Експлозија во складиште за нафта во Русија по напад на украински дрон
- Експлозија одекна во складиште за нафта во рускиот регион Краснодар додека пожарникарите се обидуваа да го изгаснат пожарот што избувна по нападот со украински дрон претходно оваа недела, соопштија регионалните власти.

Москва, 21 март 2025 (МИА) – Експлозија одекна во складиште за нафта во рускиот регион Краснодар додека пожарникарите се обидуваа да го изгаснат пожарот што избувна по нападот со украински дрон претходно оваа недела, соопштија регионалните власти.
- За време на гаснењето, поради намалување на притисокот во запалениот резервоар, дојде до експлозија на нафтени деривати и испуштање нафта, се вели во соопштение објавено на Телеграм. Пожарот се проширил на втор резервоар, а површината зафатена од пламен сега е 10.000 квадратни метри, што е повеќе од двојно од првичната површина.
Повеќе од 450 пожарникари се обидуваат да го локализираат пожарот, а две лица се повредени. Новинската агенција Интерфакс јави дека регионалните власти рекле дека во воздухот на две блиски локации било регистрирано зголемено ниво на штетни хемикалии, вклучително и бензен.
Складиштето, кое се наоѓа во близина на селото Кавказскаја, се наоѓа на железничкиот терминал за снабдување со руска нафта поврзан со нафтовод што го поврзува Казахстан со Црното Море. Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека Украина го прекршила предложениот прекин на огнот со напад на магацинот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев е подготвен да се приклучи на прекинот на огнот за кој во вторникот разговараа американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, доколку се постигне документиран договор со Русија.
Украинските власти, исто така, ја обвинуваат Русија за прекршување на договорот за прекин на огнот со напад на цивилни цели. јт/
Фото: МИА архива