• сабота, 31 август 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

   19 јули 2024

 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се сретна со амбасадорот на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков при што ја поздрави одлуката на казахстанската Влада за отворање на Амбасада во Скопје. Како што соопшти МНР, Муцунски му посака добредојде и успешна работа на амбасадорот Буршаков, прв резидентен Амбасадор на Република Казахстан во земјава.

Скопје - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека во сообраќајна несреќа вчера во попладневните часови во близина на населеното место Палојце животот го загубило едно лице, додека три лица се повредени. МНР соопшти дека преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград е информирано дека лицето кое го загубило животот е државјанин на Република Северна Македонија, додека повредените лица се државјани на Република Словенија. -Амбасадата во Белград е во постојана комуникација со надлежните служби на Република Србија и за сите дополнителни информации јавноста ќе биде навремено информирана, наведуваат од МНР.

Скопје - Од Министерството за здравство денеска информираа дека изминатите денови се назначени 14 нови в.д. директори на јавни здравствени установи низ државата. Нови в.д. директори се назначени на Клиничката болница во Битола, Општата болница во Куманово, Општата болница во Велес, Општата болница Охрид, Клиниката за торакална и васкуларна хириргија, Клиниката за детска хирургија, Институтот за трансфузиона медцина, и Психијатриската болница во Демир Хисар.....

Скопје - Министерството за економија и труд денеска објави пет јавни повици согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2024 година, за што, како што објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, се одвоени вкупно 80.000.000 денари од буџетот на Министерството.

Скопје - Бобан Стојановски, член на Државната изборна комисија денеска беше избран за заменик генерален секретар на Собранието. Поранешните министри за финансии, за економија и за правда Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Кренар Лога ќе добијат апанажа по завршување на функциите во следните 12 месеци. Изгласани беа и барањата за закупнина на стан на пратениците Даниела Христова, Грација Бакрачевска, Јован Јаулески и Јованка Тренчевска.

Скопје - Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието потсетуваат дека во тек е јавна консултација за одложените наставни програми од седмо до деветто одделение, со цел засегнатите страни, особено наставниците, да се запознаат и доколку имаат сугестии и предлог-решенија за евентуални промени, да дадат свое аргументирано мислење за нивно подобрување. Забелешките/сугестиите и предлог-решенијата за секоја одделна наставна програма се внесуваат во  формулар којшто треба да се преземе од веб-страницата на МОН и  да се достави на електронската адреса за соодветното одделение: nastavniprogrami7@mon.gov.mk, nastavniprogrami8@mon.gov.mk или nastavniprogrami9@mon.gov.mk

Скопје - Нови 26 случаи на пертусис, позната како голема кашлица, се пријавени во периодот од 12 до 18 јули, што претставува намалување од 35,4 отсто во споредба со претходниот седмодневен период. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје - 10. Пријавени се и седум случаи од Куманово, по два во Кратово и Тетово и по еден случај во Гевгелија, Неготино, Кичево, Битола и од Крива Паланка. Возраста на заболените се движи од три месеци до 70 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години. Од новите случаи, хоспитализирани се две лица, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Скопје - Книгата „Балкански вознеси“ ги подотвори вратите на некои процеси кои ни покажуваат дека сме биле, постоиме, дека ќе бидеме и дека имаме автори кои ја задолжиле трајно, вековито и лековито да ни биде она што е создадено во фондот на македонската литература и култура воопшто, посочи денеска авторот Васил Тоциновски за време на промоцијата на оваа негова книга, што се одржа во рамки на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“.

Виена - Македонскиот ракометен клуб Вардар ги доби противниците во групата за второто по ранг европско натпреварување, Лигата на Европа. „Црвено-црните“ ќе бидат во групата „Ф“ каде што ќе играат против Порто, подобриот од бундеслигашката пресметка помеѓу Мелсунген и Елверум и подобриот од дуелот на исландскиот Валур и Спачва Винковци од Хрватска. Првото коло во групната фаза е закажано за 8. октомври. Првите две екипи од секоја група патуваат во следната фаза. 

Белград - Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави попладнево дека убиецот на полицаецот е ликвидиран. „Припадници на полицијата го убиле убиецот на полицаец во околината на Лозница“, изјави Дачиќ, соопшти МВР на Србија. Српски медиуми јавија дека дачиќ се упатил на местиото на настанот Министерството за внатрешни работи на Србија претходно денеска соопшти дека интензивно трага по Фатон Хајризи, кој е осомничен дека ноќта на 18 јули во Липнички Шор го убил полицаецот Никола Крсмановиќ и го ранил полицаецот Вјекослав Илиќ.

Сараево - Министерството за здравство на Зеничко-добојскиот кантон (ЗДК) денеска ќе прогласи епидемија на морбили на подрачјето на тој кантон во Федерацијата БиХ. Министерката за здравство на ЗДК, Аида Салчиновиќ изјави дека на подрачјето на тој кантон нема смртни случаи од морбили и дека во Зеница се регистрирани 427 заразени, во Какањ 424 и во Високо 175 лица. Вчера во Сараево 17-годишник почина од сипаници.

Белград - Претставниците на Србија и ЕУ денеска во Белград потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила. Документот го потпишаа српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и потпретседателот на Европската комисија и европски комесар за меѓуинституционални односи Марош Шефчович, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Тирана – Албанското министерство за инфраструктура и енергетика соопшти дека „системот на Меѓународниот аеродром во Тирана не е засегнат од падот на глобалните компјутерски системи, но има доцнење предизвикано од другите аеродроми.
-Ситуацијата создадена утрово поради прекинот на работата на компјутерските системи, на глобално ниво, што влијаеше на услугата на системот за пријавување и резервации на некои меѓународни аеродроми, до попладнево не влијаеше на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“. Утринските летови тргнаа навреме и без проблеми. Тоа е затоа што Меѓународниот аеродром во Тирана има двоен систем, што овозможува негово функционирање без проблеми, стои во соопштението на министерството.

Атина – Над 400 напади врз ИТ системите на грчкиот катастар биле регистрирани оваа седмица, а постоел и неуспешен обид за хакерски кориснички упад во базата на податоци, соопштија од Министерството за дигитално управување на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Од Министерство претпладнево излегоа со ново соопштение со детали за хакерскиот напад, што веднаш ги мобилизирал сите државни органи надлежни за справување со вакви случаи. Последниот неуспешен обид бил во пет часот утрово и веднаш бил спречен, а паралелно ги демантираат натписите во грчките медиуми дека хакерите обезбедиле пристап до базата на податоци.

Берлин - Еднa од најголемите европски установи за медицинска нега, лоциранa во Германија, e погодена од дефектот на ИТ мрежи што се појави речиси насекаде во светот. Германскиот универзитетски медицински центар Шлезвиг-Холштајн (UKSH) денеска ги откажа сите медицински процедури, наведува во соопштение на својата веб-страница. Погодени се и нивни две филијали во градовите Кил и Либек, северна Германија. Затворени се и амбулантите.

Берлин - Критичната инфраструктура во Германија се соочува со проблеми поради глобалниот прекин на информатичката технологија предизвикан од проблем во фирмата за сајбер безбедност Crowdstrike, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на земјата. Немаше знаци за сајбер напад, додаде портпаролот. Дефиницијата на германската влада за критична инфраструктура ги опфаќа енергијата, транспортот и телекомуникациите.

Париз - ТВ канали во Франција беа погодени од глобалниот дефект во компјутерските системи што создаде хаос низ светот, јави ДПА. „Канал+“ ги извести своите гледачи дека има дефект на ИТ што го спречи емитувањето на неговите редовни програми. Погодена беше и ТВ ТеФ 1. Водителка за време на пренос објави дека каналот не може да емитува се што е содржано во неговата програма., јави ДПА.

Вашингтон – Американска фирма за кибербезбедност „Краудстрајк“ (Crowdstrike) која е одговорна за глобалните проблеми со оперативниот систем „Виндоус“ на „Мајкрософт“, има речиси 24.000 клиенти, што покажува дека решавањето на проблемите ќе биде напорно и сложено. Секој од тие клиенти е огромна организација сама по себе, па затоа е тешко да се процени бројот на засегнати поединечни компјутери. Според експертите, поправката ќе треба да се направи на секој компјутер посебно, што ќе предизвика голема работа за ИТ одделите ширум светот. 

Женева - Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации предупреди дека во Појасот Газа се шири „анархија“ со грабежи, убиства и престрелки, додека населението се соочува со акутна хуманитарна криза. Според Аџит Сунгхаи, кој ја предводи канцеларијата на ОН за човекови права во Појасот Газа и Западниот Брег, убиствата и грабежите во отсуство на спроведување на законот се поврзани со „уништувањето на Израел на локалниот капацитет за одржување на јавниот ред и безбедност во Газа“.

Брисел - Европска комисија денеска објави дека ќе обезбеди 400 милиони евра за Палестинската управа како форма на итна финансиска помош во следните два месеци. ЕК наведе дека парите ќе бидат исплатени во форма на грантови и заеми на три рати помеѓу јули и септември, во зависност од напредокот во спроведувањето на реформската агенда на Палестинската управа.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска укажа на британскиот премиер Кир Стармер и неговата влада дека нивното оружје со ракети со голем дострел е клучно за напорите на Украина во нејзината војна против Русија. Шефот на украинската држава е првиот странски лидер кој е поканет лично да се обрати во британскиот Парламент откако поранешниот американски претседател Бил Клинтон се обрати пред Парламентот во Лондон во 1997 година.

Феникс - Телефонскиот број за итна помош во САД (911) е во прекин од утрово во неколку држави по глобалниот прекин на ИТ што ги погоди аеродроми, банки и други бизниси. Полицијата во Феникс, Аризона, соопшти дека прекинот влијаел на компјутеризираниот диспечерски центар 911 на полициската управа во Феникс. Проблеми пријавија и во Алјаска и во Њу Хемпшир. 

Сиднеј - Лекот „Хепарин“ што вообичаено се препишува против заболувања на крвта, може успешно да се користи како евтин противотров по каснување од кобра и други отровни змии, открива тим научници од Австралија, Канада, Костарика и Велика Британија. Каснувањето од змии убива околу 138.000 луѓе во светот годишно - главно во посиромашните области во Африка, Јужна и Југоисточна Азија. Повеќе од 400.000 лица, пак, кои преживеале каснување, развиваат некроза - состојба во која ткивото околу каснатото место ги губи животните функции, се умртвува и претставува дополнителна опасност од труење.

Остани поврзан