• петок, 19 јули 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  19 јули 2024

 

Струмица - Денеска во раните утрински часови тим од тројца пожарникари од ТППЕ Струмица го извлече телото на Д.М. (43) , кој вчера се удави во водите на Дојранското Езеро.

И од СВР Струмица потврдија дека телото е извлечено и е предадено на обдукција.

Инаку, МВР соопшти дека вчера во 10:10 часот во СВР Струмица било пријавено
дека во Дојран машко лице од чамец скокнало во езерото, пливало неколку метри, по што
се удавило.

Штип - Граѓаните на Штип да избегнуваат присуство на отворено подолго време, односно да останат во своите, откако вечерва градот беше завиен во чад, а се чуствува и неговиот мирис, ова е една од одлуките вечерашните одлуки на Кризниот штаб на Општина Штип, откако пожарот над селата Селце, Драгоево и Пиперово се доближи на неколку километри до нив.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вечерва истакна дека меѓу одлуките кои се донесени е и да се побара помош од пожарникарите од другите градови во земјава за справување со големата стихија на планината Серта во штипскиот регион. Забележува дека ситуацијата со пожарите е сериозна и опасна за неколку села на планината Серта.

-Армијата на Република Македонија да се исконтактира и да даде човечки ресурси и опрема со којашто ќе се делува во текот на утрешниот ден. Центарот за управување со кризи да сподели информација за потенцијалните жаришта кои треба да бидат управувани во текот на утрешниот ден. Потребна е вклучување на целата механизација на јавните претпријатија, Општина Штип, како и сите градежени компании на територија на Општина Штип заради полесно справување со пожарите, коишто се на територија на Општина Штип за создавање на заштитни обрачи од земјени наноси, вели Јорданов.

Меѓу одлуките на вечерашниот Кризен штаб се и вклучување на Ловното Здружение, оф роуд друштвата, месното население кое е засегнато, заради логистичка поддршка , како и за информации на теренот. Потребно е вклучување на тимови на Итната медицинска помош и Црвен Крст на жариштата каде е пожарот на Серта. Јорданов истакна дека уште во раните утрински часови сите институции, но и градежни компании и здруженија ќе бидат на терен, за да се прават обрачи околу селата и да се гасне огнот. 

Куманово - Вработените од кумановската градинка од осумте објекти од градинката „Ангел Шајче“ ќе протестираат во понеленик, бидејќи не им е исплатена јунската плата, соопштија денеска од регионалниот одбор на СОНК Куманово. Одлуката ја донеле по вчерашниот состанок со членството на синдикалната организација од градинката и претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков.

- Протестот ќе се одржи пред управната зграда на улицата „Моша Пијаде“ од 12:40 до 13:15, поради обврските на вработените во однос на грижа за децата. Ако не се исплати платата, ќе продолжиме со протести, првин пред општината, а подоцна и во центарот на Куманово, изјави претседателка на регионален одбор на СОНК и претседател на синдикална организација во градинката, Цветанка Митевска.

Во моментов течат подготовките за протестот кој ќе биде официјално најавен до институциите, родителите ќе бидат известени. Првично, причина за неисплатената плата е несогласување помеѓу институциите, градинката, општината и Министерствата за финансии и труд и социјална политика. Во кумановската градинка вработени се 232 лица од кои 155 се членови на синдикатот.

Куманово - Екипа на Територијалната противпожарна единица Куманово утрово замина во Неготинско за интервенции на тамошен пожар, информираа денеска надлежните од ТППЕ Куманово.

-Утрово замина една екипа четворица пожарникари, со возило и потребна опрема за гасење шумски пожар кон неготинско, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Вчера кумановските пожарникари гаселе пожари на седум локации, соопштија од противпожарната единица и од регионалниот центар за управување со кризи Куманово. Вчера пожарникарите го изгасија пожарот во напуштен објект во кумановски „Гарнизон“. Во кумановското село Речица, пожарникарите првин гаселе пожар во викендичка, а подоцна интервенирале и на опожарена бандера. Во Кшање горела куќа и сува трева. Останатите интревенции биле на запалена сува трева и стрништа во липковското село Опае, на „Доне Божинов“ во Куманово, во село Режановце.

 Тетово - Oд 19 часот вечер до 6 часот утре во Тетово ќе има сообраќаен режим поради снимање филм.  СВР Тетово информира дека сообраќајниот режим ќе биде воведен на дел од улицата „Кузман Јосифоски-Питу“ и крстосница со улицата „Радован Цониќ“.

Режимот во сообраќајот во наведениот период  ќе биде регулиран и контролиран од полициски службеници.

За сообраќајниот режим соопшти и продукциската куќа што го снима филмот -  „Ендер Јампимчиклик филм“ со седиште во Истанбул, заедно со сервисната продукција ДНФ Филм ДООЕЛ Скопје.

-Во Тетово ќе се снимаат дел од сцените на филмот со наслов „Мирис на минатото“ во режија на Серкан Озарслаан. Филмот веќе подолг период се снима во Тетово и Скопје и, по премиерата во Турција, планирано е да има премиера и во Македонија. Во филмот глумат познати актери од Турција, како и од нашата земја, се наведува во соопштението на  ДНФ Филм ДООЕЛ Скопје.

Охрид – Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со британската вечер, со концертот на пијанистот, маестро Бери Даглас.

Концертот е со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, на сцената на катедралната црква „Света Софија“.

На програмата се дела на Пуберт, Чајковски, Мусоргски.

Меѓународната кариера на Даглас започнува по победата и закитувањето со златен медал на престижниот натпревар „Чајковски“ во Москва во 1986 година. Како уметнички директор на Камерата Ирска, единствен комплетно ирски ансамбл, како и на Фестивалот во Кланденбој, тој продолжува да го слави своето ирско потекло, додека е постојано присутен на меѓународната музичка сцена. Последните неколку сезони настапува на турнеи низ В. Британија со Естонскиот национален симфониски оркестар, како и со Варшавската филхармонија и Националниот оркестар во Лил (Франција).  Настапува и со Лондонската филхармонија, оркестрите во Санкт Петербург и Москва, Рускиот национален оркестар, оркестрите во Ванкувер и Колорадо, како и со оркестарот „Хале“ во Манчестер.

Како музичар со рецитали  и камерен музичар, Бери Даглас настапува во престижни сали како Ројал Алберт Хол, Барбикан и Вигмор Хол во Лондон, на фестивалот во Вербие, во Забранетиот град и во концертната сала во Пекинг, во Големиот театар во Шангај како и во други градови во Кина. Во минатото настапувал со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си, Симфонискиот оркестар на Сингапур и Берлин, Штатскапеле Хале, оркестрите во Синсинати, Сиетл, Мелбурн, Сиднеј, Кралската филхармонија во Ливерпул, филхармонијата во Хонг Конг и др.

Снима за издавачката куќа „Чандос“ и неодамна издаде комплет од 6 ЦД-а со комплетните дела за соло пијано на Јоханес Брамс, додека сега се фокусира на делата за пијано на Шуберт и Чајковски. Со оваа издавачка куќа, Даглас особено внимание посветува на ирската фолк музика низ неговите аранжмани работејќи со стари мелодии, но и со дела на современи композитори кои пишуваат во тој идиом.

Во 1999 година го основа камерниот оркестар Камерата Ирска кој има за цел да ги обедини најталентираните млади музичари кои живеат во Северна Ирска и Република Ирска. Покрај што овој оркестар се стреми кон високо професионални изведби, меѓу останатото има за цел да промовира дијалог и соработка преку музичкото образование. Редовно настапуваат на турнеи низ целиот свет, а еден од најзначајните настапи е оној на фестивалот Би-Би-Си Промс, како и светската премиера на нова кантата заедно со Лондонскиот симфониски оркестар со цел промоција на изборот на Дери – Лондондери за град на културата во 2013 година.

Во 2021 година Бери Даглас е одликуван со орден „Командир на Британската империја“ за заслуги во музиката и општеството. Ова одликување доаѓа по неговото прво големо признание во 2002 година кога е одликуван со орденот „Order of the British Empire (OBE) за неговата работа во областа на музиката. 

Скопје -  Општина Центар информира дека почнала темелна реконструкција на спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“, а во тек е и реновирање на четири училници и два санитарни јазли во училиштето.

Од Општината информираат дека во салата со површина од 800 квадратни метри се поставува нов квалитетен паркет, поставено е ново осветлување, оштетените ѕидови се глетувани и варосани, „со што целиот простор доби поубав и почист лик“.

-Се реновираат соблекувалните и се ставаат нови кабинетски вратички. Старите спортски реквизити ќе бидат санирани или заменети, ќе се постават нови справи за вежбање, а веќе се монтирани и нови кошеви, наведува Општината.

Увид во училиштето, каде што активно се работи на реновирањето, извршил градоначалникот  Горан Герасимовски, кој истакнува дека со оваа динамика реконструкцијата ќе биде завршена пред почетокот на новата учебна година.

-Во септември учениците ќе добијат модерна и современа спортска сала. Ова ќе биде одличен простор за квалитетна настава по физичко образование и воннаставни спортски активности, место каде децата правилно ќе се развиваат, ќе научат тимски да се однесуваат и правилно да ја канализираат својата енергија, вели Герасимовски.

Во тек е поставување и на нова инсталација, плочки и санитарии во делот каде се реновираат училниците и тоалетите.

За реконструкциите во ова училиште, наведува Општината, одвоени се околу пет милиони денари.

-Во текот на летово ќе започне и санација на спортската сала и санитарните јазли во ООУ „Гоце Делчев“, а ќе се реновира и салата во „11 Октомври“. Покрај реконструкцијата на училиштните спортски сали, Општина Центар на почетокот на новата учебна година ќе ги пушти во употреба и дополнителните капацитети во ООУ „Коле Неделковски“, што се во финална фаза на градба. Се работи за доградба на шест нови училници, од кои четири за настава, два кабинета, една библиотека и една просторија за администрација. Ќе има и лифт за лица со попреченост, тоалет во долниот кат и пристапна рампа, информира Општина Центар.

Остани поврзан