• сабота, 31 август 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

    19  јули 2024

 

Скопје - Во просториите на Министерството за здравство бил одржан состанок за можностите да се прошири Позитивната листа со иновативни лекови. На состанокот присуствувале министерот за здравство Арбен Таравари, директорот на Фондот за здравствено осигурување Александар Клековски, претставници на „Фармабренд - нова“ - асоцијација на иновативни фармацевтски производители, Американската стопанска комора, како и на Комисијата за позитивна листа на лекови.

Скопје - Нормализирано е снабдувањето со електрична енергија во оние делови од Скопје, кои повеќе од 12 часа останаа без струја по вчерашното краткотрајно невреме што го зафати главниот град, информираат за МИА од ЕВН Македонија. 

Дел од скопските населби синоќа останаа без струја, а причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија, според ЕВН Македонија, биле два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“.

Во утринската информација од ЕВН Македонија беше посочено дека нивни екипи работеле цела ноќ за да го поправат дефектот кој настанал како резултат на вчерашното силно невреме.

Невремето што синоќа зафати делови од главниот град предизвика повеќе штети - паднати дрвја, оштетени автомобили, кровови, поплавени домови.

Скопје - Министерот  за европски прашања Орхан Муртезани денеска во просториите на Министерството, се сретнал со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Петра Дрекслер на која се осврнале на билатералните односи и севкупната и континуирана германска поддшка за земјава.

На средбата, како што соопштија од Министерството, се разговарало за темите поврзани со европските интеграции на земјата, билатералните односи меѓу двете земји, спроведувањето на Планот за раст и реформската агенда кои се важни за поттикнување на реформите и економскиот развој во земјата, а чија цел е забрзување на социо-економската конвергенција на регионот во Европската Унија.

Скопје - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко
Ѓурчиновски, во рамки на официјалната посета на Вооружените сили (ВС) на Турција, вчера во Анкара остварил средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот на ВС  на Република Турција, генерал Метин Ѓурак и министерот за одбрана Јашар Ѓулер.

Како што информира Министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски на средбите искажал
благодарност за испратената подршка со еден хеликоптер и два „ер трактори“ од  Турција за справување со пожарите во нашата држава.

Скопје – Центарот за управување со кризи (ЦУК) утринава информираше за состојбата со пожарите кај Баделен и Велуса, во Струмичко, кај Конче и Штурово, во Радовишко, како и за пожарот кај Кованец, во Гевгелиско. Како што пренесуваат од ЦУК, Регионалниот ЦУК Струмица известил дека пожарите кај Баделен и Велуса немаат активно горење, но по тројца пожарникари со по едно теренско возило и припадници на полицијата го контролираат теренот. 

Од ЦУК додаваат дека Регионалниот ЦУК Радовиш известил дека пожарот кај Конче нема активно горење и сите луѓе се повлечени, додека пак, кај пожарот во Штурово присутни се петмина пожарникари и 15 војници кои го контролираат теренот.

Пожарот кај Кованец, во Гевгелиско нема активно горење, информираат од ЦУК.

Скопје - Во рамки на серијата посети на фирми кои работат во технолошко индустриските развојни зони, а со цел директна комуникација и поддршка на компаниите, директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски ја посетил фабриката на Текнопанел во Скопје.

Фабриката, која е во завршна фаза на изградба, соопштија денеска од ТИРЗ, наскоро ќе започне со целосна работа, што претставува значаен чекор кон економскиот развој отворајќи нови работни места. Се додава дека Текнопанел е реномирана компанија, основана со цел да обезбеди висококвалитетни панели и изолациони материјали за градежната индустрија. 

Скопје - Јакнењето на финансиската писменост на населението во нашата земја е приоритет за Народната банка, којашто презема едукативни активности за различни возрасни групи. Меѓу нив е и поддршката којашто втора година по ред ја обезбедува централната банка, преку подготовка на наши ученици, претставници на Меѓународната економска олимпијада. 

Народната банка одржа серија предавања за учениците, наши претставници на овогодишната олимпијада: Миша Веселински, ученичка во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје,  Сара Тошевска, од трета година и Никола Бојчев, од втора година во ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“, Скопје, како и Јован Оџаков, ученик во втора година во СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија.

Скопје - Поетот, преведувач и академик Ристо Василевски во Романија доби три признанија – диплома за прием во Седмата академија (Academia Tomitana; Academija Universalis Poetarium), диплома за прогласување за амбасадор на културата и уникатно издание на неговата поезија на 25 јазици.

Како што соопшти „Арка прес“, се работи за двотомно издание на  Меѓународната академија „Михај Еминеску“ и издавачката куќа „Реверс“, со наслов  „Planeta Poeziei; 25 / Risto Vasilevski LIVING GARDEN
(I) и LIVING GARDEN (II).

Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека без целосна заштита на човечкиот живот и природата нема да има ископ на литиум во Западна Србија, во околината на Лозница.

На Самитот за стратешки суровини во Белград, тој рече дека знае оти проектот за ископ на литиум, кој треба да го спроведе компанијата Рио Тинто, нема да биде поддржан од пошироката јавност во Србија, но оти добил гаранции од ЕУ дека проектот „Јадар“ ќе биде спроведен по највисоки стандарди.

Брисел - Агенцијата за животна средина на Брисел покрена тужба против авиокомпании кои летаат од и до бриселскиот аеродром „Завентем“, поради непочитување на стандардите за бучава од авионите. 

Тужбата е покрената врз основа на 63 официјални извештаи со кои се потврдува дека тужените авикомпании не ги почитувале пропишаните стандарди за бучава. 

Регионалното Министерство за животна средина на Брисел, во 2017 година на покривот на објектот на Бирото за социјални услуги на бриселската општина Синт Ламбрехтс-Волуве, во чија близина се наоѓа аеродромот, постави мерачи на бучавата што ја предизвикуваат авионите. 

Атина – Тренд на зголемување на заразените, хоспитализираните и починатите од Ковид-19 во Грција е регистриран во изминатата седмица, согласно неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот од 8 до 14 јули годинава, позитивноста кај сите тестирани примероци бележи зголемување во однос на една седмица претходно.

Хоспитализирани биле 669 лица, зголемување во споредба со просекот во претходните четири седмици што беше 464 пациенти, а на апарати биле приклучени 12 пациенти.

За една седмица од Ковид-19 починале 26 лица, што според ЕОДИ е зголемен број, со оглед на тоа дека просечниот неделен број на смртни случаи во претходните четири седмици бил 17. 

Атина – Грчкиот катастар синоќа неколку часа бил мета на хакерски напад, а веднаш биле мобилизирани сите државни органи надлежни за справување со вакви случаи, соопштија од Министерството за дигитално управување на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Истакнаа дека активностите кои беа преземени биле насочени кон изолирање на мрежите и системите со цел да се прекине каков било пристап до корисниците или софтверите.

Од досегашната анализа на експертите, произлегува дека нападот не ја постигнал својата цел во ниту една критична инфраструктура и сите дигитални услуги остануваат активни, соопштија од надлежното министерство.

Брисел - Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска и утре ќе ги посети Естонија и Летонија, каде со своите домаќини ќе разговара за најитните клучни надворешнополитички и одбранбени приоритети на Унијата, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Борел денеска во Талин ќе има средба со естонската премиерка во оставка и негова наследничка на функцијата шеф на европската дипломатија Каја Калас, по што заедно со министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна попладне ќе ја посети воената база „Тапа“. Предвидено е борел да се сретне и со естонскиот министер за одбрана Хано Певкур. 

Лидс - Запалени се неколку возила, а полициско возило е превртено за време на немирите што избија во англискиот град Лидс, јавија денеска британските медиуми.

На жителите на предградието Херхилс им било кажано да не ги напуштаат своите домови, пишува „Гардијан“.

Министерката за внатрешни работи Ивет Купер ги осуди „потресните сцени и напади“, додавајќи дека за таквите немири нема место во британското општество.

Немирите избија синоќа, а на социјалните мрежи беа споделени снимки на кои се гледа како луѓето фрлаат предмети кон полицајци пред да го превртат нивниот автомобил во Херхилс.

Локалните жители велат дека немирите избувнале откако полицијата била повикана на адреса во тој дел од градот за пријава за инцидент во кој биле вклучени деца и работници од социјалната служба.

Откако почнаа да пристигнуваат поголем број граѓани, членовите на социјалните служби и децата беа пренесени на безбедно.

Мадрид - Четири индустриски магацини изгореа рано утринава во пожар во источна Шпанија, кој сега е ставен под контрола. Нема повредени, соопшти локалната противпожарна служба.

Службата на платформата Х соопшти дека пожарот бил пријавен во четири часот по полноќ по локално време, во општина Полиња.

Во гаснењето на пожарот учествувале 57 пожарникари со 35 возила. 

Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Урсула фон дер Лајен, која беше реизбрана за претседателка на Европската комисија (ЕК), не е противник на Унгарија.

Во интервју за унгарското државно радио, Орбан рече дека патриотските сили „постигнале голем успех, но не и напредок“ на изборите за Европскиот парламент (ЕП) одржани во јуни.

- Групата „Патриоти за Европа“ сега е трета по големина сила во ЕП, рече Орбан, наведувајќи дека ќе биде втора по големина кога ќе формира сојузи, пренесува агенцијата МТИ.

Вашингтон - Сите летови на неколку големи авиокомпании во САД вклучувајќи ги „Делта“, „Јунајтед“ и „Американ Ерлајнс“ денеска се откажани поради проблеми во комуникацијата, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА).

Приземјувањето на авионите влијае на сите летови на авиокомпаниите, без оглед на нивната дестинација, соопшти Федералната управа за авијација, според Си-Ен-Ен.

Не е јасно кога ќе продолжат летовите, а Федералната управа за авијација најави со ново соопштение по тој повод.

Дака - Во Бангладеш продолжуваат насилните студентски протести, а телекомуникациите се во прекин низ поголемиот дел од земјата.

Околу дваесет лица загинаа оваа недела во немири и протести кои траат веќе еден месец.

Студентите повикуваат на општа блокада барајќи укинување на одлуката за резервирање квоти во јавниот сектор за децата на оние кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година, а протестите исто така избувнаа поради незадоволството поради високата невработеност.

Њујорк – Компанијата Мајкрософт соопшти дека презема „акции за ублажување“ на проблемите пријавени од корисниците, кои предизвикаа технички проблеми и прекини во функционирањето на компаниите и банките ширум светот.

Компанијата истражува прашања поврзани со обезбедувањето на клауд услугите во САД, како и проблем што влијаеше на неколку нејзини апликации и услуги, се вели во соопштението.

Во Австралија, голем број банки, медиуми и авиокомпании известија дека се изложени на масовен ИТ напад и нарушување на комуникациите. На аеродромот во Сиднеј откажани се летови, во супермаркетите е хаос, а нарушени се и програмите на ТВ мрежите поради дефект на компјутерските системи и графиката.

Хофдорп - Матичната компанија на „Крајслер“ (Chrysler) - „Стелантис“ (Stelantis) повлекува околу 24.000 „плаг-ин“ хибридни миникомбиња ширум светот, поради опасност од пожар, и ги повика сопствениците да ги паркираат возилата на отворено и подалеку од зградите додека ги чекаат поправките.

„Стелантис“ соопшти дека повлекувањето се однесува на возилата од моделот „Крајслер пацифика хибрид“ произведен меѓу 2017 и 2021 година. Во однос на САД, се работи за околу 19.500 возила. Компанијата е запознаена со седум инциденти при исклучување на возилата, од коишто некои се случиле при полнење на батеријата. Од корисниците, четворица пријавиле вдишување чад.

Лос Анџелес - Американскиот глумец и комичар Џорџ Роберт (Боб) Њухарт почина вчера на 94-годишна возраст во својот дом во Лос Анџелес по кратко боледување, соопшти неговиот публицист.

Во 1959 година, некои стрипови што ги правел за лична забава додека работел како сметководител во Чикаго, биле забележани од директорот на „Ворнер брос“ што водело кон тоа Боб во 1960 година да го објави комичниот албум „The Button-Down Mind of Bob Newhart“. Плочата го зазеде првото место на топ-листите, а на следната 1961 доби „Греми“ награда за албум на годината, во конкуренција со Нет Кинг Кол, Хари Белафонте и Френк Синатра.

Ванкувер - Најголем пораст на бројот на милионери во светот во последните десет години забележа Виетнам, од европските земји во првите десет влегоа Малта и Монако.

Најголемо намалување на бројот на милионери има Нигерија од 48 отсто, а потоа Бразил и Русија со 28, односно 26 отсто.

САД и покрај тоа што се на деветтото место со раст од 62 отсто, сепак се на прво место во светот со речиси 5,5 милиони милионери.

Виетнам, чија економија е во пораст како Кина и Индија, со раст од 98 отсто, денеска има 19.400 милионери, според „Вижуал Капиталист“ (Visual Capitalist), кој прецизира дека извештајот се наведени поединци кои имаат ликвидно инвестициско богатство од еден милион долари или повеќе.

Остани поврзан