• сабота, 16 ноември 2024

ЕУ воведе санкции кон 14 физички и правни лица за трансфер на ракети од Иран во Русија 

ЕУ воведе санкции кон 14 физички и правни лица за трансфер на ракети од Иран во Русија 

Брисел, 14 октомври 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска воведе нови рестриктивни мерки против седум поединци и седум субјекти поврзани со трансфер на ирански проектили и беспилотни летала во Русија.  

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, денешната одлука следи по укажувањето на Европскиот совет од март годинава дека ЕУ ќе одговори, вклучително и со нови рестриктивни мерки, доколку Иран и достави балистички ракети и соодветна технологија на Русија, што би се користеле за напади врз Украина. 

Со денешните санкции се опфатени поединци и субјекти одговорни за развој и пренос на беспилотни летала, проектили и соодветна технологија од Иран во Русија, со што се поддржува нејзината агресија врз Украина, како и на вооружени групи и ентитети кои ги поткопуваат мирот и безбедноста на Блискиот Исток и регионот на Црвеното Море. 

Меѓу новосанкционираните се три ирански авиокомпании – „Саха Ерлајнс“, „Махан Ер“ и „Иран Ер“, две фирми за снабдување, како и две компании што произведуваат гориво за лансирање ракети и проектили. Според ЕУ, тие се одговорни за трансфер и снабдување на Русија со беспилотни летала и потребната технологија произведени во Иран.  

Покрај ова, рестриктивни мерки се воведени и кон заменик министерот за одбрана на Иран, Сејед Хамзех Галандари, команданти на силите на Корпусот на исламската револуционерна гарда, како и кон директори на иранските авиоиндустриски компании ХЕСА и АИО, што веќе се наоѓаат на листата на санкционирани на ЕУ. 

На санкционираните ќе им биде замрзнат имотот во ЕУ, а се забранува директно или индиректно да ми бидат доставувани или ставани на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на санкционираните физики лица им се забранува патување и влез во ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан