МИА Општински пул
- МИА Општински пул

26 февруари 2025
Неготино - Неготино доби затворен градски пазар, за чија изградба се издвоени 25.913.899 ден со вклучен ДДВ, од буџетот на општината. Увид на пазарот и свечено отварање, денеска извршија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот Горан Стојанов, кои посетија уште две локации во градот.
- После децении чекање, жителите на општина Неготино добија нов, модерен и најсовремен градски пазар. Станува збор за затворен пазар, поставени се нови и современи метални тезги, се оствари долгогодишната желба за градски пазар по највисоки стандарди, рече Стојанов.
Мицкоски истакна дека Неготино доби нов затворен градски пазар, како и нова комунална инфраструктура.
Мицкоски, Перински и Стојанов ја посетија и урбаната заедница 5.1, каде во втора фаза, отпочнуваат градежни работи што се однесуваат на изградба на комунална инфраструктура , уредување на цела населба.
- Вредноста на договорот за изградба изнесува 35.370.500,00 со ДДВ, финансирање од Министерството за транспорт со 25.256.509,00 со ДДВ и кофинансирање Општина Неготино со 10.113.991,00 со ДДВ. Оваа фаза од проектот беше аплицирана на јавниот повик за финансирање на МЛС, а согласно соодветното министерство склучен е договор со МТ. Првата фаза беше реализирана со вкупна вредност на проектот во износ од 15.930.000,00 денари, средства обезбедени од буџетот на општина Неготино, соопштија од локалната самоуправа.
Беше извршен и увид во реконструкција на тротоари на улицата ,,Маршал Тито".
- Вредноста на договорот е 10.496.204,00 со ДДВ. Овој проект беше аплициран на јавниот повик преку МЛС за финансирање на општините, преку надлежно министерство МТ. Со овој проект е предвидено отстранување на стариот бетон и ивичници и отстранување на постоечките дрвја , тампонирање и монтажа на нови бекатон коцки и ивичници и засадување на нови дрва, магнолии, информираа од локалната самоуправа.
Перински изрази задоволство од проектите што се реализираат по првиот јавен повик. Тој изрази надеж дека со истото темпо ќе се аплицира и за други проекти по вториот повик што е во тек, во интерес на населението.
- Ова е практично доказ дека за оваа Влада предводена од премиерот Мицкоски, не постојат заборавени места. Рамномерниот развој за нас е императив, затоа што со него, гарантираме економска и социјална стабилност на земјата и секако со тоа го зголемуваме и квалитетот на живот на сите, посочи Перински.
Премиерот појасни дека дел од проектите се завршени со општинскиот буџет, дел се од првиот повик коишто го имаше Министерството за локална самоуправа и сега веќе е објавен вториот повик.
- Во разговор со градоначалникот заклучив дека има подготвено проекти во вредност многу поголема од таа што ќе се финансира во овој втор повик, така што имаме проекти и за третиот и за четвртиот повик. Сега некаде проектите што ќе бидат финансирани, се околу 150 милиони денари во вториот повик, но и 150 милиони денари преку проектот и повикот којшто го објави Министерството за локална самоуправа ќе бидат финансирани во општина Неготино, истакна премиерот.
Тој информираше дека на вчерашната владина седница поминал проект за целосна реконструкција на улицата „29 Ноември“ во вредност од 36,5 милиони денари.
- Во таа реконструкција предвидена е атмосферска фекална канализација, потпорен ѕид и асфалт. Значи на тие 150 милиони имаме нови 36,5 милиони за Неготино. Што ќе каже дека она коешто го ветуваме пред граѓаните и го исполнуваме. Така ќе продолжиме да работиме и во иднина, додаде Мицкоски.
Прилеп - Преку 600 учесници и 25 групни маски се очекува да бидат дел од централното дефиле на маските в недела напладне на плоштадот во Прилеп. Ќе се одржи најновото издание на прилепскиот карневал „Прочка 2025“. Локалната самоуправа веќе ја објави програмата за сите настани врзани на карневалските свечености кои ќе траат три дена.
Програмата почнува в петок, на 28 февруари со изложбата на рачно-изработени маски кои ќе бидат изложени во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Маските ги изработија учениците во основните и средните училишта на традиционалните работилници за негување на карневалските традиции. Изложбата ќе биде отворена в петок напладне, кога ќе бидат соопштени и најдобрите маски.
В сабота, на 1 март, исто така напладне, на платото кај Градскиот Саат од здружението на жени „Преродба“ од Прилеп ќе го презентираат традиционалниот обичај - амкање. Програмата ќе биде збогатена со весело шоу.
В недела, на Велики поклади – Прочка напладне е централната манифестација и карневалската поворка на маските. Поворката, стотиците маскирани и маски ќе тргне од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ па се до плоштадот „Методија Андонов - Ченто“ каде ќе бидат централните карневалски свечености. Пријавени се преку 600 учесници и ќе има над 25 групни маски кои ќе ја покажат имагинацијата на машкарите. Карневалската поворка, традиционално ќе ја предводат „Мечкарите“, заштитната маска на прилепскиот карневал и ќе биде збогатена со жонглери, акробати, кловнови, куклари и многу други изненадувања.
Стручното карневалско жири ќе ги избере најдобрите и најуспешни маски на годинашниов прилепски карневал „Прочка 2025“.
Традиционалниот ручек и одбележувањето на „Чист понеделник“ заедно со здружението „Прилепски Мечкари“ ќе биде на 3 март, в понеделник, во 12 часот на манастирот „Св. Ѓорѓија“ во селото Присад.
Битола - Во Битола при ископ на канал за инсталирање цевковод на топлификација, пронајдени се 292 гранати од Првата светска војна.
Од Регионалниот ЦУК - Битола потврдија дека гранатите се откриени за време на градежни работи и се пријавени на Единствениот повикувачки број за итни повици 112.
-Добиена е пријава за пронајдени неексплодирани убојни средства НУС на ул. „Баталјон Стив Наумов“ бр.22 во Битола. Веднаш пиротехничар од Дирекција за заштита и спасување-ДЗС Битола изврши проверка и обезбедувањето на местото бидејќи се работи за поголема количина на НУС и истите ќе бидат подигнати во текот на денешниот ден, потврди Стефан Ѓоргиев од ДЗС- Битола..
Согласно стандардни оперативни процедури, СВР Битола вршат обезбедување на пронајдените НУС до нивно безбедно отстранување.
Битола - На иницијатива на ЈУ Национален парк „Пелистер“, претставници на инспекторатот за животна средина, инспекторатот за шумарство, експерти и претставници на локалната самоуправа, јавно дискутираа за преземање конкретни превентивни мерки за заштита на моликата на планината Баба.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ информираа дека во појасот на најстарата моликова шума се појави растителна заедница на папрат и поради густината на папратот не може да има подмладок на молика, изјави Иванчо Тошевски, директор на ЈУНП „Пелистер“-Битола.
-Проблемот се решава без да се потиснува и без да се крие. Штетата што настанала на планината Баба по последните силни ветришта и големиот снег, не е за потценување и ние не сакаме тоа така да го оставиме. Со заедничка соработка почнуваме процес на зачувување на моликовата шума за што се потребни краткорочни и долгорочни мерки. Како ЈУ Национален парк „Пелистер“ на краткорочен план сами ќе се справуваме со новонастаната ситуација, а за долгорочните мерки ќе настапиме без импровизации и ќе користиме поддршка од експертите со конкретни заклучоци како сет превентивни мерки. Ние во овој период работиме на воведување шумски ред како примарна функција, а во наредниот период фазно ќе се решаваат проблемите кои се наталожени години наназад. Ако порано немало доволно храброст, јас мислам дека проблемите треба јавно и отворено да се зборува затоа што Пелистер треба да биде наш симбол на обединување, истакна Тошевски.
За време на јавната дискусија во Битола, експерите нагласија дека растителната заедница на папрат што се формира, но и на бука и ела како мешовита шума, во период од 20 до 30 години, ако не се преземат мерки, може да целосно да ја уништата моликата.
Дебар - Комитетот за национални малцинства, што е орган на албанската влада, во кој членуваат по еден претставник на признатите малцинства, објави текстови со фотографии за македонските народни носии во Мала Преспа и Голо Брдо.
-Преспа е регион кој низ вековите бил раскрсница на различни култури и традиции, но македонската народна носија од овој крај остана единствен белег на македонскиот народ, стои во објавата на официјалната страна на Фејсбук.
Во оваа област, се додава дека се издвојуваат два вида народна облека, секоја со различни стилски и естетски карактеристики. Првата од Долна Преспа е доминантна во повеќето села од општина Пустец, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско, Церје како и Горна и Долна Горица. Втората носија е од Горна Преспа, која е уникатна само за селото Туминец.
Потоа во објавата се објаснуваат елементите кои ја сочинуваат македонската женска и машка народна носија.
-Народните носии во Преспа се важен дел од секојдневниот и празничен живот на Македонците, од свадби и крштевки до големи верски и национални празници. Секој вез, секој мотив, секој детал од оваа облека ја раскажува приказната за нивните предци и го чува споменот на генерациите кои го живееле и го чувале ова богато културно наследство, се наведува во објавата.
Во објавата „македонски народни носии во областа Голо Брдо“, се оценува дека населението е компактно и од територијален, јазичен и културен аспект и оти, како и во Мала Преспа, носиите се дел од секојдневниот и празничен живот на Македонците во ова област.
-Оваа област е малцинска, таму живее вистинско македонско малцинство. Традиционалното македонската народна носија во Голоборда може да се најде во повеќе модели, карактеристика што се среќава и при различни студии направени на оваа област. Македонците во Голо Брдо ја сочувале својата традиционална облека, се оценува во објавата, во која се наведуваат каратеристките на машката и женската народна носија.
Познатите македонски активисти Васил Стерјовски и Никола Ѓурѓај имаат објавено брошурки за народните носии на Мала Преспа, односно Голо Брдо.
Тие меѓу друго оценуваат дека секој вез, секој мотив, секој детал од овие носии носи приказна, ја раскажува историјата на нивните предци и ја чува меморијата на генерации кои го живееле, го зачувале и како светост го чуваат ова богато културно наследство за иднината.
Скопје - Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, официјално ја промовираше Поврзувачката Порта меѓу Бит Пазар и Старата Чаршија, проект со големо значење за урбаниот и културниот идентитет на градот.
Овој современ конструкциски објект, изработен од челик и стакло, претставува функционален и естетски влез, кој создава природна врска меѓу двата најзначајни трговски простори во градот. Покрај заштитата од атмосферските влијанија, оваа инвестиција го збогатува урбаниот карактер на Чаршијата, зачувувајќи го духот на живиот и динамичен пазар.
Градоначалникот Ганиу ја истакна важноста на овој проект како симбол на спојот меѓу традицијата и модерното, кој ја подобрува инфраструктурата и искуството на граѓаните и посетителите.
Општина Чаир останува посветена на урбаниот развој и зачувувањето на културното наследство, градејќи поубав и пофункционален град за сите граѓани.
Струмица - Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица одбележа 21 година од неговата смрт.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии, институции и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.
За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Како вчера да беше трагичниот 26 февруари, а еве поминаа 21 година од тој ден. Но, спомените за него и по толку време не бледеат. Тие се живи и ќе живеат во нас се додека постоиме. Таквите спомени ќе речат дека претседателот Трајковски го красеа мноштво човечки вредности и доблести. Нема човек во оваа наша македонска земја кој не знае дека нашиот Борис беше извонреден лик-вреден за голема почит, беше голем човек полн со разбирање и неизмерна љубов кон својот град, кон својата татковина и кон сите луѓе, без разлика дали се од село или од град, без разлика дали се од оваа или онаа етничка заедница, без разлика дали се обични граѓани-работници и земјоделци или се академци, политичари и бизнисмени и без разлика на нивната политичка или верска припадност. Беше полн со енергија и полн со верба во Македонија, рече Костадинов.
Во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски, рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица рецитираа пригодна поезија.
Скопје - Делегација од Општина Кисела Вода предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на трагично загинатиот поранешен претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Денес се одележуваат 21 година од авионската несреќа во која животот го загубија тој, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.
-Вечна слава, претседателе!
Борис Трајковски беше татко на нацијата кој силно веруваше во Македонија. На денешен ден пред 21 година, македонскиот народ го разбуди страшната вест дека ,,кингерот" со кој патувал претседателот Борис Трајковски, исчезнал.
Во тоа патување кон Мостар, претседателот го загуби животот заедно со осумчлена делегација.
Трајковски беше исклучителен човек, од народот.
Човек без предрасуди и вистински чувар на државните интереси.
Денес, оддаваме почит кон неговото дело и неговата личност. Слава му!-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Охрид - Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,15 метри надморска височина или 24 сантиметри под просекот. Денешниот водостој на езерото е само шест сантиметри над дозволениот минумум.
Неповолните временски услови со малку врнежи дополнително придонесуваат за нискиот водостој.
На почетокот на декември минатата година нивото на водата во езеррото беше спуштено дури два сантиметри под минимално дозволената кота утврдена на 693,10 метри.
Промените во водостојот на езерото најмногу се манифестираат во крајбрежниот појас, што според експертите е најважниот дел од езерскиот еко-систем.
Крива Паланка – Извидници од ИО „Наум Наумовски –Борче“ Крива Паланка, дел од македонскиот извиднички контингент што од 21 до 23 месецов учествуваше на меѓународна средба на возрасни извидници во Босна и Херцеговина, го посетија спомен-обележјето во месноста Ротимље, близу Мостар, каде во 2004 година во авионска несреќа животот го загубија претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, претседателската делегација, обезбедувањето и пилотите, информира денес претседателката на одредот, Соња Ангеловска, која беше дел од скаутите кои положија цвеќе на спомен-обејежјето и оддадоа почит, во знак на 21-годишнината од несреќата.
Eдинаесеттата „Средба на брѓани“ - возрасни извидници над 29 години се одржа во Мостар помеѓу извидници од сојузи од Балканските држави: Северна Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, а опфаќа размена на искуства, вмрежување и креирање идни проектни активности на меѓународно ниво.
- Положувањето цвеќе беше само дел од планираните активности што контингентот на Сојуз на Извидници на Македонија, составен од извидници од Крива Паланка, Велес, Кочани и Скопје ги изведе во Мостар. Средбите се одржуваат по 11 пат, со промена на домаќинот-организатор на средбите, на кои најчесто се раѓаат нови идеи базирани на споделените искуства, така што ваквите средби се плодни и добредојдени особено што со нив се одбележува и денот на извидниците, 22 февруари, но и се пррезентраат годишните планирани проекти во кои се изнаоѓа можност да се прошират на меѓународен план, рече Ангеловска.
Годинава домаќин на сениорските средби беше Сојуз на извидници на Босна и Херцеговина.
-За време на средбите беа остварени бројни контакти со други балкански извиднички одреди, имавме и разглед на градот Мостар и неговите културно историски знаменитости, а исто така на средбите се одржа и национална вечер на која секој контингент се престави со својата национална традиционална храна, пијалоци , историски вредности, а одржана беше и презентација на работата на секој сојуз. На националната вечер, на претседателот на Советот на Град Мостар, Џани Рахимиќ, му врачивме монографија на Општина Крива Паланка, додаде Ангеловска.
Извиднички одред „Наум Наумовски – Борче“ во македонскиот контингент учествуваше со двајца извидници Игор и Соња Ангеловски.
Велес - Делегација на кабинетот на претседателката Гордана Силјавковска Давкова заедно со градоначалникот Марко Колев и советници, денеска на Градските гробишта во црквата „Свети Спас“ во Велес положија цвеќе и запалија свеќи на гробот на Анита Кришан Лозаноска, која беше член на делегацијата на кабинетот на претседателот Борис Трајковски, а го загубија животот на денешен ден во 2024 година во авионската несреќа кај Ротимља, БиХ.
-Со положување свежо цвеќе на нејзиното вечно почивалиште се потсетивме на авионската несреќа во која на овој трагичен ден за Македонија загубивме девет човечки животи. Слава им, порача градоначалникот Колев.
Во несреќата покрај претседателот Трајковски загинаа и осумчлената делегација и членовите на екипажот на авионот.
Кочани – Со одигрување промотивен фудбалски натпревар меѓу учениците, денеска во ОУ „Никола Карев“ од Кочани беше предадено во употреба ново спортско игралиште со вештачка трева, како инвестиција на Министерството за спорт.
Теренот обезбедува соодветни услови за мал фудбал, а со постојното осветлување натпреварите ќе можат да се играат и во вечерните термини. На свеченоста по повод предавањето во употреба присуствуваше и министерот за спорт Борко Ристовски, кој ја нагласи важноста од созадавање услови за спортување на најмладите.
-Наша цел како министерство не е само да се грижиме за врвниот спорт, туку за нас претставува успех кога ќе видиме дека ваквите спортски игралишта се полни, кога има масовност. Така се грижиме за иднината, а секоја наша инвестиција има економска оправданост со тоа што е можно повеќе млади и деца спортуваат на терените. Сакаме да им дадеме шанса да се занимаваат со спорт и рекреативно и професионално, за што најпрво треба да создадеме услови за да се развива спортот, а училиштата се вистинска основа за тоа, истакна министерот Борко Ристовски.
Од ОУ „Никола Карев“ упатија благодарност за поддршката од ресорното министерство, при што беше нагласено дека од ова училиште веќе произлегле познати фудбалски имиња кои веќе се репрезентативци, како Манев, Максимов и други, а обезбедувањето современа спортска инфраструктура ќе овозможи да се појават и нови спортисти.
Струмица - Со предавање на клучот од градот од страна на градоначалникот Костадин Костадинов на карневалистите вечерва почнуваат осумдневните карневалски празнувања во Струмица, кои ќе кулминираат в сабота со одржување на Интернационалната карневалска поворка во која ќе продефелираат над илјади маскирани учесници од земјава и странство распоредни во 35 групи.
Ова беше соопштено на денешната прес - конференција од страна на градоначалникот Костадинов и претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Алeксандар Цицимов.
- Посакувам како секоја година, така и оваа да биде полна со луѓе. Струмичките угостителски објекти и компании и граѓаните пред се да се покажат како добри домаќини и повикувам да уживаме во прекрасните настани поврзани со Струмичкиот карневал и денеска во 18 часот ќе го предадеме клучот, односно власта од моја страна како градоначалник во рацете на карневалистите. Нека ни е вечен струмичкиот карневал, да знаеме што значи таа традиција којашто не е само локален идентитет, туку и национален идентитет и овде е поддршката на општина Струмица преку Советот од 3 милиони денари со тенденција таа да продолжува и сакам да се заблагодарам за да не биде дека само критикувам и на Министерството за култура за поддршката, бидејќи тоа е начинот како треба да функционираме, рече Костадинов.
Според Цицимов, годинава заради совпаѓањето на одржувањето на други карневали со Струмичкиот намален е бројот на карневалските групи од странство, но и покрај тоа има учесници од повеќе земји и други градови од државата.
-Имаме гости од Хрватска, Црна Гора, Србија и Бугарија. Ќе имаме вкупно 35 групи и со тоа на некој начин ја означуваме симболиката 35 години од обновената организирана форма на Струмичкиот карневал. Од нив 11 се од странство, 18 се од Струмица и шест од други градови во државата, информираше претседателот на Организацискиот одбор на Карневалот, Александар Цицимов.
Тој најави дека Здружението на угостители од Струмица за годинашново издание на Карневалот, конкретно за понеделник кога се вари и консумира бел грав, ќе се придружат и имаат намера да го урнат светскиот рекорд во делење порци со бел грав.
Инаку, вечер покрај предавањето на клучот од градот на карневалистите ќе бидат отворени и две изложи. Првата е во Градската галерија и е посветена на 35 годишнината од обновената форма на Струмичкиот карневал, а втората во Центарот за култура на која ќе бидат изложени карневалски маски од Средното училиште „Димитар Влахов“ од Струмица.
Скопје - Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес доби благодарница од Црвениот крст на Република Македонија, на настанот кој се одвиваше во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, по повод 80 години постоење на оваа хуманитарна организација.
Настанот на кој присуствуваше Претседателот на Црвениот крст на Република Македонија, проф. д-р Ромел Велев, беше проследен и со присуство на претставници од Црвениот крст, волонтери, хумани граѓани, како и градоначалниците на општините Аеродром, Студеничани и Сопиште – Дејан Митевски, Азем Садики и Стефче Трпковски.
Во своето обраќање, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС ја истакна големата улога на Црвениот крст како симбол на надеж и несебично давање: -Осум децении Црвениот крст во нашата земја е прв на терен, прв со подадена рака во најтешките мигови – за време на природни катастрофи, социјални и здравствени кризи. Вашата пожртвуваност е инспирација за сите нас-потенцираше Ѓорѓиевски.
Тој ја нагласи долгогодишната и плодна соработка на Општина Кисела Вода со Црвениот крст, посочувајќи неколку значајни заеднички проекти:-Заедно организиравме бројни хуманитарни акции, поддржавме семејства во социјален ризик, охрабривме стотици крводарители и спроведовме едукативни програми. Проектите како “Итно копче”, “Грижа и нега за стари лица” и “Бесплатен транспорт за повозрасни и немоќни лица” се доказ дека ова партнерство не е само формално, туку е суштински дел од нашата заедничка мисија-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој примајќи ја благодарницата, изрази искрена чест и посветеност за продолжување на соработката: -Ја примам оваа благодарница не само како признание, туку и како обврска – да продолжиме со уште поголема енергија во градењето на заедница во која никој нема да биде заборавен. Кисела Вода ќе остане ваш партнер во доброто!-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Настанот заврши со порака на единство, хуманост и посветеност кон создавање подобро општество, додека присутните волонтери и претставници на Црвениот крст ја потврдија својата заложба за континуирана помош и поддршка на оние на кои им е најпотребно.
Куманово - Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово доби 4, 8 милиони денари од Министерството за култура и туризам за реализација на проектите за тековната 2025 година, информираа на денешната прес-конференција надлежните од установата.
Надлежните се задоволни од одвоените средства и најавија богата програма за кумановци.
- Ние сме задоволни со тоа што го аплициравме, скоро сите проекти се одобрени. Вкупната сума за реализација на овие проекти за 2025 година е 4 милиони и 800 илјади денари. За фестивалот „Денови на комедија“ добивме 800.00 денари, за фестивалот на проза 300.000 денари, изјави директорот на НУЦК Сашо Тодоровски.
Театарот ќе реализира четири претстави поддржани од ресорното министерство, двe на македонски, две на албански јазик. Установата ги добила сите проекти од ликовната дејност.
- Нема некоја посебна разлика со претходните програми. Важно е да спомне дека реализираме и сопствен театарски претстави, имаме и околу триесетина апликации, позитивно одговорено за уметниците кои аплицираа на конкурсот. Генерално сме задоволни, вели Тодоровски.
Кумановци ќе имаат можност да проследат повеќе настани од ликовна дејност, литературна, музичка, фолклорна дејност...
Скопје - Во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта интензивно се работи на подобрување на патната инфраструктура во општина Илинден.
Во таа насока, извршена е целосна реконструкција, санација и асфалтирање на крак од улицата „10“ во Миладиновци, во вкупна должина од околу 250 метри.
Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, оваа улица е од големо значење за жителите во овој дел на Миладиновци. Во наредниот период ќе се продолжи со реконструкција и санација и на други улици со цел подобрување на патната инфраструктура, зголемување на безбедноста во сообраќајот како и овозможување квалитетни услови на жителите во реализирање на нивните секојдневни активности.
Финансиските средства се целосно обезбедени од буџетот на Општина Илинден, а со реализација на овој проект ќе се подобри патната инфраструктура на општина Илинден.
Штип - Средношколците од Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ денеска маршираа низ улиците по повод Денот на розевата маица, кога се крева гласот против врсничкото насилство. Тие во розеви маички маршираа до Основното општинско училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ во Штип, а во оваа активност ги вклучија и учениците од ова училиште, кое е и најголемо во Општината.
Лилјана Манова, професорка во СОУ „Коле Нехтенин“-Штип рече дека целта на денешниот марш е да се намали врсничкото насилство, односно булингот меѓу учениците во училиштата.
-Денеска во нашето училиште се организира еден настан по повод денот на розеватаа маица или ден кога се подига гласот против училишното насилство. По тој повод нашата ученичка заедница организиравме настан, изработивме хамери и заедно до училиштето „Ванчо Прќе“ ќе направиме еден марш низ улиците, изјави Манова.
Струмица - Почна изградбата на спортски терен и паркинг во Турското маало на местото на некогашната Маларична болница чии остатоци беа урнати пред две години.
На почетокот на изградбата денеска присуствуваше градоначалникот Костадин Костадинов, кој во изјавата за медиумите истакна дека доцнењето во изградбата се должи на распишувањето тендер за нова јавна набавка и од денеска изведувачот почна со работа. Тој информираше дека ќе продолжи изградбата и на Социјалната населба во Турското маало со подигнување на првите 25 типски куќи.
-.Дополнително ги издадовме одобренијата за почеток на трета фаза со коишто ќе аплицираме за третиот повик од унгарскиот кредит, а тоа значи почеток на изградба на куќите во Социјалната населба со цел дислокација на дивоизградената населба на улицата „Климент Охридски“. Почнуваме со 25 куќи и доколку ни одобрат средства од Владата ќе можеме да го заокружиме целиот проект со 118 куќи. Социјалната населба е вториот најголем проект во историјата на Општина Струмица по јавниот превоз, којшто токму јас како градоначалник со мојот тим и со овој Совет го реализиравме, рече Костадинов.
Инаку, изградбата на спортски терен и паркинг во Турското маало чини 6.253.192,00 денари и треба да заврши до почетокот на јуни годинава.
Средношколците појаснија дека денеска е Меѓународен ден за борба против врсничкото насилство откако ученик во деветто одделение во Канада, доживеал насилство во училиштето, затоа што носел розова маица.