунарскиот систем или системот „Злетовица“. Не се очекува промена на цената на водата останува иста како и до сега, вели Коцева.

Куманово - Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое е обвинет кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случај со не добивање дозволи за градење згради во Куманово.

Градоначалникот Димитриевски потенцира дека не се чувствува виновен.

Наредната расправа е закажана за 2. јули, кога ќе биде сослушан уште еден сведок од секторот за урбанизам од општина Куманово. 

Дебар - Во трите општински основни училишта во општина Дебар, од година во година, се помал е бројот на ученици, кои за првпат седнуваат во ученичка клупа.

Според Бурим Казиу, општински просветен инспектор, во предвидениот рок на Министерството за образование и наука во трите основни училишта ООУ „Пенестија“ и „Саид Најдени“ во градот, како и ООУ „Ристе Ристевски“, во селото Долно Косоврасти, пријавени се 88 првачиња.

- Морам да нагласам дека во периодот пред почетокот на новата учебна 2024/2025 година се очекува зголемување на бројот на првачињата. Непишано правило е родителите децата да ги запишуваат неколку денови пред или на самиот почеток на учебната година. Но, како и да е бројката ќе биде помала во однос на минатата учебна година, вели Казиу.

Струмица - Полицијата го сомничи Е.М. (37) од Струмица дека синоќа заедно со тројца малолетници физичи го нападнале Е.И. (23) и неговата сопруга во нивниот дом во Струмица. При нападот со остар предмет му нанел повреда на младиот струмичанец.

Како што соопштија денеска од СВР Струмица, напаѓачот бил лишен од слобода и бил задржан во полициската станица во Струмица, а за настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Струмица.

Дојран - Со одржување на фестивалот на традиционална храна, обичаи и култура „Дојран гурман фест“, вчера во Дојран беше означен почетокот на новата туристичка сезона.

Со богато мени и настап на естрадни уметници, како и фолклорни анасамбли, Дојран покажа дека е подготвен за туристичката сезона, која се очекува да биде подобра од претходните.

– „Дојран гурман фест“ е заштитен знак на Дојран, бидејќи преку традиционалната храна, обичаи и култура го промовираме нашето езеро, како место со чист воздух, со прекрасна природа и медитеранска клима, велат од Општина Дојран.

Крива Паланка - Учениците од здравствената струка во средното општинско училиште „Ѓорче Петров" Крива Паланка ќе можат да изведуваат практична настава во современиот Центар за дијализа  „ Диаверум", откако двете институции потпишаа договор за соработка.

- Оваа соработка ќе придонесе кон усовршување, развој и  оспособување на учениците кои се стремат да бидат успешни медицински лица. „Диаверум" е најнова во листата здравствени установи од приватниот сектор со која училиштето потпишува меморандум за соработка, а нашите ученици од здравствената струка изведуваат практична настава и во јавната здравствена установа „Димитар Арсов", Крива Паланка. Постојано сме во комуникација со сите институции и компании што можат да придонесат за поквалитетно практично усовршување на учениците од стручните паралелки и во пресрет на претстојните уписи во училиштето на идните средношколци им нудиме одлични услови за настава и надградба на знаењата, рече директорката на СОУ „Ѓорче Петров", Елена Ѓоргиевска.

Скопје - Точно пет години навршуваат денеска од смртта на Кирил Ценевски, еден од најголемите синеасти на македонската кинематографија, соопштија од Кинотека.

Како што потенцираат од Кинотеката, неговиот првенец и  дебитантски игран филм „Црно семе“ од 1971 година постави нови параметри во филмското творештво и своевремено беше најнаградуван македонски филм - „Златна арена“ за режија и „Златен венец“ за дебитанско остварување на Пулскиот фестивал, „Жар-птица“ за најдобар режисер на Московскиот фестивал, а во 1972 година беше и југословенски кандидат за американската филмска награда „Оскар“.

Ценевски е роден во Крива Паланка во 1943 година. Првпат професионално на филм е ангажиран како помошник на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“ (1970). По „Црно семе“, Ценевски во 1975 година го снима „Јад“, повторно со Дарко Дамески во главната улога и Љубе Петковски зад камерата, досега единствен македонски филм со средновековна тематика.

Остани поврзан