• вторник, 01 октомври 2024

МВР билтен

МВР билтен

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Е. (54) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На 23.09.2023 во Тетово пријавениот изведувал градежни работи, односно изградба на објект, без одобрение за градба од надлежна институција.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И. (57) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 10.01.2023 на регионален пат Тетово-село Пирок, полициски службеници запреле патничко возило „форд транзит“, кое било управувано од пријавениот, при што било констатирано дека истиот вршел јавен превоз без да поседува лиценца, издадена од надлежен орган.

На 29.09.2024 во 10 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, А.А.(44) бил физички нападнат од Б.Б.(60), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 29.09.2024 во 12 часот во СВР Тетово О.К. од Скопје, пријавила дека додека со група планинари пешачеле на планината Љуботен, поточно во близина на планинарскиот дом, се изгубила Л.П.(73) од Скопје. Веднаш по добиената пријава, преземени се мерки и активности за пронаоѓање на лицето. Денеска (30.09.2024) околу 07.30 часот полициски службеници од САЕ Тигар, ја пронашле Л.П., без знаци на живот во местото викано „Ружани камен“, во атар на с. Старо село. Известен е јавен обвинител.

На  29.09.2024  во 15 часот  во СВР Куманово, Х.П. (67) од Куманово пријавил дека на улицата „Гоце Делчев“ во Куманово бил каснат од куче скитник.

На 29.09.2024 во 18.30 часот во Гостивар полициски службеници од ОВР Гостивар, врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна, го привеле И.Д.(35) од Гостивар. Тој е предаден во КПУ Затвор Тетово за издржување на казната.

На 29.09.2024 во 12 часот во СВР Штип, Р.Н.(42) пријавил дека на 26.09.2024 во Штип, бил физички нападнат од А.Н., М.Н., А.Н. и А.Н. сите од Штип, кои употребиле и тврди предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 29.09.2024 во 18.23 часот во СВР Штип, 43-годишна жена пријавила дека околу 17.00 часот во нејзиниот дом во Штип била физички нападната од нејзиниот брат И.К.(40) од Штип. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 29.09.2024 во 22.40 часот во Скопје, на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.Ш.(24) од Скопје, по претходна пријава дека околу 19.30 часот во прифатен центар за бездомни лица во с.Визбегово, скопско, со закана со остар предмет и физичка сила од неговата 23-годишна вонбрачна сопруга ги одзел нивните две малолетни деца. Известен бил Центарот за социјална работа, а малолетниците биле вратени на нивната мајка. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна кривична пријава.

Денеска (30.09.2024) во 02.15 часот во СВР Скопје, 34-годишна жена пријавила дека на 29.09.2024 околу 18.00 часот во семејниот дом во Скопје, на подрачјето на Ѓорче Петров, била физички нападната од нејзиниот сопруг Ј.К. од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во СВР Скопје, 25-годишна жена од Скопје пријавила дека на 27.09.2024 околу 13.30 часот во семејниот дом на подрачјето на Драчево, таа и нејзината малолетна сестра биле физички нападнати од нејзиниот поранешен партнер А.Ф.(34) од Скопје, кој притоа искршил дел од покуќнината. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 29.09.2024 во 17.50 часот во СВР Скопје, 29-годишна жена пријавила дека околу 12.15 часот во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, била физички нападната од нејзиниот сопруг З.С.(34) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против Б.А.(34) од Радовиш, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и „фалсификување исправа“. На 07.09.2024 пријавениот од шума, сопственост на Јавното претпријатие „Национални шуми“ на место викано  „Здравец“,  без одобрение исекол 1,3 кубни метри огревни дрва и истите ги натоварил во патничко возило „опел зафира“, на кое биле поставени регистарски ознаки кои му припаѓале на друго возило.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.И.(31) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 06.07.2024 во службена просторија на фирма, пријавениот со тврд предмет физички го нападнал Е.К. 

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против А.Ф. (41), С.Ф. (38) и С.Ф. (27), сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 18.08.2024 пред семејниот дом пријавените физички ги нападнале Е.А. и неговиот син Т.А..

СВР Битола поднесе кривична пријава против  Т.А.(24), Е.А.(48), Џ.А.(34), З.А.(41), А.М.(28) и Ш.А.(74) сите од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 18.08.2024 во домот на К.Ф. поради претходна меѓусебна расправија,  пријавените почнале да му упатуваат закани, а во расправијата се вмешале братот на К.Ф., А.Ф. и нивната сестра Ш.Ф., со намера да ја смират состојбата, но пријавените физички ги нападнале К.Ф., А.Ф. и Ш.Ф., а употребени биле и тврди предмети.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.Ф.(30) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. На 26.08.2024 во с.Балиндол, пријавениот по претходна расправија физички ги нападнал А.М., Х.М. и Б.М..

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против С.С. (36) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ во врска со семејно насилство. На 31.08.2024 пред продажен објект во Гостивар, пријавениот физички ја нападнал својата партнерка, при што и нанел телесна повреда.

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против П.Н.(82) од прилепско село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „полово вознемирување“. На 26.08.2024 во селото, пријавениот, полово вознемирувал три малолетници.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Х. (32) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“. На 11.10.2023 во Тетово полициски службеници извршиле преглед над пријавениот,  при што била  пронајдена и одземена марихуана.

СВР Велес поднесе кривична пријава против И.И (52)  од с.Мелница, за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 06.05.2024 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени пиштол „застава“, „ЦЗ 999 шкорпион“ со калибар 9х19мм, со две рамки за истиот, 35 куршуми калибар 9мм, 15 куршуми маневарски, два куршуми со калибар 7,62, пет куршуми со калибар 9мм за плашливец, четири зрна испукани проектили од пушка и еден куршум 7.9.мм..

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава  против  Б.Ф.(62)  од с. Скудриње,  поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 31.08.2024 поради  нерасчистен имотно правен спор и по претходна расправија  помеѓу  пријавената и М.Б., пријавената со тврд предмет се обидела да ја удри малолетната ќерка на М.Б, но не успеала.

Фото: МИА архива

Остани поврзан