• среда, 27 ноември 2024

Дуда: Полјаците им простија на Германците за воените злосторства, но не ги заборавија и очекуваат отштета

Дуда: Полјаците им простија на Германците за воените злосторства, но не ги заборавија и очекуваат отштета

Варшава, 1 септември 2024 (МИА) - На 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна, со германскиот напад  на 1 септември 1939 година врз полскиот град Вјелуњ и полскиот гарнизон во Гдањск, полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Полјаците им простиле на Германците, но тие не заборавиле и очекуваат оштета за уништувањето и злосторствата на Хитлерова Германија врз Полјаците.

-Едно е простувањето и признавањето на вината, а друго обештетувањето. И тоа прашање се уште не е затворено. Длабоко верувам дека ќе се реши бидејќи никој никогаш не се откажал од очекувањето дека ако некој дојде и ни уништи нешто, тие се должни да ни платат за тоа, рече полскиот претседател во Вјелуњ.

Централната комеморација по повод 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна почна во 4 часот и 40 минути во Вјелуњ, првиот полски град што беше бомбардиран, а пет минути подоцна на полуостровот Вестерплате во Гдањск, каде што се паднаа првите гранати од германскиот воен брод Шлезвиг-Холштајн што пукал врз полскиот гарнизон на овој полуостров на Балтикот и почнала Втората светска војна. 

-Зборуваме никогаш повеќе војна. Никогаш повеќе светот не може да се согласи на војна. А тогаш имаше согласност. Хитлер се осмели поради таа согласност. Тој сфати дека светот не реагира кога ја анектираше Австрија, ја распарчи Чехословачка и порано започна со истребување на Евреите во Германија“, потсети претседателот Дуда.

Церемонијата на Вестерплате во Гдањск започна со ударите на камбаните Pax et Reconcilatio, (Мир и помирување) во црквата Света Катерина и сирените пред споменикот на хероите, неколкуте полски војници кои го бранеа полуостровот една недела со таква посветеност и храброст што германскиот командант на полски командант по предавањето од почит му одобрил да ја носи сабјата.

-Не е доволно да се зборува за помирување, не е доволно да ја наведнат главата со чуство на вина за оние кои ја нападнаа Полска и ја предизвикаа Втората светска војна. Денес главен доказ дека таа лекција е разбрана е целосната посветеност на одбраната, подготвеност да го организира западот на Европа, НАТО во одбрана од агресијата на која сме сведоци на боиштата на Украина, изјави полскиот премиер Доналд Туск на Вестерплате.

Според полскиот премиер Доналд Туск, главните лекции за Полска на 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна се: никогаш повеќе осаменост без сојузници и никогаш повеќе слабост.

-Денеска не велиме  никогаш повеќе војна. Денеска мораме да кажеме никогаш повеќе осаменост. Во историјата веќе не може да биде случај Полска да стои сама против агресијата на овој или оној сосед. Мораме да кажеме гласно и никогаш повеќе слабост. Затоа ја создаваме најмодерната армија во Европа, една од најсилните во Европа, за повеќе да не ја ставаме на ризик нашата татковина, рече Доналд Туск.

Оваа недела полската Влада го усвои буџетот за следната година, во кој за одбрана, модернизација и зајакнување на полската армија беа издвоени рекордни 4,7 отсто од БДП, највисокиот во НАТО, што некои германски медиуми го коментираа прашувајќи дали Полска повеќе не смета на колективната одбрана на НАТО и ја зајакнува својата армија како повторно да е осамена и без сојузници.

Во Втората светска војна животот го загубиле околу шест милиони полски граѓани, од кои повеќе од половина биле полски Евреи.

Материјалното уништување било најголемо во Варшава, а според проценките, од вкупните трошоци на Хитлерова Германија од 12 милијарди евра за претворање на полските градови во урнатини, за Варшава биле пресметани 8,5 милијарди евра. Штетите во патниот сообраќај се проценети на 6,9 милијарди евра, во железницата на 16 милијарди евра, а штетите во земјоделството достигнаа 12,6 милијарди евра.сд/

Остани поврзан