• сабота, 23 ноември 2024

Литванија го ратификуваше договорот за распоредување на 5.000 германски војници во земјата

Литванија го ратификуваше договорот за распоредување на 5.000 германски војници во земјата

Вилнус, 4 октомври 2024 (МИА) - Литванија вчера го ратификуваше заедничкиот договор со Германија за распоредување на германска борбена бригада во балтичката земја-членка на НАТО, при што сите 88 пратеници присутни на гласањето го поддржаа планот, јави ДПА.

Договорот, склучен во Берлин на 13 септември, предвидува распоредување и на германски војници и на цивили од германските вооружени сили во Литванија.

Како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа по руската инвазија на Украина, Германија одлучи трајно да ја распореди својата борбена бригада во Литванија, која треба да биде подготвена до 2027 година. Планот предвидува распоредување до 5.000 германски војници во земјата, од кои 80 отсто ќе бидат сместени во воената база во Руднинкаи, а останатите во јужниот литвански град Рукла.

Германска командна единица од околу 20 војници дојде во Литванија уште на 8 април, а уште 120 се очекува да пристигнат на почетокот на октомври.

Литванските пратеници почнаа да расправаат за планот минатата недела, откако германскиот министер за одбрана Борис Писториус се обрати во Парламентот. Литванскиот министер за национална одбрана Лауринас Кашунас го поздрави чекорот како „уште еден камен-темелник на стратешкото партнерство“ со Германија.

Германските пратеници исто така мора да го ратификуваат договорот, иако сè уште не е одреден датум. За време на неговата неодамнешна посета на Литванија, Писториус рече дека очекува процесот на ратификација да биде завршен следната година. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан