• вторник, 19 ноември 2024

Кумановската гимназија го чествува великанот и патронот Гоце Делчев

Кумановската гимназија го чествува великанот и патронот Гоце Делчев
Куманово, 4 февруари 2023 (МИА) - Повеќе делегации предводени од училиштата, денеска положија цвеќе пред бистата на патронот Гоце Делчев во кумановската гимназија. Одбележана 151-та годишнина од раѓањето на великанот на револуционерната борба Гоце Делчев беше под засилени полициски безбедносни мерки.
 
Пред бистата на патронот, цвеќе положија претставници на училиштето, на општинскиот одбор на Сојузот на борци, Здружението на армиски и полициски ветерани, Општината, Советот, политички партии, невладини организации, граѓани. Учениците и членовите на училишниот оркестар и хор „Симфониум“ говореа и пееја за ликот и делото на Делчев. 
 
–Денеска за нас е навистина значаен ден, го одбележавме раѓањето на нашиот патрон Гоце Делчев за кој што се гордееме што како училиште го носиме неговото име. Секогаш се водиме од неговата мисла и се бориме на сите полиња да бидеме најуспешни. Благодарност голема до нашите ученици кои што и за оваа пригода денеска се организираа за да ги покажат своите способности во творештвото, во делот на поезијата кои што се претставија со своја лична творба напишана во чест на нашиот патрон Гоце Делчев, но исто така голема благодарност до професорот Филип Петровски кој што направи многу убав аранжман со неговиот оркестар и хор „Симфониум“ - Песна за Гоце, изјави Марија Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“. ам/вг/

Остани поврзан