• недела, 01 септември 2024

Кикиљас: Без активен фронт во пожарот во североисточниот дел на Атика

Кикиљас: Без активен фронт во пожарот во североисточниот дел на Атика

Атина, 13 август 2024 (МИА) – Четириесет часа од моментот кога избувна исклучително опасниот пожар во Варнава, можеме да кажеме дека нема активен фронт, туку расфрлани жаришта, истакна претпладнево министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Василис Кикиљас, информирајќи за големиот пожар во североисточниот дел на Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

Посочи дека „во овие 40 часа со натчовечки напори се бореа 702 пожарникари со 27 пешадиски тима, 199 возила, 35 воздушни средства, поконкретно 17 авиони и 18 хеликоптери, од кои три за координација, волонтери, полиција, армија, шумари, периферијата Атика, општини, а со помош на 112, евакуираа и спасија 45 области“.

Уште еднаш повтори дека веднаш реагирале по избувнувањето на пожарот, односно интервенцијата од воздух била пет минути по почетокот, а од копно седум минути подоцна.

- Ова е реалноста: и покрај брзиот оперативен одговор со новата доктрина која, во комбинација со технолошката поддршка од дроновите во текот на летото се спроведе во стотици пожари кои беа изгасени, кога преовладуваат екстремни услови, проблемот станува несовладлив. Имавме ниво на опасност пет со ветрови од седум- осум Бофори, долготрајна суша и непроодна област со овие карактеристики – планина, шума, но и населени места со расфрлани куќи. Не зборуваме за обичен пожар кој за жал излезе од контрола. Говориме за најтешкото и најопасното сценарио за сите пожарникари, оперативниот персонал и жителите. Ова е реалноста и ние се соочивме со неа, објасни Кикиљас.

Паралелно од Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција соопштија 15 мерки за државна помош и поддршка на областите на Атика погодени од пожарите.

Мерките се однесуваат на финансиска помош за оние кои ги загубија домовите или бизнисите, за земјоделците чие земјиште беше уништено, предвидуваат ослободување од одрдени даноци итн.

Станува збор за владини мерки што се спроведуваат во случај на природни катастрофи.

Поради пожарите во североисточниот дел на Атика грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го прекина одморот и од неделата вечерта е во Атина, а за попладнево закажа владин состанок во Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.

Пожарите зад себе оставија една жртва и огромна материјална штета со изгорени над 10.000 хектари површина, а Франција, Чешка, Италија, Србија, Романија, Кипар и Турција одговорија позитивно на грчкото барање за помош и во Грција испраќаат противпожарни сили.

Од Министерството за надворешни работи на Грција преку платформата Икс изразија „искрена благодарност“ до земјите за нивната помош. ср/

Остани поврзан