МВР Билтен (ДПЛ)
- СООПШТЕНИЕ - ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.М.(60) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.М.(60) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“. Тој, во својство на советник и овластен потписник на акти, вработен во Министерство за финансии - Управа за имотно - правни работи, искористувајќи постоечки уписни броеви од други баратели за приватизација на земјиште, свесно изработувал лажни исправи и решенија за приватизација на земјиште на други лица. Со лажно изготвените решенија за приватизација на земјиште, пријавениот ја избегнувал законската процедура и не ги испраќал до Државното правобранителство, чекал 15 дена и по истекот на рокот од донесување на решенијата, истиот самоволно им втиснувал службен печат за правосилност и ги испраќал до Одделението за катастар на недвижности Струга. Со ваквите дејствија, пријавениот на повеќе лица им овозможил да се стекнат со противправна имотна корист.
На 19.02.2025 во 23.27 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Петар Дељан“ во Скопје настанал пожар во стан сопственост на Ј.Ј.(86) од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а поради вдишување на чад во Комлексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување помош биле пренесени сопственикот, неговата сопруга Г.Ј.(69), еден полициски службеник и еден пожарникар. Увид ќе се врши во текот на денот.
На 19.02.2025 во СВР Скопје било пријавено дека околу 06.30 часот во с.Стајковци, скопско, настанал пожар во куќа во која престојувал Д.М.(44) од Скопје. При гаснење на пожарот, тој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Од Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а увид извршила екипа од СВР Скопје.
На 20.02.2025 во 05.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„172“ во нас.Крњево во Скопје настанал пожар во напуштена куќа, сопственост на С.М.(75) од Скопје. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против И.У.(37) од селото Новак, општина Центар Жупа, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Малтретирање во вршење на службата“, вработен како наставник во едно училиште во општината. На 13.02.2025, пријавениотфизички нападнал малолетен ученик во училиштето.
На 19.02.2025 во 10.00 часот во СВР Скопје, Џ.Х.(45) од с.Сарај, скопско, пријавил дека околу 09.30 часот пред продажен објект во с.Кондово, скопско, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од С.И.(54) од с.Кондово. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Х.(56) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобзирно управување моторно возило“. При контрола во патниот сообраќај, извршена на 10.02..2025 кај месноста „Сушара“ во Дебар, полициските службеници утврдиле дека тој управувал патничко возило „бмв“ со брзина од 56 километри на час повеќе од дозволеното, при што постапил спротивно на член 35 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патишатата.
На 19.02.2025 во 23.23 часот во СВР Скопје, И.С.(49) од Скопје пријавил дека на 18.02.2025 околу 22.20 часот во спортска сала од основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, каде играле кошарка, бил физички нападнат од К.С.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 19.02.2025 во 16.20 часот во СВР Струмица, Д.Д.(27) од с.Василево, струмичко, пријавила дека околу 15.30 часот на работното место во продажен објект во с.Владевци, општина Василево, била физички нападната од Е.„Н“ и А.„Н“. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 19.02.2025 во 21.00 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, Ј.Ј.(34) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечила неговата снаа, Ј.И.(26) од Скопје. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 19.02.2025 во 05.50 часот во ОВР Гостивар, Д.Н.(37) од Гостивар пријавила дека на улица „Иљо Антевски Смок“ во Гостивар била нападната од кучиња скитници и при обид да побегне паднала и се здобила со телесни повреди, констатирани во Ургентен центар во Гостивар.
На 19.02.2025 во 12.30 часот во СВР Битола, Т.С.(41) од с.Големо Илино, демирхисарско, пријавил дека во Старата чаршија во Битола бил каснат од куче скитник .
На 19.02.2025 во 15.30 часот во СВР Битола, Г.С.(54) од Битола пријавил дека на ул.„Димитар Илиевски - Мурато” во Битола бил каснат од куче скитник .
На 19.02.2025 во СВР Велес, С.К.(77) од Велес пријавил дека на улица „Лазо Осмаков“ во Велес бил каснат од куче скитник.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Ј.(55) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 20.10.2024 во Скопје, пријавениот физички нападнал полициски службеници додека извршувале службени дејствија.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Ѓ.(38) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 26.09.2024 на една клиника во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, пријавениот со остар предмет се заканувал на полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Н.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 02.11.2024 во Скопје, пријавениот физички нападнал полициски службеници додека извршувале службени дејствија.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против В.К.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 12.02.2025 во Скопје, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавената, при што била пронајдена и одземена марихуана.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.А.(58) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во август 2024 пријавениот се договорил со едно од тетовско да му изврши градежни работи на објект и како надомест му земал патничко возило „мерцедес“ и 10.000 евра, но до пријавувањето не го завршил договореното, ниту му ги вратил парите.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Л.П.(68) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење”. Во 2020 година на катастарска парцела во Дебар, пријавениот изградил куќа од тврда градба без одобрение за градење издадено од надлежен орган.
Фото: МИА