• среда, 24 јули 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Д.М., полициски службеник на работно место водич на службено куче, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „убивање и мачење на животни“, по член 233 од Кривичниот законик. Пријавениот на 12.06.2024 година од 10.00 до 12.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, по завршување на работните задачи со службеното куче, согласно наредба за вршење на служба, во задниот дел од службеното возило „дачија“, во боксот за транспорт го сместил службеното куче, раса белгиски овчар, го паркирал возилото со исклучени мотор и клима, а вклучена вентилација и го напуштил возилото на час и половина. Откако се вратил назад, забележал дека кучето било во лоша здравствена состојба, по што се упатил во ветеринарна станица каде било констатирано дека кучето веќе угинало. По извршена обдукција од страна на Факултет за ветеринарство било утврдено дека причина за угинувањето на кучето е угушување, предизвикано од топлотен удар. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди согласно своите надлежности и овластувања против полицискиот службеник Д.М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска и на материјална одговорност.

 

На 22.07.2024 во 22.45 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Г.Џ.(25) од Куманово. Тој се сомничи дека на 18.07.2024 на улицата „Бајрам Шабани“ со употреба на сила одзел личен накит на Љ.К.(55) од Скопје. Г.Џ. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Д.(36) од струшкото село Добовјани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. На 14.05.2024, при сообраќајна контрола, извршена на регионалниот пат  Охрид - Струга, полициските службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, констатирале дека тој врши јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај без соодветна лиценца издадена од надлежен државен орган.

 

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против З.С.(32) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. При извршен преглед, полициските службеници кај него пронајдоа и одзедоа марихуана.

 

ОВР Струга поднесе кривична пријава против М.У.(43) од тетовското село Теарце, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. Тој, на 26.06.2024 во станбен комплекс во Струга запалил отпадни материјали.   

 

На 22.07.2024 во 13.00 часот во СВР Тетово, 64-годишен жител на тетовско село пријавил дека бил измамен од едно лице. Според пријавеното, во мај 2024 година преку социјална мрежа, лицето го довело во заблуда така што побарало од него на негова сметка да му бидат испраќани пари од страна на роднина на лицето од странство. Како што е пријавено, тој испратил слика од неговата лична карта и трансакциска сметка и потоа во два наврата на сметката му стигнале вкупно 45.000 денари кои во Скопје ги дал на машко лице, по што бил блокиран од профилот со кој комуницирал. Исто така, според пријавеното, вчера на домашна адреса му пристигнало писмо од финансиско друштво дека должел пари за рата од брз кредит, кој никогаш не го подигнал, по што сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

Во рамки на континуираните активности што ги презема СВР Тетово за поголем ред и безбедност во сообраќајот, синоќа (22/23.07.2024), во периодот од 18.00 до 01.00 часот, спроведена е засилена контрола за прекршоци што ги прават возачите со чкрипење на погонските тркала, преголема бучавост, техничка неисправност на возилата и оние кои го попречуваат сообраќајот со погрешно или непрописно паркирање на возилата. При контролата биле откриени и санкционирани 29 прекршоци (ТЕ-23 и ГВ-6), a во однос на погрешно или непрописно паркирање, со специјално возило „пајак“ биле подигнати 16 возила, кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот, 3 возила (ТЕ-2 и ГВ-10) биле со поминат рок на важност на сообраќајната дозвола и 4 возачи (ТЕ-3 и ГВ-1) управувале возило без да положат возачки испит. Против возачите биле поднесени соодветни поднесоци. Исто така, во текот на контролата, на улица „Маршал Тито“, на влез во градот, биле исклучени и задржани во Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово пет патнички возила, од кои 3 со странски регистарски ознаки, едно со тетовски и едно со гостиварски ознаки, кои го нарушиле јавниот ред и мир со чкрипење на погонски тркала, предизвикале поголема бучавост од максимално пропишаната и е неопходна проверка на нивната техничка исправност, поради што ќе бидат упатени на вонреден технички преглед. Поради иста причина, претходните два дена биле исклучени и задржани уште осум патнички возила. На возачите ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно констатираните неисправности во станицата за технички преглед, а доколку биде констатирана преголема бучавост кај возилата, тие согласно законот ќе бидат задржани 90 дена во полициска станица.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Љ.М.(34) од Тетово и Љ.А.(38) од с.Џепчиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 16.07.2023 во с.Џепчиште, тетовско, полициски службеници ги забележале пријавените како при разминување со возилата размениле кутија со цигари, која потоа првопријавениот ја фрлил преку прозорецот, а која била пронајдена и одземена и во неа бил пронајден кокаин.  

 

На 23.07.2024 во 01.57 часот во СВР Скопје, М.С.(40) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода едно лице се обидело со запалива течност да предизвика пожар на нејзиното патничко возило „шевролет авео“ со скопски регистарски ознаки но, откако било забележано од соседите, го напуштило местото. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.С.(34) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 24.01.2024 во Велика Британија тој купил патничко возило за кое знаел дека било пријавено како украдено, по што на возилото извршил промена на идентитетот. На 26.01.2024, полициски службеници од Граничен премин Табановце, при извршена гранична контрола му го одзеле возилото.

 

На 23.07.2024 во 23.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека на домашна забава во Радишани, скопско, од струен удар починал Љ.Љ.(19) од Скопје. Според пријавеното, откако излегол од базенот, Љ.Љ. преку миксетата сакал да пушти музика и во тој момент паднал од краток спој. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Чаир.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.К.(44) од с.Копачиндол, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“. На 08.11.2023, пријавениот агресивно се однесувал кон вработен во Клинички центар Тетово и му се заканувал со остар предмет.

 

Денеска (23.07.2024) во 02.10 часот во СВР Скопје, Н.Е.(39) од с.Студеничани, скопско, пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од А.Ќ.(32) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.Т.(38) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 20.06.2024 во семејниот дом, пријавениот се заканувал на неговата сопруга.

 

На 22.07.2024 во 19.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Шуто Оризари, К.Р.(27) и Е.О.(32) физички ги нападнале С.М.(41), С.М.(43) и С.М.(18), сите од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против К.В.(30) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 09.04.2024 на Градскиот пазар во Тетово, по претходна расправија, пријавениот со нож се заканил и се обидел да го нападне С.Ф..

 

На 22.07.2024 во 13.40 часот во СВР Скопје, И.П.(53) од Скопје пријавил дека на 20.07.2024 околу 21.00 часот на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од З.М. од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.Ш.(33) од с.Голема Речица, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 06.04.2024, пријавениот праќал пораки со заканувачка содржина на В.С.М. и на нејзините родители.

 

На 19.07.2024 во 14.52 часот во СВР Скопје, З.Ј. од Скопје пријавил дека околу 14.15 часот едно лице со употреба на сила и погоден алат влегол во неговата куќа на подрачјето на Карпош, а потоа со закана му одзело личен предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против В.В.(36) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 10.07.2024 на бензинска станица на ул. „Македонско-косовска бригада“ во Скопје, пријавениот со закана со остар предмет од вработениот го одзел дневниот промет и му го оштетил мобилниот телефон.

 

На 22.07.2024 во 18.51 часот во СВР Штип било пријавено дека настанал пожар во стара депонија, по што од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип пожарот бил изгаснат. При гаснење на пожарот со повреди се здобиле пожарникарите Б.Р.(42) и А.М.(41), двајцата од Штип, по што биле пренесени во медицинска установа за укажување помош.

 

На 22.07.2024 во 03.45 часот во Полициската станица Велес, М.Ж.(20) од Велес пријавил дека на улица „Благој Ѓорев“ во Велес бил каснат од куче скитник.

 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Ј.Г.(75) од Пехчево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 17.11.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена ловечка пушка за која не поседувал соодветна дозвола издадена од надлежен орган.

 

На 22.07.2024 во 13.15 часот во СВР Тетово, М.Х.(39) од Тетово пријавил дека на улица „Тодор Циповски-Мерџан“ во Тетово, неговиот малолетен син бил каснат од кучиња скитници, а при обид да побегне паднал и се здобил со повреди констатирани во Клиничка болница во Тетово.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против поднесе кривична пријава против Б.З.(42) од с.Горно Седларце, општина Боговиње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 05.06.2024 во просториите на Полициското одделение Камењане, пријавениот се заканувал на полициски службеник и се обидел да го нападне. Подоцна, при преглед во неговото возило била пронајдена секира.

 

На 22.07.2024 во 23.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, М.Ф.(40) од Скопје пријавила дека на ул.„Лука Геров“ во Скопје, нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.

 

На 22.07.2024 во 16.10 часот во Полициската станица Бит Пазар, 37 – годишен жител на Скопје пријавил дека во текот на јуни 2024 година, неговиот син од страна на малолетници од основно училиште во кое учел, бил ставен во група на социјална мрежа со негово име, слики и видеа со експлицитна содржина. Според пријавеното, малолетниците со закани го присилувале неговиот син да ги прави фотографиите и видеата, кои потоа ги објавувале во групата. Како што е пријавено, истите лица злоупотребиле и фотографија од пријавителот и неговата сопруга и без согласност ја објавиле на социјалната мрежа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.В.(85) од с.Калиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи безбедноста“. На 03.06.2024, пријавениот агресивно се однесувал кон вработен во Ургентен центар Тетово и физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

 

На 22.07.2024 во 22.30 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Ф.С.(28) од Скопје пријавила дека во паркот во Ѓорче Петров во Скопје, нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.И.(25) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 08.07.2024 на ул.„Маршал Тито“ во Тетово, полициски службеници извршиле контрола на возило „форд транзит“, управувано од пријавениот, при што било констатирано дека вршел јавен превоз на патници без да поседува лиценца издадена од надлежен орган. дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан