• недела, 09 март 2025

Сто дена на новата Европска комисија – наклонетост кон бизнисот и без јасна политичка линија 

Сто дена на новата Европска комисија – наклонетост кон бизнисот и без јасна политичка линија 

Брисел, 9 март 2025 (МИА) - Европската комисија на Урсула фон дер Лајен во првите сто дена од својот мандат, што се навршуваат утре, се насочи на два главни приоритети – конкурентноста и одбраната, со што остави впечаток дека повеќе е наклонета кон бизнис секторот, но и дека се уште не постави јасна линија на нејзината политика, сметаат аналитичари од Брисел. 

Според политичкиот аналитичар на бриселскиот Центар за европска политика (ЕПЦ), Ерик Морис, имајќи го предвид растечки јаз на конкурентноста меѓу Европа, од една, и Кина и САД, од друга страна, очигледно е дека постои чувство на итност за справување со овој предизвик, па затоа и не треба да изненади што првиот значаен предлог на новата Европска комисија беше Компасот за конкурентност. 

- Значи, тоа е главниот приоритет. Вториот приоритет, се разбира, се одбраната и безбедноста, поради ситуацијата во Украина и од неодамна и поради агресивноста на Администрацијата на Доналд Трамп кон Европа, што ја доведува во прашање безбедносната архитектура на европскиот континент, вели Морис за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА. 

Главниот извршен директор на Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), Карел Лано, пак, смета дека се уште е многу рано да се каже каква ќе биде политиката на новата Европска комисија, иако според нејзините први потези таа остава впечаток дека е повеќе наклонета кон бизнисот, отколку кон екологијата, на пример. 

- Мислам дека генерално има напор оваа Комисија да се фокусира на најважната тема - конкурентноста, а конкурентноста значи да се осигураме дека нашите претпријатија се поконкурентни на глобалната сцена. Значи, секако има обид да се обидеме да станеме попријателски кон бизнисот и се разбира некои први предлози се дадени во оваа насока, но дали тоа ќе биде случај и натаму, сега е премногу рано да се каже, изјави Лано за ЕНР. 

Тој додава дека всушност, прашањето на конкурентноста сега се поставува во суштината на трговските односи со САД, чија економија, според статистичките показатели, е многу поконкурентна од европската.

Сепак, според Лано, и покрај големата конкурентност, САД имаат огромен трговски дефицит, и токму тој проблем американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го реши со воведувањето царини за увозот од странство.  

- Но, (САД) имаат и огромен буџетски дефицит и огромен јавен долг, кои се многу поголеми отколку во ЕУ. И сега се вели дека сме неконкурентни. Затоа ве молам, пред да зборувате за конкурентноста, обидете се да имате добра дефиниција за тоа што е тоа и што сакате да го постигнете и обидете се да го направите тоа на многу отворен начин, потенцира Лано. 

Зелен договор оди на „стенд бај“ 

Кога станува збор за Европскиот зелен договор, Морис вели дека уште од мандатот на претходната Комисија беше јасно дека тој останува да го спроведува новата ЕК, соочувајќи се со сите проблеми што постојат во индустрискиот сектор на ЕУ. 

- Она што на некој начин изненадува, е колку оваа Комисијата ретерира во однос на она што беше усвоено во претходниот мандат. Зелениот договор се уште постои, тој се уште е стратегија, се уште е обврзувачка законска цел, но ритамот и темпото на имплементација се менуваат, смета Морис, додавајќи дека имплементацијата на Зелениот договор и натаму останува во игра, но дека тоа веројатно ќе се прави со поголема флексибилност и со побавно темпо од очекуваното. 

Според Лано, пак, со своите првични постапки, Европската комисија остава впечаток дека Зелениот договор повеќе „не е на масата“.  

Тоа особено „паѓа во очи“, ако се земат предвид Компасот за конкурентност и стратегиите за автомобилската и челичната индустрија, со кои се отстапува од некои од поставените еколошки цели за намалување на емисиите на штетни гасови, климатската неутралност и создавањето чист индустриски сектор.  

Нетранспарентност на ЕУ 

Лано смета и дека ЕУ како организација треба да стане поодговорна, потранспарентна и поотворена во однос на тоа како се поставуваат политиките, но засега не се гледаат никакви промени во работата и по стапувањето на должност на новите институции на Унијата. 

За забрзување на долгата процедура за усвојување на законските предлози, директивите или регулативите во Европската Унија, институциите на ЕУ го воведоа методот наречен „тријалог“ меѓу Европс

- Но, тоа еден од големите проблеми на ЕУ од перспектива на земјите членки и од перспектива на граѓаните, што целиот процес на креирање политики е многу нетранспарентен. Тоа веројатно е дел од природата на тоа како се структурирани овие институции. Имаме голема Комисија во центарот, која во основа предлага легислатива, а потоа Парламентот и Советот, односно земјите членки, заеднички го усвојуваат она што го предлага Комисијата, додава Лено. 

Тој посочува дека за многу граѓани во ЕУ е прилично нејасно како всушност е поставена и како функционира Унијата, па затоа би било добро процесот на носењето политики од страна на ЕУ да биде потранспарентен и за него да не се дискутира само во рамките на институциите, помеѓу одредени групи, официјални претставници или одредени земји членки, туку да има отворени дискусии за она што сака да се постигне. 

Лано додава дека во вакви услови се уште не може јасно да се види политичката линија на новата Европска комисија, бидејќи засега не се гледа ништо ново, бидејќи реториката за стратешка автономија, геополитичка комисија или конкурентност постои одамна. 

Влијанието на подемот на екстремната десницата 

Во текот на кампањата за ланските избори за членови на Европскиот парламент, една од темите на кои инсистираа партиите на екстремната десница, беше е прашањето за поголема дерегулација на ЕУ. 

Како трет свој приоритет, по конкурентноста и одбраната, Европската комисија го најави поедноставувањето на административните процедури и обезбедување помала регулатива. 

Морис вели дека мислел оти Комисијата ќе се обиде да ја задржи поддршката на левиот центар и зелените, но со своите постапки таа не го прави тоа, туку „брзо оди во насока кон десницата“. 

Тој посочува дека во последниве месеци видовме дека европратениците на Европската народна партија (ЕПП) на Фон дер Лајен, се почесто гласаа идентично со „националистите од Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) или дури и со некој дел од екстремно десничарските групи“.  

- Значи, гледаме дека мнозинството не е фиксно. Тоа е се пофлексибилно, пофлуидно, што го отежнува носењето одлуки во Европарламентот и ја отежнува предвидливоста и на гласовите за Комисијата, вели Морис. 

Тоа, според него, и отежнува на Европската комисија, бидејќи кога ќе презентира законски текст, не знае какво мнозинство ќе обезбеди и колку пратениците ќе го поддржат текстот, што ја тера на обемни дискусии со политичките групи во Европскиот парламент.  

Според Лано, растот на влијанието на екстремната десница на европско ниво стана видливо уште и при изборот на новата Комисија, кога поддршка за неа дојде и од дел од екстремната десница. 

- Екстремната десница, која ја сочинуваат три различни групи, стана толку моќна, што зафаќа околу 26 до 27 отсто од Европскиот парламент, додека во исто време се намали значењето на другите групи, како либералите и Зелените, смета Лано. 

Тој смета дека во вакви услови во следните четири до пет години може да гледаме случаи на сојузи меѓу ЕПП и групите од екстремната десница за одредени законски решенија. 

- Значи, постои опасност другите три традиционални групи на кои се потпираше претходната Комисија, да бидат запоставени од ЕПП, чисто на прагматична и опортунистичка основа, на сметка на сојузи со трите евроскептични или антиевропски групи. Мислам дека ЕПП ќе мора многу внимателно да внимава што прави, заклучува Лано. сп/

Фото: МИА Архива/Скриншот/ЕНР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан