• петок, 08 ноември 2024
МИА Општински пул

9 октомври 2024

Куманово - Фондацијата за култура и спорт организира три фестивали по повод државниот празник 11 Октомври,  „Куманиум“, „Гитаријада“ и „Арт Атак“, соопштија денеска надлежните. Фестивалите ќе се одржат на 11 и на 12 октомври и се дел од празничните манифестации со кои Куманово го чествува празникот. „Куманиум“ ќе се одржи во Соколана со почеток во 12 часот, на градскиот плоштад ќе се одржи изложбата на олдтајмери. 

-По полагање на цвеќето на Спомен-костурницата ќе се одржи фестивалот кој пред пет години го почна „Активум“, но подоцна фондацијата го презеде и успешно го реализа втора година по ред како детски фестивал со жонглери и маскоти, некако соодветни за најмладата популација, изјави директорот на фондацијата, Марио Арангеловски.

Велес - Во рамки на своите теренски активности в.д директорот на Јавното ‎претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, заедно со градоначалникот на ‎Велес Марко Колев денеска направија увид на градежните активностите за рехабилитација ‎на патните правци Р1102 делница Башино село-Велес и Р1312 делница Башино Sело-‎мост на Вардар-Велес.

Овие патни правци транзитираат низ градот и во моментов се ‎работи на делниците кои се влез во Велес.

Делчево - Во Делчево почна реконструкцијата на фасадата на Спомен-домот АСНОМ во Делчево. Увид во работите денеска изврши градоначалникот на Делчево Горан Трајковски, кој информираше дека проектот, кој е продолжение на проектот од минатата година, во првата фаза опфаќа замена на надворешна столарија и изведба на термоизолациска фасада.

-Целта е зголемување на енергетската ефикасност што значи намалени трошоци за загревање, но и современ урбан изглед на објектот. На Спомен-домот АСНОМ првпат од неговата изградба на почетокот на 80-тите години, се преземаат мерки за санација, реконструкција и осовременување, истакна Трајковски.

Штип - Отворен е новиот сообраќаен парк од едукативен и забавен карактер во детската градинка „Астибо“ клон „Цветови“ во Штип. Градоначалникот на Општина  Штип, Иван Јорданов денеска истакна дека ваквиот проект е единствен во државата, што ќе служи за сите дечињата од градинките.

- Навистина ме радува секоја нова содржина во нашиот град. Морам да истакнам дека кога ја добив идејата од страна на директорот за реализација на овој проект, кој што е прв во нашата држава, ваков сообраќаен парк, со едукативен и забавен карактер, пред се за дечињата од предучилишната возраст ме израдува фактот дека ќе бидеме први во Македонија, кои што како општина ќе добиеме ваква содржина и веднаш влеговме во реализација и финансирање на овој проект, изјави Јорданов.

Охрид - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска беше во работна посета на Охрид, на презентација на инфраструктурните зафати спроведени во здравствените установи „Свети Еразмо“ и „Свети Стефан“ и набавената опрема, реализирани во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ преку Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија.

Станува збор за инфраструктурни зафати за опремување на центарот за физикална терапија во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ и реконструкцијата на објектот на Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“.

Берово - Општина Берово ќе додели еднократен паричен надоместок за семејствата на лица со попреченост до 26 години, соопшти денеска градоначалникот на Општината, Звонко Пекевски.

- Се известуваат жителите на Општина Берово дека предвидена е мерка со која по 10.000,00 денари ќе добијат семејствата на лицата со попреченост , како еднократен паричен надоместок. Целта на оваа мерка е да се помогне  на овие семејства, да  можат да покријат дел од трошоците и да биде придонес во семејниот буџет, рече Пекевски.

Скопје - Без вода денеска се дел од корисниците од населбата Крњево. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ -  Скопје, прекинот е поради скината цевка од странка/фирма ф-125 милиметри на улица „Беласица“ 1.

Дебар - Претседателот на Македонско друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај, во Скопје остварил работна средба со Антонио Милошоски, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија.  

- На работната средба го информирав за најновите настани поврзани со актуелната положба на Македонците во Република Албанија, при што беа актуелизирани прашања кои се однесуваат на проблемите на Македонците во Република Албанија. Секако беше информиран и за активностите на друштвото, кое со години е активен субјект меѓу македоската заедница во Република Албанија, информираше Ѓурѓај.

Кочани - Кочани е прва општина во државата која воспостави електронски систем за паметно мерење и управување со јавното осветлување, со што се постигнати значителни заштеди, ефикасно искористување и намалени трошоци за електричната енергија.

Системот е воведен во рамки на проектот со кој Локалната самоуправа пред две години конкурираше на повикот за спроведување мали проекти во областа на енергетиката, климатската заштита и транспортот за општините во државата.

Скопје - Град Скопје денеска информира дека е објавен конкурсот за визуелни уметности, самостојни и групни изложби, инсталации, мултимедијални проекти, перформанси, што ќе се реализираат во 2025 година. 

- Заинтересираните уметници потребно е во консолидиран документ да достават концепт за изложбата, куса биографија и контакт информации, фотографии од нивни дела во висока резолуција планирани за изложбата, доколку изложбата не е подготвена, да се испратат дела од својот опус на likovna@kic.mk, се вели во соопштението од Град Скопје.

Скопје  - Во просториите на Домот на култура „Илинден“ се одржа презентација на Физибилити студија за систем за управување со органски отпад со компостара за општините Илинден и Гази Баба“. 

На презентацијата присуствуваше градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски, претставници од Општина Гази Баба и Скопски плански регион, претставници од јавни комунални претпријатија и општинската администрација. 

Кавадарци - Претставници од неколку земји се запознаа со биодиверзитетот на Кавадаречко. Нивен водич беше долгогодишниот екологист, 88-годишниот Томе Лисичанец.

Тој денеска сподели информации за што се интересирале гостите.  - Странците се восхитуваат на тоа што го имаме како биодиверзитет. Им објаснив тоа што го знам за нашиот простор тука во Тиквешијата и пошироко за територијата на целата држава. Ги однесов и на хранилиштето за големи птици што го имаме, им појаснив за животот во природата, промената на видовите, заемниот однос на сите чинители во синџирот на исхрана и групирањето на живиот свет со цел сите да си помагаат бидејќи сите зависат еден од друг, климатските промени. Имаа можност да разгледаат од набљудувачката станица, појасни Лисичанец. 

Скопје - Град Скопје ги известува сите даночни и таксени обврзници дека за оние лица кои не ги подмириле своите обврски за комунална такса фирмарина за 2021, 2022 и 2023 година, како и за должниците за данок на имот, се отпочнува со присилна наплата и забрана на користење средства.

Сите даночни и таксени обврзници кои немаат платено данок на имот и комунална такса – фирмарина за изминатите години неопходно е неодложно и веднаш да ги подмират своите обврски. 

Скопје - Во текот на изминатото деноноќие, ЈП Комунална хигиена-Скопје реализирало низа активности за отстранување диви депонии во чии рамки се подигнати итранспортирани приближно 50 кубни метри непрописно одложен отпад.

Како што соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје, активностите се одвивале на неколку локации во општината Ѓорче Петров и тоа на улиците „Борис Сарафов“, „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“, како и во општината Чаир на булеварот „Втора македонска бригада“ и на улицата „Џон Кенеди“.

Велес - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложба на икони од Крсте Зограф од Велес, еден од позначајните македонски иконописци од почетокот на XIX век. На изложбата се претставени 13 оригинални икони кои се наоѓаат во цркви во Велешко, како и 23 постери со по неколку фотографирани икони од Крсте Зограф, кои се наоѓаат во цркви во повеќе населени места во Велешко, Кавадаречко, Гевгелиско и други места.

Изложбата ја подготви Елица Николова, кустос советник и  историчар на уметноста од Народниот музеј од Велес со екипита составена од младите колешки Маја Басаровска и Александра Гиовска и Дарко Николовски, советник конзерватр, кој воедно и ги фотографира иконите објавени во каталогот кој го објави Народниот музеј од Велес.

Тетово - СВР Тетово денеска информира дека биле најдени човечки остатоци, а според облеката и предмети станува збор за 81 годишната Олгица Димитровска, која семејството ја пријави за исчезната на 11 август 2024 година. Во полицискиото одделение во Теарце вчера околу пладне било пријавено дека на место викано „Караџица“, атар на село Јелошник, биле пронајдени човечки коски.

- Увидна екипа на СВР Тетово и јавен обвинител извршиле увид, при што било констатирано дека најверојатно се работи за О.Д.(81) која имала здравствени проблеми, а за која на 11.08.2024 година во Полициското одделение Теарце нејзината ќерка Т.Г. пријавила дека се оддалечила од домот и според описот во пријавата се совпаѓа облеката и предметите пронајдени кај телото. По наредба на обвинителот деловите од телото биле предадени на обдукција, информираа од СВР Тетово.

 

Остани поврзан