• вторник, 26 ноември 2024

Весна Митевска назначена за в.д. директор на НУ „Танец“

Весна Митевска назначена за в.д. директор на НУ „Танец“

Скопје, 19 јули 2024 (МИА) -  Весна Митевска е назначена за в.д. директор на НУ Ансамбл за народни игри и песни - „Танец“. Назначувањето доаѓа по личното барање за разрешување на досегашниот директор Мартин Вучиќ, кој ја извршуваше функцијата директор на „Танец“ шест години, од 2018-та.

Митевска е вработена во НУ „Танец“ и досега ја имаше позицијата на истакнат играч од прв ред – солист. Воедно е и прва жена директор во 75-годишното постоење на институцијата. Родена е во Скопје во 1986 година и љубовта кон фолклорот и традицијата ја носи уште од најраното детство. Набрзо потоа таа станува член на КУД- Скопје, каде активно ќе членува сѐ до 2001 година. Токму таа година, во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј‟, за прв пат во балетскиот оддел ќе биде отворена Насоката за традиционална музика и игра и Весна Митевска станува ученик во првата генерација образовани фолклорни играчи/пејачи, каде и матурира со успех. За време на образовниот процес таа се здобива со основите на традиционалното играње и пеење, ги изучува народните инструменти и остварува повеќе теренски истражувања.

Едукацијата во доменот на фолклорот продолжува и на Одделот за Етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од каде после три години, во 2008 година, Митевска се запишува на Факултетот за музичка уметност, на специјализираните студии по етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде и се здобива со звањето дипломиран етнокореолог. Во моментов е на магистерски студии на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ на УКИМ, на модулот Етнологија и антропологија на културното наследство.

Весна Митевска е вработена во НУ Танец од 2006 година, прво како дел од вокалниот состав, а од 2012 година станува дел од играорниот кор на Ансамблот, како истакнат играч од прв ред – солист. Низ нејзината посветена работа во концертните активности на Танец, таа ја има претставувано македонската култура и традиција на многубројни настапи, како во нашата земја, така и надвор од неа, на престижни сцени во Австралија, САД, Шведска, Белгија, Германија, Италија, Латвија и многу други. Во нејзината биографија се вброени и посетите на семинари, меѓу кои и оној за изучување на лабановата нотација на српскиот етнолог и етнокореолог Оливера Васиќ. Во моментов, Весна Митевска работи и на својата прва книга, монографијата за фолклорната група од селото Петровец, местото каде што долги години и самата живее. мч/дма/

фото: „Танец“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан