• недела, 22 декември 2024

Здружението ,,Копачка" со концерт кај Јазова Чука започна активности за одбележување на јубилејот 10 години од впишувањето на орото Копачка во Унеско

Здружението ,,Копачка

Делчево, 14 октомври 2024 (МИА) - Фолклорната група „Копачка“ од с.Драмче Делчево денеска ги започна активностите за одбележување на јубилејот по повод 10 години од впишувањето на орото „Копачка“ во Унеско. За таа цел Здружението Фолклорна група Копачка организираше концерт кој се одржа кај месноста Јазова Чука каде жителите на с.Драмче го славеа соборниот ден.

-Почитувани соборјани, почитувани почитувачи, нека ни е за многу години. По втор пат сме овде и по втор пат почнуваме од ова место како носители на Светското културно наследство од влегувањето на орото во УНЕСКО. Со оваа полчасовна програма ја отпочнуваме прославата во чии рамки е предвиден јубилеен концерт. Концертот ќе се одржи на 27.11.2024 и на истата програма и концерт ве поканувам сите Драмчани и сите кои ја почитуваат Копачката, истакна претседателката на „Копачка“ Перса Стојановска.

Концертот на ЗФГ „Копачка“ с.Драмче, Делчево беше во рамки на одбележувањето на празникот Покров на Пресвета Богородица. Секоја година на овој датум кај месноста Јазова Чука жителите од с.Драмче и околните места се собираат на заеднички ручек и општо-народна веселба.

-Се наоѓаме на Јазова Чука како што ветивме лани дека ќе се ангажираме се повеќе за овој празник така и се случи. Поради забраната за движење во шума не успеавме се да завршиме, но по празникот за наредната година ќе го доуредиме патот до таканаречените Свети Води. Имаме помош од Општина М.Каменица која ни го расчисти патот до самата месност. За жал од Делчево не се изборивме за машина за патот и го направија патот и до старото ,,џаде" за Каменица и Делчево, истакна Љупчо Димитровски од месната заедница во с.Драмче.

Месната заедница од с.Драмче со поддршка на помагатели за денешниот ден подготвен ручек за околу 500 присутни соборјани, кои на празникот дојдоа од делчевско, Каменичко но и од други места во државата. 

За време на прославата, сите заеднички го одиграа орото „Копачка“ со што докажаа дека орото е „живо оро“, што е еден од основните предуслови орото да биде дел од репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на УНЕСКО. вс/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан