• среда, 21 август 2024

„Инклузива“ ги повика родителите на деца со пречки да се пријават за бесплатни услуги за дефектолог и логопед

„Инклузива“ ги повика родителите на деца со пречки да се пријават за бесплатни услуги за дефектолог и логопед

Куманово, 21 август 2024 (МИА) - Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ Куманово денеска ги повика родителите на деца со попреченост од Куманово да се пријават за бесплатни услуги за работа за развивање и стекнување на животни, воспитни, социјални и културни вештини преку индивидуална и групна работа.

За таа цел, „Инклузива“ ангажира дефектолози, логопеди кои ќе работат со децата на усвојување на комуникациски, интелектуални, моторни и когнитивни вештини. „Инклузива“ го спроведува проектот со поддршка на општина Куманово, преку сектор за социјална заштита. и се однесува на индивидуална и групна работа со деца со попреченост од пет до дванаесетгодишна возраст.

- Имаме поголем број на активности, во моментот правиме интервјуа со стручни лица и веќе тројца, двајца логопеди и дефектолог ќе бидат ангажирани од први септември. Во проектот предвидена е и набавка на материјали за работа со деца и опрема, но имаме и мал дел од градежните работи односно дворното место да се адаптира според стандардите. Штом ќе биде набавена и поставена опремата ние ќе почнеме да формираме групи за работа согласно потребите на детето, а времето ќе биде во однос на потребите на родителите, значи може да работи и прва и втора смена. Како мајка на возрасен син со попреченост имам предвид дека во некои семејства двајцата родители се вработени и кога ќе имаат слободен термин тие, тогаш ќе доаѓаат овде, изјави претседателката на здружението Благица Димитровска.

Покрај индивидуалната работа со логопед, со специјален едукатор и рехабилитатор, според првичната проценка на детето ќе бидат ангажирани и други стручни лица ако детето има потреба од друг вид поддршка. Во рамки на проектот предвидени се и социјални активности, посета на изложби, концерти, театар. Ќе бидат вклучени и родителите на кои ќе им се пружи психо-социјална поддршка.

- Ги повикуваме родителите и во еден ден се пријавија родители на осум дечиња со попреченост. Ние ќе започнеме прво со помала група од десет, па понатаму. Организиравме и информативен настан со претставници на училишта, изјави, Димитровска.

Општина Куманово додели вкупно три милиони денари на пет граѓански здруженија кои се пријавија на јавниот повик за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита. „Инклузива“ доби милион и 150.000 денари за центар за дневен престој при што нудат индивидуална работа со деца со попреченост.ам/са/

Фото: МИА и општина Куманово

Остани поврзан