• недела, 09 март 2025

Киев: Русите се обидоа да упаднат во градот Курск преку гасовод

Киев: Русите се обидоа да упаднат во градот Курск преку гасовод

Киев, 9 март 2025 (МИА) – Руската војска се обиде да го врати градот Суџа, кој е под контрола на Украина, во западниот руски регион Курск, испраќајќи војници преку гасовод, соопштија украински воени власти.

Генералштабот на украинската армија доцна синоќа соопшти дека руските сили биле „навреме откриени“ од тим за воздушно извидување и одбиени со проектили, артилерија и дронови, пренесе ДПА.

Информациите не можат да се потврдат од независни извори. На руските воени блогови претходно беше јавено за обид за напад врз Суџа.

Гасоводот што се користел, наводно, бил дел од системот што ја снабдувал Европа со руски гас до почетокот на годинава. Цевките се со дијаметар од 1,4 метри.

Украина три години се брани од руска инвазија. Минатото лето, украинските сили зазедоа делови од регионот Курск во ненадеен контранапад. Меѓутоа, во последниве месеци, тешките борби ги потиснаа назад.

Украинските трупи во регионот, наводно, се соочуваат со дополнителни тешкотии, веројатно поради прекинот на размената на разузнавачки информации од страна на САД, вклучително и сателитски снимки.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече офанзивата на Курск важен адут во потенцијалните преговори со Москва.

Руските сили продолжуваат да окупираат приближно една петтина од територијата на Украина. јт/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан