• вторник, 17 декември 2024

ЗНМ и СЕММ: Новинарите имаат одговорност да известуваат професионално и етички во сензитивни ситуации

ЗНМ и СЕММ: Новинарите имаат одговорност да известуваат професионално и етички во сензитивни ситуации

Скопје, 30 ноември 2024 (МИА) - Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика за медиуми во Македонија (СЕММ) преку соопштение ги повикаа новинарите и медиумските работници да го почитуваат Кодексот на новинари, особено во контекст на неодамнешните настани што поттикнаа јавна дебата и реакции. Во вакви ситуации, како што се псочува, кога се зголемува ризикот од национална нетрпеливост и омраза, новинарите имаат обврска да известуваат објективно, професионално и со јасна намера за промовирање на смиреност и разбирање.

-Новинарите треба да се воздржат од користење на националистичка реторика или сензационализам кои можат дополнително да ги ескалираат тензиите во јавноста. Наместо тоа, потребно е да се фокусираат на подигнување на свеста за последиците од говорот на омраза, како и на промоција на дијалог и почитување на различностите. Медиумите, вклучително менаџментот и сопствениците се клучен инструмент за градење на толеранција и меѓусебно разбирање во општеството, се наведува во соопштението.

Во контекст на сензитивните прашања, како што е националната симболика, ЗНМ и СЕММ потсетуваат дека новинарите имаат обврска да се раководат од фактите и да го избегнуваат ширењето на шпекулации или пристрасни ставови. Уредничките одлуки во вакви моменти, се додава, треба да се водат од принципите на одговорно новинарство, чија главна цел е зачувување на јавниот интерес и избегнување на дополнителна поларизација на општеството.

Дополнително, се апелира до новинарите да внимаваат и на својата комуникација на личните профили на социјалните мрежи, имајќи предвид дека и таму се перципираат како јавни личности и медиумски професионалци. Одговорното однесување на сите платформи, наведуваат, е суштински дел од нивната професионална улога, а и во сооднос со начелата од Кодексот.

-ЗНМ и СЕММ апелираат до медиумските професионалци да останат посветени на етичките стандарди и да ја препознаат својата клучна улога во создавање на информативен и инклузивен медиумски простор, стои во соопштението. вг/

Фото: МИА Архива

 
 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан